Министерот за образование Љутвиу ја кочи правдата за сиромашна студентка одбиена за стипендија

Министерот за образование Љутвиу ја кочи правдата за сиромашна студентка одбиена за стипендија

kopce1

Студентката која сега ќе магистрира, како средношколка со одличен успех и од сиромашно семејство конкурирала за стипендија, а откако е одбиена 7 години бара правда. Случајот е заглавен во Управниот суд, бидејќи Министерството за образование и наука одбива на судот да му го достави предметот, а не му одговара ни на Народниот правобранител


Студентка од Скопје, која е на постдипломски студии и наскоро ќе магистрира, седум години бара правда пред Министерството за образование и наука, Владата и пред Управниот суд, зашто со образложение дека „е направена грешка во нејзиниот случај”, во 2010 била одбиена за две студентски стипендии. Како средношколка со одличен успех и од сиромашно семејство, таа конкурирала по двата основа, за стипендија од категорија А по успех и по категорија Б поради лоша материјална состојба во семејството.

Резултат на нејзината голгота е постојано одбивање на нејзините приговори, апсурдни ситуации и изговори од надлежните институции, немајќи одговор зошто без аргументи ја одбиле и заглавен случај и ден-денеска во Управниот суд, бидејќи Министерството за образование и наука одбива на судот да му го достави предметот на одбиената студентка.

bivsata zgrada na NM sega vlada 2 650x433
Поради ова, родителот на оваа девојка поднел претставка кај Народниот правобранител Иџет Мемети, како последна надеж дека правдата ќе биде задоволена, вели тој за САКАМДАКАЖАМ.МК.

„На крајот и да успееме, и да ги добие моето дете парите кои оваа држава како на талентиран ученик ѝ ги украде, не можат тие нејзини солзи да ги исплакнат, но надежта последна останува”, вели таткото на магистрантката. Тој бара анонимност, исто и за оштетената ќерка, бидејќи таа како дипломиран студент со високи оценки конечно нашла ангажман во чувствителна институција, па се плашат да не биде откриена и избркана од работа.

Во 2010, на почетокот на студиите девојката конкурирала за стипендиите од категориите А и Б. Конкурсот го објавило Министерството за образование и наука. Конкурирала со, до ливче, сосем исти документи. Ја одбиваат за првата, под образложение дека имало поодлични кандидати од неа, а истите документи во ситуацијата со другата стипендија, по сиромаштија, ги прогласуваат за некомплетни и ја одбиваат.

„Ќерка ми плачеше зашто е одбиена, прашуваше зошто не ми одобрија стипендија, кога и по двата основа сум на врвот на листата. Немав одговор и отидов во МОН, им воочив дека една иста документација ја гледале различно. Ми ветија дека ќе ја исправат грешката, ме упатија да се жалам во тогашната Второстепена владина комисија. Одлучивме да се жалиме само по основ на материјална положба, како посигурна варијанта, бидејќи условите моето дете ги исполнуваше”, вели родителот.

Но, во Владата се случил најголемиот шок за семејството.

„Како и МОН, и владината комисија ни ја одби жалбата со образложение дека ‘успехот на кандидатката бил толку и толку, а требало да биде волку’. Се шокирав колку неписмени луѓе имало во Владата. Ние се жалиме само за стипендијата од категорија Б, по основ на лоша материјална состојба, а тие одговараат за успехот. Замислете, тие воопшто не ја ни прочитале нашата жалба. На ѓутуре онака само ја одбиле и треснале глупост внатре, само колку да има некакво образложение. За едно се жалите, во образложение ви пишуваат сосема трето“, револтирано вели таткото на одбиената ученичка.

Тој вели дека кога видел со какви расипани и неписмени луѓе има работа, поднел тужба до Управниот суд. „Немав партиска книшка да добијам 5 минути внимание во владината комисија, се откажав од терање правда таму“, вели таткото.

„Родителот на девојчето веднаш по ова, во 2011 година поведува спор пред Управниот суд. Таму предметот застанува, бидејќи Министерството за образование и наука не му ги праќа списите, за да не се донесе одлука. Пракса што се користи со години”, вели Зоран Билбиловски, државен советник кај Народниот правобранител.

ZORAN BILBILOVSKI 400x395 Кога Омбудсманот реагирал кај Управниот суд и оттаму му било кажано дека МОН не им го дава предметот на одбиената стипендистка, се обратил и до Министерството, но бадијала.

„Управниот суд во 2014 решава, тужбата ја уважува и ја поништува второстепената владина одлука. Првата пресуда е на 9. 01. 2014”, вели Билбиловски.

Тогаш престанала да важи оваа второстепена комисија, но и новата Државна комисија не сакала да донесе нова одлука за случајот, согласно пресудата на Управниот суд.

„Странката, по сугестија на Народниот правобранител, повторно се обраќа до Управниот суд, со барање судот да донесе акт за исполнување на пресудата. Во октомври истата година, Управниот суд го прифаќа ова барање и носи решение. Ја уважува жалбата и го поништува решението на Министерството за образование за одбивањето на стипендијата Б по категорија на сиромаштија. Наложува случајот да се врати на повторно разгледување и одлучување”, вели Билбиловски.

Одбиената студентка, нормално со висок успех, во меѓувреме ги привршува студиите, а нејзината потрага по правдата низ институциите кои требашеда ја мотивираат и помогнат, се враќа на почеток.

Повторно Народниот правобранител интервенира, како што се менуваат министрите за образование и наука.

„Од 2014 година предметот е во Министерството за образование. Не се реши до денеска. Не мрда од таму. Во февруари, лани ексминистерот Абдулаќим Адеми му одговори на Омбудсманот дека ќе се разгледа предметот повторно. Од наследникот Пиштар Љутвиу, кој стапи на функција на 5 април, 2016, нема до денеска ништо. Студентката дипломираше, сега и ќе магистрира”, вели државниот советник Зоран Билбиловски.

С. К. ДЕЛЕВСКА

Текстот е првично објавен на www.sdk.mk