Образованието е излезот од сиромаштијата

Образованието е излезот од сиромаштијата

kopce1

1
На негрижата за опожарената градинка во Шуто Оризари ѝ пркосат Емран, Рафета, Хатија, Албина и Зекир. Тие се пример дека заедницата на Ромите во Македонија заслужува еднакви можности во образованието како сите други во државата. Заедничко за нив е амбицијата да остават белег во општеството како професионалци и луѓе.

2
Емран Адеми е студент на трета година на Медицинскиот факултет. Вели дека најголема поддршка има од родителите, кои се горди што нивниот син ќе биде доктор. „Од време на време ме жалат кога ќе ги видат огромните книги за учење, но среќни се што сум пример во фамилијата за добар студент“, раскажува 24-годишното момче.

3
„Најголем број од колегите, професорите никогаш не ми го поставиле прашањето како е да се студира како Ром. Ме прифаќаат како колега, а професорите како нивен иден колега - доктор. Секако има луѓе со предрасуди, но моето искуство покажало дека тие луѓе се така воспитани од деца. Некогаш треба и ним да им се помогне, да им се остави време за да го сменат мислењето“, вели Емран. За него поголем проблем е што специјализацијата на Медицинскиот факултет е многу скапа, па поради тоа сака да продолжи со студии по пулмологија во Германија.

4
Неговата колешка Рафета Криези сака да работи со деца и студиите по медицина ќе ги насочи во педијатријата. Вели кога на праксата треба да се земе крв од детенце, била најбарана од родителите. Имало повеќе смеа отколку солзи. „Во тој момент никому не му е важно дали си Ром. Најважно е лицето на детето“, раскажува Рафета.

5
За подобра нега на пациентите во болниците се потребни медицински сестри, па затоа Хатија Ариф решила да студира на Високата медицинска школа во Скопје. Таа се надева дека ќе работи во амбулантата во Шуто Оризари. „Во нашата населба најмногу недостасува медицински персонал - доктори, гинеколози, сестри“, вели 21-годишната девојка. Во меѓувреме, овие студенти по медицина својот порив го остваруваат работејќи во организацијата Иницијатива за развој и инклузија на заедниците (ИРИЗ). Во здравственото советувалиште на ИРИЗ им помагаат на граѓаните кои најчесто доаѓаат за мерење притисок или проверка на шеќер, истовремено едуцирајќи и менувајќи го мислењето кај ромското население.

6
И Албина Џемаиљи и Зекир Џемаил, кои се средношколци на правната насока во училиштето „Арсени Јовков“, волонтираат во ИРИЗ. „Сакам да им помагам на луѓето од оваа средина. Најголемиот дел од нив не знаат како да извадат извод на родени за своите деца или здравствено осигурување, а да не зборуваме колку други права не знаат да си ги исполнат. Затоа го сакам правото“, вели Албина. Зекир сака да работи во администрација и да биде пример дека со учење и работа може многу да се смени.

7
Во опожарената градинка во Шуто Оризари, поттик им даде и заменикот амбасадор на Велика Британија во Македонија, Пол Едвардс. Тој порача дека образованието започнува на овие места и дека без нив не може да има добар почеток кој ќе води до успешни студенти. Амбасадорот им ја препорача на младите Роми Пограмата за стипендирање на едногодишни магистерски програми во Велика Британија - Чивенинг. Програмата е наменета е за оние кои сакаат да бидат лидери во заедницата, а треба да имаат завршено додипломски студии, да зборуваат добро англиски и да можат да престојуваат и да студираат една година на некој од врвните универзитети во Велика Британија. И сето тоа е целосно платено од Британската амбасада.

8
„Многу би сакале да видиме дека Ром има добиено стипендија. Првата корист е дека ќе се придружи на заедницата на стипендистите на Чивенинг, која е навистина активна, и кои си помагаат меѓу себе во постигнувањето на нивните цели. Втората корист е дека таа личност ќе биде инспирација за другите студенти дека ако работат напорно и тие ќе станат лидери и ќе можат да помагаат во општеството.“, рече амбасадорот Едвардс.

9
И заедничкото мото на овие млади луѓе за Меѓународниот ден на Ромите – 8 април е дека образованието е излезот од сиромаштијата и дека сожалувањето нема да ја промени сиромашната положба на ромската заедница во општеството. Тие за себе велат - треба прво ние да се смениме, да одиме на училиште, да бидеме професионалци и да не бараат како стручни луѓе. Треба ние да се промениме за да го промениме мислењето на целото општество.

Фото: Томислав Георгиев

Приказната е изработена од Институтот за комуникациски студии во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права.