Семејство чека 16 години министерството за финансии да им го врати земјиштето со денационализација

Семејство чека 16 години министерството за финансии да им го врати земјиштето со денационализација

kopce1

СЕМЕЈСТВО ЧЕКА 16 ГОДИНИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ДА ИМ ГО ВРАТИ ЗЕМЈИШТЕТО СО ДЕНАЦИОНАЛИЗАЦИЈАТоме Зимбаков е дел од групата наследници чиј случај е еден од најзаглавените за денационализација во Македонија, за овие 16 години тие двапати се обраќаат до Народниот правобранител, а во 2011 се обратиле писмено и до поранешниот премиер Никола Груевски, кој ја промовираше денационализацијата и кој тврдеше дека тој процес е успешно завршен (Фото: СДК.МК)

Најголемиот број претставки кај Народниот правобранител од областа на имотно-правните односи за 2014, 2015 и 2016 година биле од изманипулирани граѓани за предмети за денационализација, кои Mинистерството за финансии и управните судови ги малтретираат по 16 години, за и до денеска да не можат да ги остварат своите права за надомест.

„Иако државата одамна декларираше дека успешно го завршила и го затворила процесот на денационализацијата, од сите предмети за имотно-правни односи што стигаат кај Народниот правобранител, најголемиот број се по деценија и пол нерешени случаи на денационализација. Малкумина знаат дека овие предмети се заглавени по бирократски лавиринти, во Комисиите за денационализација формирани од министерот за финасии, Управниот или во Вишиот управен суд, или пак, во Државната комисија за одлучување во управна постапка од втор степен. Управните судии, место да одлучат мериторно, предметите упорно ги враќаат во Комисиите. Штетата ја трпат граѓаните“, вели Зоран Билбиловски, државен советник кај Народниот правобранител Иџет Мемети.

Во 2011, пред парламентарните избори, од Владата на Никола Груевски им одговориле:
„Ве советуваме да го почекате исходот на постапката“ (Фото: СДК.МК)

Еден од тие случаи кој датира од 2001 година е на група наследници од Струмица и Скопје, кои по којзнае кој пат поради тоа што државата не им го надоместува одземеното првокласно земјиште со некогашната аграрна реформа, тужат пред судовите и уште не можат да си го остварат законското право. За овие 16 години тие двапати се обраќаат до Народниот правобранител, а со писмо лично наследниците на 21.06.2016 се обратиле и до претходниот министер за финансии Кирил Миноски.

Претходно се обратиле писмено и до поранешниот премиер Никола Груевски, кој ја промовираше денационализацијата и кој тврдеше дека тој процес е успешно завршен. Во 2011 година пред парламентарните избори, од Владата на овие луѓе им одговориле: „Ве советуваме да го почекате исходот на постапката“.

Со писмо лично наследниците на 21.06.2016 се обратиле и до претходниот министер за финансии Кирил Миноски (Фото: СДК.МК)

И потоа продолжиле да ги малтретираат преку злоупотреба на министерствата, Државниот правобранител и управните судови уште шест долги години, до денеска. Иако сите надлежни институции и тогашниот премиер Груевски ги запознале со нивната 16-годишна голгота, која некои од наследниците не ја надживеале и починале, нема помрднување од мртва точка и враќање на национализираниот имот.

Новиот министер за финансии Драган Тевдовски е надеж на овие оштетени роднини, законски наследници на имотот на нивниот дедо кому органите на поранешна Југославија земјиштето му го имаат одземено како најквалитетно во регионот.

Ова е еден од најзаглавените случаи за денационализација во Македонија. Се работи за сурово поигрување на државата и на Управниот суд со неколку фамилии наследници, со неколку епизоди на давање отштета па безобразно премислување. Никогаш не им доделиле земјиште на друго место од иста класа. На крајот, државата ги условува да земат четвтрокласно земјиште, блато, кое не може буквално за ништо да се користи, освен како депонија. Изиграните наследници се принудени по којзнае кој пат да поведат спор пред Управниот суд.

Се работи за сурово
поигрување на државата и на
Управниот суд со неколку
фамилии наследници, со
неколку епизоди на давање
отштета па безобразно
премислување *Фото: СДК.МК) 

Се работи за насилно одземено земјоделско земјиште од прва класа во Босилово, со површина од 10 хектари. Спорот законските наследници го поведуваат во 2001 година. Министерството за земјоделство веќе наредната година му предлага на Министерството за финансии доделување земјоделско земјиште со иста површина и класа во атарот на Босилово.

Иако законските услови за надомест се исполнети, вели во име на сите наследници Томе Зимбаков, предметот мирува цели 4 години. На иницијатива на Народниот правобранител во 2004, предметот се помрднува од мртва точка, а одговорното лице Ердем М. добил кривична пријава за злоупотреба на службената положба, зашто го држел предметот во фиока.

„Постапката оттука натаму влегува во правни лавиринти осмислени од надлежните служби и државни комисии за денационализацијата при Министерството за финансии. Поради еднодецениското неодговорно водење на предметот од страна на Министерството за финансии, се обративме за помош до Владата на тогашниот премиер Никола Груевски. Од неговата канцеларија добивме одговори во 2009 и во 2011 година, каде во последната реченица стои: Ве советуваме да го почекате исходот на постапката“, раскажува Томе Зимбаков.

По завршувањето на парламентарните избори во 2011, или по дополнителни пет години одолговлекување на денационализацијата на одземениот имот на овие наследници, Министерството за финансии носи ново решение за доделување на парцела од 2 хектара, но понеквалитетно земјиште во Струмица. Изморени од долгото чекање, вели Зимбаков, не поднесовме жалба на ова решение, но никако не ни падна на памет дека повторно ќе заиграат бирократските корумпирани државни служби и дека ни ова земјиште нема да ни го дадат како надомест.

Оваа одлука ја оптужува Државниот правобранител, бидејќи наводно, ова земјиште го користел за научно-истражувачки цели Државниот универзитет „Гоце Делчев“ од Штип. Управниот суд донесува одлука во корист на државата, а на штета на наследниците и тие остануваат и без ова доделено земјиште.

И пак предметот застанува нови 2,5 години.

„Иако државата одамна декларираше дека успешно
го завршила и го затворила процесот на 
денационализацијата, од сите предмети за 
имотно-правни односи што стигаат кај Народниот 
правобранител, најголемиот број се по деценија и 
пол нерешени случаи на денационализација. 
Малкумина знаат дека овие предмети се заглавени 
по бирократски лавиринти, во Комисиите за 
денационализација формирани од министерот за 
финасии, Управниот или во Вишиот управен суд, 
или пак, во Државната комисија за одлучување во 
управна постапка од втор степен. Управните судии, 
место да одлучат мериторно, предметите упорно ги 
враќаат во Комисиите. Штетата ја трпат граѓаните“,
вели Зоран Билбиловски, државен советник кај 
Народниот правобранител (Фото: СДК.МК)

Народниот правобранител повторно се активира за овој случај уште во февруари, 2015. Тука, вели Зимбаков, почнува цунами од преписки меѓу Комисијата за денационализација од Струмица при Министерството за финансии и комисијата за определување на видот на надоместокот во постапката за денационализација. Во август, 2015 комисијата од Министерството за земјоделие одново упатува на првата нејзина одлука, дека на овие законски наследници треба да им се даде првокласното земјиште во Босилово.

По ова на наследниците им се случува невиден притисок и претседателот на Комисијата за одлучување по барањата за денационализација во подрачната единица во Струмица прави преседан, од Агенцијата за катастар бара имотен лист од 3 сосема трети парцели, сите во Босилово, кои пак со решение им се даваат како надомест.

„Од приложената катастарска скица може да се види дека се работи за вечно поплавени површини од реката Турија, за ловиште, за пасиште од четврта категорија и за депонија за комунален отпад“, покажува документи Зимбаков.

Новата тужба е поднесена пред Нова година и Управниот суд уште не ја донел одлуката.

Останува отворено прашањето дали некој од службените лица ќе сноси одговорност за ваквото одолговлекување на постапката за денационализација и за неосновано причинетата штета на сѐ уште живите наследници на правото на денационализација.

САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати до кабинетот на министерот Тевдовски за да добиеме одговор дали тој ќе пресече и ќе стави крај на манипулациите со денационализацијата кои траат деценија и пол и на оштетените граѓани ќе им го одблокира патот да си ги остварат своите права со надомест со друго земјиште адекватно на тоа што им било неправедно одземено. Одговор сѐ уште не добивме.

С. К. ДЕЛЕВСКА

Текстот е првично објавен на www.sdk.mk