fbpx

Градот Скопје реагира на одговорот на „Гоу Грин“ за состојбата со зеленилото

Градот Скопје реагира на одговорот на „Гоу Грин“ за состојбата со зеленилото

kopce1

Градот Скопје реагира на одговорот на НВО „Гоу грин“ на прашањето од граѓанин за платформата СамоПрашај.мк - Зошто ги сечат дрвјата кога имаме загаден воздух? Во видео одговорот претставникот на „Гоу грин“ Антонио Јовановски вели дека имаат анализи од 2002 година, според кои во Скопје имало зеленило од 74.000 кубни метри, а во 2016 година од 19.000 кубни метри, што значи четирикратно намалување на фондот на зеленило.

Ја пренесуваме реакцијата на Одделението за односи со јавноста и информации за граѓаните при Секторот за поддршка на градоначалникот на Град Скопје:

„Прво да Ви предочиме дека зеленилото не се брои во кубни метри, туку во квадратни метри. Тоа е првата лага во Вашиот обид да креирате паника во јавноста.

За правилно информирање на јавноста, Градот Скопје сака да нагласи дека е во тек изработката на Зелениот катастар на Град Скопје, документ кој што претходно не постоел, а кој треба да даде комплетна слика за целокупното зеленило во Скопје, површините под зеленило, бројот на засадени садници, како и нивниот вид, старост и состојба. До овој момент во Скопје се избројани 650 хектари или 6.500.000 квадратни метри зеленило. Во оваа површина влегуваат Паркот на природата „Гази Баба“, Градскиот парк 1 и 2, паркот „Жена борец“, булеварското зеленило под надлежност на Град Скопје, Паркот „Македонија“ 1 и 2 што се протегаат по должината на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов и новиот парк во општината Аеродром, кај булеварот Февруарски поход.

Останува да се преброи уште блоковското зеленило кое е во надлежнпст на скопските општини, а кое кога ќе се вклучи во официјалните бројки се претпоставува дека во Скопје ќе има 1.000 хектари или 10 милиони квадратни метри зеленило.

Почитувани, во овие бројки не влегува зеленилото засадено во приватните дворови на граѓаните. Во оваа бројка исто така не влегува зеленилото во Парк шумата „Водно“ кое е со површина од 4.700 хектари. Кога Зелениот катастар ќе биде целосно готов тој ќе биде претставен пред јавноста и достапен за користење.

Тврдењата дека Скопје е под стандардот за квадратни метри зеленило по глава на жител со објавување непроверени и лажни бројки се несериозни дури и во оваа фаза на изработката на Зелениот катастар и ја залажуваат јавноста.

Ние не знаеме од каде Ви се податоците за состојбата со зеленилото во Скопје кои така паушално и без никаква одговорност ги пласирате во јавноста и ги залажувате граѓаните.

Гледаме дека паушално зборувате и за сечењето дрвја без воопшто да споменете дека само за последниве четири години на јавните површини во Скопје се засадени повеќе од 1 милион садници и да ги споменете новоподигнатите зелени површини и парковите. Исто така, мора да се нагласи дека најголемиот број садници што се предмет на сеча се стари тополи кои се штетни по здравјето и безбедноста на граѓаните, како и стари и заболени други дрвја.

Поради тоа, бараме да објавите Ваше извинување до јавноста за непроверените информации, како и реалните бројки за состојбата со зеленилото што Ви ги испраќаме.

Ние ја почитуваме Вашата намера за точно информирање на јавноста, но токму поради изјавата на Антонио Јовановски се доведувате себе си, а и јавноста во заблуда. Градот Скопје Ви стои на располагање за сите информации што Ви се потребни за извршување на Вашата работа.“.

Преку интерактивните алатки на веб страницата СамоПрашај.мк и нејзините социјални медиуми, граѓаните може да прашаат и да коментираат за општествените проблеми кои ги засегаат и да добијат релевантни одговори и решенија од граѓанските организации кои ќе бидат засновани на темелни анализи и истражувања.

Аудио прашањето и видео одговорот на Зошто ги сечат дрвјата кога имаме загаден воздух? може да го погледнете овде:

Одговара Антонио Јовановски од Гоу грин, здружение на граѓани за одржлив развој и заштита на животната средина