Ми рекоа да се дружам со „нормални“ и ќе ми помине

Ми рекоа да се дружам со „нормални“ и ќе ми помине

kopce1

Лила, трансродово лице           

z4

Првата перика ја купив на 11 години. На 17 години дома кажав дека сакам мажи. Мајка ми и татко ми го прифатија изборот, а оттогаш со брат ми не комуницирам. Тогаш се преселив и живеам во стан самa. На тие години не знаев дека сум трансродово лице. Мислев дека сум геј, иако никогаш не сум бил во врска со геј мажи, туку само со стрејт. Немаше кој да ми каже, ниту пак со кого да разговарам за ова. Мислев дека постојат само геј и лезбејки, но не и трансродови лица. Подоцна, кога се појавија невладини организации кои се занимаваат со вакви прашања, почнав да истражувам. Имав 23 години.

z10

Дури на 27 години го осознав сопствениот полов идентитет. Сфатив дека се чувствувам како жена и дека сакам така да ме третираат. Ми требаа десетина години за да се охрабрам да излезам од плакарот во кој емотивно бев заклучен. Сега имам 33 години, можам да кажам дека економски сум ситуирана, имам стан, работа и сум во нова фаза за која моите не знаат - примам хормонска терапија за промена на полот. Но, тоа не е воопшто едноставно.

z16

Целиот процес на трансформација е со пречки. Првата бариера се психијатрите и психолозите. Тие треба да дадат мислење за да се утврди дијагноза за мојата родова и полова состојба. Разговорите со нив завршуваа со небулозни совети: „Почни да се дружиш со ‘нормални’, не со геј и трансродови. Почни да работиш, не мисли на тоа и ќе ти помине“. Во здравствениот систем во Македонија нашата состојба е болест, родова дисфорија (пореметување на родовиот идентитет), иако постојат земји каде ваквата состојба не се смета за болест.

z11

Кога решив да примам терапија, немав кому да се обратам. Среќа имав што случајно наидов на докторка, една од петтемина во земјава кои имаат лична желба да се усовршуваат во оваа област. Таа е ендокринолог и ми препиша терапија за зголемување на женските, а намалување на машките хормони. Веќе почнаа да ми растат гради, а чувствувам дека сум помалку влакнеста. Терапијата треба да ја земам најмалку една година, а чини многу пари. Лековите ги купувам приватно и чинат околу 2.000 месечно, без прегледите на доктор.

z1

Телото „созрева“ за промена на полот дури по неколкугодишна терапија. Но, кај нас не може да се направи оти нема доктори кои може да го изведат тоа. Затоа, многумина од Македонија одат во Белград. Ваквата операција за српските држававјани е 1.000 евра, а за нас странците – 8.000. Одат и во Тајланд – таму е 4.000-5.000 долари.

z38

Следниот шок е промената на половиот идентитет во личните документи. Во личната карта фигурирам како жена, со ново име и презиме. Но, според единствениот матичен број сум маж. И тоа не можам да го сменам.

z7

Не сакам да бегам од сопствената држава. Би заминала само поради сопствената слобода, иако не би можел/а да ја оставам мајка ми. Многу од трансродовите лица кои ги познавам веќе се иселија во Белгија. Добија азил и 900 евра социјална помош. Одат на курсеви, го учат јазикот, а потоа може да побараат вработување. Но, велат дека и таму не тече мед и млеко.

z28

Тука не се чувствувам слободна. Преку ден не излегувам како жена од дома, се плашам од насилство. Ноќе е поинаку. Најчесто се дружам со стрејт и геј, но не со трансродови. Но, поинаку ќе биде кога ќе имам гради и долга коса. Ќе се опуштам повеќе, ќе имам поголема самодоверба и ќе бидам жена. И ден и ноќ.

z8

Автор: Јорданка Ивановска
Фотографија: Томислав Георгиев
Сторијата е изработена од Институтот за комуникациски студии во соработка со Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“