fbpx

Здравствен дом Скопје чека согласност од Тевдовски и Манчевски за да ги преземе вработените во затворските амбуланти

Здравствен дом Скопје чека одобрение од Министерствата за финансии и за информатичко општество и администрација, за да може да ги преземе вработените во затворските амбуланти во Казнено-поправниот дом Идризово и во Казнено-поправната установа Скопје.

zdravstven dom skopje ceka soglasnost za da gi prezeme vrabotenite vo zatvorskite ambulanti 1Д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом Скопје кој лани во ноември беше во посета на затворот Идризово, тогаш кажа до Нова година ќе ги преземат амбулантите и дека затворениците ќе добијат медицинска нега како на слобода (Фото: Здравствен дом Скопје)

Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) на 31 јануари годинава одобрил 21 милион денари за Здравствен дом Скопје да може да ги преземе затворските амбуланти. Д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом Скопје, вели дека со овие пари треба да се покријат трошоците за лекови, медицински средства и платите на вработените.

„Во моментов, во амбулантата во затворот Идризово има шест вработени медицински и немедицински лица, а во затворот Шутка има четири вработени. Договорите за преземање на вработените со директорите на затворите ги потпишавме, добивме согласност од Министерството за здравство и сега се чекаат и овие согласности. Се надевам дека до крајот на месецот таа работа ќе се заврши и конечно ќе ги преземеме амбулантите“, вели д-р Мехмедовиќ.

Според систематизацијата, за оптимално да работат затворските амбуланти во две смени, во КПД Идризово треба да има еден специјалист, двајца доктори по општа медицина, еден стоматолог, еден психолог, две медицински сестри и еден шалтерски работник. Во моментов во затворот има двајца лекари, две медицински сестри, стоматолог и психолог. Во КПУ Скопје според систематизацијата треба да има еден специјалист, двајца доктори, еден стоматолог, еден психолог и две медицински сестри, а во моментов таму има еден доктор, две медицински сестри еден психолог.

„За да го пополниме бројот со кадар според систематизацијата, ќе ни требаат дополнителни согласности за вработување. Во затворите исто така недостига и лабораторија, но според систематизацијата не е предвидено вработување лаборант. Тоа ќе го решиме така што ќе праќаме од нашите лаборанти да земат примероци, кои потоа ќе се анализираат во здравствената станица во Шуто Оризари или во Чаир“, вели д-р Мехмедовиќ.

zdravstven dom skopje ceka soglasnost za da gi prezeme vrabotenite vo zatvorskite ambulanti 2По преземањето на персоналот, Здравствен дом Скопје треба да ги доопреми затворските амбуланти

Тој кажа дека според последните информации што ги добиле од Агенцијата за извршување санкции, во моментов во двата затвори има 1.500 осудени лица кои издржуваат затворска казна.

„Идејата беше и тие да бидат осигуреници на ФЗОМ и за нив осигурувањето да го плаќа Агенцијата за извршување санкции, но сѐ уште не е утврдена сумата која за нив треба да се плаќа за здравствено осигурување“, вели д-р Мехмедовиќ.

Обезбедувањето здравствена заштита за затворениците изминатите години постојано беше критикувано од невладините организации, а сериозни забелешки имаше и Народниот правобранител, бидејќи голем дел од затворите беа оставени само со еден лекар, а во некои затвори низ земјава немаше ниту еден доктор. Исто така, имаше сериозни заблешки и на просторните услови во кои се одвива здравствената заштита, односно амбулантите се руинирани и без потребната опрема.

„Опремувањето на амбулантите ќе оди дополнително. Овие пари од ФЗОМ ни се за лекови и плати на вработените“, вели д-р Мехмедовиќ.

Е. БОЧВАРОСКА

Тагови: