„Oставив една мајка во Алепо, вие сте втората. Се јавуваат и ми велат: Mајко, стигнав на сигурно.“

„Oставив една мајка во Алепо, вие сте втората. Се јавуваат и ми велат: Mајко, стигнав на сигурно.“

kopce1

Ленче Здравкин, хуманитарка, новинар

sovet

Беше почетокот на 2013, некаде март-април, уште температурите беа вака ниски. Немаше време да чекам, ниту да прашам кои се, што се. Само што ги видов - млади момчиња, отидов бргу да купам леб, да им се помогне, да им се даде. Тогаш се уште го немавме законот за бегалци и не беше така слободно. Најчесто, тоа се случуваше исклучиво во ноќните часови и јас преседував по цела ноќ за да ги пречекам групите. Нивниот топот е поинаков од локалното население. Нивните нозе се тешки и кога ќе чујам како се движат по камењата, знам дека се тие.

sovet2

Во долниот кат во куќата ги собирам донациите, се трудам секогаш да ги има сите основни работи за нивните потреби. Долго време бев оставена сама на себе, не знаев веќе што да извадам од дома. Се случува да има беглаци кои примаат редовна терапија, па ќе ги испратам децата или самата ќе претрчам до аптека да купам апчиња. Хигиенски средства секогаш треба да има, обувки, храна, млеко за дечињата. Се случувало некои денови, во дворот, во ходникот, по скалите да има по 300, 400, 500 луѓе наеднаш, па треба да им дадеш предност на постарите, на бремените, за болните да повикаш Брза помош или Црвениот крст, а тоа што можев и самата го санирав.

sovet3

И пред бегалците имав големо семејство, сега со нив имам уште поголемо. Ме викаат „Ленце“ или „мама“, дури и повозрасни од мене ме нарекле мајка. Еден ми рече оставив една мајка во Алепо, вие сте втората. Ќе ми се јават и ќе ми кажат: Mајко, стигнав на сигурно.

sovet4

Сите ме почитуваат, ми праќаат пораки, сакаат еден ден да се видиме повторно, да ги посетам. Успеав да спојам 13 члена на едно семејство да се најдат во дворот тука. По една година ми се јавија да побараат помош повторно, ако може да им помогнам да ја најдат и последната сестра и нејзините деца. Во маса од илјадници бегалци, јас само викав: Јасмин, Јасмин, сè додека не се најдовме. Конечно успеа да се спои целото семејство. Сега се среќни, одат на училиште, учат јазик, многу ми е драго што се заедно.

sovet5

Многу несреќи се случија. Возот зеде многу жртви. Тоа се луѓе што биле кај мене, сум им пружила помош и само на неколку километри подолу од мојата куќа возот ги прегазил. Трчав по институции за да ги закопаат на новите гробишта. Ископаа масовна гробница, викнав луѓе, оџа да ги испочитуваме до крај, според нивните обичаи. Oваа година и споменик им направив, напишано е и на арапски и на англиски, чувствував потреба да го направам тоа, ако еден ден некој ги побара, иако имињата не им се знаат. Кога и да се навратам на тоа, јас сум болна, тие слики не можат да згаснат. Во мене постојат милион бегалци кои заминаа и милион приказни и секоја од нив остави лузна.

sovet6

Економските мигранти никогаш не престанаа да поминуваат. Сега ме контактираше едно момче, не знам ниту од каде е, дали е од Сирија, Ирак... Ми пишува – Јас ќе тргнам по секоја цена пеш, дали си ти таму? Се разбираме многу лесно, иако тие не го разбираат нашиот јазик, а јас не го знам доволно нивниот, но за да помогнеш некому и очите зборуваат. Мислам дека не случајно сум се погодила на ова место. Не велам дека многу сум им помогнала, но тие се толку истрауматизирани и истоштени, што за нив и една блага насмевка многу значи. Енергијата ја црпам од нив, откако ќе си дојдат на себе и тие знаат да се пошегуваат, имаат желба за живот, желба за понатаму. Сфатив, благодарение на нив дека секогаш треба да бидеме благодарни за она што го имаме. Жално е што не знаеме да го цениме тоа.

Фотограф: Виктор Поповски

Приказната е изработена од Институтот за комуникациски студии