fbpx

Водата за пиење во Струмица загрозена од институционален галиматијас

Водата за пиење веќе се смета за непроценливо богатство и ресурс за кој во блиска иднина ќе се водат војни, но нашата држава се’ уште се бори со самата себе кога станува збор за нејзината заштита. Тоа го покажаа наодите на Институтот за комуникациски студии откако побара одговори на прашањата зошто околу акумулацијата Турија, од која со вода за пиење се снабдуваат струмичани не е прогласена заштитна зона согласно постоечката регулатива односно зошто на бреговите може да се градат викендици и стопански објекти, да се испуштаат фекалии и друг отпад, па дури и да се фрлаат човечки трупови.

Човек не може да не се зачуди по сознанието дека од 2014 година, кога прв пат е констатирано несоодветно обезбедување на браната до денес, на прагот на 2020 година нема епилог по започнатите постапки и процедури за соодветно решавање на овој проблем. Нашето истражување открива дека поради лошо поставениот систем, измешаните надлежности и недостигот од комуникација и соработка меѓу институциите, но и бавноста на администрацијата, безбедноста на водата за пиење во Струмица може лесно да биде сериозно загрозена.

Vodata za pienje vo Strumica zagrozena od institucionalen galimatijas 3

Процедурален хаос

Загрижувачката приказна почнува откако инспектор од Санитарниот и здравствен инспекторат - Струмица во 2014 година бил во контрола на браната Турија. Поради несоодветното обезбедување на браната инспекторатот изрекол прекршок и одредил парична казна на раководителот на „Струмичко поле“, подрачна единица на „Водостопанство“ поради тоа што не била поведена постапка за одредување заштитна зона од прв степен околу акумулацијата. Тоа значи и оградување на заштитниот појас и назначување чувар кој ќе контролира што се случува во тој реон. Инспекторот кој лично ја правел инспекцијата во телефонскиот разговор ни рече дека оттогаш не бил во контрола и не е сигурен дали воопшто е платена казната.

Истата година откако биле казнети, од „Струмичко поле“ поднеле барање за прогласување заштитна зона до Министерство за животна средина и просторно планирање. Но, Министерството го вратило барањето со одговор дека најпрво општина Струмица треба да даде согласност на елаборат за утврдување граници за заштитна зона.

Од општина Струмица потврдуваат дека „Водопанство“ АД Струмица односно „Струмичко поле“ доставиле „Елаборат за одредување на границите на заштитните зони, заштитините и другите услови на водите наменети за консумирање од страна на човекот на акумулација Турија“ изготвен од страна на Градежен институт „Македонија“ АД Скопје и ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Македонија од септември 2014 година.

Општинарите потоа ја продолжиле постапката и донеле Одлука за давање согласност за елаборатот, која е објавена во Службен гласник на Општина Струмица број 10 од 2015 година.

Vodata za pienje vo Strumica zagrozena od institucionalen galimatijas 2

Пауза до недоглед?

Според процедурата, потоа овој елаборат требало да се достави до Министерството за здравство, но нема информации дали тоа е сторено. Оттаму не одговорија дали го примиле елаборатот и дали во изминативе пет години е почната постапка за определеување на заштитни зони.

Од Министерство за животна средина, пак, тврдат дека треба заедно со Министерството за здравство да побараат од Владата да се определи заштитна зона, бидејќи таа е надлежна според член 96 од Законот за води.

Неофицијално, по промената на власта на барањето е сосема заборавено, а сегашните одговорни лица не ја обновиле постапката.

Оттука станува очигледно дека безбедноста на водата за пиење е заложник на недоследното спроведување на започнатите постапки по промената на владејачките елити и испреплетените ингеренции на повеќе институции, што во услови на бавна или никаква комуникација го отежнува одредувањето на заштитните зони.

Vodata za pienje vo Strumica zagrozena od institucionalen galimatijas 1

Еден водостопански инспектор за цела држава

Малиот број на санитарни и водостопански инспектори пак, (во Македонија има само еден водостопански инспектор) ја отежнува и контролата на самите објекти. Дури ги поминат сите објекти за кои се надлежни поминува една година, бидејќи тоа не им е единствена задача. 

Поради слабиот институционален капацитет, многу често барањата за контроли заглавуваат и не се реализираат. Ниту пак самите поднесувачи инсистираат да се истурка целиот процес. Затоа, голем број брани кои служат за снабдување со вода пиење, ниту прописно се оградени, ниту им се одредени заштитните граници.

Ваквата сотојба го доведува во прашање снабдувањето на населението со здрава вода за пиење и треба да биде аларм за државата, која е должна да воспостави механизми за ефикасно справување со овој проблем.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Сузана Мицева

Види повеќе на истата тема:

Човечки трупови и фекалии во водата за пиење и за наводнување

Тагови: