fbpx

Жените постигнуваат одлични резултати на обуките за раководни позиции

Со само 27 години, охриѓанката Симона Трповска има успешна кариера и професионален кредибилитет како меѓународен сертифициран ментор. Веќе пет години, таа е консултант на програми за стратешко менаџирање и за управување со човечки ресурси и со финансии во компании. По завршувањето на магистерски студии за бизнис администрација во Македонија и стекнувањето на меѓународен сертификат за коуч во Холандија, денес, таа е сопственик на фирмата „И-ДС коучинг и консалтинг“.

Своите клиенти ги советува како да направат позитивни промени и иновации во организациската култура, да постигнат одржлив развој и вешто да управуваат со инвестициските проекти и финансиските ризици.

„Овие програми им ги отвораат видиците на луѓето, се отвораат и нови прашања, а менаџерите стануваат посвесни за напредокот на нивните вработени“, вели Трповска.

За неа е интересно што на ваквите програми особено се активни жените, кои покажуваат голема креативност и посветеност и постигнуваат одлични резултати на обуките за раководни позиции. Сепак, раскажува Трпковска, откако успешно ќе ја завршат обуката и ќе се стекнат со сертификат, на нивното работно место многу често нема поместување скала нагоре. Сертификатот стои на ѕидот во канцеларијата, а најчесто на раководната позиција доаѓа колега, кој иако имал послаби резултати на обуката, на позицијата дошол зашто е маж. Иако живееме во модерен свет, се` уште има предрасуди дека мажите се подобри шефови од жените, смета Трпковска.

„Мажите веруваат дека имаат поголема стабилност бидејќи жените, пред се`, имаат и други обврски - деца, дом, раѓање, отсуство поради мајчинство... Oва придонесува да не ги гледаат квалитетите кај жените. Менаџерите бараат квалитетна работна сила, но забораваат дека со ваквиот однос на слабо мотивирање на жените-вработени всушност губат самите тие“, вели Трпковска.

Таа често работи за компании во Западна Европа и смета дека состојбата со родовата еднаквост во економијата е слична и во развиените европски земји. Нејзиното искуство во Швајцарија, на пример, покажува дека жена е ретко на висока позиција во компанија. На обука за 90 вработени во банка, на тренинг учествувале само осум жени и тие имале пониски позиции од нивните колеги. А оние жени кои биле на иста менаџерска позиција со маж земале за 20 проценти пониска плата. Нејзиното искуство во Австрија е попозитивно. Во повеќето компании имало многу менаџери жени, но сепак имале помали плати.

zenite postignuvaat odlicni rezultati na obukite za rakovodni pozicii 2

„Многу е интересно тоа што жените се облечени исто како колегите мажи - панталони, кошула, сако, ниски чевли, дури и говорот им е како кај мажите. Тоа некогаш делува несигурно кога ги гледате од другата страна, отколку што оставаат впечаток на стабилност на професионалец“, вели Трпковска.

Таа чувствува дека многу често кога е ангажирана како тренер, менаџерите мажи на почетокот се скептични и се сомневаат во тоа дека добро ги вложуваат парите зашто добиле едукаторка, а не едукатор. „После еден час разговор за работата, забележувам дека се со поголема доверба, бидејќи ги запознале моите квалитети“, раскажува Трпковска.

Таа смета дека ако менаџерите им дадат можност на сите добри и посветени работници во компанијата, ќе имаат поголема конкуренција помеѓу вработените и подобро ќе работат. А жените кои сакаат да успеат да стигнат до повисока позиција во компанијата ги советува: „Воопшто не се трудете да воодушевите некого, туку бидете тоа што сте на своето работно место, бидејќи секое менување се препознава како несигурност.“

Текстот е изработен од Институтот за комуникациски студии во рамки на проектот „Еднаква моќ

Тагови: