„Реформите“ го вратија високото образование во Македонија 20 години наназад

„Реформите“ го вратија високото образование во Македонија 20 години наназад

kopce1

Mасовизација со инфлација на дипломи и дипломирани луѓе што не знаат елементарни работи од тие додипломски студии, е описот кој што го дава професорот Абдулменаф Беџети за високото образование во Македонија. Според него, реформата што се прави е про-форма, без да се навлегува во суштината. Во разговорот за МКД.мк зборува за клиентелизмот во високото образование, за перењето пари, за асиметријата меѓу омасовувањето и потребите на пазарот на трудот, за немањето волја кај политичарите да се справат со реалните проблеми...

 

Пред извесно време говоревте за наводни реформи во високото образование. Што е навистина реформирано во високото образование, а што наводно? Што не е направено?

-Неколку пати сум ја употребил оваа квалификација „наводно“, во смисла дека ние пред 4-5 години почнавме процес на реформи на образованието што беа повеќе од нормативен аспект. Јас го нарекувам тоа реформа про-форма, без да се навлегува во суштината на високото образование, почнувајќи од самото дизајнирање на наставната програма, која треба да биде согласно со потребите на пазарот на трудот, потоа подготовка на наставниот кадар просторни и технички предуслови за високо образование. Овие три столба ги сметам за неминовно потребни ако сакаме во суштина да правиме реформа, а не про-форма.

А што направивме? Воведовме законска норма за практични знаења, 1/3 наводно клиничка настава, без да подготвиме апсорпционен капацитет на институциите и економијата каде што се реализира. Но и тоа остана про-форма. Некои универзитети кои се масовни, од типот на УКИМ, каде што има 1.300-1.400 студенти во една студиска година, замислете како ќе ги распоредуваат за 1/3 од наставата да биде клиничка настава. Тоа е невозможно и не се реализира. Тоа е форма.

Исто така, се оди до крајност, при што долго време по завршување на студиите, на некој пропаднат студент кој сака сега да стане магистер или доктор на науки, му се дава право да се врати да дополага, дури и 20 години по завршувањето на факултетот за да го покачи просекот повеќе од 8 како предуслов за регистрирање за магистратура. Сето ова е про-форма за да се овозможи таквите промени да влијаат конјуктурно кај одредена таргет-група на луѓе што сакаат откако пропаднале во политиката да влезат во образованието. Затоа сега има плејада на денешни професори, пропаднати политичари. Не се изземам тука самиот, и јас лично ѝ припаѓам на една таква категорија, но со одредени критериуми. Но не можам да сфатам како може некој да биде универзитетски професор ако на додипломските студии имал просек од 6,5.

 
Има такви случаи?

-Има многу.

Зборувате за приватните или за државните универзитети?

-Не само приватните, туку и на државните, има колку сакате. Цела една плејада на пропаднати политичари отидоа во Штип, Охрид, каде не, па и во самиот УКИМ. Но има и една нова плејада на млади професори, и морам да кажам секоја чест за некои од нив.

Политички клиентелизам и инфлација на дипломи

Каде е причината за ваквата состојба?

-Причината е во опортунистичкиот однос на високото образование. Сменети се раководствата од ректор, па до декани. И кога имате ваш менаџмент во структурата на универзитетите можете да замислите како се внесува субквалитет, субстандард.

Зарем не е тоа клиентелизам?

-Апсолутно. Што би било друго, освен политички клиентелизам. Значи на некој од мојата елита, од мојата партија, од мој „сој“, да му овозможам да ми биде благодарен и политички лојален, да го наместам некаде каде што ќе биде сигурен и обезбеден, конјуктурен. А посигурен од високо образование, со релативно добри плати, малку работа, нема никаде.

Каде води сето тоа? Кога со еден збор би требало да го опишете високото образование во Македонија сега, кој збор би го употребиле?

-Еве каде нѐ води. Јас би го опишал како масовизација со инфлација на дипломи. Ние денеска имаме инфлација на дипломи. Има дипломирани луѓе што не знаат елементарни работи од тие додипломски студии. Тие што завршуваат така не заслужуваат да имаат диплома, а не да бидат нешто повеќе.

Тие истите луѓе што станале на ваков начин професори треба утре да напредуваат. Како напредуваат?

-Преку наметнување во бордот за акредитација. Вие и поединечно, индивидуално се акредитирате. Тоа значи дека секој поединец, професор што треба да предава на магистерски студии, кои патем денеска се масовни студии исто како и додипломските, треба да биде акредитиран во тоа тело. Ако не бидете послушен или обоен, ризикувате... Зборувам за младите професори почетници во делот на унапредувањето од доцент во вонреден професор. Треба да е послушен, конјуктурно поврзан или најмалку што се бара од нив е да затворат уста. Жално е тоа што се прави.

Во однос на сето ова што го зборувате, каде е Македонија во високото образование во однос на западноевропските стандарди што се стремиме да ги достигнеме?

-Точно така, се стремиме. Но пред да направам таква споредба, би рекол каде е Македонија во однос на тоа каде беше пред 20 години. Мислам дека е уназадена. Гарантирам за тоа. Во однос на квалитет, на пример, и масовниот пристап. Ако процентот на запишување е 96% од тие што завршуваат средно образование, а тоа е од вкупниот број бидејќи е задолжително средното, може да замислите што се случува. Не е проблем што се запишуваат, им се дава еднаква шанса, лошо е тоа што доминантно и дипломираат. Видете го влезот и излезот. Се јавува инфлација на дипломи. Морам да кажам дека не е лошо што влегуваат, лошо е што излегуваат без соодветно знаење. Во однос на овие масовни критериуми на дипломирање денеска ние сме многу поназад од пред 20 години.

А во однос на светот, несоодветно е да се споредуваме, навистина е многу несоодветно, зашто таму се води поинаков концепт. Прво не може секој да влезе на секој факултет, има претходна селекција, приемни испити и други бариери. Втората селекција е во однос на тоа кои студиски програми ги селектираат и ги нудат. Таму на пример, го нема овдешното правило „ќе учите исклучиво од оваа (мојата) книга“. Таму книгата на одреден професор се препорачува последна. Овде 90 отсто од професорите ги гледаат студентите дали ги носат нивните книги, кои се поскапи од германските (најевтината кај нас е 20 евра), што е нонсенс.

Дисперзирањето студии е политички чекор, а не реална потреба 

Не може ли тоа некој да го запре?

-Нормално дека може, но зошто да го запре ако имате за цел популизам во високото образование. Високото образование само по себе е елитизам. Селекција при влез, а потоа и резултатот од учењето со кој треба да излезе од факултетот. Овде се прави еден вид „упросечување“, механичка реформа со популистичка политика, а резултатот е она што се случува денеска. Денеска имаме големо несовпаѓање со пазарот на трудот. Тоа што им треба на работодавците и на странските инвеститори не можат да го најдат во Македонија. Тоа што им се нуди, пак, не им треба и не е квалитетно, бидејќи масовна е појавата многу дипломирани луѓе да немаат елементарни знаења.

Што се постигна со масовното дисперзирање студии и отворањето нови универзитети, колку е тоа политички чекор, а колку реална потреба?

-Tоа е на некој начин елитните институции да ги однесете во секоја ливада, метафорички кажано, за да не се „заморат“ студентите да дојдат во урбани средини и центри. Да имаш статус на студент не значи само чисто учење. Тоа значи култура, социјализација, урбанизација на поединецот. Затоа и универзитетите биле во главните градови, кои навистина имаат што да понудат. Тоа е целта на универзитетот. А ние што направивме? Тоа е чисто политички чекор, а не реална потреба. Од Тетово до Струга нема гратче што нема дисперзирана програма, исто и во Источна Македонија.

Владата оваа одлука ја оправдуваше со можноста секој да студира, но многу професори и експерти сметаат дека штетите од ваквата политика допрва ќе се почувствуваат...

-Концептот е грешка. Ако оваа масовизација во пристапот ја правдате со една можност, а без критериуми, тоа е лудница. Не може да очекувате резултат. Да им дадете еднакви можности, да, но со одредени предуслови. Тој што ќе ги постигне ќе има можност. Не можете да обезбедите на 95% од завршените средношколци да бидат на факултет,бидејќи, без навреда за некого, „не се дадени од Господ сите за високо образование“. Еднаква можност да, но под одредени критериуми. Некој ќе рече, дека западниот систем по оваа логика е дискриминаторски систем, но има критериум.

Друга работа е како функционираат овие дисперзирани студии. Треба многу инвестиции за лаборатории на пример, а ние немаме елементарни услови ни во основните училишта, а да не зборуваме за факултетите.

Колку омасовувањето на високото образование одговара на потребите на пазарот на трудот, со неопходните профили и колку тие кадри се (не)подготвени, ако се земе предвид како котираат универзитетите од Македонија?

-Веднаш ќе ви кажам дека не е соодветно, пазарот на трудот станува асиметричен. Нудиме масовно профили што не му се потребни на пазарот на трудот, а нема соодветна побарувачка. Тоа е асиметрија меѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот. Се поставува дилемата кој е крив, каде е грешката, дали во образованието или во пазарот на трудот. Не би рекол дека грешката е во последицата (пазарот на трудот), туку во причината (образованието). Од друга страна, и тоа што го нудиме не е соодветно, па така, студентите учат сѐ, и што треба и што не треба, а 95 отсто од тоа никогаш нема да им биде потребно. Додека она што им треба го немаат.

Ако се земе предвид практиката на лесно купување семинарски, дипломски, магистерски па и докторски трудови, која се чини никој не се обидува да ја спречи, како може квантитетот да се претвори во квалитет? Како да се мотивираат студентите?

-Менталниот склоп на студентот, по природата на размислувањето, е следење на линијата на помал отпор, проодноста, оценката. Секоја чест за оние 10-20 отсто студенти што размислуваат поинаку, се гордеам со нив. Кој слој од студентите го прави ова? Секогаш ќе имате 20-25 % што ќе сакаат да платат за тоа. Но проблемот не е до нив, тоа е проблем до капацитетот на контрола од страна на наставникот. Немаат систем на контрола. Затоа има деканат, ректорска управа, сенат. Ама видете кои луѓе и како се донесени таму. Пак доаѓаме до политиката. Тие што ги носат одлуките, креатори на политики, се политичарите, министер за образование, вицепремиер...

Промашена работа, а не промашена идеја

Ако сѐ е вака како што велите, зошто тогаш се трошат милиони и милиони евра за преведување стручна литература, за кого?

-Тоа се вредни автори и мислам дека е многу подобро да има одличен превод на една добра книга, отколку да напишете ваша и да им ја продавате на студентите. Идејата не е лоша, ама таму не требаше да се прави индустрија за перење пари. Знаеме кој го правел тоа и како се преведувало со помош на гугл транслејт, па во тие книги има толку многу небулози и несфатливи работи, што едноставно не можете да ги разберете. Преводот е ужасно лош, а за тоа се давале 10 милиони евра годишно. Многу пати сум рекол, ако требало да се преведе, наместо толку многу доволно е годишно по три книги на пример, ама да ги преведува професорот, а не некој што не знае.

Тоа е промашена работа, а не промашена идеја. Класично перење пари преку тендери за кои се знае како се добиени.

Што со хиперпродукцијата на стотици магистри и доктори на науки?

-Тоа се тие доктори што докторираат на некој начин „летачки“, некаде од 100 до 150 годишно, а бројот веројатно ќе се зголеми. Системот на високото образование, за жал масовно произведува и магистри и доктори на науки, а ретко кој од нив е спремен да направи научна студија. Тука пак доаѓаме до трите столба, студиски програми, наставен кадар и научно-технички, просторни, лабораториски услови за такви студии, без кои високо образование едноставно не чини.

Каде е решението, кој македонскиот модел за реформирање на високото образование?

-Македонскиот модел на високо образование е масовизација и формализација, а за реформирање треба целиот фонд од околу 40 милиони евра наменети за таа цел, да се даде не на институцијата, туку за квалификација на кадри и потреби што ги бара пазарот на трудот. И државата да определи што е економски, социјален и политички интерес. На пример, ни требаат 50 економисти, 60 правници, 50 технолози... Значи профилите што ѝ се потребни на државата, но и какви знаења да имаат тие. Да се финансираат поединци кои ќе даваат отчет за постигнатите резултати, ако сакаат да бидат финансирани и понатаму.

Но политичар во образованието тешко дека тоа ќе го направи...

-Ако е свесен политичар, кога ќе треба реформа, да, ќе го направи тоа. Но вакви политичари од овој ков и тип, кои сме ги виделе досега, никогаш нема да ги направат тие реформи. Кои политичари ги имавме за министри за образование, кој министер за образование го имаме денеска? Завршил со просек 6,2. Министер што вели дека не може да ги контролира инспекциските служби. Многу е просто, системот не ти чини, смени го системот. Ако си креатор на политика, треба да имаш инспекциски надзор за спроведување на твоите политики, ама тој не го сфаќа тоа, а замислете, има функција министер за образование.

Каков министер е кога не ги знае основните функции, дека едно е генерирање, дизајнирање на политики, а друго е контролирање и надзор и како се спроведуваат тие политики. Но тој вели дека не може да налага. Зошто? Затоа што „туторот“ што сакал да ги обезвласти министрите и да спроведува целосна диктатура, сите инспекции, наместо да даваат отчет до министерствата ги кумулирал во една пирамида, наречена Инспекциски совет, за кој се знае како функционира.

Најважно е што нема волја за справување со реалните проблеми, бидејќи политичарите така размислуваат. Тие размислуваат краткорочно за долгорочно останување на власт, а тоа е кратка мисла. 

Жана П. Божиновска

Текстот е првично објавен на www.mkd.mk

Подготовката на oваа публикација беше овозможена со поддршка од Британска амбасада Скопје, во рамките на проектот „Информирај се и дејствувај - за подобро образование". Мислењата и ставовите наведени во оваа публикација не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада.