Кривично гонење на полицајците за мачење на шарените револуционери, бара омбудсманот

Кривично гонење на полицајците за мачење на шарените револуционери, бара омбудсманот

kopce1

Народниот правобранител Иџет Мемети до Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) поднел предлог за утврдување кривична одговорност против четворица полицајци и против други непознати службени лица од МВР за мачење и друго сурово, нечовечко и понижувачко постапување и казнување врз повредените Горјан Атанасов, Горан Наумовски, Бахри Реџепи и Димитрија Анѓелковски, дел учесници, а дел репортери од протестите на Шарената револуција во Скопје. Во предлогот на Омбудсманот се наведени и други полесно повредени од полицијата учесници во протестите на 13 април годинава, ден по амнестирањето на 56-темина високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ и нивни помошници, од претседателот Ѓорге Иванов.

Пријавените полицајци, се вели во предлогот, тој ден биле распоредени на потегот од Собранието до улица Димитрие Чуповски, каде што се наоѓа канцеларијата на Иванов. Требало да го обезбедуваат непријавениот протест на група граѓани.

“Од страна на посочените припадници на МВР, неселективно, кон одредени демонстранти биле употребени средства за присилба: тонфа, удирање со полициска палка и штитник и врзување на рацете со лисици. Како последица на нивното дејствување, кај приведените лица во полициските станици Центар и Кисела Вода биле констатирани следните повреди: Горјан Атанасов имал повреда на долната вилица, Крсте Ѓонески имал црвенило на лактите и колената, Вангел Милески црвенило на десната надлактица и на левата натколеница, Никола Аризанов имал црвенило на левата подлактица, а Сашо Рафајловски повреда на зглобот од левото стапало“, се вели во предлогот до ОЈО Скопје.

Се наведува дека кај Горан Наумовски, новинар во Плусинфо, во болницата Св. Наум Охридски била констатирана контузија на главата, а кај Бахри Реџепи вртоглавица и огромен подлив на десното колено.

„Со наведеното однесување, телесно казнување и заплашување на оштетените лица во демонстрациите, пријавените службени лица сториле секој за себе казниви дела против слободите и правата на човекот и граѓанинот“, вели Омбудсманот Мемети.

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР, пак, оценил дека се оправдани мерките на полицајците кои тепаа демонстранти и новинар таа вечер.

Не се знае каква ќе биде судбината на предлогот за кривично гонење против овие полицајци. Од ОЈО Скопје во законскиот рок на Народниот правобранител му одговориле само дека предметот е кај нив и оти е во разгледување, велат од канцеларијата на Омбудсманот.

ОЈО Скопје не одговори ни на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК за овој случај.

ПОДНЕСИ ПРЕТСТАВКА ДО НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

Текстот е првично објавен на САКАМДАКАЖАМ.МК