fbpx

Љубовта никогаш не згаснува во домот на семејството Синан

Љубовта никогаш не згаснува во домот на семејството Синан

kopce1

Детскиот џагор и смеа се секојдневие во домот на Ѓулсебат и Ѓулбас Синан иако нивните деца веќе одамна се возрасни луѓе. Тагата е присутна единствено кога треба да се одделат од децата кои им биле дадени на згрижување од родители кои во одреден момент биле немоќни да им ја дадат потребната нега. Двајцата сопружници од Скопје изминативе 14 години под своја закрила зеле 13 деца на кои привремено им била потребна родителска љубов, а која несебично им ја даваат и покрај тоа што при секоја разделба мора да ги кријат солзите од нивните „нови чеда“.

Ѓулсебат и Ѓулбас не сакаат да зборуваат за сопствените маки, но потенцираат дека поради животното премрежје што го искусиле, се заколналет дека ако најтешкото помине ќе се посветат на помагање на деца без родители. Овој аманет и денеска го исполнуваат и во моментов чуваат три деца: две братчиња на седум и три години и нивната петгодишна сестра. Кога влеговме во нивниот нов дом, тие го гледаа омилениот анимиран филм.

„Бабо, дедо...дојдоа гостите!“, радосно не најавија децата.

Не можевме да забележиме дека петорицата не се крвно поврзано семејство. Дури и пудлицата Лили се приврзала кон децата кои во овој дом живеат веќе шест месеци. Нивните биолошки родители не биле во можност да ги чуваат, но го задржале родителското право со можност еден ден да си ги земат.

Ѓулбас вели дека децата кога ќе дојдат се многу исплашени и дека поради тоа некои од нив со денови седат во „ќош“ и молчат, а други плачат. Двајцата сопружници велат дека по толку години како да станале психолози и точно знаат колку време му треба на секое дете за адаптација.

„Со трепение, полека, со разговор, со игри и играчки ги олабавуваме. Некогаш треба недела, некогаш месец, но сите деца станале наши деца и сме се сакале“, раскажува Ѓулбас.

Чувале и деца со посебни потреби. Било потешко, но и нив одлично ги прифатиле. Ги носеле на дефектолози, логопеди и имале добри резулати. Овие деца подоцна биле посвоени.

Измешани се чувствата на Ѓулсебат и Ѓулбас при разделбите со децата. Од една страна се среќни бидеќи им се нашле кога им било најпотребно во животот, а друга страна тажни бидејќи ги губат засекогаш. Ваков емоционален земјотрес доживеале пред само неколку дена при разделбата од бебе кое лани им го донеле од Домот за доенчиња од Битола и го чувале пет месеци.

„Ни го донесоа неколку дена по раѓањето. Ситно, мало слабо. За неполни три месеци качи 6 килограми. Прв пат нам ни се насмеа. Уживаше при капење, а најмногу сакаше овошни каши“, раскажува Ѓулсебат.

Таа вели дека бебето било дадено на посвојување и затоа разделбата била неизбежна. Свесни дека не смеат да се мешаат во понатамошниот живот на децата, само посакуваат до нив да допре информација како растат овие деца откако ќе го напуштат нивниот дом.

„Сакаме само да знаеме како се, не би се мешале во нивното ново семејство. Тоа ни е најголема желба за секое заминато дете“, вели со доза тага Ѓулсебат.

Имало само еден случај кога девојче кое го исчувале по долги години дошло кај нив како возрасна жена за да ги види луѓето кои ја научиле да пишува и да чита, но и да прави вкусни колачи. За нив најголема гордост и среќа било што малото девојче пораснало и создало свое семејство.

Брачниот пар Синан се дел од проектот „Семејство за секое дете“ на Министерството за труд и социјална политика. Според правото на сместување кај згрижувачи, тие го исполнуваат условот дете без родител и дете со воспитно социјален проблем и кај нив децата остануваат до моментот додека биолошките родители не ги побараат назад. Има случаи кога родителите во меѓувреме се откажале од своите деца и децата се дадени на посвоители. Додека не се најде посвоител, детето останува кај згрижувачите. Оној кој сака да биде згрижувач, прво треба да се обрати во Центарот за социјални работи каде што живее. Центарот потоа ја гледа возраста, образованиот статус, брачниот и семејниот стаус.

Згрижувачи може да бидат лица до 62 годишна старост. Згрижувачките семејства добиваат надоместок од 8.550 денари за деца без родители, 9.870 денари за дете со воспитно социјални проблеми и 11.193 денари за деца со пречки во развојот. На територијата на цела држава има 172 згрижувачи семејства и 341 згрижено дете, а само во Скопје има 72 згрижувачки семејства кои им даваат дом на 147 деца. Целта на згрижувачките семејства е децата да растат во семејство со љубов и социјализација различна од групните домови каде еден воспитувач се грижи за група од околу 20 деца.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Фотографија: Томислав Георгиев