На мораториумот во општина Центар му недостасуваат наводници

На мораториумот во општина Центар му недостасуваат наводници

kopce1

Општина Центар од јануари до август 2018 г. издала 76 одобренија за градба што е повеќе отколку за истиот период минатата година кога биле издадени 66 одобренија за градба. Ваквите статистички податоци не би биле чудни доколку стануваше збор за редовно работење на општината, но од почетокот на годинава во Центар се работи условно кажано, во вонредна состојба, односно во т.н.„мораториум“ за градба. Ако се земе предвид дека по дефиниција терминот мораториум значи итно и целосно запирање на градбата се отвoра прашањето како е можно општинската администрација да одобрува градење на станбени и други видови објекти во услови кога би требало да запрат сите градежни активности. Со оглед на тоа што се уште нема расположливи податоци за издадените одобренија за изградба во септември и октомври може да се очекува во 2018, која е прогласена за година на мораториум на изградбата во Центар да бидат издадени повеќе одобренија за градба отколку во цела 2017 година, кога немаше ваква одлука.

  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-2
  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-10
  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-9
  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-8
  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-4
  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-7
  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-5
  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-3
  • 6Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-6
  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-2
  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-10
  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-9
  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-8
  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-4
  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-7
  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-5
  • Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-3
  • 6Na-moratoriumot-vo-opstina-Centar-mu-nedostasuvaat-navodnici-6

Во време на т.н. „мораториум“ градежните активности во општина Центар активно се гради еден од најголемите станбено-деловни објекти во Македонија зад Старата железничка станица и ТЦ. Рамстор. На повеќе локации се градат станбени згради, а има изградба и на јавни установи

Таканаречениот „мораториум“ беше предизборно ветување на актуелниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ. Тој по апелите на граѓаните и на стручната јавност дека е време да се стави крај на урбаниот хаос во општината реши во неговата политичка програма „Живот во Центар. За сите!“ на стр. 16 да вети „Проверка на сите издадени одобренија за градби и стопирање на издавањето нови одобренија за градба и воведување мораториум за градба најдоцна до крајот на 2017 година и да трае сè додека не се изготви нов детален урбанистички план според сите стандарди и без случајни превиди“.

И навистина откако ја презеде градоначалничката функција, тој прогласи мораториум од 27.12.2017 година, кој неколку пати беше пролонгиран и би требало да трае до крајот на годинава.

Но, освен тоа што податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека годинава за време на т.н.„мораториум“ во континуитет секој месец се издавале одбренија за градба, доволно е човек да прошета или со велосипед да помине низ Маџир Маало, Центар, Капиштец, Дебар Маало и другите населби кои влегуваат во територијата на општина Центар за да увиди дека градежните активности можеби никогаш не биле поинтензивни.

За дел од објектите во градба одобренијата се издадени пред таканаречениот „мораториум“, но има и повеќе објекти на кои може да се види дека одобренијата се издадени годинава по прогласување на мораториумот.

Na moratoriumot vo opstina Centar mu nedostasuvaat navodnici 1За огромниот станбен објект во Маџир маало одобрението за градба е издадено во 21 јануари 2018 година односно неполн месец по одлуката за прогласување мораториум

Од општината Центар потврдуваат дека одлуката за запирање на извршување на деталните урбанистички планови, односно мораториумот за изградба е пролонгиран до 15.12.2018 година. На прашањето како е можно да се издаваат одобренија за градба и да дозволат градежни активности кога истовремено самите велат дека има мораториум, оттаму имаат „процедурален“ одговор:

- Општина Центар издава одобренија за градење за постапки кои се започнати пред 27.12.2017 година. Во таа насока, секоја управна постапка која е започната со поднесено барање за добивање одобрение пред 27.12.2017 година (од кога почна да важи првиот мораториум ), мора формално правно да се продолжи. Тоа значи дека одлуката за запирање на извршување на ДУП-овите важи и се однесува на новоподнесени постапки по 27.12.2017 година - велат од општина Центар.

Oд општинската администрација посочуваат дека одлуката за запирање на извршување на деталните урбанистички планови се однесува на 31 ДУП на подрачје на општина Центар, но и дека не важи за ДУП-овите за Градска четврт ЈО7 (кој опфаќа локалитети во Капиштец, Старо Водно, Долно Водно, Мало курило...), за Градска четврт-Француски гробишта (кој опфаќа локалитети во околината на Француски гробишта и Кале) и Дуќанџик (кај Старата скопска чаршија, односно меѓу Куршумли ан и Музејот на современа уметност од едната страна и булеварот „Александар Македонски“ и „Новопроектирана улица“ од другата страна). Нема посебно образложение зошто овие ДУП-овие не спаѓаат под одлуката за мораториум  

Според Томислав Лазаров, советник во Советот на општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата, постојат многу сомнежи и нејаснотии околу прашањата како функционира мораториумиот за градба. Тој додава дека според актуелното раководство на општината мораториумот не важи за сите оние што зеле „бројче“ за поднесено барање за одобрение за градба пред да биде прогласен мораториум на 27.12.2017 година.

- Не би сакал да судам и да звучам субјективно, но факт е дека граѓани се жалат околу начинот на кој се спроведува мораториумот за градба во општината. За некои што зеле бројче за барање за одобрение, а при тоа не поднеле никаков документ, мораториумот не важи и општинската адинистрација ја тера постапката за добивање одобрение за градба. Но, има и такви кои тврдат дека иако зеле бројче, им се одбиваат барањата за одобрение за градба со образложение дека има мораториум. - вели Лазаров.

Според него, колку и да е добронамерна идејата со мораториум да се спречи загадување и урбанистички хаос, овој процес е обвиткан со шпекулации и обвинувања за селективност при спроведувањето.

 -Сите гледаме кој и колку гради на територијата на општина Центар така што прашање е колку мораториумот ја исполнува саканата цел - вели Лазаров.

Тешката градежна машинерија што работи на објектот кај ТЦЦ „Плаза“ не им дава мир на граѓаните на Центар и во вечерните часови (02.11.2018)

Во однос на прашањето дали е можно општината да издава одобрение за градба, на пример во август 2018 година за поднесено барање пред да биде прогласен мораториумот, тој вели дека освен првични рокови за поднесување на основно барање, за секој одделен проект постои можност да се пролонгираат роковите во зависност од поднесената документација.

- Општинарите во комуникација со инвеститорите бараат дополнувања кои се различни за секоја градба, така што првичните рокови може да се пролонгираат – вели Лазаров.

Неговата колешка од СДСМ и коалицијата, советничката Цветанка Симоновска, вели дека се апсурдни тврдењата дека не се почитува мораториумот за градба во општина Центар и дека има некаква селективност при издавањето на одобренијата за градба. Според неа, можно е да има градежни активности во областите кои спаѓаат во ДУП-овите кои не се под мораториум или пак на објекти кои се во завршна фаза, односно чии одобренија за градење биле издадени пред да биде прогласен мораториумот.

- Ви тврдам дека издавање на одобренија за време на мораториумот, односно некаква селективност не постои. Општинските службеници не може туку така да издаваат одобренија без на крајот да ги потпише градоначалникот. Луксуз би било да се влегува во ризични процедури кои би значеле играње со угледот и можна загуба на работното место - вели Цветановска.

Во однос на прашањето како тогаш на повеќе локации во Центар има градежни активности на кои на таблите поставени на градилиштата може да се види дека одобренијата биле издадени во текот на 2018 година за време на таканаречениот мораториум, Симоновска вели дека процедурите некогаш се пролонгираат.

-Ако инвеститорот уплатил комуналии пред да биде прогласен мораториум и барањето стигнало до управен акт, нечовечки би било да се забрани градба - вели Симоновска.

Иако правно-формално, општинските процедури дозволуваат пролонгирано издавање на одобренија за градба и за време на т.н.мораториум, зеленото светло за градежните активности на терен не оди во прилог на урбанистичиот хаос во Центар, а уште помалку во прилог на намалување на загаденоста на воздухот, која се зголемува со почетокот на зимата и со доаѓањето на постуденото време.

Издадени одобренија за градење во општина Центар
  2017 г. 2018 г.
јан.  8  3
февр.  11  12
март  17  18
април  6  4
мај  11  9
јуни  3  18
јули 1 12
август 9 2
септем. 4 се уште нема податоци
октом. 6 се уште нема податоци
ноем. 5 се уште нема податоци
декем. 5 се уште нема податоци

separator

Урбанистите не ги почитуваат студиите и истражувањата

Во однос проблемот со загадувањето, Дивна Пенчиќ, вонреден професор на Архитектонскиот факултет, која како експерт е вклучена во евалуацијата на деталните урбанистички планови во општина Центар во своето јавно излагање на конференција во МАНУ посочи дека и покрај тоа што постојат вредни студии и истражувања кои би требало да насочат како урбанистички да се планира одредена општина, тие не се вградуваат односно не се земаат предвид при изработката на деталните урбанистички планови.

- Јас порано мислев дека немаме студии и истражувања за многу работи, но сега гледам дека имаме за се. Тие се многу издржани, научно поткрепени и многу луѓе работеле на нив. Меѓутоа, кога ќе дојдеме на ниво на урбанистичко планирање и изработка на урбанистички планови тие податоци воопшто не се земаат предвид. Нашите колеги, вклучувајќи ме и мене се „вадиме“ дека нас тоа не не обврзува. Нас не обврзува само еден закон – законот за урбанистичко планирање, така што може некои научници да си работат, може Град Скопје и државата да си носат колку сакаат стратешки документи, урбанистите ги интересира само како да овозможат градба. Последиците од неконтролираниот обем на изградба и видот на изградба на сите ни се познати – вели Пенчиќ.

Таа додава дека овој проблем со игнорирањето на студиите за влијанието на градбите врз воздушните струења и микроклимата не е од сега.

- Многу порано уште при изградбата, Капиштец беше синомним за погрешно планирање и изградба заради спречување на воздушните струења од Водно – вели Пенчиќ.   

Ваквото укажување од признати експерти од областа на урбанизмот, кои одблизу можеле да евалуираат какви се недостатоци има при изработката на деталните урбанистички планови водат кон заклучок дека е потребен ремонт на начинот на работа во општинските администрации односно воведување на обврзувачки механизми за сериозна евалуација на плановите и вклучување на надворешни експерти од повеќе области пред еден ДУП да биде ставен на гласање во општинските совети односно пред да стапи на сила.

Извадок од видео подкастот на РесПублика (објавен на 2 ноември 2018)

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинар и фотограф: Владо Николовски