Првачето со посебни потреби пропешачи 2.500 километри одејќи на школо

Првачето со посебни потреби пропешачи 2.500 километри одејќи на школо

kopce1

Првачето Елеонора Младеновска од селото Враготурце, цела учебна година секој ден поминуваше по 4 часа во планина за да стигне на настава во соседното село Пелинце (Фото: СДК.МК)

Цела учебна година не се најде решение за проблемот со превоз на девојчето со посебни потреби од кумановското село Враготурце, кое пешачеше десетина километри дневно за да стигне на училиште во соседното село Пелинце.

Девет месеци првачето Елеонора Младеновска поминуваше по 4 часа во планина по непристапен и стрмен пат, на дожд и на снег, по ветер и магла во придружба на некој од домашните, затоа што надлежните државни и локални институции си ја префрлаа вината и не успеаја да ѝ обезбедат елементарни услови за образование како на другите деца во државата.

Според проста математика, Елеонора во текот на учебната година пропешачила 2.500 километри од својот дом во селото Враготурце до училиштето во соседното Пелинце. Дневно поминувала по речиси 13 километри во двата правци, тоа е 65 километри за 5 пет учебни дена од понеделник до петок. Ако во текот на месецот има 23 работни денови тоа е вкупно 309 километри или 2.781 километри за 9 месеци. Од тоа ако се одземе еден месец кој отпаѓа на зимски распуст и празници останува 2.472 километри.

kumanovo semejstvo 1 650x433Осумчленото семејство Младеновски, сите со големи оштетувања на видот и пречки во развојот, живее во голема беда во планинското село Враготурце (Фото: СДК.МК)

Таткото на Елеонора, Новко Младеновски, кој има целосно оштетување на видот, вели дека ако и во новата учебна година училиштето и Општината Старо Нагоричане не обезбедат превоз или не му дадат социјален стан, тој ќе мора детето да го даде во некоја институција или да не го пушта на училиште.

„Големи маки видовме оваа година. Се измачивме сите, но најмногу Елеонора. На почеток на годината едвај стигавме на училиште. Слаба е и не навикала да оди по 6-7 километри во еден правец и ја болеа нозете. Плачеше по цел пат, а јас не можам да ја носам на раце, ниту да ѝ помогнам. Неколку пати настина кога беше лошо времето. Пролетва, честопати не зафаќаше невреме и дожд, бидејќи попат нема куќи каде да се засолниме. Еднаш се изгубивме во снегот кога беше најстудено, па едвај се вративме дома“, вели Новко.

Тој вели дека дополнителен проблем за детето било тоа што не може да ги контролира физиолошките потреби и од ладното време често мокрела во облека, поради што морале цела зима да носат и дополнителна облека. Многу е благодарен на учителката и служителката што се грижеле за Елеонора како за свое дете, бидејќи го пресоблекувале и топлеле кога ќе стигнело премрзнато во училиште.

„Елеонора е многу мирно и мило дете. На почетокот беше много повлечена и плашлива, но сега се опушти и почна да се дружи со децата и да се социјализира. Сака да доаѓа на училиште и покрај тоа што многу ѝ е напорно. Сепак, таа е дете со посебни потреби за што поседува и медицински документ. Ние немаме посебна програма за работа со ваквите деца, туку постојаната ја прилагодуваме според нивните можности. Бара постојана работа и внимание, за да покаже минимални резултати. Ги научи буквите и броевите, а потешко ѝ оди сметањето. Моите очекувања не се големи, но заедно се радуваме на секој успех“, вели учителката Маја Цветановска од подрачното основно училиште „Христијан Карпош“ во селото Пелинце.

kumanovo semejstvo 3 650x433Елеонора е многу мирно и мило дете. На почетокот беше много повлечена и плашлива, но сега се опушти и почна да се дружи со децата и да се социјализира. Сака да доаѓа на училиште и покрај тоа што многу и е напорно, – вели нејзината учителка (Фото: СДК.МК)

Учителката вели дека во комбинираната паралелка покрај Елеонора учеле и две второоделенчиња и едно дете од четврто одделение, па имала доволно време да работи со нив и да им посвети поголемо внимание. Во училиштето доаѓало уште едно дете од селото Враготурце, но неговите родители го носеле со мотор или кола, додека Елеонора постојано пешачела поради приликите во семејството.

Осумчелното семејство Младеновки, сите со големи оштетувања на видот и пречки во развојот, живее на крајот на селото Враготурце на падините на Козјак, на надморска височина од 1.200 метри, на самата македонско-српска граница, 40 километри од Куманово. До куќата може да се стигне исклучиво со џип, по тесен земјен пат долг 15 километри кој го поврзува селото со регионалниот пат Пелинце- Куманово.

kumanovo ombudsman 400x225
„Побаравме градоначалникот да постапи согласно
законот, да обезбеди средства за превоз на
ученикот. По интервенција на градоначалникот,
родителот и превозникот се договориле, бидејќи е
крај на учебната година, парите што требало да ги
издвои за превоз да ги даде на семејството за тоа
само да организира превоз на детето, а за
наредната година да најдат решение. Сега
предметот ќе го затвориме, бидејќи се исцрпени
сите законски средства со кои располагавме.
Доколку не се реши проблемот наредната година,
повторно ќе реагираме“, вели Народниот
правобранител во Куманово Насер Весељи
(Фото: СДК.МК)

Поради лошата конфигурација и непристапноста на теренот до селото, превозникот кој го добил тендерот за превоз на ученици во Општината Старо Нагоричане, не организира превоз за двете деца од селото.

По објавување на приказната на САКАМДАКАЖАМ.МК на 13 февруари годинава, Народниот правобранител покрена преставка за случајот, но и тоа не го реши проблемот.

„Остваривме средба со градоначалникот и побаравме да постапи согласно законот, односно да обезбеди средства за превоз на ученикот. По интервенција на градоначалникот, родителот и превозникот се договориле, бидејќи е крај на учебната година, парите што требало да ги издвои за превоз да ги даде на семејството за тоа само да организира превоз на детето, а за наредната година да најдат решение. Сега предметот ќе го затвориме, бидејќи се исцрпени сите законски средства со кои располагавме. Доколку не се реши проблемот наредната година, повторно ќе реагираме“, вели Народниот правобранител во Куманово Насер Весељи.

Младеновски живеат во исклучително мизерни услови. Во распадната куќичка од триесетина квадрати, во две собички со оскуден и распаднат мебел, без кујна и бања. Поради тоа им е неопходно решавање на станбеното прашање. По објавување на нивната приказна, Црвен крст Куманово им помогна да поднесат барање за социјален стан, а по налог на владината Комисија за станбени прашања во Скопје, тим од Центарот за социјални работи извршил увид во домот на семејството. Младеновски се радуваат и се надеваат дека наскоро можеби ќе им се насмее среќата и ќе добијат стан во Старо Нагоричане или Куманово.

С. НИКОЛИЌ

Текстот е првично објавен на www.sdk.mk