Најдобри практики при пишување на блог

Бидете јасни и концизни и на почетокот наведете ја главната поента
Најдобрите блогови вообичаено ја изјаснуваат главната поента во првиот пасус. Секогаш треба да им покажете на читателите зошто тие треба да се грижат за проблемот со кој се занимавате. Почнете веднаш да ги изнесете вашите главни тврдења а подоцна понудете докази кои ќе ги поткрепат истите. Избегнувајте воведни фрази од типот на „Во овој труд јас ќе …“, или „Овој документ има за цел да се …“.

Поткрепете го блогот со докази и извори
Тврдењата изнесени во блоговите треба да се засноваат на докази од ваше истражување или истражување на други поединци или организации. Хиперлинковите кои водат до подолги истражувачки трудови, извештаи, бази на податоци, примери на ситуации или случаи за кои дискутирате може да бидат многу корисни за поддршка на тврдењата и аргументите што ги наведувате. Внимавајте да не се потпирате премногу на информации содржани во надворешни извори зашто сепак тоа е ваш самостоен текст.

Бидете кратки и јасни
Блоговите треба да имаат јасна структура и лесен тек, односно да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Објавите треба да содржат помеѓу 600 и 800 зборови

Неформален стил
Блоговите најчесто се директни и неформални, со цел да бидат достапни за поширока публика. Стилот на пишување треба да е поблизок до новинарскиот отколку до академскиот. Блогот не е академски труд, ниту документ за јавни политики. Не користете премногу акроними и латински зборови или специфична терминологија која не може да ја препознае пошироката публика.

Структура на блогот
Блоговите пишувајте ги во повеќе кратки пасуси, поделени во два до три кратки делови. Може да користите и поднаслови со кои се поддржува аргументот. Секој пасус вообичаено може да е составен од четири или пет реченици.

На крајот на блогот, изнесете ваш краток заклучок со кој се засилуваат аргументите и понудете предлози за надминување на проблемот или менување на политиката која ја дискутирате.

 

Есенцијални елементи на еден блог

Наслов
Авторите често ја занемаруваат важноста на насловот. Утврдувањето соодветен наслов е исклучително важно за негова поголема читаност. Насловот треба да содржи една реченица која го сумира главниот аргумент на текстот. Избегнувајте прашања или општи теми („Загадувањето во Македонија“). Најдобрите наслови содржат најмногу до 6-8 зборови, и користат едноставен и разбирлив јазик кој можат да го разберат и оние кои се помалку упатени во тематиката.

Упатување / референцирање
Не користете академски референци во вашиот блог. Наместо тоа, употребувајте хиперлинкови за да ги упатите читателите кон дополнителни извори. Тие може да бидат документи, закони, извештаи, истражувачки трудови, други блогови и др.

Фусноти треба да се користат само при крајна нужност и многу ретко. Ако информациите се важни, тогаш тие вообичаено би требало да настојувајте да ги вклопите во текстот.

Графикони и слики
Дијаграмите и сликите се одлична алатка за овозможување на подобро толкување на аргументите и податоците содржани во текстот. Графиконите и дијаграмите генерално се поефикасни од табелите, бидејќи нив читателите можат побрзо и полесно да ги протолкуваат. Секој графикон или слика треба јасно да го наведуваат изворот, дури и кога тоа е самиот автор.
Авторот може да обезбеди секакви фотографии или статични слики од видео, но мора да биде јасно дека тој/таа има право да ги користи истите. Тие мора да бидат: 1. на авторот на блогот, 2. да бидат лиценцирани за слободна дистрибуција, или 3. да има дозвола за користење на сликата.

Лични информации и фотографија
Сите автори треба да достават фотографија и биографија од два до три редови која ќе биде сместена во текстот и на страницата на соработниците, со линкови до ваши веб страници или профили на социјални медиуми кои би сакале да ги вклучите.