Прваче со посебни потреби пешачи по 13 км до школо оти нема превоз

Прваче со посебни потреби пешачи по 13 км до школо оти нема превоз

kopce1


Народниот правобранител од Куманово отвори предмет за да ги утврди причините поради кои не се обезбедува превоз на првачето Елеонора Младеновска (8), дете со посебни потреби од зафрленото планинско село Враготурце, која пешачи 13 километри за да оди на училиште во соседното Пелинце. По објавување на текстот во САКАМДАКАЖАМ.МК пред два месеца за слепото семејство кое живее во екстремно тешки услови во Враготурце, на сопствена иницијатива Омбудсманот започнал постапка која треба да покаже дали има прекршување на правата на ученикот и кој го сторил тоа.

Елеонора од почетокот на учебната година оди пешки по 4 часа низ планината за да ја посетува наставата, бидејќи општината Старо Нагоричане не ѝ обезбеди превоз. Иако градоначалникот Милован Стојковски, кој е од редовите на Демократската партија на Србите во Македонија, вети дека ќе го реши проблемот во второто полугодие, тоа не го стори. Поради снегот и екстремно ниските температури детето не може само да патува, па ретко оди на училиште.

Деветчленото семејство Младеновски живее од социјална помош во исклучително тешки услови и сиромаштија во зафрленото планинско село Враготурце на самата македонско-српска граница.Елеонора нема кој да ја води на училиште, бидејќи татко и Новко е слеп, мајка и има ментален хендикеп, а останатите 4 деца оштетување на видот од 50 до 95 проценти и пречки во говорот (Фото: СДК.МК)
 
„На 7 февруари, заминавме во централното училиште ‘Христијан Карпош’ во селото Драгоманце за да видиме дали се вистинити информациите кои се изнесени во текстот. Во разговорот со директорката и учителката, утврдивме дека на детето не му е обезбеден превоз. Пешачи по 12-13 километри во двата правца за да стигне на училиште, а се работи за дете со пречки во развојот. Во училиштето има уште двајца ученици кои немаат превоз до училиштата, едниот од нив пешачи повеќе од 20 километри. Училиштето има договор за училишен превоз, но не и за учениците од планинските села. Согласно законот, училиштето има обврска да обезбеди превоз за сите ученици. Овие тројца ученици се обесправени, не се почитуваат нивните права кои се гарантирани со закон, од училиштето или Општината ќе утврди понатамошната постапка“, вели заменикот Народен правобранител од Куманово Насер Весељи.

По објавување на текстот во САКАМДАКАЖАМ.МК пред месец и пол, на сопствена иницијатива Омбудсманот започнал постапка која треба да покаже дали има прекршување на правата на ученикот и кој го сторил тоа; - заменикот Народен правобранител од Куманово Насер Весељи (Фото: СДК.МК) 

Училиштето понудило Елеонора да се смести во ученичкиот дом во селото Драгоманце, но родителите не прифатиле, а и правобранителот смета дека тоа нема да го реши проблемот.

„Наше мислење е дека тоа дете не може да се смести во домот затоа што е многу мало, плус има и некои здравствени проблеми, пред сѐ, не може да ги контролира физиолошките потреби. Од друга страна, во домот нема соодветен стручен кадар кој би се грижел за него 24 часа. Ноќе работи само еден човек, не знаеме во кое својство, но претпоствуваме дека е чувар. На тоа дете му треба соодветна грижа за  правилен развој и едукација“, додава Весељи.

Народниот правобранителот ќе се сретне и со градоначалникот за да му укаже дека мора да се реши проблемот согласно законот. Ако не се почитува укажувањето, ќе побара да интервенира Државниот просветен инспекторат, бидејќи тоа е во нивна надлежност.

Деветчленото семејство Младеновски живее од социјална помош во исклучително тешки услови и сиромаштија во зафрленото планинско село Враготурце на самата македонско-српска граница.Елеонора нема кој да ја води на училиште, бидејќи татко и Новко е слеп, мајка и има ментален хендикеп, а останатите 4 деца оштетување на видот од 50 до 95 проценти и пречки во говорот. Две од нив се сместени во домот за слепи лица во Скопје.

Затоа, со години Новко бара државата да му обезбеди социјален стан во Старо Нагоричене за да може нормално да живее со семејството и да ги школува децата. Трипати бил одбиен со образложение дека нема станови, а по објавување на сторијата никој од надлежните не се јави да помогне. Само невладини организации и поединци однесоа помош на семејството барем малку да им се олесни животот.