„Розевата“ Битола во филмот за Талески

„Розевата“ Битола во филмот за Талески

kopce1

Битола не стана филмски град, ама ќе ја има во филмот на градоначалникот на заминување Владимир Талевски, кој е на истекот на неговиот трет мандат. За филмот за проектите на Талески, општината ќе потроши 8000 евра. Опозицијата овој проект го нарече „голема лудорија“, а дел од битолските интелекуталци бараат контра филм за најавените а нереализирани проекти.

Kлима и предели што се менуваат на секои дваесеттина километри, филмски професионалци, лесна достапност до филмски локации, богато културно наследство, eфтини услуги,…вака звучеше маркетинг промоцијата на еден од проектите на битолскиот градоначалник Владимир Талески насловен како „Филмленд”, кој се нудеше на странските филмаџии пред десеттина години и кој од градот под Пелистер требеше да направи  филмски центар, а од поранешната касарна големо филмско студио.

-Овој филм ќе преставува една голема пералница, со која Талески ќе се обиде да се испери за своето дванаесет годишно неработење.

Валентин Груевски, советник на ЛДП во Битола

Оваа  замисла на битолскиот градоначалник од  почетокот на прилогот, не се оствари, барем не онака како што тој зборуваше,  но,остана желбата на Талески, Битола да ја види во филм. Па, градоначалникот инаку актер по професија, последните недели со пари од општинската каса , посака да снима документарен филм за 12 години од неговото владеење. Нарачката за снимање и монтажа на документарен филм  насловен како:,,Развојот на Битола 2005-2017 “, кој ќе чини  над 8 илјади евра, ја дигна на нозе битолската политичка сцена, а побуди интерес и кај пошироката јавност во државата.

Според  нарачката за документраниот филм на Талески, тој треба да се фокусира на истражувачкиот  поглед во минатото, пред 2005 година, за можностите и ограничувањата  на општината и да даде широк поглед на околината , ама и  визионерски , долгорочен поглед во иднината.

Филм и контрафилм

По пример на практиката на протести и контрапротести, дел од битолските интелктуалци велат дека ако се сними филм за Битола, виден низ „рoзевите очила“ на Талески, тие би сакале контрафилм.

Прво решение за аерозагадување и пепелта од РЕК, па после филм

Граѓанскиот активист Иван Чулаковски , учесник во протестите за чист воздух во Битола, како и во „Шарената револуција ” и протестите за оставка на Талески, вели дека  толку е сериозна  сликата за развојот на Битола , што не е за снимање на филм.

-Незнам колку долг период ќе треба да помине за Битола да го врати сјајот што го имаше. Да се опорави од сето ова што се случи,за жал нема да ја видиме Битола во добро  светло за брзо време. Мора власта да почне да ги слуша желбите и потребите на битолчани. Најпрво мора да се реши проблемот со аерозагадувањето, да се реши пепелта од РЕК, мора да се направат испитувања на почва и вода, кои никој досега не ги направил, навистина  не знаеме што јадеме. Многу е сериозна  работата  не е за филм снимање, изјави Чулакоски.

-Филм за нагрденото лице на градот, опустошената чаршија, за уништениот Офицерски дом, за запуштениот простор што требаше да стане филмски град, за сите најавени а нереализирани проекти на актерот кој глумеше градоначалник“, рекоа познати битолчани.

Дали во филмот Талески ќе  даде отчет за  ветените , а нереализирани проекти

Политичарите од опозицијата, пак,  прашуваат  дали во филмот ќе се зборува и за ветените , а нереализирани проекти во трите мандати на  Талески. Особено за  ветената гасификација, и топловодот за намалување на загадувањето, подземните гаражи, урбанизацијата на поранешната касарна, хотелскиот комплекс на Пелистер од страната на Ниже поле, реконструкција на пругата Битола- Кременица, грчка граница… Обнова на Офицерскиот дом, Копанки, дупките по улиците…

-Снимањето на ваков филм во овој момент преставува една голема лудорија, во време кога на Битола и фалат основните, а и многу други работи, со овој филм да се глорифицира работата на Владимир Талески. Од друга страна во овој период ништо не се развиваше , Битола се најде на дното на македонскиот развој. Овој филм ќе преставува една голема пералница, со која Талески ќе се обиде да се испери за своето дванаесет годишно неработење, рече Валентин Груевски, советник на ЛДП во Битола.

Талески од свој џеб да си го плати филмот

Барањето на опозицијата, филмот да не се снима со пари на граѓаните, туку Талески сам да си го плати од сопствениот џеб,  не беше прифатено од владечкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ. Напротив советниците на ВМРО-ДПМНЕ нашироко зборуваа за достигнувањата на градоначалникот.

-Во 2005 година не оставивте никакви капитални инвестиции, оставивте руиниран град. За овие 10 години направивме многу, убаво беше да оставевте и да се споредуваме, како беше тогаш како е сега. Меѓутоа тешката артилерија на внатрешните и надворешните сеачи на магла, успеа да не доведе во ситуација, наместо да размислуваме за еконимија, за нови инвестиции , за нови работни места, ние сега размислуваме за опстанок на државата,која после вековната борба на македонскиот народ и опстојување од само 25 години, за жал , сме на дофат да ја изгубиме засекогаш,рече Соња Трпезановска , советник на ВМРО-ДПМНЕ.

Ако веќе филмот ќе се снима, да има и збор – два за СЈО и притворот на градоначалникот

Кога веќе советниците од власта дадоа зелено светло филмот за владеењето на Талески да се снима со парите на битолчани, опозицијата побара во него да стои и  истрагата на Специјалното јавно обвинителство  за криминалот со бесплатниот школски превоз во Битола , за кој Талески , секретарот на Општината Слободан Бончановски и уште дваесеттина директори на училишта и превозници се осомничени за злоупотреба на 360.000 евра, пари од буџетот.

-Ставете го во филмот делот кај што го бранете криминалот на Талески со транспаренти и делот кај што ги помина три месеци во домашен притвор. Бидете херои ставете го тој дел, повика советничката од опозицијата , Габриела Илиевска .

Претседателот на битолскиот Совет, на ова возврати: Исто во филмот ќе ги ставиме цели  ишарани објекти од вас, рече Ангелевска.

Документраниот филм за владеењето на Талески за изминатите 12 години, според најавите треба да биде снимен до крајот на април годинава, по што прашање на време ќе биде кога ќе биде претставен пред  јавноста.

 

Автор: Kanal77.mk

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 

britanska ambasada