fbpx

ДИК две години им должи пари на осуммина ангажирани за обезбедување докази за изборни измами

tevdovski komisija 832983298Во јули, ДИК го прифати мислењето на Народниот правобранител и претседателот Александар Чичаковски побарал согласност од Министерството за финансии да може дополнително да склучи со овие лица договор за дело, за да се обезбеди правен основ за исплата, но парите сепак не им се исплатени; - Министреот за финансии Драган Тевдовски (Фото: СДК.МК)

Државната изборна комисија (ДИК) две години им должи пари на осум лица кои уште од времето на претходниот претседател Никола Рилковски биле ангажирани за отворање запечатен избирачки материјал со гласачки ливчиња, за обезбедување докази во истрага за изборни нерегуларности. Со месеци, актуелниот претседател Александар Чичаковски одбивал да им го исплати хонорарот на ангажираните лица кои си ја завршиле работата, со образложение дека нема основ да го стори тоа, бидејќи претходниот претседател ги ангажирал усно, без договор, поради што тие поднеле претставка кај Народниот правобранител.

Народниот правобранител, пак, одлучил да поведе постапка, бидејќи иако без писмен договор, овие луѓе на повик на претседател на Државната изборна комисија, со дозвола на Министерството за одбрана да влезат во депото на избирачкиот материјал во касарната „Илинден“, си ја завршиле работата во корист на истрагата и на државата.

ZORAN BILBILOVSKI 400x395
„Овие лица за 33 дена ја сработиле задачата, но не им било платено. Во меѓувреме се сменил претседателот на ДИК, па тие и од него побарале да им го исплати хонорарот. Им објаснил дека поради тоа што биле усно ангажирани, без да склучи неговиот претходник писмен договор со нив, сега тој нема правен основ како да им ги исплати хонорарите“, вели Зоран Билбиловски, државен советник кај Народниот правобранител (Фото: СДК.МК)

Се работи за обезбедување докази за сомневања за изборен криминал извршен за време на предвремените парламентарни и за претседателските избори, кои се одржаа во 2014. Истрагата ја почна Основното јавно обвинителство – Скопје.

Државниот советник Зоран Билбиловски кај Народниот правобранител Иџет Мемети вели дека овие луѓе, по усен ангажман од Рилковски, работеле во касарната „Илинден“ од 1.12.2015 до 20.01.2016. Носеле изборен материјал, складирале и ги вршеле сите работи за потребите на истрагата на Јавното обвинителство.

„Овие лица за 33 дена ја сработиле задачата, но не им било платено. Во меѓувреме се сменил претседателот на ДИК, па тие и од него побарале да им го исплати хонорарот. Им објаснил дека поради тоа што биле усно ангажирани, без да склучи неговиот претходник писмен договор со нив, сега тој нема правен основ како да им ги исплати хонорарите“, вели Билбиловски.

Народниот правобранител го добил истиот одговор од Чичаковски, кога повел постапка и се обратил за овој случај кај него.

Народниот правобранител, сметајќи дека овие лица се оштетени, бидејќи сепак вршеле работа за Државната изборна комисија, која е орган на државата, дал мислење во мај парите да им се исплатат и дека тоа што немаат потпишан договор, не значи дека не треба да им се плати.

„По два месеца, во јули годинава, ДИК го прифати мислењето на Омбудсманот. Од известувањето што го добивме оттаму, Чичаковски веќе побарал согласност од Министерството за финансии да може да склучи со овие лица договор за дело дополнително, за да се обезбеди правен основ за исплата. Но, до ден – денешен, според подносителите на претставката, овие пари не им се исплатени“, вели Билбиловски.

Љупчо Стружанчев, вработен во Собранието, кого ДИК како државен службеник десетина години го ангажирала како одговорно лице за сите избори, е еден од подносителите на претставката.

„Претходниот претседател ме агажираше за итна потреба на ОЈО Скопје. Најдов луѓе, од Министерството за одбрана добивме дозвола да влеземе кај запечатениот избирачки материјал во касарната ‘Илинден’, практично таму каде што не смее секој да влезе. Ни ги бараа сите избирачки списоци од сите 3.480 избирачки места во Македонија. Си ја завршивме работата најпрофесионално. Луѓето што ги најдов дојдоа таму за парче леб и ним, според часовите што ги изработија, ДИК најмногу им должи. Отприлика по 39.000 денари од работник. Ние не сме виновни што ДИК не склучила договор со нас. Добивме наредба за итна работа за обезбедување докази за кривична постапка и ние ја сработивме“, вели Стружанчев за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Тој се надева дека Министерството за финансии ќе даде согласност за дополнително склучување на договор за дело со него и со останатите ангажирани лица во активностите и оти ќе влезат во купот пари за исплата од локалните избори, кои треба да се одржат на 15 октомври годинава.

Во спротивно, најавува тужба, со која оштетените ќе си ги бараат хонорарите од ДИК по судски пат.

Текстот е првично објавен на www.sdk.mk

С. К. ДЕЛЕВСКА

Тагови: