fbpx

Основниот суд скопје 2 ослободи погрешно осуден човек, откако заедно со Мвр и со топлана Скопје Север му го украдоа идентитетот

Основниот суд скопје 2 ослободи погрешно осуден човек, откако заедно со Мвр и со топлана Скопје Север му го украдоа идентитетот

kopce1

Основниот суд Скопје 2 конечно го ослободи од стравот и траумите Гуте Миленковски од скопското село Марино, кој никогаш немал централно градско парно, а поради тоа што му беше украден идентитетот, беше тужен од АД Топлана Скопје Север како должник за неплатена сметка од пред 6 години. Тој беше осуден место вистинскиот должник Гуте Милановски од Бутел.

osnoven sud spГраѓанскиот суд го процесирал случајот со тужбата без матичен број и донел пресуда, на штета на должникот. - Основен суд 2 (Фото: СДК.МК)

Миленковски, кој е социјален случај, шокиран од извршното решение кое му стигнало лани на домашна адреса во Марино, правдата ја побара кај Народниот правобранител, кој веднаш покрена постапка за неговиот случај. Поради лошата финансиска состојба, по добивањето на пресудата за долг кој никогаш не го направил, на Миленковски му се влошило срцевото здравје.

Под притисок на Народниот правобранител Иџет Мемети, Топланата Скопје Север конечно ја повлече тужбата против погрешно осудениот човек.

Судијката Магдалена Бајалска – Ѓорѓиевска, на 15 ноември 2017 вон судско рочиште донела решение со кое се констатира повлекување на тужбата од Топлана и го укинала решението (пресудата) од 25 декември 2012, со која Миленковски од Марино требало да го плати долгот за парно, сосе камати и судски трошоци.

Во замента на идентитетот на Гуте Миленковски со вистинскиот должник Гуте Милановски од Бутел, учествувале АД Топлана Скопје Север, МВР и Основниот суд Скопје 2.

За неплатен поранешен долг, Топланата Скопје Север во 2010 година во Основниот суд Скопје 2 преку адвокат му поднела тужба на Гуте Милановски од Скопје. На тужбата била наведена само адресата, односно улицата Лазо Трповски и бројот на станот на должникот. Без матичен број, што е недозволиво по Законот за парнична постапка, Основниот суд Скопје 2 ја прифатил оваа тужба. И не само тоа, ја чувал некомплетна неколку години, место да ја врати во Топланата Скопје Север за да ја уреди и да стави матичен број.

zoran bilbilovski naroden pravobraniel 001 300x215
Зоран Билбиловски, советник на Народниот
правобранител Иџет Мемети, вели дека во случајов
судот и МВР го скршиле законот и се ставиле на
услуга на АД Топлана Скопје Север (Фото: СДК.МК)

Поминуваат години, Граѓанскиот суд го процесирал случајот со тужбата без матичен број и донел пресуда, на штета на должникот. Но, место кај должникот Милановски, судскиот извршител пред три месеци затропал на вратата на Гуте Миленковски, жител на скопското село Марино, општина Илинден. Таму ниту некогаш имало централно парно, ниту Миленковски некогаш не живеел на улицата Лазо Трповски во населбата Скопје Север, кај што бил направен долгот.

Кога му ја врачил судскиот ивршител пресудата, Миленковски шокиран отишил на шалтер во Основниот суд Скопје 2 да укаже дека судот направил грешка со неговиот идентитет, дека никогаш немал стан ни ќе има, дека живее во Марино и таму нема централно парно. Во судот му рекле дека тоа не е нивна работа и ако мисли дека не е лицето на актот за извршување, да си фати адвокат и да си поднесе приговор.

„Пред три месеци, дојде известување извршна пресуда дека должам и треба да платам стара сметка за парно и судски трошоци. Добив инфаркт. Притисокот ми е над 220 мерни единици и од тогаш сум на кардиологија. Јас сум сиромав. Земам 1.200 денари месечна социјална помош. Од кај да платам сега адвокат? Јас не знам кој ги даде моите податоци и кој ме вовлекол во ова. Имам извод од Матично, потврда од Општината, од Катастар. Сите овие институции може да потврдат дека никогаш не сум живеел на таа улица Лазо Трповски во Бутел или Скопје Север, не знам кај е. Помогнете ми некако, многу се разболев од ова што ми се случи. Не знам и таа Брза помош што доаѓа неколку пати како ќе ја платам“, замоли за помош Миленковски.

Кога отишол во Основниот суд Скопје 2 да им укаже на грешката и дека  воделе и завршиле непостоечки случај против него, од Граѓанскиот суд му рекле:

Во Судот ти си заведен дека должиш и ти ќе одговараш. Тоа е тоа“, по што на Миленковски му се слошило на местото, изјави тој за САКАМДАКАЖАМ.МК на 7 август лани.

Тој кај Народниот правобранител дошол во очај во мај лани. Таму бил советуван за секој случај да поднесе приговор, да не му удрат печат за правосилност на пресудата и да го дадат на извршител.Веднаш Омбудсманот испратил допис до Скопје Север АД, по што стигнал стигнал одговор од Топлана Скопје Север дека вистинскиот должник Гуте Милановски си го платил долгот и дека не должи повеќе.

По ова, Народниот правобранител побарал од Топлана веднаш да ја повлече тужбата против недолжниот човек од Марино. Надлежните кои работеа на овој предмет му пишаа и на претседателот на Основниот суд Скопје 2 Илир Сулејмани – како го утврдиле идентитетот на должникот воопшто, кога во тужбата нема негов матичен број? Прашале и како судот утврдил дека должник е ова лице од Марино?

Одговорот е во пресудата. Судот признава дека кога пристигнала тужбата од Топлана без матичен број, место да ја врати на доработка како што им прави на граѓаните, донел решение против лице со погрешен идентитет и се обратил до МВР да му даде матичен број, за да му ја достави пресудата за плаќање.

Судот за да изврши уредна достава на решението со кое се усвојува предложениот платен налог со докази се обрати до Министерство за внатрешни работи за да добие адреса на живеење за тужениот.МВР на 17.10.2016 година, до судот достави одговор дека адресата на тужениот е ул.„… “ бр… с.Марино“, се наведува во одлуката на 15 ноември 2017.

Зоран Билбиловски, советник на Народниот правобранител Иџет Мемети, од досегашното искуство со претставките од граѓани во врска со нивни спорови пред граѓанскиот суд, вели дека во случајов судот се ставил на услуга на АД Топлана Скопје Север.

Со оглед на тоа дека во тужбата од Топланата немало наведено матичен број на тужениот, Основниот суд Скопје 2, место да ја врати на дополнување во компанијата, испратил писмо до МВР и таму прашал за должникот без матичен број. Добил одговор од МВР дека тоа лице е Гуте Миленковски, кое живее во Марино, што е кршење на законот, како од судот, така и од МВР“, вели Билбиловски.

Текстот е преземен од www.sdk.mk

С. К. ДЕЛЕВСКА