Офицерски дом срамот на Битола

Офицерски дом срамот на Битола

kopce1

Офицерски дом во Битола е срам за Градот на конзулите. Сјајот и раскошот на некогашниот гламурозен објект се заменија со крш и пустош, а убавината стана грдото лице на градот. Ова е сликата за Офицерскиот дом во Битола после повеќе од еден век од  неговата изградба. Најубавиот архитектонски бисер на Широк сокак e целосно запуштен и претворен во руина, во исто време буди чувство на сожалување, но и гнев кај минувачите.

 

Од Офицерскиот денес не остана многу, ниту од  раскошната фасада, ѕидовите се испукани и мувлосани, прозорците искршени, паркетот откорнат...  А, за несреќа не потраја ниту кристалниот лустер што го наследи Битола од Офицерскиот дом  во Скопје во 1973 година. Лустерот лани падна од таванот и се искрши под неразјаснети околности.

Локалната власт пред шест години најави дека ќе изработи  проект за санација и обнова на објектот, зградата да се стави во функција за содржините од „Битолското културно лето“. Ниту тогаш, ниту сега никој не незнае колку пари ќе проголта реставрацијата на Офицерски,  ниту пак, дали некој ќе понесе одговорност за запоставувањето на објектот кој е споменик на културата од прва категорија.

Како Офицерскиот дом, кој е споменик на културата од прва категорија, стана руина?

oficerski_dom1
Советникот на СДСМ од Битола, Благојче Котевски, како еден од иницијаторите за издвојување на пари од општинскиот буџет за санација на Офицерски, вели дека негрижата на власта кон ова културно наследство  го направи најголемиот срам за Битола.

„ДПМНЕ повторно гласаше против ставањето на Офицерски дом како дел од програмата за култура во 2017 година. На денот кога се носеше буџетот за 2017 година, буџет кој е предвиден на 27,5 милиони евра, побаравме околу 100 до 200 илјади евра, да се пренаменат за реконструкција и санација на Офицерскиот дом. Тоа што го имаме барем да го заштитиме од понатамошно уништување. И тој амандман беше одбиен. Во моментите кога баравме да разговараме на оваа тема во Советот, идејата беше да покрениме низа на информации , кој е одговорен за Офицерски. Едноставно сите креваат раце од културно наследство од прва категорија“, обвинува Котевски.

Точно пред една година, власта објави дека ќе го продава Офицерски, продажбата ја најави по пат на електронско јавно наддавање, почетната цена беше 930 000 евра. Но, битолчани се кренаа на нозе, поради емотивната поврзаност со  овој објект и побараа Офицерски да остане во државана сопственост и да им служи на граѓаните.

Власта потроши 560 милиони евра за ’Скопје 2014‘,Битола заслужува барем  еден до два милиони евра од државниот буџет  за санација на овој објект, регираа граѓаните.

-Не треба да се продава, тој одамна е споменик на Битола. Мислам дека треба да си остане и понатаму како Офицерски дом. Да се обнови, да заличи градот, ќе биде убаво. Да остане во функција, како што беше пред 30 до 40 години, собиралиште на младите. Да биде споменик на културата. Тој објект да остане и да се намени за нешто. Да не се продава-порачуваат граѓаните.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ , Никола Груевски веднаш по реакцијата на битолчани најави 2 милиони евра за санација на објактот. По него и градоначалникот на Општина Битола , Владимир Талески соопшти дека Офицерскиот дом ќе прерасне во куќа на културата во која ќе се одржуваат различни културни настани, театарски претстави, концерти... Но, до денеска ништо не се случи.

Советниците од власта, иако  ги одбија иницијативите на опозицијата од буџетот да се издвојат пари за санација на штетите во Офицерскиот дом, не се штедеа да  ги поддржат ветувањата на градоначланикот Талески за обнова на објектот.

„Офицерски веќе влезе во програмата на централната власт“, изјави Соња Карапашовска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ од Битола.

vizuelizacija3

Офицерски заштитен само на хартија

За битолчани Офицерскиот дом е како дете без родители, бидејќи често се менуваше неговата сопственост. Во чија сопственост е сега Офицерски и што власта планира да направи со него, не добивме одговор од Општина Битола иако прашањето го поставивме пред еден месец и имаа обврска според Законот за слободен пристап до информациите да одговорат на нашето барање.

Градоначалникот Талески и неговата администрација молчат што со Oфицерскиот дом во Битола. Во меѓувреме објектот е оставен на милост и немолост на несовесните граѓаните, иако ЈП Комуналец од Битола ја доби задачата за негово физичко обезбедување.  Но, и ние самите се уверивме дека  во него полесно се влегува одколку во кафеана.

vizuelizacija_luster

Последната информација , од Завод и музеј Битола е дека кристалниот лустер е пренесен во музејот и за него ќе се прави проект за реставрација, но кога и како ќе се обновува засега јавноста нема информации.

Инаку Офицерски, останува силно врежан во колективната меморија на битолчани. Лани наместо на културни настани, Офицерскиот дом во Битола  беше сведок на протести. Од таму прва тргнуваше „Шарената револуција“, а потоа стана зборно место и на учесниците во контрапротестите.

Битолчани со право велат дека кога ѕидовите би зборувале, тогаш за Офицерски би се напишале најромантичните, но и најсрамните приказни за конзулска и современа Битола.

[audio mp3="http://kanal77.mk/wp-content/uploads/2017/01/Blazevska-proekt-Oficerski-20-jan.mp3"][/audio]

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 

britanska ambasada