„Јас сум учител на моите учители“

„Јас сум учител на моите учители“

kopce1

Вера Апостоловска, средношколка со церебрална парализа

Неколку минути пред 13 часот. Во училишниот двор на скопската гимназија „Орце Николов“ се слуша смеа од мала група ученици чиј поглед одеднаш се упатува кон влезната врата. Звукот од тркалата на училишната торба го најавува доаѓањето на девојката со убаво бело лице и сини очи.

Jas sum ucitel na moite uciteli 1

„Еве ја Вера, ај да одиме со неа. Прв час имаме математика, на трети кат. Ајде да и’ помогнеме со ранецот“ – паѓа спонтан договор меѓу учениците. 

Jas sum ucitel na moite uciteli 2

Вера Апостоловска има 16 години и е втора година гимназија. Има состојба на церебрална парализа што и’ ги отежнува моториката и говорот.

Jas sum ucitel na moite uciteli 3

Во оваа гимназија таа е единствената ученичка со попречености. „Имам огромна поддршка и од учениците и од професорите. Се чувствувам сакана и почитувана. Професорите се однесуваат со мене како со останатите ученици. Нема предрасуди. Само за оваа гимназија мојата состојба на беше проблем, само овде ми дозволија да се запишам“ – објаснува Вера.

Jas sum ucitel na moite uciteli 4

Професорите имале обука за работа со ученици со посебни потреби и употреба на асистивна технологија во образованието. „Вера е многу креативна, трудољубива и работи на различни активности, предавања и обуки“ - раскажуваат професорите и Сунчица Поповска, директорка на гимназијата „Орце Николов“, кои ја назначиле Вера како свој амбасадор за промоција на инклузивното образование за што сведочат и фотографиите за постигнатите успеси.

Jas sum ucitel na moite uciteli 5

Вера држи обуки на лица со попречености, на нивните родители и наставници за примена на информатичко-компјутерски технологии во образованието. „Јас ги учам моите професори и соученици. Имам обуки и надвор од Македонија. Знам германски јазик, бидејќи мајка ми е преведувач на овој јазик. Англискиот - слабо. Ниту едно приватно училиште не ми дозволува да се запишам на курс по англиски јазик“, вели Вера.

Jas sum ucitel na moite uciteli 6

„Мислам дека на луѓето со посебни потреби можам да им помогнам и покажам дека ако се сака се може. И јас сум како нив и можеме многу да промениме. Образованието е многу важно за сите нас“, вели Вера.

Jas sum ucitel na moite uciteli 7

Вера сака се’ што сакаат и останатите тинејџери на нејзина возраст. Не откри дали има симпатија. Ретко излегува во кафе бар или кино, но би сакала почесто да е дел од средношколските дружби со своите соученици.

„Неколку пати ме повикале. Може пак. Не е проблем да излезам навечер во кино или на кафе“, низ шега кажува Вера.

Jas sum ucitel na moite uciteli 8

Од спортот го обожава пливањето. Тренира секој ден, а е член и на Специјалната олимпијада на Македонија. Пешачи секој ден од училиште до дома. Факултетското образование ќе го продолжи на дефектологија. Себе си се гледа како стручно лице кое работи со лицата со попречености.

Jas sum ucitel na moite uciteli 9

Приказната ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Фотографија: Томислав Георгиев