„Јас не живеам, умирам“, 82-годишна жена со Паркинсонова болест меѓу социјалците во руинираните судски бараки во Бутел

„Јас не живеам, умирам“, 82-годишна жена со Паркинсонова болест меѓу социјалците во руинираните судски бараки во Бутел

kopce1

Осумдесет и двегодишна жена со скршен колк и Паркинсонова болест е сместена во најуништеното сопче од поранешната судска барака број 13 во Бутел. Тука е, оти бараката во која живеела на диво цели дванаесет години, малку погоре од оваа со број 13, од пред еден месец е урната за на нејзино место да се гради зграда. Мирослава Маташева била принудена и онака мизерните услови за живот, да ги замени за уште полоши.

„Јас не живеам, умирам“, вели Мирослава Маташева, покажувајќи каде сега живее.

butel baraki 2 650x439

Во сопчето нема прозор, на дупката за стакло се заковани даски. Нема ниту врата. Соседите ѝ закачиле едно ќебе за да не ѝ дува. Собата нема ниту таван. Над ѕидовите висат остатоци од стаклена волна, а низ отворените дупки на плафонот се гледаат азбестните табли од покривот. Нема струја, па Маташева вели дека не може да си го вклучи шпоретчето на кое си готвела јадење.

„Сега го чувам шпоретчето овде, до креветот, а за јадење се снаоѓам. Сѐ ми е на куп. Ме преселија соседите, јас сама на можам. Ми наместија, барем да имам каде да преспијам. Ова овде не е живот. Навечер, ќе се стуткам во ќебето и не мрдам додека не се раздени“, вели Маташева.

butel baraki 3 650x463

Таа оди со бастун, скршен ѝ бил колкот, но тоа не ја мачи. Вели дека се потпира и може да се движи. Има и видлива Паркинсонова болест. И се тресе целото тело, но и тоа вели ќе ѝ помине.

„Сега се тресам оти вака живеам, ова ме вознемирува. Да се сместам само некаде каде што ќе имам барем малку подобри услови и ќе се смири тресењето. Јас и би плаќала една соба, само да има кој да ми најде, не можам да барам во ваква состојба, а имам пензија. Земам 7.500 денари, ќе си плаќам, само мирно да живеам. Не мора да е во град, може и некаде на периферија, само да има услови“, вели Маташева.

Има син, но заминал пред 12 години во странство и никогаш повеќе не чула за него. Вели дека не знае ниту дали е жив. Има пријателка во близина која ѝ помага.

„Сега сум вака стокмена оти бев кај пријателката. Ме избања како мало бебе, ме потшиша, ми ја бојадиса косата. Овде нема топла вода за бањање. Има еден тоалет, сите одиме таму и толку“, низ солзи ни рече Маташева.

Се обраќала за помош секаде каде што можела, но никој не одговорил на нејзините молби.

ombudsman vaska bajramovska 400x282Министрството за труд и социјална политика две недели ги игнорира прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК за проблемите на луѓето сместени во поранешните судски бараки во Бутел. Нема одговор на прашањето дали службите од ова Министерство се обиделе да ја сместат 82-годишната жена во дом за стари лица. Маташева судбината ја дели заедно со уште триесетина луѓе на работ на егзистенцијата со мали деца, болни, самохрани родители, самци, неколку трудници, а има и домско дете кое немајќи каде да живее по напуштање на домот за деца без родители, засолниште нашло во една соба од бараките.

За нив случај отвори Народниот правобранител.

„Наша екипа направи увид во бараките. Констатираше дека во три од вкупно пет бараки живеат луѓе кои за себе велат дека се социјални случаи. Го задолживме Центарот за социјална работа да ни достави точна информација за бројната состојба и условите во кои живеат овие луѓе за, во зависност од тоа, да можеме да постапуваме понатаму. Им оставивме рок од најмногу осум дена за да ни достават информација. Обично ваквите извештаи ги бараме и во покус рок, од 3 до 5 дена, но овде им оставаме простор да излезат на терен, да ја утврдат моменталната состојба иако е апсурдно да немаат увид со оглед на тоа што подрачните единици на Министерството за труд и социјала се сместени во соседните бараки на истата локација“, вели Васка Бајрамовкса-Мустафа, Заменик-народен правобранител.

Текстот е првично објавен на www.sdk.mk