fbpx

Проект „Компјутер за секое дете“: компјутерите испокрадени, никогаш нема интернет, а пола училишта ни се пред распаѓање

За Владата беше најдобрата и најголемата инвестиција во образовниот систем, за опозицијата тотално пропаднат проект чија намена било перење пари, за директорите и наставниците постојани проблеми, главоболки, казни, судови и борби да ги сочуваат, за крадците лесен плен и постојана цел, а за учениците скапи, но неупотребливи играчки што никогаш не послужија во образовниот систем за кој беа наменети.

mkd 299253

Проектот „Компјутер за секое дете“ и по 10 години остана една од најконтроверзните инвестиции, критикувана од јавноста и просветните работници како шминка, која не ја отсликува реалноста, во која училиштата се руинирани, нема инсталација, клупи, ниту интернет. Покрај сѐ Владата и ден денес тврди дека овој проект придонел и придонесува во интерес на образованието.

Според податоците на веб-страницата на Владата на Македонија, за проектот „Компјутер за секое дете“ биле набавени 17.818 персонални компјутери, 98.710 ЛЦД-монитори, 98.710 тастатури и глувчиња и 80.892 тин-клиенти за основните и средните училишта во Македонија. Во 2009-та проектот беше проширен и надграден со набавка на плус 22.000 лаптопи за наставниците во основните училишта.

Владата го почна проектот „Компјутер за секое дете“ уште во 2007 година. Десет години потоа нема официјални информации колку пари чинел проектот. Неофицијални се информациите дека за овој проект се потрошиле повеќе од 60 милиони евра, без трошоците за клупи, инсталации, обука, програми, целосна реализација и надградба со плус лаптопи.

mkd 299264

„Целта на овој проект е зголемување на степенот на користење на компјутери и интернет, со што значително се подобруваат информатичко-технолошките вештини на учениците, како и на нивните професори, преку можноста за побрз и едноставен пристап до образовните дигитални содржини и информациите на глобалната интернет-мрежа“, изјави Давор Политов од Министерството за образование и наука.

Политов ни објасни дека во делот на одржувањето, назначени се администратори што се вработени во Министерството за информатичко општество и администрација, кои им служат на општините, односно помагаат онаму каде што има потреба.

„Со предавањето на компјутерите на училиштата, потпишан е договор помеѓу МОН и училиштата. Според договорот, секоја кражба или оштетување на компјутерите во вредност до 300 илјади денари е на товар на училиштето. Штетата над таа сума ја покрива општината. МОН ги задолжило сите општини да ја осигурат опремата, а дополнително и училиштата и општините треба да преземаат безбедносни мерки“, изјавија од Министерството.

Директорите и наставниците сами се одговорни за компјутерите!?

Од Министерството за образование и наука ни објаснија дека врз основа на јавна набавка реализирана во 2008 година, извршиле дистрибуција на компјутерска опрема на 45% од сите средни и основни училишта, а врз основа на податоците добиени од училиштата за бројот на ученици во тој период. Доопремување на останатите 55% од основните училишта исто така врз основа на јавна набавка изврши Mинистерството за информатичко општество, со што, велат од МОН, распределбата беше целосно завршена.

mkd 299263

Сепак, од Министерството за образование и наука не доставија листа колку компјутери одделно доставиле во секое училиште во земјава. Наспроти ова, некои директори сведочат дека не баш секој ученик добил компјутер.

„Уште пред шест години, кога стигнаа компјутерите, не беа доволно. Добивме 220 компјутери, а имаме околу 900 ученици. Ни тогаш немаше компјутер за секое дете. Оттогаш дел од нив се расипаа, дел се неупотребливи од разни причини. Нив ги чуваме настрана, а имаше и кражби. Значи, сега ја немаме ни таа бројка од 220 компјутери. Кога беше екстерното тестирање, собиравме компјутер по компјутер од секоја училница, за да можеме да опремиме четири кабинети за тестирањето. Според моја процена, тие што ги имаме вршат работа за околу 20 отсто од децата. Токму сега правам проверка каква е состојбата со компјутерите за да имам целосен увид“, изјави Ќамуран Качи, директор на ОУ „Васил Главинов“ во Чаир.

Проектот „Компјутер за секое дете“ мамка за крадците

Од МВР нѐ известија дека од спроведувањето на проектот во 2008, па сѐ до 2016 година извршени се вкупно 326 кражби на компјутери и компјутерска опрема. Се краделе десктоп и лаптоп компјутери, принтери и тастатури. Сѐ што било на дофат на крадците.

„Откако беа донесени компјутерите во училиштата, во просек се случуваа по пет кражби во еден месец. Најмногу кражби имаше во Скопје, па Куманово, Тетово, Струмица, Штип и Битола. Од вкупниот број регистрирани кражби, МВР досега успеала да расветли 110 дела“, изјави Лиза Бендевска, портпаролка на МВР.

Бендевска објасни дека според пријавите што ги добивале, поголем дел од кражбите речиси секогаш се случувале во ноќните часови, кога во училиштата немало никој од вработените и обезбедувањето. Сепак, во МВР немаат податок за висината на штетата што е направена со овие кражби.

mkd 299262

„Нѐ покрадоа три пати, но досега никој не одговарал за тоа, ниту некој некогаш надоместил некаква штета. За да ги заштитиме, на вратата поставивме решетки, но една вечер крадци со хилта ги исекоа и вратата и решетките и ги украдоа речиси сите статични компјутери. Сега веќе нема ниту еден компјутер по училниците“, ни изјави Љубица Трпковска, психолог во основното училиште „Панајот Гиновски“ во Скопје.

Според неа, проектот „Компјутер за секое дете“ како инструмент за користење во наставата се покажал непродуктивен, нерелевантен, недостапен за секое дете и на крај неуспешен.

„Сѐ на сè денес има едвај 20 лаптопи, децата се качуваат во кабинетот по информатика колку да се каже дека имаат работа со компјутери. Колку се наставниците обучени тоа е знак прашалник и сосема друга огромна тема“, вели Љубица.

Таа ни објасни дека во училиштето, со компјутери уште од самиот старт не беа снабдени сите деца, туку, како што рече, била доделена некоја измислена бројка. „Компјутерите беа украдени, искршени и оштетени, а тие што беа во магацин се нефункционални од влага и корозија“, ни објасни Трпковска.

Компјутери, според Законот за образование, мора да се користат

Според Законот за основно и за средно образование наставниците и професорите се обврзани 30 отсто од наставата да изведуваат на компјутер. Ако ова не се почитува, училиштето мора да плати казна до 3.000 евра, а наставникот се соочува со казна од 1.000 евра. Но наспроти пишаните закони, практиката е друга. Во практика, објаснуваат директорите и наставниците, ама баш никој не употребува информациско-телекомуникациски систем (ИКТ).

„Законот за ИКТ во наставата е воведен пред 2 години. Формално има ИКТ во програмите на секој наставник, но реално тоа не се одржува. Еве, неодамна кај нас дојде просветен инспектор, а ниту еден наставник немаше ставено во дневната подготовка дека треба по кој било предмет да има работа со компјутер. Инспекторот ни рече напишете дома дека сте имале и по имејл да ми ги пратите. Тоа е само формализам и ништо друго. И тие самите се свесни дека интернетот, програмите за настава не функционираа ни тогаш, а ниту пак сега, кога нема ниту еден компјутер“, изјави Марина Гулевска, наставничка од Скопје.

Од МОН нѐ известија дека Државниот просветен инспекторат во просек на годишно ниво спроведува околу 3.000 надзори. Досега се донесени 230 решенија за отстранување на недостатоци, за наставен кадар што не применува ИКТ во наставниот процес.

mkd 299261

Од Државниот просветен инспекторат пак не беа заинтересирани да одговорат на нашите прашања, па и покрај испратените десетици мејлови и уште толку телефонски повици, не успеавме да добиеме одговор на нашите прашања.

Казни за директорите, а училиштата немаат пари за одржување на компјутерите

Откако компјутерите стигнаа во училиштата, па сѐ до средината на оваа година, Министерството за образование и наука покренало 159 прекршочни и 15 кривични постапки за директори или професори поради оштетување и некористење на компјутерите во наставата.

„Поради кражба или друго несовесно однесување кон компјутерите се казнети 73 директори, додека за некористење на компјутерите што се дел од проектот ‘Компјутер за секое дете‘, од реализацијата на проектот па до денес, казнети се 54 директори и 47 наставници“, известуваат од МОН.

Од МОН објаснуваат дека немаат обврска да надоместуваат штета или кражба на компјутерите или опремата затоа што компјутерите од проектот „Компјутер за секое дете” без никаков надомест им се предадени за користење на училиштата и нивна е обврската за одржување, осигурување, санација на оштетувањата, како и за замената со нови.

„Трошат огромни средства за одржување на компјутерите за да можат да бидат во функција. Во ова сиромашно време, подобро би било парите да ги трошиме за подобрување на инфраструктурата за подобри услови на нашите деца, за подобри санитарни јазли, за поубави училишни дворови и повеќе игралишта“, вели Леонид Танчев, директор на ОУ „Видое Подгорец“ во Струмица.

Од Министерството за образование и наука, во чија надлежност е проектот „Компјутер за секое дете“, велат дека со предавањето на компјутерите на училиштата, потпишан е договор меѓу министерството и училиштата, во кој стои дека кражба или оштетување на компјутерите во вредност до 300.000 денари е на товар на училиштето. Штетата над таа сума ја покрива општината под чија надлежност е училиштето, велат од МОН.

Минатата година Државниот просветен инспекторат само во едно училиште во Гостивар открил штета од дури 50 илјади евра.

Училишни директори со кривични пријави пред Уставен суд

„Како што се грижат за другиот имот на училиштата, така треба да најдат начин да се грижат и за компјутерите. Одлучивме директорите на училиштата во кои е направена штета до 100.000 денари да одговараат прекршочно, а над оваа сума - кривично. И поднесовме пријави“, ова го изјавија од Државниот просветен инспекторат за медиумите.

Од таму изјавија дека укажале дека штетите треба да се надоместат од извори на училиштето, а таму каде што штетите се преголеми, да помогне општината.

mkd 299254

„Им доставивме и заклучок дека треба да се осигурат. Рековме, штетите никако да се наплаќаат од учениците. Од нив може да се бараат пари само ако ученикот е фатен како крши или краде и ако за тоа постои записник, што значи да се води некаква постапка“, соопшти Џорџе Арсов од Државниот просветен инспекторат за истражување на проектот СКУП.

Миле Иванов, член на Здружението на информатичари во Македонија, објасни дека резултатите од проектот потфрлиле сосема очекувано, бидејќи проектот почнал да се спроведува без претходно да се решат основните предуслови, како што се руинирани училишта, недостиг од мрежна инфраструктура и обука на наставниците.

„Софтверот е од суштинска важност за користење на ИКТ во образованието. Важно е да има опрема со придружна инфраструктура, софтверска поддршка и обучен наставен кадар. Оперативен план за критериумите за распределба на компјутерите по училишта немаше, немаше ниту динамика на нивно вмрежување и ставање во функција во наставата. На теренот се јавуваа смешни ситуации како на пример носење компјутери во училишта во општини каде што немаше никаква можност да бидат поврзани поради дотраеност на електричната инсталација, немање соодветни простории за чување на компјутерите и слично“, изјави Иванов.

Според него, потфрлањето е во слабата подготовка на проектот. Без соодветна подготовка на инфраструктурата и правилно проектирање на потребната мрежа на компјутери по број, вид и вмрежување, како и немањето софтвер за користење на компјутерот во наставниот процес и несоодветната обука на наставниот кадар за користење посебен софтвер се основните причини за фијаското.

Од Државниот завод за ревизија, пак, за проектот имаа сериозни забелешки, според нив компјутерската опрема не била евидентирана, немало договори помеѓу директорите на училиштата и МОН како што предвидувал законот. Утврдена била значителна штета на компјутерската опрема и не била обезбедена одговорност и материјално задолжување, голем дел од опремата никогаш не бил ставен во употреба, а компјутерите не биле користени рационално наменски и ефективно за целите за кои се наменети.

Слични забелешки имаат и наставниците, професорите, директорите и учениците. Тие ни објаснуваа дека денес, едвај успеваат да соберат дел по дел и компјутер по компјутер, соработувајќи и позајмувајќи се меѓу училиштата за да можат да го одржат екстерното тестирање, кое мора да биде на компјутер.

„Едно со друго училиште си помагаме за екстерното, си разменуваме компјутери за тестирањето да може да се одржи. Оваа година мауси купуваше Советот на родители, кој собра пари од базар од продадените изработени работи на децата“, изјави Виолета Стојанова, наставничка во основно училиште во Битола.

mkd 299260

Професорка од Скопје, пак, која сакаше да остане анонимна ни објасни дека првпат по 10 години пред еден месец во нивното училиште дошла инспекција, која требало да направи попис на тоа колку компјутери се останати во училиштето.

„Кај нас директорката се гонеше кривично, но еве и по 6 години нема никаков резултат од тоа. Компјутерите ги нема, ниту пак некој некогаш ја надомести штетата или одговараше. Евиденција колку компјутери беа предадени и примени, колку се оштетени и колку се украдени немаше никогаш. Тоа е еден тотален хаос. Според мене и Министерството има кренато раце и не се заморува со овој проект. Дури и некој да се осмели да праша која беше вистинска замисла на овој проект, дали навистина беше децата да имаат компјутер во училиште - уште од почеток беше јасно дека таа замисла пропадна затоа што ниту едно училиште немаше и нема таква јака инсталација што може да го поднесе тој товар наеднаш да бидат вклучени по 25 ученици од паралелка во 20 паралелки, а да не зборуваме што никогаш нема интернет, програми за работа и што половина од училиштата во државата ни се пред распаѓање“.

Наставничка од училиштето „Живко Брајковски“ во Скопје, пак, објаснува дека ни кај нив во училиштето не останал ниту еден компјутер, половина од нив се расипале и биле нефункционални уште кога ги донеле, а другата половина се искршиле и се искрале.

„Ги фрлаа преку прозор децата, имаше борби со мауси и тастатури, а си земаа и делови за дома. Најсмешно беше што донесоа клупи за да поминува инсталација, па сега има клупи со дупки за инсталација без компјутери“.

Во разговор со директори и професори во средните и основните училишта во Битола просветните работници ни објаснија дека компјутерите претставувале проблем и за училиштето и за наставата од моментот кога пристигнале во училиштето. Позитивни примери од тие што успеале да ги сочуваат или дел од нив ги имаат и денес има малку, а според вработените во образованието, директорите и одговорните си ја префрлаат вината велејќи дека состојбата ја затекнале од претходниот директор.

Кој е виновен на крај? Колку точно пари се потрошиле на овој проект? Што било клучно во изборот на милионскиот тендер? Што е тоа што денес останало покрај илјадниците кражби и оштетувања? Зошто никогаш не се направиле записници за примопредавање во училиштата? Кој ќе ги плати штетите?

На овие прашања ни по 10 години нема одговор. Некои директори финансискиот товар си го „олесниле“ така што на крајот собрале пари од родителите и учениците по класови, независно од тоа кој ги оштетил компјутерите, а некои пак престанале да се грижат и кренале раце.

Компјутерите, барем тие што останале по многуте проблеми, се држат под клуч. И во целиот овој хаос, во кој буквално никој нема релевантен податок што точно се случило и се случува, Законот за образование си останува дециден - ИКТ во наставата задолжително мора да се одржува, секако само формално, зашто практично такви можности нема, како и екстерно тестирање што е на компјутер, а за кое надлежните од училиштата си ги вежбаат своите преживувачки вештини позајмувајќи делови од куќишта за компјутери, мауси и екрани за да состават едвај триесетина... А компјутери нема!

Марија Хаџи Стојанова

Фото: Роберт Атанасовски

Текстот е првично објавен на www.mkd.mk

Тагови: