Деца – фантоми во судските бараки во Бутел, властите не сакаат да зборуваат за нив

Деца – фантоми во судските бараки во Бутел, властите не сакаат да зборуваат за нив

kopce1

ДЕЦА – ФАНТОМИ ВО СУДСКИТЕ  БАРАКИ ВО БУТЕЛ, ВЛАСТИТЕ НЕ САКААТ ДА ЗБОРУВААТ ЗА НИВ

Деца фантоми живеат во напуштените бараки на Основниот суд Скопје 2  во Бутел. Четиригодишниот Мемет  и едногодишната Умут  се невидливи оти мајка им Фирдес Исеиновска, 29-годишна, вели дека немала пари ниту можност да ги пријави. Ги родила двете деца во бараката што минатиот месец приватен инвеститор ја урна за на нејзино место да гради зграда. Во урнатините ѝ останале и оние документи кои ги имала, па сега за да ги пријави децата вели дека ќе треба прво да вади документи за себе и за сопругот, а за тоа нема пари.

„Не работиме ниту јас ниту маж ми. Живееме во баракиве веќе четири години. Се снаоѓаме за да се прехраниме од денес за утре. Не можам ниту социјална помош да побарам за децата оти немам документи“, се жали Исеиновска.

Единствен документ што го има за едногодишната Умут е белешка од докторот каде што ја однела неколку дена откако се породила во бараката. Ѝ останала и една стуткана и искината копија од нејзиниот извод на матична книга на родените. Сѐ останото треба одново да вади.

Ја затекнавме како им прави појадок на децата. Целата барака мирисаше на изгорен зејтин. Им правеше мекици.

„Немам што друго да им дадам. Ако се снајдеме за брашно, правам мекици, да ги држи“, ни рече Исеиновска.

Во единствената  просторија што ја имаат во напуштената судска барака број 13 покривот тече, па внимаваат на која страна ќе ги стават децата за ако заврне да не почне да капе врз нив. Бетонот на подот го прекриле со тепих, но Исеиновска вели дека студот се чувстува и преку него, а мирисот на влагата не исчезнува дури и кога со денови нема дожд.

Исеиновска не знае дека има рок во кој треба да се пријават децата по раѓањето. Не знае ниту дека непочитувањето на рокот значи казна за неа.

„Јас немам пари да за да преживеам. Од немаштијата и децата не ги пријавив. И за тоа требаат пари кои ги немаме. Барав од Министерство за труд некаква парична помош, макар и еднократна, никој не сака да ме ислуша, а не па да ми помогне“, на раб на солзи ни рече Исеиновска.

Нејзината вознемиреност ја почувствува малата Умут, почна да плаче. Се смири дури кога останаа сами во собата. Тоа ретко се случува бидејќи нивната соба се користи како влез во бараката која ја делат со уште неколкумина.

Во напуштените судски бараки има околу триесетина луѓе, многумина  болни, самохрани родители, самци, неколку трудници, а има и домско дете кое немајки каде да живее по напуштање на домот за деца без родители, засолниште нашло во една соба од бараките . Повеќето живеат без струја оти инсталации има само во некои простории. Вода има само во она што останало од некогашните судски тоалети. И покрај таквите услови, луѓето сместени тука се молат да не дојдат багери и да ги урнат бараките, оти и на нивно место се предвидени згради. Според планот, треба да бидат социјални, но тоа не им е утеха. Никој од нив не е оптимист дека можеби ќе добие стан.

Од Министерството за труд и социјална политика не добивме одговор на прашањата дали нивните служби знаат дека во распаднатите бараки живеат луѓе, деца без документи ниту пак кажаа зошто досега не нашле начин да им помогнат.

За проблемот со децата фантоми во старите судски бараки нема одговор ниту на прашањата што ги испративме до Министерството за внатрешни работи. Жителите на бараките велат дека многу често полицијата доаѓа да ги смирува кавгите меѓу нив, кои зачестиле по уривањето на бараките поради новата зграда оти сега сите се сместени во само три бараки, но не им прави проблем за тоа што се вселени на диво.

Народниот правобранител најави дека ќе отвори случај за сите луѓе што живеат во овие бараки.

Текстот е првично објавен на www.sdk.mk