400 средношколци живеат под ист покрив во „чудесниот свет“ на домот „Здравко Цветковски“

400 средношколци живеат под ист покрив во „чудесниот свет“ на домот „Здравко Цветковски“

kopce1

„Чудесен свет”. Ваков натпис нѐ пречека на влезот во домот за средношколци „Здравко Цветковски” во скопската населба Карпош. Големата четирикатна градба, која на прв поглед однадвор ви изгледа како свет на сивило. Објектот остава впечаток како да е незавршен и долги години да го чека својот финиш. Му недостига нова фасада, која ќе го заличи и ќе му даде живот на сивилото. И не згрешивме, објектот беше стар 45 години и речиси исто толку ја чекаше надворешната шминка.

На осум илјади квадратни метри во внатрешноста на овој објект под ист покрив престојуваат 400 деца, средношколци, кои желбата да го работат тоа за што сонуваат ги оддалечила од родниот град, во кој нема училиште од таа насока, и ги упатила кон Скопје, на адресата на домот.

Поради недостигот од пари за да им плаќаат кирија за стан, родителите го избираат домот како поевтина и поефикасна опција. Одлуката да ги сместат своите деца во дом за средношколци ја носат врз основа на тоа дека е поекономично, бидејќи престојот во домот е бесплатен, и од друга страна, велат родителите, децата на 15-годишна возраст се премали за да може да се сместат во стан и да живеат без контрола на возрасен.

За да бидеш дел од домот, првиот услов е во твоето место каде што живееш да нема училиште од тој профил. Овде има ученици запишани речиси во сите средни училишта, освен гимназиите, бидејќи нив ги има речиси во сите градови. Има ученици од градежното училиште „Здравко Цветковски“, од училиштето за физичка култура „Методија Митевски Брицо“, од музичката Академија, медицинското училиште...

За да видиме што се крие зад сивите недовршени ѕидови меѓу кои се сместени средношколците, тргнавме да го посетиме домот и да видиме во какви услови се живее за да се заврши посакуваното училиште далеку од дома.

На влезот од капијата во домот ќе ве пречека обезбедувањето. На работна задача на денот на нашата посета беше корпулентен маж со длабок глас. Бидејќи бевме нови ликови што овој вработен до сега не ги видел, мораше да се идентификуваме. За разлика од нас, средношколците постојано влегуваа и излегуваа и нивната карта за влез беше насмевката. На еден од нив човекот од обезбедувањето му посака среќен роденден.

„Им ги знам и родендените и карактерите оти постојано сум со нив. Тие во мене имаат многу доверба. Разговараме отворено речиси за сите проблеми. Сепак тоа се деца, кои се оставени сами да се снаоѓаат во друг град и понекогаш им треба разговор, па и совет”, ни рече обезбедувачот.

Дека тоа навистина е така се уверивме откако еден средношколец од Куманово, кој овде се запишал во средното училиште за физичка култура, го прегрна и ни рече:

„Ќе останам овде цело лето и за распустот, ќе седам со него, тој ми е најдобар пријател”.

За безбедноста во домот се грижат тројца вработени обезбедувачи. Во домот и по полноќ и за викенд има човек што ќе ве пречека на влезот и ќе ви направи контрола. Но, признаваат обезбедувачите, снаодливоста и намерите на децата понекогаш одат толку далеку, што тие, иако се задолжени за редот и мирот, се немоќни кога средношколците сакаат да ги прекршат правилата.

„Имаме соработка со децата, иако понекогаш знаат и да бидат тешки за комуникација. Се случува да внесат и алкохол бидејќи се работи за 400 деца, кои овде не можете постојано да ги претресувате. Се случува и да се опијат. Имало секакви ситуации. Но, за среќа, до сега сѐ добро се завршувало. Сето тоа се лекции и искуство што средношколците ги поминуваат, за среќа без последици”, ни рече човекот од обезбедувањето.

Со домот повеќе од една година раководи директорката Марија Несторовска. Како добар домаќин, таа ни ја отвори вратата од сите простории каде што побаравме да влеземе. И онаму каде што беше уредно и чисто, и онаму каде што беше како во запуштен простор. Ни беше дозволено да ѕирнеме буквално во секое ќоше.

Директорката Марија Несторовска

И таа признава дека децата знаат да направат проблеми, да го кршат домот, и за тоа, вели, ретко признаваат, па штетите наместо виновникот, ги сносат сите што се инволвирани во проблемот.

„Имаме камери, но тие ги снимаат само оние делови во кои се влегува и излегува во објектот. Се прават штети на домот. Порано беше практика секое дете кога влегува во домот да плати 800 денари паушал, но сега веќе тоа не смее да се прави. Бидејќи тоа не е дозволено, сега родителите пред детето да биде сместено во домот, потпишуваат изјава дека доколку детето направи штета, таа ќе биде надоместена. Ние сме тие што се должни да докажат дали детето направило штета. Ако не откриеме, штетата се дели на сите што престојуваат на просторот на кој е направена. Учениците треба да сфатат дека треба да го чуваат домот, бидејќи тој е за нив”, вели директорката Несторовска.

Таа додава дека од однесувањето на средношколците најчесто страдаат вратите, прозорците, како и дрвото од вратите кое се гори со запалка...

Во домот во почетокот на секоја година се формира Домско раководство, кое редовно има средби со директорката и со тимот воспитувачи што работат со децата. На овие состаноци, вели директорката, се отвораат картите за сите проблеми и за начинот како тие да се решат. Воспитувачите се тука за децата во секое време и за каков било проблем и разговор. Во рамките на програмата има и совет на родители. Од нив, појаснува директорката, се бара дозвола кога децата ќе посакаат надвор да им се организира забава во некоја дискотека. Откако родителите ќе потпишат согласност, се откупува местото и учениците во придружба на воспитувач одат на забава.

Во големиот хол од домот ќе ве дочекаат и паноа со мисли на средношколци талентирани за пишување и пехари што сведочат за успехот на оние талентирани за спортот.

Tука е библиотеката од која се позајмуваат книги или пак во која средношколците учат, барајќи мир. Некој од нив го знаеја местото на сите наслови од секоја книга од рафтовите, а имаше и такви што никогаш и не ја посетиле просторијата наменета за пишаниот збор. Во левиот агол од влезот во холот на домот имаше мала просторија со само две столчиња. Тоа беше минијатурно интернет-кафе, единственото место каде што можете да користите безжичен интернет.

Учениците се пожалија и побараа поголем простор во кој ќе може да користат интернет. Велат, во денешно време, во кое технологијата е толку напредна, просторот и можностите што ги имаат овде се премали.

Со тоа се согласи и директорката, која вели дека е свесна за потребите на децата, но засега можностите се тие. Таа отворено зборуваше за сите недостатоци и поправки што треба да се направат во домот, како и тоа дека со текот на годините генерациите што доаѓаат тука сѐ повеќе му нанесуваат штета на домот.

„Овде сум со години и забележувам разлики во однесувањето на генерациите. Како што изминуваат годините, тие сѐ помалку внимаваат на тоа да се зачува домот. Недостигаат повеќе работи овде, ете можеби повеќе тоалети, бидејќи во моментов на 12 соби, во кои во секоја има по четири деца, има еден тоалет и една бања. Инвестицијата да има тоалет за секоја соба е многу скапа и би чинела околу 200 илјади евра. Им треба и поголем простор внатре во домот за спорт и спортски активности, односно затворена сала за спорт. Надвор имаме големи игралишта за спортување, но условите не дозволуваат секогаш да се спортува на отворен простор. Имаме и кабинет за музичко, кој е доста мал”, вели директорката Несторовска.

Децата се сместени на четири ката. Првите два ката се за машките, а третиот и најгорниот се резервирани за девојчињата.

Секој од катовите е поделен на два павилјони, во кои има по 12 соби, вкупно 24 на секој кат. Секој павилјон има занимални, кои се многу мали, а мали се и собите на средношколците. Во секоја соба е предвидено место за четворица, но според она што го видовме, кога во собите ќе ставите четири кревети, веќе просторот е речиси пополнет.

За да имаат поголем простор, децата побарале двокатни кревети за во секоја соба, бидејќи, велат, така ќе има слободен простор барем да стават биро и масичка каде што ќе можат да пишуваат. За хигиената во секоја соба учениците се грижат сами. За чистењето на тоалетите се задолжени хигиеничарки.

На првиот кат, каде што престојуваат момчиња, собите не беа баш во најдобра форма. Затекнавме искршени прозорци, неонки. Имаше и соби што зјаеја отворени бидејќи некој од средношколците со нога ја отворил вратата и таа целосно паднала. Онаму каде што учениците успеале да ги зачуваат вратите, на дрвото беа испишани со фломастер или издлабени со нож различни натписи. Имаше „шок соба”, „соба на Жикина династиjа”...

„Има деца што признаваат кога ќе скршат прозорец или ќе направат штета. Но најчесто се покриваат и не се издаваат кога ќе направат штета, па тогаш ја делат штетата на четири дела, колку што се во собата во која е нешто оштетено“, вели директорката.

Во една од собите на момчињата затекнавме двајца средношколци, кои седнати на мала ниска масичка на која ѝ нашле место во тесниот простор, учеа за да ги поправат или задржат оценките. На ѕидовите од нивната соба буквално на секое ќоше имаше залепено цртежи и натписи со љубовни пораки, кои ги печеше сонцето.

„Не се тие наши цртежи. На другар се. Не знаеше како да ѝ каже на девојка му дека ја сака, па реши да ѝ напише на ѕидот”, со широка насмевка ни објаснуваа учениците додека во нивната соба трештеше музика. Кога ги прашавме дали има нешто што сакаат да се смени во домот, ни рекоа дека на нив сѐ им е добро, освен уште да има кој да учи за нив. Едното момче од Кавадарци, другото од Дебар, ги споиле патиштата и во една мала соба ја пишуваат приказната за својата иднина. Едниот се подготвуваше за завршен тест за да добие преодна оценка во градежното училиште, а другиот да ја потврди највисоката оценка што ја има во медицинското училиште. Различни во оценките и можностите да постигнат успех, но исти во желбите за другарување и плановите за иднината, да најдат работа по струката за која учат.

За да ги заштитат од топлото сонце пред распустот во јуни, учениците на прозорските стакла залепиле весници и направиле импровизирани ролетни. Во собата на момчињата, која не беше многу уредна, имаше повеќе импровизирани тегови отколку книги.

Директорката ни појасни дека ролетни се потребни, но нема средства за тоа да се направи. На дел од собите имаше завеси што учениците си ги донеле од дома. Тие имаат слобода да си ја уредат собата според своите желби, дури и да си донесат телевизор и радио од дома.

Качувајќи се кон вториот кат, на кој исто така престојуваат момчиња, наидовме на уште полоша состојба. Директорката вели дека тоа е катот на кој имало најмногу проблеми и кој ќе претрпи најмногу промени и реновирање во текот на летото, бидејќи е многу искршен и реновирањето е неопходно. И тука недостигаа цели врати, собите зјаеја отворени, голем дел од прозорците беа искршени.

Се изненадивме кога стапнавме на четвртиот кат од домот, во кој имаше само девојчиња. Тука како да влегуваш во друг свет. Сите соби беа уредно наместени. На прозорците висеа завеси во убави бои, полиците што ги имаше во собите личеа на уредна библиотека, книгите од прва до последна беа наредени под конец. Во еден агол од просторијата козметиката на девојчињата беше наместена како во салон за убавина.

Сè на сè, совршено за око и тивко за уво. Катот не беше празен. Во секоја соба имаше средношколки, кои разговараа, учеа, чистеа, а сето тоа беше толку тивко и уредно. Ни раскажаа дека им е убаво тука, дека другаруваат и учат. Велат, им недостигаат блиските, но поважно им е да го завршат училиштето, да се запишат на факултет и да си обезбедат вработување и подобра иднина.

Според правилата на домот, овде по 22 часот треба да се спие и да е. Директорката вели дека има продолжување на тоа време до полноќ, кога е петок или сабота. Другите денови бидејќи мора да се учи за наредниот ден важат правилата за рано легнување и мир и тишина во секоја соба.

На ѕидовите во домот на сите четири ката речиси и да не забележавме ниту влага, ниту мувла. Овде редовно се варосува и се прави дезинфекција на објектот. Имаше само по некој натпис, кој децата го испишале на ѕидот во знак на љубов, среќа, лутина или бес. Секој со својот проблем и расположение.

Од објектот каде што престојуваат 400 средношколци излеговме до голем двор со зеленило и летниковец, кој ги поврзува домот, кујната и игралиштата. Простор беше убаво уреден и тука учениците се дружат. Во делот помеѓу објектот на домот и оној на дворот имаше патека на која се градеше стреа. Директорката ни појасни дека таа се гради од безбедносни причини бидејќи пред некое време вработен што минувал тука завршил со повреда на лицето од тегла со храна што средношколец, наместо во корпа за отпадоци, ја фрлил низ прозорецот.

Гледајќи нагоре кон објектот прашавме и за фасадата на домот. Директорката вели, фасада и изолација му се неопходни на домот бидејќи надворешниот дел не е реновиран откако е направен. Прво, за да изгледа уредно и да не е така сиво, второ, за да биде потопло во зима и пријатно за престој во периодот кога надвор се стоплува. Кога температурите се многу ниски и домското централно греење не е доволно за да бидат топли собите, доколку им е потребно, на учениците им се даваат греалки.

Она што ни остави најлош впечаток и што се чини дека бараше итна интервенција и поправки, беше кујната. Кога влеговме внатре, се ширеше убав мирис на тазе приготвена храна. Тој ден на менито имаше мусака, а во големи корпи се миеше спанаќ како подготовка за утрешниот ручек.

Во ќебе во еден агол од кујната беше завиткан голем сад, за кој жените од кујната ни појаснија дека во него им киселат млеко на децата да може во комбинација со спанаќот да имаат и кисело млеко. Плочките беа во многу лоша состојба и уште пред ние да констатираме, директорката ни појасни дека за нивната поправка веќе се дадени опомени и од инспекциските служби, и тие за распустот први ќе претрпат промени и ќе бидат заменети со нови.

Реконструкција е неопходна и на водоводната мрежа во кујната. Тоа го забележавме кога чекорејќи кон чешмите од кујната, нашите нозе стапнаа во големи бари вода, која вработените со метла се обидуваа да ја истуркаат до сифонот на средината од кујната.

Директорката ни појасни дека предлог за неделното мени за јадење даваат средношколците, но главниот збор секако го имаат финансиите. Менито се прави согласно со можностите, вели директорката, и додава дека секогаш се води грижа трите дневни оброци да ги исполнуваат критериумите за хранливата вредност што на деца на таа возраст им е потребна и да се во согласност со нормативот за исхрана на нивната возраст. Менито е различно секоја недела и освен финансиите, го диктира и сезоната. Овошјето и зеленчукот, вели директорката, се задолжителни на менито и за нив мора да има пари. За средношколците овде неограничен е само лебот, за останатото јадење има нормативи.

Евиденцијата за тоа кој зел, а кој не од храната во кујната се прави со електронски картички, кои ги имаат сите средношколци што тука престојуваат. Оние што забораваат да ја земат картичката со себе брзајќи на ручек, го ставаат својот потпис во тетратката за евиденција. По ова со послужавник се зема од храната и се седнува на трпезариската маса.

Во трпезаријата од кујната се јадеше. Седнати на маса, средношколците разговарајќи јадеа шпагети. Беа како семејство. Ги прашавме што најмногу сакаат да јадат од храната зготвена овде. Без двоумење сите ни одговорија исто, ориз и бело месо. Со насмевка ни препорачаа да побараме рецепт од тетките што го готват и кои со посебен шмек го прават да е посебно вкусно, оти велат таков ручек не се јаде секој ден. Не се пожалија на квалитетот на храната, туку на количеството. Велат, убаво би било да им се дава повеќе.

Готвачите од кујната се едногласни, секогаш се готви свежа храна, но тивко коментираат дека има работи што треба да се поправат. Државата мора да вложува за да се реновира, велат тие.

„Време на распуст е. За учениците одмор, а за нас период на работа, подготовки, средување на домот и реновирање. Од септември просторот треба да биде среден за децата што ќе ни дојдат”, ни рече директорката, која нѐ покани и од септември да дојдеме да го видиме домот, кој летово ќе претрпи промени.

Средношколците ги спакуваа работите во куфери и некој порано, некој подоцна, заминаа на пат кон дома. Го напуштаа домот раздолжувајќи ја малата метличка, корпата за отпадоци, џогерот, перница, постелнина и клучеви од собата, кои ги оставија во една поголема соба во домот, а со себе ги понесоа спомените и успехот што го стекнале во периодот на школување во годината што изминала.

За од септември, велат средношколците, повторно ќе аплицираат за престојот овде, каде што се надеваат дека условите ќе бидат подобри од сега. Директорката на крајот нѐ испрати со укажување дека интересот за бесплатниот престој овде е голем и секоја година се одбиваат апликации од околу 50 деца што бараат сместување во домот.

 

Кои се условите за престој во дом за средношколци

Според листата на Министерството за образование и наука условите за сместување во домот се следни: да се запишани како редовни ученици во средно образование во учебната во средното образование во учебната 2015/2016 година, да се државјани на Република Македонија, да се запишани на наставен план и програми што не се застапени во општината, односно град Скопје, каде што ученикот има постојано место на живеење, училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 25 километри од постојаното место на живеење и да има организирано јавен превоз и училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 10 километри од постојаното место на живеење и нема организирано јавен превоз.

Во Македонија има вкупно 13 дома за средношколци, три од нив се во Скопје.

Катерина Додевска

Фото: Роберт Атанасовски

Текстот е првично објавен на www.mkd.mk