fbpx

Екологијата да стане „Оче наш“ или ни нема спас

На незавидно ниско ниво е свеста кај македонските граѓани за потребата од заштита на животната средина и за опасностите што ги носат климатските промени и загадувањето по нашата цивилизација, а најдобар показател за тоа е отпадот на улиците и во природата кои се неизбежна слика насекаде во државата. Една од главните причини за тоа е што со години наназад екологијата како наука е многу малку застапена во основното и во средното образование, практика која доколку не се смени може да има несогледливи последици по природната средина и да доведе до загрозување на опстанокот на идните генерации.

Ekologijata da stane Oce nas ili ni nema spas 1Отпадот расфрлан на сите страни е редовна слика насекаде во нашата земја

За разлика од кај нас, многу земји во светот се будат во однос на овие опасности и преку реформи во образованиот систем бараат начин екологијата и одржливиот развој да бидат меѓу главните теми за изучување во училиштата. Со различни методи и програми тие се обидуваат најмладите да ги научат дека луѓето немаат резервна планета и дека од нивните секојдневни навики зависи иднината на Земјата. Тие сфатиле дека младите генерации кои утре ќе одлучуваат за државните политики мора да се освестат уште во најраните години за во иднина правилно да постапуваат по еколошките прашања.

Обединетите Арапски Емирати неодамна склучија договор со Меѓународната агенција за обновлива енергија за соработка при интеграцијата на одржливиот развој и обновливата енергија во образованиот систем на оваа земја. Во Велика Британија, надлежните образовни институции почнаа со имплементација на курсеви кои имаат за цел да ги подучуваат учениците за причините, ризиците и решенијата за климатските промени. Во Индија училиштата ги вклучија основните цели за одржлив развој на Обединетите Нации во нивните наставни програми и ги охрабруваат учениците за креираат решенија за исполнување на овие цели.

Еколошкото образование оставено на умешноста на наставниците

Во основните и средните училишта во земјава еколошките теми се изучуваат како дел од постоечките предмети и преку воннаставни програми односно најчесто преку реализација на проекти поддржани од странски донатори. Ваквиот начин на пренесување знаење во голема мера зависи од личните амбиции и умешноста на наставниот кадар.

Тоа го покажува и научниот труд „Корелација и интеграција на наставните содржини со еколошка тематика на часовите по англиски јазик во основното образование во Република Македонија“ изработен од Снежана Ставрева Веселиновска, професор д-р на Факултет за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Снежана Кирова, виш лектор при Филолошки факултет на истиот Универзитет.

Во овој труд се констатира дека учебниците се поделени на наставни теми кои обработуваат одредени содржини од областа на соодветниот наставен предмет и дека во рамките на тие теми се интегрирани и еколошки содржини, направена е корелација помеѓу нив и на тој начин им се доближуваат на учениците.

„Како и колку успешно тоа ќе биде направено сепак зависи од умешноста, односно од креативноста и инвентивноста на наставникот, неговите менаџерски способности за време на наставниот час, методите и техниките кои ќе ги користи, како и сите расположливи наставни и други ресурси сѐ со цел доближување на еколошките содржини до ученикот, подигање на еколошката свест и градење на еколошката култура“, се вели во овој труд.

Во него се укажува и дека воспитно-образовниот систем мора да биде во постојана функција на формирање на еколошките вредности кај учениците и дека се потребни континуирани обуки на наставниците во оваа насока.

Сепак, прашање е колку ваквиот начин на еколошко образување на учениците ја врши својата функција ако се земе предвид дека со голо око се забележува дека еколошките вредности се ниско развиени и кај младите и кај возрасните граѓани во нашата земја.

Ekologijata da stane Oce nas ili ni nema spas 2Единствено преку зголемено еколошко образование може да се сменат лошите навики кај населението

Еколозите бараат посебен предмет, надлежните не помислуваат на тоа

Во Министерството за образование и наука во однос на прашањето за застапеноста на екологијата во наставните програми и евентуално воведување посебен предмет екологија во основното и средното образование не упатија во Бирото за развој на образованието со образложение дека оваа институција е најповикана за осмислувањето на наставните програми во училиштата.

Од Бирото велат дека воведување на екологија како посебен предмет не се планира, но дека се зголемува застапеноста на оваа материја крос-курикуларно односно во повеќе различни предмети и преку воннаставни активности.

За разлика од надлежните институции кои се носители на политиките во образованието, еколозите и експертите сметаат дека е дојдено време за пресврт во однос на застапеноста на екологијата во наставните програми.

Митко Караделев, професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје вели дека воведувањето на екологијата во образованието е повеќе од потребно со оглед на тоа што досегашната практика покажува дека оваа тематика не е доволно застапена во наставата, а за тоа најдобар показател е што свеста за заштита на животната средина не е на доволно високо ниво.

„Во светот се` повеќе се зголемува застапеноста на екологијата во образованието и не гледам причина зошто тоа не би случило и кај нас. На ПМФ има посебен оддел за екологија и млад научен кадар кој има доволно енергија да изработи прилагодена програма односно учебници за основното и средното образование по кои би се одвивала наставата“, вели Караделев.

Од Македонското еколошко друштво (МЕД) на прашањето дали постои простор за поголема застапеност на екологијата во основното и средното образование велат дека делови од екологијата како наука во моментов се присутни во претшколското образование и во предметите по природни науки и биологија во основното образование.

„Она што недостасува е еколошка едукација којашто како процес на учениците им ја подигнува свеста и знаењето за животната средина (вклучувајќи го односот на луѓето со природата), притоа поттикнувајќи развој на вештини, ставови и мотивација за носење на информирани одлуки и активности чија крајна цел е создавање на свесни граѓани за животната средина“, велат од МЕД.

Оттаму додаваат дека во таа насока активностите поврзани со учење за чиста животна средина, биодиверзитетот и почесто престојување во природа секако треба да се зголемат со цел промена на негативните навики и одговорно однесување.

„Еколошката едукација започнува од семејството, а потоа треба да се развива и во образовните институции. Фокусот на еколошката едукација на децата и младите е од стратешко значење бидејќи на таа возраст младите најмногу може да се насочат на одговорно однесување, но истовремено да влијаат и на однесувањето на нивните родители во поглед на чиста животна средина, управување со отпадот и сл.“, велат од МЕД.

Од оваа организација укажуваат дека процесот на еколошка едукација може да се одвива преку формален, неформален начин или преку процес на учење надвор од училиштето.

„Екологијата и еколошката едукација може да се вметнат и во други предмети како што се математика, музичко, македонски, ликовно или физичко. Терминологијата или пак нејзиното издвојување како посебен предмет не е неопходно се` додека оваа едукација се вметнува во други предмети и се спроведуваат посебни активности во оваа смисла. Во поглед на еколошката едукација сметаме дека овој тренд и во светот во последните три декади постојано расте и добива на значење, а со тоа и материјалите достапни за наставниците се зголемуваат. Еколошката едукација како пристап треба да биде присутна и во буџетските програми на општините како одговорни институции под кои гравитираат градинките и основните училишта. Во таа насока особено потребни се тренинг програми за наставници и лица вработени во општините со цел подигнување на нивото на еколошката едукација во земјава. За да се подигне нивото на еколошката едукација во образовниот систем потребен е интегриран пристап од страна на општините, училиштата, невладините организации и експертите, а ова секако е долгогодишен процес којшто во иднина би создал информирани, самосвесни и одговорни граѓани“, велат од МЕД.

Како позитивни примери за изучување на екологијата во образовните системи од МЕД ги посочуваат Нов Зеланд, скандинавските земји, Германија и Канада, кои според нив, се едни од најнапредните земји во поглед на еколошкото образование и создавање на услови за учениците да учат и сознаваат за природата и животната средина преку експерименти, проекти како и подолги и чести посети во природа.

„Во овие земји обуката за наставниците е од исклучителна важност од една страна, а училиштата се поврзани и со активностите на заедницата од друга страна. Во иднина подигнувањето на еколошката свест во рамки на образованието ќе биде од особена важност, а тоа би се постигнало преку спроведување на индивидуални или групни проекти и секако мотивација на учениците за истражување и делување и секако активности во природа. Од друга страна, Словенија е одличен пример за јавна еколошка свест каде што земјата на најдобар начин ги користи природните ресурси и на тој начин обезбедува добробит за своите граѓани. За ова беше објавено и истражување во коешто Нов Зеланд, Норвешка и Словенија се најдоа во топ три држави во коишто постои целосна посветеност на владите кон зачувување на природните ресурси“, велат од МЕД.

Оттаму информираат дека Македонското еколошко друштво има програма за еколошка едукација во рамки на којашто досега се изработени повеќе едукативни пакети за ученици и наставници во насока зачувување на различни животински и растителни видови и нивните живеалишта.

„Таков е пакетот за балканскиот рис и едукативниот пакет за птици. Во рамки на повеќе проекти се развиени и едукативни патеки за ученици како патеката на клукајдрвчето на Осогово, едукативни и информативни книги за растенија, и поставени се информативни табли за значајни растителни видови на значајни локалитети во земјава“, додаваат од МЕД.

Ваквите позитивни примери треба да бидат лекција за надлежните институции и носителите на политики кои очигледно ни самите не се свесни за опасностите што ги носат климатските промени и загадувањето предизвикани од човечкиот фактор.

Тоа што актуелната власт не помислува на воведување посебен предмет екологија во основното и средното образование, како и фактот дека минатата владејачка гарнитура побрза да воведе веронаука во училиштата во период кога македонските градови се наоѓаат на врвот на листите на најзагадени во светски рамки, доволно говори за свеста на македонските политичари во однос на еколошките прашања.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Владимир Николоски Фотограф: Томислав Георгиев

Тагови: