Едукацијата и примената на конвенциите на УНЕСКО се важни чинители во сложениот процес на заштита на културното наследство

Едукацијата и примената на конвенциите на УНЕСКО се важни чинители во сложениот процес на заштита на културното наследство

kopce1

Лидија Топузовска, поранешен Генерален секретар на Националната комисија за УНЕСКО (1998 - 2017)

Lidija Topuzovska 200x250Откако е основана од страна на Обединетите нации на 16 ноември 1945 година, во изминатите 73 години, Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура - УНЕСКО, стана синоним на заштитник на материјалното и нематеријалното културно наследство во светот.

Темелни акти - референци во меѓународната политика за заштита на културното наследство се конвенциите на УНЕСКО кои во текот на изминатите години од оснивањето и делувањето на оваа организација се донесени од потребата да се одредат меѓународните принципи за заштита на културните добра и тоа:

  • во услови на вооружани судири (Convention for the Protection of Cultural Property in the Event of Armed Conflict and Protocols Конвенција за заштита на културни добра во случај на вооружен судир позната како Хашка конвенција и нејзините два Протоколи усвоена 1954 заедно со првиот протокол, а во 1999 година усвоен е и вториот протокол),
  • во услови на недозволена трговија со културните добра особено честа појава во земји каде се одвивале вооружени судири и во земји кои се во процес на политички и социјални транзиции (Convention on the Means of Prohibiting and Preventing the Illicit Import, Export and Transfer of Ownership - Конвенција за мерките за забрана и превенција на недозволен извоз и трансфер на сопственоста на културните добра, усвоена 1970 година),
  • во услови на намалена толеранција спрема културните различности особено зголемената опасност на исчезнување на малите нации и култури во ерата на глобализација на светот (Convention on the Protection and Promotion of the diversity of cultural Expressions - Конвенција за заштита и промоција на различноста во културното изразување усвоена во 2003 година).

Во тие рамки во коишто се фокусира интересот на УНЕСКО за заштитата на културното наследство, конвенциите може да се дефинираат и како потреба на општо-цивилизацискиот интерес за самоодржување, за развој и за сочувување на културната колективна меморија на човештвото преку заштитата на материјалните и нематеријалните културни добра (Convention concerning the Protection of the World Cultural and Natural Heritage - Конвенција за заштита на светското културно и природно наследство, усвоена 1972 година и Convention for the Safeguarding of the Intangible Cultural Heritage - Конвенција за заштита на нематеријалното културно наследство, усвоена 2003 година).

Конвенциите на УНЕСКО се инструменти за сензибилизирање на свеста на поединецот, на државата и на современото општество за значењето на културното наследство во конституирањето на идентитетот на една цивилизација. Уништено културно наследство и културни добра кои не се дел од културно-историските архиви на човештвото не можат да бидат препознатливи маркери на идентитетот на современата цивилизација. Исчезнувањето на културните маркери е увод во исчезнувањето на цивилизацискиот идентитет. Затоа човештвото е должно да презема соодветни мерки и да донесува соодветни акти за спречување на уништување на културните добра, за ревитализација на културното наследство, за поттикнување на политиките на заштита на наследените културни добра кои и кога имаат етнички или национален белег, се наднационални и му припаѓаат на човештвото.

Затоа заштитата на културното наследство не може да биде успешна ако се одвива неконтинуирано или ако е селективна. Заштитата на културното наследство треба да биде заеднички интерес на сите народи и држави во светот и треба да ги почитуваат општите меѓународни принципи, утврдени и регулирани токму со конвенциите на УНЕСКО кои претставуваат темелни акти во заштитата воопшто. Согласно конвенциите на УНЕСКО за заштита на културното наследство, може да се каже дека УНЕСКО се грижи подеднакво како за природното и материјалното (археолошко, архитектонско, етнолошко), така и за нематеријалното културно богатство, она кое се однесува на традиционалната орална култура и фолклор, на јазикот, на топонимите, и на севкупната културна разноликост како значајна одлика на човечката цивилизација. Интересот на УНЕСКО во изминатите 73 години, кој се одвива од насока на заштитата на културното наследство во услови на војна во насока на негова заштита во услови на глобалистичка нетолеранција спрема културните различности на малите и малцинските народи и култури, покажува како УНЕСКО секогаш бил во центарот на историските интереси на човечката цивилизација и дека станал центар на историските интереси на човечката цивилизација.

Овој примарен интерес на УНЕСКО е од потребата да го заштити светското културно наследство од негативните појави, какви што се нелегалниот трансфер и трговија со културните добра, девастацијата на културните добра како последица на вооружени конфликти, човечката и институционалната негрижа. УНЕСКО-виот поглед на историјата поаѓа концепциски од потребата да се спречат превентивно, да се контролираат и да се санираат штетните (природни и човечки) појави во опстанокот на културното наследство како трајно наследство на човештвото.

Државите членки на ООН се должни да ги преземаат сите неопходни превентивни и други мерки во заштитата на културното наследство, почнувајќи од ратификацијата на конвенциите и другите акти на УНЕСКО. Овие акти по својата важност се над интерните акти на државата, со што и обврзуваат на почитување и на имплементирање на меѓународните регулативи.

Република Македонија ги има ратификувано сите конвенции од областа на заштитата на културното наследство со исклучок на Конвенцијата за заштита на подводното културно наследство од 2001 година (Convention on the Protection of the Underwater Cultural Heritage). Македонија, која спаѓа меѓу земјите со исклучително богато материјално и нематеријално културно наследство, која во минатото, а особено во годините на транзиција се соочуваше со појави на девастација и вандализација на културните добра, кои не се само македонски, туку и општочовечки, се соочува со алармантната потреба да вложи максимум политички, правни, научни и финансиски напори во сочувувањето на културното наследство. Македонското културно наследство е македонскиот културен и национален идентитет.Поради исклучителната важност на културното наследство во легитимирањето на македонската самобитност, Република Македонија треба да вложи максимум напори за континуирана и безусловна примена на конвенциите на УНЕСКО во рамки на македонската држава, како и да ги преземе сите меѓународно легитимни мерки за заштита на македонското културно наследство кое постои надвор од границите на македонската држава, во соседството, но и во многу други држави кадешто живеат македонските иселеници.

Едукацијата и информираноста за конвенциите во областа на заштитата на културното наследство е еден од главните предуслови во сложениот процес на заштита. Имплементирањето на овие меѓународните акти во нашата земја претставува доближување на Република Македонија до меѓународните стандарди за заштита и е од витално значење за македонското културно наследство кое е секојдневно изложено на разни искушенија (несоодветна или ненавремена заштита, уништување од човечка негрижа, организиран криминал и сл.).

Затоа сметам дека Конвенциите на УНЕСКО за заштита на културното наследство треба со посебно внимание да се презентираат и вклучат во нашите образовни институции особено на факултетите за право, археологија, царина, туризам, како и да се имплементираат од страна на надлежните институции кои впрочем и се должни тоа да го прават бидејќи со ратификувањето на конвенциите од страна на нашата држава наша обврска е истите и да ги применуваме.