Ж. Хадад: Не ги копирајте другите

Ж. Хадад: Не ги копирајте другите

kopce1

Жорж Хадад од мај годинава е претседател на престижниот европски универзитет Париз-1, Пантеон-Сорбона, откако речиси седум години како директор раководеше со одделението за истражувања во секторот за образование на УНЕСКО. Во интервјуто за МКД.мк, Хадад, инаку доктор по математички науки, зборува за предизвиците на универзитетското образование, како и за вистинските цели на високообразовните институции.

Земјите што го користат високото образование како средство за борба против бројките на невработеност во стилот „отвори универзитет, стави ги студентите таму и автоматски имаш пониска невработеност", според него, влегуваат во голема замка. Зашто за 10-20 години тие земји ќе се соочат со цунами, и социјално и политичко, предупредува професорот Хадад.

Кога се говори за успешноста на некој универзитет, веднаш се споменува рангирањето на Шангајската листа. Како да се стигне на таа листа и која е суштината на тоа достигнување?

-Шангајската листа се прави главно врз база на публикации, односно научен развој. Ако еден универзитет сака да стигне во Шангајскиот систем на рангирање, мора да развие научни дисциплини како биологија, математика, физика... дисциплини од кои публикациите се раширени насекаде низ светот. Ако се потпирате само на општествени, хуманистички науки и само на вашиот јазик, многу е тешко да се добие меѓународно признание. Тоа, во суштина е предизвик за секој универзитет. Да се биде универзитет не значи да се учи само една дисциплина, туку на секој студент или истражувач да му се понудат голема рамка дисциплини.

Но од друга страна, мислам дека ако сте од богата земја или имате многу пари, тогаш начинот да се стигне таму, на Шангајската листа, е едноставен, може да ги купите или да ги привлечете сите нобеловци од светот или носители на златни медали по математика, на пример. Да ги донесете на универзитетот, да побарате од нив, односно да ги замолите да објавуваат и ќе видите дека целта ќе биде остварена.

Но прашањето е дали тоа е вистинската цел? Дали е вистинската цел да се биде во врвните десет? Поинаку би го поставил прашањето, дали е вистинската цел да трчаш на 100 метри како Усеин Болд.

Не. Вистинската цел е универзитетот да го прави она што треба да го прави. Да обучува, да тренира студенти и да ги подготвува истражувачите. Универзитетите не се само за тренинг, дипломи и професионални активности, туку и да произведуваат знаење. Универзитетите се единствено, уникатно место каде што пренесуваме знаење, но и произведуваме знаење за истражувања. Не треба никогаш, ама никогаш да ја заборавиме оваа димензија на универзитетите.

Луѓето сакаат универзитетите да станат како професионални училишта, ориентирани само кон професионалци. Сега се такви, да, но тоа е грешка, бидејќи универзитетите низ историјата главно се градени, создавани да произведуваат знаење за истражувања. Тоа секогаш им го кажувам на моите студенти.

mkd 292681

Кој може да го направи тоа, да ги претвори универзитетите во тоа што треба да бидат, професорите, студентите, државата...?

-Секој, сите заедно. Универзитетите се единствено место, уникатно место, каде што се конфронтира традиционалното знаење и иновативното знаење. Тоа е место каде што знаењето е перманентна активност. Јас велам тоа е како река, секогаш треба свежа вода. А што е свежата вода за универзитетите? Произведувањето знаење за истражување. Универзитетот што не му нуди на секој студент можност за докторско ниво, не е универзитет. Знаете, има еден вид магија во истражувањето. Тоа е комплицирано, се конфронтирате со личните ограничувања, тука е вашиот капацитет за иновации, да се спротивставите на некој начин, да му пркосите на она што сте го научиле од професорите. Само така мислам дека универзитетите ја исполнуваат улогата. Не да бидат само училишта за пренесување на знаење, туку и за производство на знаење. Ако сакате да го постигнете ова ниво, или нивоа обидете се да бидете одлични, бидете опседнати со квалитет и совршеност.

Што мислите за овој систем на Болоња во кој речиси секој станува доктор на науки, а во најмала рака магистер?

-Докторското ниво го загуби своето значење. Сега нивото мастер веќе не е доволно, ни треба докторско ниво, но што значи тоа? На некои универзитети, точно, значи нешто, но на некои не.

Сепак, Болоња-системот создаде нешто единствено, признавање и квалификации низ цела Европа. Тоа е единствено, порано беше само сон. Можеше ли некој пред 16 години да замисли дека ќе има такво знаење, мобилност на студентите? Болоња внесе нова динамика и силни можности, но, се разбира, како и секогаш, покрај добрите страни има и тешкотии. Треба време за тоа.

Во Македонија дојдовме во ситуација кога се отворија многу универзитети, приватни или државни, а од друга страна, најдобриот универзитет во државата губи на квалитет. Во ред ли е да се оди на квантитет, со оправдување за некаква конкуренција или во таков случај секако се намалува квалитетот?

-Тоа е постојано прашање меѓу квалитетот и квантитетот. Многу тешко е да се дефинира тоа. Мислам дека е дури и филозофско прашање. Според мене, ни треба квантитет, бидејќи треба да го демократизираме пристапот до високото образование. Не можеме со оправдување за квалитетот да исклучиме илјадници студенти. Треба да се осврнеме на демократскиот пристап до високото образование како образование. Ова е вистински предизвик.

Од една страна, знаеме дека мора да им понудиме квалитетно образование на студентите на универзитетите како и во училиштата на сите нивоа. Но, од друга страна, не живееме во ист свет како порано. Пред 60 години најмногу 10 отсто од населението имаа пристап до високо образование. Во Франција сега тој процент на пример е 70. Имаме ли капацитет да ги примиме сите? Искрено во моментов немаме. Мора да изнајдеме, да користиме нови начини на пренесување знаење, но да ја зачуваме и хуманата димензија. Значи предизвик е модерното, но и традицијата. Можеби можеме да го решиме овој проблем, ама за мене демократската димензија на слободен пристап и квалитативен пристап за сите студенти според нивната желба е вистински предизвик. Ќе создадете демократија ако креирате разлики меѓу младите луѓе.

Демократија е еднаква можност базирана на капацитетот и талентот на напорите. Мислам дека напорите се многу важни, но сметам дека е предизвик на демократијата да биде правична, што не значи униформирана. Тоа значи дека не може секој да биде математичар, физичар, музичар. Образованието треба да ни помогне да бидеме свои, да бидеме ние, да дефинираме и да откриеме во која област може да го (постигнеме) нашиот живот како граѓани.

Повторно се враќаме на прашањето кој е најважен во тој процес...

-Сите заедно. Тоа е непрекинат процес. Знаете, кога патувате од Париз за Скопје, се разбира дека и Париз и Скопје се важни, но важни се и градовите меѓу нив, бидејќи може да ги откриете, да откриете нешто ново, различности. Но што е најважно? Париз или Скопје? Скопје или Париз? И двата града се важни. Но и патот меѓу нив.

mkd 292682

Како да се реши проблемот со незаинтересираноста на студентите, дел од нив, се разбира, се запишале на универзитет заради знаење, но дел ги интересира само диплома?

-Не се заинтересирани бидејќи мислат на неверојатен и глупав начин дека знаењето им е на дофат дури и ако се пасивни. Во стилот, кликнуваш и добиваш знаење. Тоа е проблем, но ние сме во транзициски период. Има забрзување во технологијата, капацитетите. Сега сме во многу, многу чувствителен транзициски период. Сега би рекол дека сме на средината на тајфун. Треба да се бориме. Има период на преживување заради забрзувањето на технологијата, го менуваме комплетно нашето однесување, нашиот „мод“ и дури и нашиот однос кон знаењето и кон образованието. Моите студенти велат сè имаме на интернет, кликнуваме и го имаме. Тоа е полошо отколку порано со книгите. Може некој сега ќе каже дека без книги образованието ќе заврши. Се разбира не, бидејќи книгите се еден вид магија, мала кутија, знаењето е во неа, но мора да ја отворите книгата и да ја прочитате. А не како сега со еден клик и го имате одговорот. Колку студенти денеска користат интернет за решавање математички проблеми, но не го развиваат сопствениот капацитет. Така е полесно. Но пак ќе речам тоа е транзиционен период, кој сега е многу критичен, ќе трае можеби десет или 20 години, не знам. Но перманентна цел на образованието, училиштата и организации како Совет на Европа, УНЕСКО и други е да им помогнат на заедниците и поединците да се зафатат со ова прашање, проблем и да работат на негово решавање, па можеби за 20 или 30 години, јас веројатно нема да бидам жив, но ќе дојде нова генерација што ќе размислува поинаку.

Велите дека во Франција тие 70 отсто се висок процент за пристап до високото образование. Во Македонија, според она што го велат универзитетските професори, тој процент едно време надмина 90 отсто. Кој може да го менаџира тоа?

-Искрено, никој. Но некои политички лидери сметаат дека е подобро тие млади луѓе да ги имаат како студенти отколку како невработени. Тоа може да биде едно решение за борба против невработеноста.

Но тоа не е реално решение...

-Се разбира дека не е реално решение. Тоа е стапица. Во многу земји, дури и развиени земји, се сеќавам за магистерски или докторски студии имаше рок од неколку години во кој мораше да завршиш. Сега некој може да тера 20 години. Тоа е политичка одлука. Сѐ е политика. Затоа мора да бидеме свесни за тоа. Образованието е добро средство за борба против бројките на невработеност. Отвори универзитет, „стави“ ги студентите таму и автоматски имаш пониска невработеност. Но тоа е голема замка. Зашто за 10-20 години земјите што го практикуваат тоа ќе се соочат со цунами. Социјални и политичко цунами. Ова е начин да се одложи невработеноста, бидејќи сега сме во конфронтација меѓу политиката и образованието. Образованието дејствува на среден и на долг рок. Не можете, на пример да одлучите за реформи во образованието за еден или два месеца. Треба да се смени менталитетот, пристапот, традицијата. Тоа е комплицирано и затоа образованието дејствува на среден и на долг рок. А политиката стана краткорочна.

Но со овие таканаречени реформи ќе дојдеме до ситуација да имаме доктори што не се реално доктори, инженери што не се реално инженери?

- Тоа води кон катастрофа. Можете да замислите инженер што не може да конструира мост, зграда, а ќе биде побарано од него да го направи тоа. Исто како и доктор. Одите на лекар и се сомневате во неговиот или нејзиниот капацитет. Тоа е невозможно. Токму тоа беше идејата на Болоња. Да понуди квалитет низ цела Европа, препознавање, мобилност, евалуација на квалитетот во секоја земја во Европа, на секој универзитет, секоја образовна институција, можноста да се „адресира“ квалитетот. Ако Болоња сега стане „пазар“ за образование, тоа е неуспех. Тоа е платформа за квалитетно и релевантно образование. Во спротивно, ќе пропадне.

Што може, географски, една мала земја како Македонија да направи за своето образование?

-Не се обидувајте да ги копирате другите, развијте сопствен модел. Развијте македонски модел на образовен систем. Се разбира, со земање делови од успешни приказни, но немојте да бидете опседнати со тоа што го прават Германија, Франција, Велија Британија, САД. Бидете Македонци, мислам во однос на образованието. Се разбира, не може да има македонска математика, ама начинот на кој ќе се предава може да биде македонски. Резултатот ќе биде ист, ама правете го тоа на македонски начин. Предизвикот за условно речено малите, географски, земји е да предложат да бидат лабораторија. Имате капацитет да го сторите тоа. Не треба да се натпреварувате со Германија, Франција, Кина и други, но треба да се натпреварувате со себе.

Промовирајте ја македонската креативност, македонската иновативност, направете младите генерации и студентите да бидат горди што се Македонци, да бидат граѓани на светот, ама да бидат Македонци, граѓани на светот, ама како Македонци во основа, Мислам да не копирате други, создадете сопствен модел. Израел го стори тоа. Зедоа дел од Франција, дел од Велика Британија, дел од тогашниот СССР и изградија универзитетски модел што нема еквивалент.

Не копирајте. Исто е и со други мали земји земји што создадоа сопствен образовен систем. Луксембург, Финска (иако е поголема по територија, половина не е населена) изградија свој систем, не копираат, имаат фински образовен систем. Истото е и со Данска. Тоа е предизвикот за таканаречените мали земји. Тие треба да се сметаат себеси за уникатни, единствени лаборатории за образование, и можеби еден ден некој ќе побара помош од вас.

Жана П. Божиновска

Текстот е првично објавен на mkd.mk.