fbpx

Со „Пешбус“ на училиште во Словенија

Основното училиште „Грм“ се наоѓа во гратчето Ново Место, кое има околу 24.000 жители и е оддалечено повеќе од 70 километри од Љубљана. Кога на 1 септември 1971 година за првпат се отвориле вратите на новото основно училиште, тоа било голем настан за повеќе од 900 ученици и нивните родители, но и за целиот град. Неколку години по отворањето, училиштето веќе имало повеќе од илјада ученици. Со порастот на бројот на ученици, почнуваат континуирани инвестиции.

Денес, со „Пешбус“, учениците одат на училиште пешки во организирани групи и придружени од возрасно лице по осмислени патеки и според редовен распоред. Овој проект првпат е воспоставен во пролетта 2017 година. Поради големиот интерес на децата, кампањата била продолжена. Од 44 деца регистрирани на почетокот, сега повеќе од 200 деца патуваат со „Пешбус“ на училиште, на пет релации секој ден. Околу 12 родители и волонтери секојдневно ги придружуваат децата од различни делови на градот до училиштето. Децата од областа Јединчица патуваат најдолго, поминувајќи растојание од повеќе од три километри за околу 45 минути. Поради проектот, се регистрираат до 40 автомобили помалку на ден во околината на основното училиште Грм.

Училиштето има отворено игралиште. Според директорката Зденка Махнич, како и сите училишта лоцирани во центарот на градот, тие имаат малку надворешни површини. Околните училишта имаат значително повеќе. Bо училиштето имаат прилично висок стандард во однос на храната, греењето, теретаната и опсегот на активностите. Директорката вели дека покрај редовната настава, тие нудат 50 различни активности платени од државата, вклучувајќи спорт, уметност, театар, специјална помош за учење за деца со посебни потреби. Тие вработуваат специјално обучен персонал кој работи со овие деца за време на редовната настава.

Основното училиште „Грм“ е едно од петте основни училишта во Ново Место. Се затоплува со централно греење. Училиштето има 35 училници. Во една училница во просек има од 22 до 28 ученици. Има посебна училница за математика со интерактивна табла, како и посебна училница по технологија, каде што учениците се запознаваат со вештини за преработка на дрво и метал. На часовите по физика користат електрични уреди за мерење. Училниците за првачиња се видливо шарени, а во моментов има четири такви училници.  Во сите училници има проектори. Училиштето располага со трпезарија, а покрај неа е кујната, во која се  подготвуваат околу 800 оброци дневно.

Во училиштето има две спортски сали што, според надлежните, не е доволно. Директорката вели дека имаат значителни ограничувања на просторот.

Во една од салите има sид за качување. Имаат интернет низ целото училиште, а во училиштето e вработен компјутерски техничар. Во компјутерската просторија, којашто е приспособенa зa децата, има 3Д-печатач.

За време на учењето на далечина поради пандемијата, проблематичен бил само недостигот од модеми за децата. Дел од модемите потоа обезбедило Министерството за образование, коешто исто така финансирало купување 15 компјутери. Модеми се барале и преку донации и на крајот сите деца успешно биле опремени со компјутери и со интернет.

Европската Унија неодамна го кофинансирала енергетското реновирање на училиштето. Прозорците и надворешните врати се нови, како и фасадата. Сите реновирања се вршат во договор со Општина Ново Место. Имено, Oпштината одлучува колку средства ќе одвои за потребите на секое училиште. Ова зависи од тоа колкав буџет има на располагање во определена година и какви се потребите.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Сандра Ханџиќ
Фотографија: Лука Тронтељ
Видео: Нуша Тронтељ

Прочитајте ја целата сторија: „Реформите во образованието треба да почнат од училишните тоалети“

Тагови: