fbpx

Наместо јаболкото, смртноста од загадување стана главен симбол за Тетово

Наместо јаболкото, смртноста од загадување стана главен симбол за Тетово

kopce1

Ако до пред една деценија прва асоцијација за Тетово беа тетовското јаболко и тетовското гравче денес работите се драстично променети и приматот на вкусните плодови им го презема смртноста на населението причинето од загадувањето на воздухот. Тоа го покажува студијата изработена од доктори од Републичкиот центар за јавно здравје и од Медицинскиот факултет во која се констатира дека во Тетово има речиси двојно повеќе луѓе кои починале поради загаден воздух во споредба со просекот во Македонија. Градот под Шар Планина веќе неколку години наназад се наоѓа на првото место на листата на најзагадени места во земјава, така што резултатите од студијата само ја потврдуваат катастрофалната состојба во која живеат тетовчани кои очигледно се изложени на секојдневно труење.

Доктор Ратко Давидовски, специјалист по здравствена екологија и хигиена во тетовскиот Центар за јавно здравје укажува дека ова е прв пат на овој начин низ конкретни бројки да се презентираат негативните ефекти од загадувањето на воздухот врз населението.

- За жал ние долго време немавме направено респектабилна студија баш за аерозагадувањето и влијаението врз здравјето на населението. Оваа година на почетокот на октомври во респектабилното списание „Биомедикал“ е објавено истражувањето на колешката Мирјана Димовска и професор Ѓоргев, во кое се направени истражувања за период од пет години. И врз основа на тоа е направена проценка на влијанието односно оптеретувањто на здравјето на населението од амбиентниот воздух. Некаде 22 проценти од сите умирања се должат на амбиентниот воздух, просек во кој се вбројува Република Македонија, со тоа што за Тетово е просекот е многу поголем. Според истражувањето, некаде за околу 38 проценти од вкупниот број смртни случаи во Тетово причина е загадениот воздух – вели Давидовски.

Доказ за еколошкиот геноцид што се случува во Тетово се и податоците од мерењата на загаденоста на воздухот. Имено, светските здравствени стандарди предвидуваат во една календарска година да нема повеќе од 35 денови со загаден воздух, односно зголемено присуство на отровните ПМ 10 честички (цврсти честички прашина со големина до 10 микрометри). Во Тетово во 2013-та наместо 35, загадување над дозволените граници имало во 310 денови, наредната 2014-та абнормално загадување имало во 285 денови, во 2015 дури во 350 денови, а во 2016-та поминува со 302 денови. За 2017 година податоците се нецелосни.
На статистичките податоци за загадувањето се надоврзуваат и оние за бројот на заболувања на населението. Кардиоваскуларните и малигни заболувања се најчестите причини за умирање, но бројките за Тетово се застрашувачки.

- Според методологијата на испитувањата на оваа студија од кардиопулмонални заболувања на годишно ниво во просек умираат 210 луѓе, а европскииот просек е 163 лица, додека од малигни заболувања на годишно ниво умираат 31 лице, а околу 15 се движи просекот на европско ниво. Значи двојно е – вели Давидовски.

Тој укажува дека е значаjно што порастот на концентрацијата на загадувачите во амбиентниот воздух пред се на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките е правопропорционално поврзано со заболувањата и со смртните случаи.

-Со намалување на концентрациите би се намалиле и овие бројки – вели Давидовски,

Студијата покажува дека најголемите причинители за загадувањето на воздухот со ПМ-10 честички со учество од 36 отсто се греењето на дрва кај домаќинствата, разните индустриски процеси со 33 отсто, а 20 отсто отпаѓаат на продукцијата на разни видови енергија. Се смета дека сообраќајот учествува со 2 проценти во создавањето на отровните честички прашина.

Дарко Спировски, технички советник во Институтот за животна средина и здравје при Универзитетот на Југоисточна Европа ја потенцира потребата од замената на видот на греење.

- ПМ тоа се материјални честички. Секој облик на прашина од 0,01 мм се третира како ПМ честичка. Тоа е локален феномен. Каде се емитираат, таму и паѓаат. Тетово се гуши од сопствената емисија на ПМ честички кои се јавуваат претежно во зимските услови како резултат на согорување на дрвната маса. Најдобро практично решение за овој проблем е да се смени типот на гориво – вели Спировски.

Тој додава дека решение треба да се бара во гасификација, топлотни пумпи и во зачестено миење на улиците.

Од невладините организации кои ги таргетираат еколошките проблемите велат дека во Тетово покрај воведувањето на гасот треба да се преземаат уште многу други мерки насочени кон оние субјекти кои придонесуваат за да се загади воздухот. Ја потенцираат потребата локалната самоуправа да ги искористи механизмите во своја надлежност. Додека сите не ги преземат своите обврски, Тетово ќе има загаден воздух, вели Арианит Џафери од „Еко Герила“.

- Општинскиот инспекторат, но и државниот инспекторат треба малку построго да ги контролираат компаниите кои имаат дозволи од катергорија Б. Тоа се автоплацеви, отпади, исто така фабрики за мебел кои ги има во голем број во Тетово, кои загадуваат со греење на нивните капацитети, користат секакви материјали како што се иверици и други материјали кои ги користат во нивното производство. Се зборуваше минатата недела дека ќе имаме јавен превоз конечно. Тука ќе треба да има построга контрола врз автомобилите или да се поскапи паркингот во градот за луѓето да не ги користат автомобилите кога ќе има автобуси – вели Џафери.

Во локалната самоуправа велат дека на два начини се обидуваат да дејствувааат кон подобра животна средина. Прво, спроведување на сопствените обврски како општина во насока на справување со предизивиците околу комуналната хигиена, а второ подигнување на свеста кај граѓаните.

-На истекот на првиот мандат и почетокот на вториот успевме да го решиме проблемот со расчистувањето на депонијата. Акцентот на нашите дејствија е да не застанеме со овој процес, туку со постојана работа и со вложување средства и труд да продолжиме понатаму се со цел зачувување на здрава и чиста животна средина за нас и нашите поколенија – велат од кабинетот на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Оттаму потенцираат дека во процедура е стандардизирањето на регионалната депонија Русино како долгорочен начин на справување со отпадот и со тоа надминување на еден од најголемите проблеми од комуналната хигиена. Воведувањето зонско паркирање, јавен градски превоз, зголемена инспекциска контрола на помалите правни субјекти, се наведуваат како примери во кои и граѓаните би биле бидат вклучени со цел воздухот да биде почист.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинар и фоторепортер: Александар Самарџиев

  • zaccadeno-2
  • zacadeno-
  • zacadeno-odzaci-
  • zacadeno-3
  • zamaglenost-poradi-zagaden-vozduh-1
  • reka-Pena-otpad-1
  • zaccadeno-2
  • zacadeno-
  • zacadeno-odzaci-
  • zacadeno-3
  • zamaglenost-poradi-zagaden-vozduh-1
  • reka-Pena-otpad-1