fbpx

Желбата за профит може да ја уништи магијата на езерото Треска

Новиот урбанистички план за езерото Треска предизвика голем интерес и полемики во јавноста бидејќи предвидува значително менување на ликот на оваа локација. За да придонесеме кон дебатата за планираниот развој на некогашното главно рекреативно прибежиште на скопјани, разговаравме со Билјана Филиповска, архитектка којашто била дел од тимот за проектирање на овој спортско-рекреативен центар во 70-тите години од минатиот век.

Zelbata za profit moze da ja unisti magijata na ezeroto Treska 1

По децении ветувања дека комплексот Треска ќе се ревитализира, се промовираше новиот урбанистички план. Која е Вашата перцепција и оценки за планот, за категоријата на објекти, нивната позиција и катност?

Se gradese so samopridones ke se privatizira so subvencii 5- Иницијативата за ревитализација и наново урбанизирање на овој простор кој не ја опфаќа само рекреативната зона на езерото Треска од 54 хектари, туку и дел од неизграденото земјиште во негова близина со дополнителни 22 хектари потекнува уште од 2016. Целокупниот опфат од 75,84 хектари е приближно ист со територијата на која се протега селото Глумово или пак Шишево.

Во Просторниот план на Република Северна Македонија и во некои парцијални плански документи, просторот е дефиниран како погоден за развој на туризмот заради погодните природни ресурси, реката Треска, Езерото Треска и кањонот Матка, но се нагласува дека неговата корисност треба да се базира на пазарните законитостите кои ќе влијаат врз неговата економска и општествена оправданост.

Сепак, во документот се инсистира активностите на овој простор да бидат целосно усогласени со регулативата за заштита на животната средина, а земјоделското земјиште да не се пренаменува прекумерно во градежно земјиште. Врз основа на овие плански документи во 2017 г., Општина Сарај изработува Програма за изготвување на ДУП за Спортско рекреативниот центар - Треска во м.б. Ливада во КО Глумово и КО Шишево. ДУП-от веќе ја помина фазата на јавна расправа и е пред донесување.

Постојната состојба на рекреативниот центар Треска поради негрижа е катастрофална. Тој е руиниран, запуштен, не се одржува и само ја потхранува меморијата на жителите на градот Скопје и околината на неговите златни времиња. Плански документ кој ќе овозможи ревитализација на просторот е повеќе од потребен. Тој ќе ја зголеми неговата употребна вредност и ќе создаде услови за одржување на сега напуштената водена површина на езерото кое претставува срце на просторот.

Понудениот нацрт план нема студија за ревитализација на езерото и одржлив начин на негово снабдување со вода, погодна за капење. Исто така, нема ниту студија за влијание на предвидените градби врз животната средина и заштита на водите и подземниот слив на бунарите Нерези - Лепенец. Дури и името на планот, не е во потполност соодветно на неговата содржина.

Евидентна е желбата на планерот максимално да го употреби просторот за градба, а да го остави езерото со мал заштитен појас од 5.000 м2, предвиден како плажа .

Вцртаните градби достигнуваат површина од 378.000м2 со разнородни намени, станбени површини во мали станбени единици, колективно домување во згради, хотелско сместување во големи габарити, мали и големи комерцијални единици, деловни објекти и објекти од инфраструктура.

Zelbata za profit moze da ja unisti magijata na ezeroto Treska 2

Како млад архитект учествувавте во архитектонското обликување на придружните елементи околу Езерото Треска за кои ќе се каже дека сте се воделе од „мајчинскиот приод кон природата и да се сочува природниот амбиент’. Колку денеска се води сметка за овие постулати?

- Овој магичен рамнински простор со прекрасни визури кон шилестите карпи на кањонот Матка, кон врвовите на Шара со звуците од жуборењето на реката Треска беше препознат од тогашниот Одбор за реализација на Програмата за спортско рекреативни објекти од самопридонесот на граѓаните на Скопје и понуден како локација за реализацијата на комплексот езеро Треска. Со голем ентузијазам се пријде кон просторот, со природниот облик на езерото, мекиот контакт на водената површина со тлото, транспарентните и лесни објекти за угостителство, санитарии и гардероби, настрешници, дрвени платформи за сончање и со хортикултурното и партерно уредување да се надопoлни овој природен амбиент без да ја изгуби човечката димензија. Не случајно младиот проектански тим на комплексот ја доби наградата за архитектура на весникот „Борба“.

И со новиот план, на просторот му е пријдено со ентузијазам, но овој пат, целта е максимално да се изгради и да се профитира, без оглед на девастацијата на природните вредности.

Zelbata za profit moze da ja unisti magijata na ezeroto Treska 3

Дали по продажбата на земјиштето на Треска, овој простор од јавен ќе стане приватен простор и колку ќе остане достапен за скопјани кои со години за неговата изградба издвојуваа средства преку самопридонес?

- Прашањето на сопственоста на просторот и инвестициското учество на граѓаните е правничко прашање за кое не можам да дадам компетентен одговор, но сметам дека тој факт не треба да се занемари. Рекреативниот центар на езерото Треска е несомнено простор од јавен интерес и тој треба да им служи на сите жители на градот и околината. Планот, се надевам преку јавни дискусии и укажувања ќе успее да ги избалансира потребите за рекреација на граѓаните особено во летниот период и потребите за развој на туризмот во овој регион за да може економскиот развој да го направи одржлив просторот. Воведување на локации за викенд куќи во урбаниот блок Б1 во кој спаѓа езерото и просторот непосредно околу него наменет за спорт и рекреација е грубо приватизирање на простор од јавен интерес. Општината има предвидено доволно простор за објекти со комерцијална и деловна содржина, за објекти за времено домување и останати деловни намени во останатите три урбани блока предвидени со планот Б2,Б3 и Б4. Неизбежно е да се направи студија за начинот на користење и одржување на просторот, а особено за начинот на одржување на водата и зеленилото околу езерото, без кое сите други содржини ќе губат од својата вредност и ќе се намали интересот за потенцијалните инвеститори.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Соња Петрушевска

Прочитајте ја целата сторија: „Се градеше со самопридонес, ќе се приватизира со субвенции“

Тагови: