fbpx

Балканот и непотизмот: Немаме кралеви, но имаме династии

  • Не постои владејачка гарнитура во земјите од Западен Балкан која не била обележана со непотизам и скандали за вработувања на членови на семејство на функционери на атрактивни работни позиции.
  • Во Албанија речиси сите централни политичари имаат свои луѓе назначени на јавни функции.
  • Кога ќе се погледнат во Македонија сите звучни имиња невозможно е луѓето кои бараат вработување да не се запрашаат колкави се нивните шанси кога ќе им се вкрстат патиштата со член на некоја мини македонска династија.
  • Во БиХ постои Комисијата за утврдување судир на интереси која ретко заседава и најчесто носи симболични санкции за политичарите кои профитирале во јавниот сектор злоупотребувајќи ги своите позиции.

Регулатива

Еден редовен конкурс за работа во Македонска навигација (М-НАВ) одмота клопче на долгогодишно вработување на татковци, синови, ќерки, сестри, снаи и внуци во една од добростоечките државни компании во Македонија. Политичари го користеле своето влијание за во М-НАВ да си ги удомат најблиските бидејќи платите се со висок износ и редовно се исплатуваат. Во М-НАВ може да се зема плата во висина на министерска или премиерска (за илустрација: директорска просечна месечна бруто плата во М-НАВ во 2022 година била 6.100 евра месечно), без одење на избори и без граѓански гнев за неисполнување на ветеното.

М-НАВ е само еден пример во илјадниците такви на Балканот, затоа што како што велат нашите соговорници од Босна и Херцеговина кои ги консултиравме за оваа тема, непотизмот стана правило на однесување на овие простори.

Па, непотизмот стана правило на однесување. Од една страна имаме вработување во јавниот сектор на блиски роднини, а од друга страна имаме вработување на членови на исти политички партии, политички опции кои се на власт на кое било ниво во БиХ. Ако зборуваме за непотизам и борба против тој непотизам, далеку од тоа дека законските прописи го регулираат“, вели Мира Пекиќ, претседателка на Комисијата за одлучување за судир на интереси во БиХ.

Ако по дефиниција, непотизмот е давање предност, пред сѐ при вработување на роднини, но и на други блиски, во Македонија велат експертите, оваа форма е надмината, па не се застанува само на фаворизирањето, туку се оди до ангажирање на целите системи за тие да ги вклопат квалификациите на фаворизираниот кандидат во барањата на конкурсот за вработување или унапредување. Не постои владејачка гарнитура во земјава која не била обележана со непотизам и скандали за вработувања на членови на семејство на функционери на атрактивни работни позиции. Па така, високи партиски функционери и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ и на некои други помали партии имаат членови на семејствата вработени во јавната администрација, а особено често медиумите ги забележуваа и вработувањата во атрактивните МЕПСО, ЕЛЕМ, ЕСМ, АЕК и во последно време и М-НАВ.

Во Албанија, пак, непотизмот за разлика од другите земји во регионот, е поврзан со провинцискиот непотизам. Африм Красниќи, научен истражувач од Институтот за политички студии кој има работено научноистражувачки трудови токму за непотизмот во политиката и администрацијата во Албанија, вели дека тоа е затоа што Албанија долго време била управувана од одредена провинција.

„Биле унапредувани министри или високи функционери од покраината од каде што бил политичкиот лидер, и се создаде идеја целото последователно тело на министри и соработници да биде од оваа провинција. И како таков, се создаде концептот на провинции во Албанија“, вели Красниќи.

Историјатот покажува дека во Албанија во времето на Зог во власта преовладувале поединци кои дошле од неговиот крај. Во времето на Енвер Хоџа, државата ја воделе и поединци кои потекнуваа од неговиот крај познат како „Првото оперативно подрачје“. И во времето на Бериша предност имале поединци од неговиот крај, итн.

„Ова го наруши и концептот на пропорционална застапеност на Албанија и распределбата на, како што се нарекуваат привилегии и одговорности на различни групи на население. На пример – Елбасан, или Берат, два од градовите со најголем број образовани луѓе за време на комунистичкиот систем. Ако се погледне статистиката, тие имаат најмала застапеност на министерско ниво. Затоа што немаат политички лидер од нивните области кој може да привлече и именува министри. Ретко имаат министри. Додека пратениците – повеќето од нив – се именувани од Тирана. Прилично малите градови на периферијата на Албанија имаат рекорден број министри. Еднаш имаше едно мало село со четворица министри, селото Туран во Телепена, објаснува соговорникот Красниќи од Албанија.

Никој не сака регулатива

Како појава која не е исклучиво негативна, непотизмот тешко може и да се регулира бидејќи законодавството ќе треба да се впушти во оцени дали синот, ќерката, зетот или снаата се навистина соодветни за таа работа или пак се примени на работното место поради семејните врски.

taseva 300x300 1„Уште од почетоците на антикорупцијата во Македонија, од крајот на деведесеттите почнавме да зборуваме за тоа дека треба да бидат обезбедени можности подеднакво за сите, а не само за своите. Дури имавме и таква кампања. Дури рековме и нема проблем некој од своите  да ја добие работата или да го добие тендерот, но нека ги исполни условите на еден отворен, транспарентен повик, конкурс, натпревар каде што сите останати ќе бидат убедени дека натпреварот бил фер и транспарентен и обезбеден подеднаков пристап за сите, меѓутоа тој дел постојано се избегнува“, вели Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси Интернешнл Македонија.

balkanot i nepotizmot nemame kralevi no imame dinastii 1
Здравството е еден од ресорите каде важи дека таму не може да влезе никој друг освен децата на лекарите

Тасева додава дека напишаните правилници за регулација на непотизмот останале само на хартија.

„Напишавме многу закони, напишавме многу процедури, правилници, како ќе се спроведуваат постапките за запишување на факултет, за избор на полицајци, за избор на судии, за избор на јавни обвинители, формиравме институции коишто требаше да се грижат за сето тоа, гледаме како сѐ уште одат изборите и тогаш најгласни беа вработените во секторот здравство затоа што таму не можеше да влезе никој друг освен децата на лекарите или пак на факултетите каде што сѐ одеше по линија на наследство. Меѓутоа, се срушија критериумите, дури и во образованието. Нема критериуми кој може да стане доктор на науки и кој утре може да стане ректор на Универзитетот“, дополнува Тасева.

Во врска со регулативата нашите колеги, пак, од Босна и Херцеговина посочуваат дека во моментов, не постои закон за спречување на непотизам на кое било ниво на власт во земјата. Најблиску до донесување законско решение против појавата на непотизам е Кантонот Сараево. На крајот на април 2021 година, Собранието на кантонот Сараево го усвои Предлог-законот за спречување на непотизам и партиски вработувања во органите на јавниот сектор во КС (Кантон Сараево). Во овој момент не е сигурно кога овој закон конечно би можел да биде донесен. На државно ниво, постои Закон за судир на интереси во Владата на БиХ, кој беше усвоен пред повеќе од 10 години и наголемо се смета дека е многу погрешен. Во него, на пример, не се спомнува зборот „непотизам“.

Врз основа на тој закон во БиХ е формирана и Комисијата за утврдување судир на интереси. Комисијата делумно е составена од самите политичари/парламентарци (што е една од главните критики на законот). Многу ретко заседава. А кога навистина одржува седница, таа најчесто носи симболични санкции за политичарите кои профитирале во јавниот сектор злоупотребувајќи ги своите позиции и притоа не грижејќи се ни дека некој ќе ги обвини за непотизам. За овие симболични казни имаме податоци кои потврдуваат дека „кучињата лаат, карванот си врви“.

Така, оваа комисија на седницата одржана на 20 февруари крајно благо го казни актуелниот директор на Регулаторната агенција за комуникации (РАК), Драшко Милиновиќ, кој е и претседател на Тенискиот сојуз на Република Српска. Тој беше санкциониран со суспензија на 10 проценти од шест месечни плати бидејќи беше претседател на Тениската асоцијација на Република Српска кога оваа асоцијација доби три милиони КМ (конвертибилни марки) или 1,5 милиони евра од буџетот на Република Српска во 2022 година, а дури 12 милиони КМ (6,1 милион евра) во 2023 година!

Симболично е казнет и Драган Богданиќ, кој беше државен пратеник во периодот од 2018 до 2022 година, додека неговата сопруга беше на чело на Бања Вручица (здравствено-туристички центар во Република Српска), која тој ја основаше и која во тој период работеше со институциите на Босна и Херцеговина.

Споменатата комисија, пак, покажа принципиелност во случајот со Александар Золак, поранешен директор на Агенцијата за лекови на Босна и Херцеговина. Во периодот додека бил директор на оваа државна агенција, неговата мајка како член на собранието на компанијата ТНТ Бања Лука склучувала договори со институции кои надминуваат 5.000 КМ, што е годишен максимум пропишан со закон. Иако го надминал пропишаниот износ за 556 КМ, Комисијата сепак му изрече санкција на Золак.

Старите системи биле поправедни

Во врска со непотизмот, од Транспаренси Интернешнл БиХ посочуваат дека целта не е да се спречат членовите на семејството да работат заедно, туку да се спречи можноста јавниот службеник да биде пристрасен кон членовите на семејството при користењето на дискреционите овластувања, и во име на јавноста, да ангажира квалификувани јавни службеници.

Мира Пекиќ, претседателка на Комисијата на БиХ за одлучување за судир на интереси, пак, вели дека непотизмот не е карактеристичен само за членови на семејства туку и во партиските „семејства“.

„Од една страна имаме вработување во јавниот сектор на блиски роднини, а од друга страна имаме и вработување на членови на истите политички партии, политички опции кои се на власт на кое било ниво во БиХ. Имате еден член на семејството во јавниот сектор, друг член во приватниот сектор, а потоа се склучуваат договори кои ги анализираме според Законот за судир на интереси и наметнуваме одредени санкции. Ако зборуваме за непотизам и борба против тој непотизам, далеку од тоа дека законските прописи го регулираат“, вели Пекиќ.

Иако на прв поглед непотизмот е заеднички именител на три земји кои ги земавме предвид за оваа истражувачка сторија – Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија, сепак од држава до држава тој има свои специфики. Во Албанија, на пример, има два вида непотизам. Непотизам кој е поврзан со преземање јавни позиции од членови на исто семејство, одлучувачки позиции, не мора само во парламентот. Таков непотизам има на многу раширено ниво во Албанија. Речиси сите централни политичари имаат свои луѓе назначени на јавни функции. Ова е еден вид непотизам кој е донекаде поврзан со класичниот концепт на непотизам кој го контролира целиот сегмент, од централната власт до локалната власт.

Вториот вид непотизам е оној кој ги пренесува пратеничките мандати од генерација на генерација. Има случај кога пратеник кој го загуби мандатот поради законот за декриминализација си замина и наместо него си го постави своето дете. Или татко и син во две различни политички партии претставени во парламентот. Или членови на исто семејство во различни партии во парламентот.

Нашиот соговорник Африм Красниќи од Институтот за политички студии, вели дека ова е поврзано со политичката традиција, политичката култура и големината на државата.

Со политичката традиција, бидејќи во Албанија да се биде од големо семејство се смета за право и привилегија во однос на другите. Што значи, и привилегија да биде именуван и да добива позиции. Со политичката култура, затоа што најголем дел од именувањата во Албанија не се доделуваат во конкуренцијата, меритократијата, транспарентноста или некакви јавни огласи. Како такви, тоа значи дека тие доаѓаат од нечија лична волја.

krasnik 300x300 1„Со оглед на тоа што сме мала земја, со ограничен простор, со понекогаш строги критериуми за функции и со политика која обично е концентрирана само во главниот град, практично е неизбежно да има такви појави кои водат до политички врски или влијанија, истакнува тој.

Красниќи открива и еден куриозитет: некогашната политика во Албанија била далеку повнимателна обидувајќи се да покаже поправеден систем за разлика од денешните модерни политичари.

„Иронијата е што во 1920-тите и 1930-тите кога почнавме да ја градиме државата, беше вклучено во Уставот и во основните закони на членовите на исто семејство да им се забранува да добиваат високи функции, да бидат членови на Врховниот државен совет, да бидат членови на Државниот совет, или да бидат членови на владата, за да го распределат составот. Ако се погледне Собранието на Валона и Собранието на Лушња, напорот на татковците – основачи на албанската држава беше да се избегнат ваквите проблеми и да се изберат претставници од сите региони на Албанија. Ако ги земете првите министри во 1912-1913 и 1920-тите, има претставници од југ кон север. За да има што поголема дистрибуција и поголема застапеност за народот да се чувствува поврзан со државата и политичкиот систем, а таканаречените семејни или провинциски влијанија да се минимизирани“, открива Красниќи.

Кога непотизмот значи скандал

Таквите примери денеска не се посакувани. Ниту пак се води грижа за таков вид на кохезија, а во поекстремни варијанти се игнорираат предупредувањата да се намалат појавите на таканаречен негативен непотизам.

Во Македонија Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) има полни раце работа на тоа поле. Комисијата имаше забелешки за условите во конкурсите, за необјавување ранг листи при вработувањата, или создавање на вештачки работни места за нечиј роднина. Директорите во јавните институции често посегаат по членот 21 од Законот заработни односи, кој дозволува маневри преку дискреционо право за конечниот избор на кандидатот за работното место. „Работодавачот има право на слободно одлучување, со кој кандидат кој ги исполнува пропишаните договорени, односно од работодавачот барани услови за вршење на работата, почитувајќи ги законските забрани, ќе склучи договор за вработување“, пишува во членот 21 од Законот за работни односи.

balkanot i nepotizmot nemame kralevi no imame dinastii 2
Во Законот за антикорупциска комисија на Македонија нема механизми со кои ДКСК би се справувала со оваа појава на ефикасен начин (Извор: ФБ профил на ДКСК)

Ова, но и интервјуто со кандидатите, како алатка околу која нема опиплива мерка за вреднување често се користи како пресуден критериум при одлуката за вработување.

Но, Антикорупциската комисија има ограничени можности за дејствување. Нивната улога е само да даваат препорака. Во Законот за антикорупциска комисија на Македонија нема механизми со кои ДКСК би се справувала со оваа појава на ефикасен начин.

Еден од поголемите скандали за непотизам во последниот период беше случајот со синот на поранешниот претседател на Собранието, а сега технички премиер Талат Џафери за кого Комисијата констатираше дека добил право да полага правосуден испит пред да ги исполни законските услови за тоа. ДКСК констатираше дека е немоќна во случајот, затоа што Министерството за правда ги чувало овие документи само една година. Синот на Џафери дипломираше на Академијата за судии и јавни обвинители и стана обвинител заедно со сопругата на главниот обвинител за гонење на корупција и организиран криминал, Ислам Абази. Последното е уште еден пример за брачни сопружници кои се во иста бранша која е многу чувствителна за правниот систем на државата и теоретски кажано можат дома да си разменуваат и детали од истраги.

Претходно, за време на сегашната владејачка гарнитура, „популарни“ беа и случаите на вработувања во Електростопанство на Македонија (ЕСМ) на таткото на сопругата на поранешниот генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, ќерката на поранешниот собраниски спикер Талат Џафери, синот на пратеничката Мира Стојчевска, сестрата на тогашниот министер за култура, Асаф Адеми. Во МЕПСО, уште една добростоечка државна компанија во Македонија, работни места добија синот на еден од поранешните премиери, Владо Бучковски и сестрата на министерот за економија, Крешник Бектеши како и многу други.

balkanot i nepotizmot nemame kralevi no imame dinastii 3
Еден од поголемите скандали за непотизам во последниот период беше случајот со синот на поранешниот претседател на Собранието Џафери (Извор: ФБ профил на Талат Џафери)

Од  претходната власт, Комисијата за спречување на корупција меѓу другите ги нотираше и случаите со вработувањето на таткото на пратеникот Игор Јанушев во Центарот за управување со кризи, потоа двајца братучеди на пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, вработени со дискреционо право на тогашни директори од ВМРО-ДПМНЕ, непотизам е констатиран и при вработувањето на сопругата на поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Голем дел од овие случаи не добија разврска, бидејќи застареа.

Во дел од посочените случаи, блиските роднини на функционерите се повлекоа, но дел останаа на работните места откако и функционерите и претпријатијата во кои беа ангажирани најжестоко тврдеа дека непотизам не постои и дека се запазени сите критериуми.

Синот го заменува таткото во парламентот

Кога ќе се погледнат сите овие звучни имиња невозможно е луѓето кои бараат вработување да не се запрашаат колкави се нивните шанси кога ќе им се вкрстат патиштата со член на некоја мини македонска династија. И да влезат во разочарувачката статистика на иселени од државата.

„Една четвртина од државата си замина. Ние ги загубивме тие квалитетни луѓе кои можат да ја поведат оваа држава напред. Останавме со оние кои немаат компетенција, кои немаат квалитет, ама имаат некого во семејството кој што ќе ги поддржи без разлика што тие не се компетентни. Меѓутоа, дали одиме на лекар таму каде што знаеме дека лекарот не го бива или гледаме како работат судовите и кои судии како судат. За мене најпоразително беше што се дозволи деца на видни лица кои што се лидери во оваа држава и кои треба на свој пример да покажат како треба да се води државата, да влезат во институциите со дамка, со неположен правосуден испит, или со немање стаж две години и да влезат во Академијата за судии и обвинители“, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл Македонија.

Состојбата не е поразлична ниту во Албанија само што таму непотизмот, така да се изразиме, има друго име и презиме. Орландо Ракипи, пратеник избран во 2021 година, го зазеде местото на неговиот татко во парламентот откако мандатот на неговиот татко беше одземен со законот за декриминализација. Овој закон предвидува да не можат да се избираат високи функционери со одредено криминално досие. Исто така, има и закон кој вели дека пратеничкиот мандат се суспендира ако пратеникот не пријавил дека претходно бил дел од обвиненија или судски казни. Орландо, синот на Аќиф Ракипи, кој го загуби мандатот поради овој закон, претходно не се занимавал со политика ниту еден ден пред да се кандидира и победи како еден од најгласаните (избран со најмногу гласови) пратеници во Тирана. Истата приказна се повтори и со Реме Лала, на чиј што татко со истиот закон му беше одземено пратеничкото место. Неговата ќерка подоцна го замени во парламентот. На високо министерско ниво имаше, пак, случај статусот „стратешки инвеститор“ владата да го даде на сопругот на министерка од владиниот кабинет. Овој статус овозможува големи финансиски можности за инвестирање во повластени области во Албанија и притоа да не се плаќаат даноци 10 години.

Шефот на парламентот и внукот

Корените на овој комодитет во Албанија лежат во игнорирањето на етиката и моралот на највисоко ниво. Нашиот соговорник Красниќи, одлично го отсликува тоа низ пример како се однесуваат луѓето што заземаат клучни позиции. „Кога се правеше реформата во правосудството, ние како Институт за политички студии го следевме конфликтот на интереси. Во парламентот се создаде структура која ќе го следи процесот. И забележавме дека главен лидер на структурата беше внук на лидерот на парламентот. Кога му кажавме на парламентот дека овие избори немаат смисла, бидејќи лидерот на парламентот не може да го назначи својот внук да ги контролира независните институции во кои беше вклучен парламентот, практично парламентот ни одговори дека немаме правила за ова, значи ако нема правила кои забрануваат, тогаш тоа е дозволено“, вели тој.

Продолжението може лесно да се претпостави.

„Го имавме непотизмот во реформите во правосудството. Голем број поединци го напуштија системот поради неисполнување на критериумите, а кога ги погледнавме новодипломираните, излезе дека повеќето од нив се деца на заминатите. Дали за ова може да се обвинат децата? Не. Од друга страна, нашите човечки ресурси беа крајно ограничени. Затоа, практично децата ќе ги заменат родителите кои беа исклучени од системот. Ова е типичен пример за големото влијание што го има непотизмот во Албанија“, додава Красниќи.

balkanot i nepotizmot nemame kralevi no imame dinastii 4
Во сите земји од регионот судството и администрацијата се на врвот на листите по случаи на непотизам

Елитата и останатиот дел од јавноста секогаш биле и ќе бидат во судир. Оттука и гневот кога елитните струки се достапни само за „одбрани“ членови на општествата. Капиталистичкото уредување кое во основа ја има мантрата за еднакви шанси има своја противречност кога станува збор за непотизмот. Политичките династии се одлика токму на развиени држави како САД каде семејството Буш на пример даде двајца претседатели на државата и еден гувернер на сојузна држава, или пак сопружниците Клинтон, или култната династија Кенеди. Во нашето опкружување Грција ги има политичките династии Караманлис, Мицотакис, Папандреу од кои излегоа славни и талентирани политичари.

Во Македонија има одлични примери во медицината на талентирани лекари од исто семејство. Тоа од друга страна ја прави беспредметна дискусијата за непотизмот затоа што има и добри примери на членови на семејство во иста област кои покажуваат одлични резултати во работата. Некои се бранат и дека одземањето на шансата во такви случаи е дискриминација.

Но, како што рековме непотизмот има добри и лоши страни, а вторите засега сѐ уште доминираат, и впечаток е дека се во некоја сива зона, со симболични санкции кои нема да ја променат состојбата.

„Дали санкциите се доволни за истовремено да се спречи непотизам ако зборуваме за вработување на блиски роднини? Па, не се. Затоа што тоа се симболични санкции и, морам да кажам, само стимулираат. А да не зборуваме за непотизам меѓу сопартијците. Тоа е непотизам. Никаде не пишува дека во финансискиот извештај треба да ги наведат и сопартијците. Но, тоа е многу јасно. Вработувањето на партиски колеги е тежок облик на непотизам и сето тоа е вовед во една корупцијата што ја има во општеството и на која речиси никој повеќе не се осврнува“, разочарано заклучува Мира Пекиќ, претседателка на Комисијата за одлучување за судир на интереси во БиХ.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Соња Крамарска, Катерина Ѓуровски (Македонија), Јона Плумби („Faktoje“ Албанија), Маја Боричиќ (CIN Црна Гора)
Сниматели: Зоран Догов, Atdhe Mulla
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ
 

Поврзани стории