„Јас ја избрав сексуалната работа, не таа мене“

„Јас ја избрав сексуалната работа, не таа мене“

kopce1

jas ja izbrav prostitucijata za profesija 1

Црната маска од сатен и цирконите на очите ѝ го криеше ликот, но не и насмевката и задоволството на оваа дама дека го работи тоа што го сака - нудење сексуални услуги, без да се плаши дали ќе добие ќотек или вербален напад. Таа беше една од шестте девојки кои играјќи во излог на булеварот „Св. Климент Охридски“ во Скопје, по примерот на „улицата на црвените фенери“ во Амстердам, порачаа да запре насилството врз сексуалните работници.

jas ja izbrav prostitucijata za profesija 2

„Дамата од излогот“, како што самата побара да ѝ се обраќаме, вели дека заработува од давање сексуални услуги од 19 години и, според неофицијалните бројки, е меѓу петте илјади сексуални работници во Македонија. „Не планирам да престанам зашто го работам добро. Никому не пречам, клиентите доаѓаат кај мене дома. Работам по огласи и препорака, со дискреција за клиентите. Оној што сака доаѓа, ужива и плаќа.“, ни рече Дамата од излогот.

jas ja izbrav prostitucijata za profesija 3

Но, пред пет години ја тепале и силувале. Адвокатот ја советувал дека и да пријави во полиција нема ништо да промени и на крајот таа ќе излезе виновна за клевета, бидејќи како проститутка не може да докаже дека била силувана и тепана. Само лани имало 11 пријави за напад во Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и невладината организација „Стар - стар“.

jas ja izbrav prostitucijata za profesija 4

Затоа таа и нејзините колешки протестираа за поголеми права на сексуалните работници, дефилирајќи низ центарот во Скопје по повод Меѓународниот ден за борба против насилството.

jas ja izbrav prostitucijata za profesija 5

„Кога пријавуваме во полиција ни се смеат, си тераат сеир во смисла `сама си го барала`. Ни велат - работи нешто друго, мети улици. Понекогаш и полицијата не` малтретира, дури и ни бараат бесплатни услуги доколку ни помогнат да избегнеме насилство од некој клиент. И така од едно лошо влегуваме во друга полоша ситуација на закани и уцени од луѓе кои работат во институциите.“ раскажува нашата соговорничка.

jas ja izbrav prostitucijata za profesija 6

Дамата од излогот вели дека единствено сака да престанат теророт и стигмата. „Оние кои осудуваат јавно, кај нас уживаат тајно. Ние сме ја избрале професијата и бараме заштита. Секоја регулација носи и права и обврски, па и за нас - од плаќање данок до редовни прегледи. Можат да не мразат што го работиме тоа, но никој нема право да не малтретира“.

Фотографија: Роберт Атанасовски
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии во соработка со Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и невладината организација Стар - стар.