fbpx

Зошто да користите дигитални алатки?

Зошто да користите дигитални алатки?

Технологијата игра важна улога во ширење на информациите, без разлика дали се работи за подигање на јавната свест или повик за акција. Сега, за разлика од пред десет или дваесет години, многу е полесно да се сподели информација со поголема група преку електронска пошта или на Twitter, да се соберат луѓе на настан преку Facebook или пак да се потпише петиција на change.org. Расположливите дигитални алатки (интернет, мобилни телефони, социјални медиуми и сл.) нудат скоро па неограничени можност за активистите да се вклучат во процесите на социјални и/или политички промени, односно за т.н. дигитален активизам.

Дигиталните алатки имаат низа предности, но еве 7 причини за што да ги користите во вашата следна акција за промена:

1. Документирање и комбинирање

Најосновната можност на дигиталната технологија е да документира, односно да ја претвори информацијата во дигитален формат, од којшто може да се прават неограничен број на копии. Создавањето содржина, без разлика дали е тоа текст, видео, аудио, визуелна содржина и сл. и нејзино поправање и адаптирање е олеснето, одзема многу помалку време и пари.

Дополнително, дигиталните апликации имаат способност да ги насочат необработените информации во покорисна форма преку групирање или поврзување со други информации во формат наречен "mashup".

2. Организирање/регрутирање и поврзување

Дигиталните алатки помагаат за подобра внатрешната организација преку олеснување на комуникацијата. Нудат можности за поединечна и групна комуникација и ги намалуваат трошоците и времето за регрутирање нови и задржување на постојните следбеници. Овозможуваат поврзување и организирање и надвор од границите на државата, при што може да се создаваат и поголеми мрежи на поддржувачи.

3. Ко-креирање

Zosto da koristite digitalni alatki gif 1

Креирањето на планови или производи во кои се вклучени поголем број на поединци или групи е олеснето со употреба на дигиталните алатки. Ваквите процеси изискуваат постојана размена на информации, одобрување и надополнување.

Поединци, кои се наоѓаат на различни географски точки тешко би можеле да работат на ист проект или активност без користење интернет или дигитални алатки.

4. Размена на ресурси

Испраќањето и примањето на информации и/или ресурси (пари) е далеку поедноставно и побрзо со користење на дигитална технологија. Физичката оддалеченост повеќе не е пречка, а и времето на чекање е драстично намалено. Прибирањето средства за поддршка на одредена акција е овозможено благодарение на различни платформи за “crowdsourcing”.

5. Дискусија/ дебата

Вклучувањето различни мислења и отворање дебата по одредено прашање е особено битно при застапувањето за промени. Социјалните медиуми, на пример, нудат можност за вклучување во дебати и дискусии по одредени прашања, при тоа овозможуваат различните мислења да бидат слушнати/ видени од засегнатите страни.

Zosto da koristite digitalni alatki gif 2

6. Споделување во реално време

Можноста за споделување на информација во реално време е особено битна при организирање активности за социјални и/или политички промени. Со помош на дигиталната технологија и алатките секој поединец има можност да пренесе информација/ слика/ видео од одредено место во реално време.

7. Безбедност и заштита

Дигиталната технологија не само што им помага на активистите да работата заедно, туку може да им послужи и како заштита, овозможувајќи им да ја заобиколат цензурата или да избегнат надзор и следење.