fbpx

Сателитот на „Гугл“ открива дека нивите стануваат базени, а градското зеленило бетон

Горно и Долно Соње, Сопиште и останатите населени места од истоимената општина наскоро ќе станат еден град, преполн со луксузни живеалишта со базени кои „никнуваат“ на нивите во подножјето на Водно каде некогаш се одгледувале земјоделски производи. Снимките на сателитите на „Гугл“ од почетокот на новиот милениум до денес покажуваат дека земјоделското земјиште во периферните делови на Скопје забрзано се пренаменува во градежно, а истовремено откриваат масовно уништување на зеленилото во централното градско подрачје на чие место се градат станбени и деловни згради.

Нашето истражување околу оваа проблематика почна од 152 седница на Владата одржана на почетокот на септември, годинава на која една од точките која ја требаше да ја разгледаат министрите беше информацијата за давање согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на локална урбанистичка планска документација за три локации во општина Сопиште.

Пренамена на земјиштето е побарана за изградба на објекти со намена домување во станбени куќи во Горно Соње, за изградба на „објект - куќи за домување“ вон границите на општина Сопиште и за изградба на објект за времено сместување во населеното место Добри дол, кое исто така влегува во територијата на оваа општина.

Владата, тогаш го одложи разгледувањето на информацијата со образложение дека за ова прашање ќе се одлучува откако претходно ќе се разгледа на седница на Комисијата за економски систем и тековна економска политика и заклучи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање да ги разгледа сите можности/услови за градба во тој регион и доколку утврди дека има некакви пречки да предложи соодветно решение.

Одговор околу прашањето какви се точно плановите за овие локации се обидовме да добиеме од општина Сопиште, но таму на телефонот за контакт не се јавуваше никој по неколку обиди, а одговор не добивме ниту прашањата поставени на официјалниот мејл на општината. Сепак, тоа не мотивираше со помош на сателитските снимки од „Гугл“ да провериме како се менувал теренот на територијата на општина Сопиште од 2000 година наваму.

Во 2005 година во околината на Сопиште, Горно и Долно Соње има голем број ниви и зеленило

Во 2019 година на голем број од нивите можат да се забележат големи куќи со базени, како и дека поради забрзаната изградба на нови објекти полека се брише границата меѓу Горно и Долно Соње и Сопиште

Со разгледување на записниците од седниците станува очигледно е дека Владата редовно практикува давање согласност за пренамена на земјоделско во градежно земјиште во периферните делови на Скопје. Свежи примери за тоа се дадената согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на урбанистички план вон населеното место „Веле поле“ во Ѓорче Петров за изградба на објекти со намена времено домување и други содржини, како и дадената согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на урбанистички план вон населено место за изградба на спортско-рекреативен центар Треска во општина Сарај.

Со оваа одлука се овозможува Општината Сарај да ја започне постапката за изградба на викенд населба, хотелски комплекс и други објекти во близина на Глумово, кој ќе го опфати и езерото Треска, предел кој се наоѓа во предворјето на Матка.

Satelitot na Gugl otkriva deka nivite stanuvaat bazeni a gradskoto zelenilo beton 1На земјоделски парцели кај Глумово односно пред Матка се планираат големи градежни активности

Не е вистина дека се дава приоритет на градското зеленило

Ако до некаде е разбирливо ширењето на Скопје кон периферијата со оглед на зголеменото загадување поради кое граѓаните кои што се финансиски помоќни можат да си дозволат да „побегнат“ од градот и да живеат во куќи со големи дворови и базени, тогаш тешко е да се образложат градежните трендови во централното градско подрачје, а посебно во Аеродром и Карпош, кои важат за општини кои се просторно и урбанистички солидно испланирани.

Сателитиските фотографии од општините Аеродром и Карпош од 2002 и 2019 година покажуваат дека локалната самоуправа „продава магла“ кога тврди дека се запазуваат стандардите за градско зеленило кога од различна временска дистанца е очигледно дека бетонот со години ги јаде зелените површини.

Не држат вода ниту образложенијата дека за ваквото хаотично градење се виновни претходните градоначалници бидејќи и новите продолжуваат со усвојување урбанистички планови во кои на местата на двокатни куќи се предвидува изградба на повеќекатници, а на тревниците огромни станбени блокови. Така, во Аеродром на повеќе локации се градат згради со кои се узурпираат зелени површини. Јалови беа протестите на жителите на оваа скопска општина за заштита на паркот до Мајчин дом со оглед на тоа што таму веќе привршува изградбата на најавената деветокатница. Истовремено кај „Тобако 2“ се градат десетина огромни згради на местата каде порано имаше дрвја.

Советот на општина Карпош, пак, неодамна едногласно го усвои ДУП-от кој опфаќа дел на касарната „Илинден“. На оваа локација на 150.000 квадрати се планира изградба на станбени згради од приземје пет ката и поткровје, со височина од 21 метар. Се чини дека полека се менува и ликот на Тафталиџе и Козле. Во двете населби кои некогаш важеа за најубави во градот денес се почесто може да се забележи подигање згради на парцелите каде порано имало бараки и двокатни куќи.

Скопје веќе задира зад Водно

Практиката и сателитските снимки покажуваат дека главниот град на земјава се шири на околните земјоделски површини буквално на сите страни и тоа со ад хок одлуки на Владата без сериозна анализа и вклучување на стручната јавност и граѓаните при решавањето на овие прашања. Истовремено, централното градско подрачје расте во височина и станува се погусто што ги прави условите за живеење неподносливи и далеку под општо прифатените стандарди. Ваквите трендови траат со години иако постои Генерален урбанистички план (ГУП) за градот во кој би требало соодветно да се предвиди односно ограничи каде и колку ќе се гради во насока на задоволување пред се на јавниот интерес , а дури потоа на интересите на инвеститорите.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, неодамна во пресрет на почнувањето на процесот за подготовка на новиот Генерален урбанистички план на град Скопје (2022-2032 година) имаа работна средба при што скопскиот градоначалник соопшти дека претходниот ГУП на град Скопје е усвоен во 2012 година и дека од тогаш до денес се извршени многу парцијални измени во просторот, што главно се однесуваа на измени на програмите и локациите за одредени содржини. При тоа, тој ја соопшти неговата визија за Скопје.

„ Во мојата визија Скопје го гледам како зелен град со многу внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди одржлива урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедувањето чиста и здрава животна средина“, изјави Шилегов.

Тој изрази уверување дека Скопје ќе се развива и шири на начин што ќе се релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел на градот.

„Во текот на изработката на новиот ГУП верувам дека ќе бидат разгледани можностите за отстранување на некои недостатоци од постојната планска документација. За пример ја земам таканаречената јужна обиколница која според моето мислење, но и според мислењето на стручната јавност, е спротивна на принципите за заштита на животната средина имајќи предвид дека за нејзиното пробивање е потребно да се уништи добар дел од Водно“, изјави Шилегов.

Сепак, сателитските снимки покажуваат дека и за време на неговиот мандат нивите од јужната страна градот стануваат градежно земјиште, на кое се градат куќи, но и згради. Доколку тоа не се спречи од локалната и од централната власт до 2022 година за кога е предвидено усвојувањето на новиот ГУП извесно е дека Скопје ќе се рашири од другата страна на Водно. Така што, пробивањето тунел или градењето обиколница во тој случај би станало неопходно бидејќи постоечките сообраќајници во подножјето на Водно веќе одамна не ги задоволуваат потребите на жителите.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Владимир Николоски

Тагови: