
- Еден од клучните инструменти на САД - црните листи, станаа секојдневие на Балканот.
- Листите со т.н. означени личности од Балканот се прилично долги, а на нив може да се „сретнат“ и починати лица.
- Ставањето на црната листа најчесто има само политичко, а не суштинско влијание врз поединците и компаниите.
- Заострувањето на санкциите некаде е проследено со затворање на сметки од страна на банките на санкционираните физички и правни лица.
- Балканот со љубопитност ги чека црните листи, но потоа настапува разочарување од сознанието - „секое чудо за три дена“.
Еден од клучните инструменти на САД листата на непожелни лица, позната како „црна листа“ станаа секојдневие на Балканот. Политичари, бизнисмени и магнати се оние кон кои се користи популарната американска „мерка за дисциплина“. Но дали тоа донесе резултати - е друго прашање.
Во повеќе од две декади, над десетина политичари и бизнисмени, претставници на судската власт од Македонија, самостојно или „во пакет“ со нивните семејства, се најдоа на американската црна листа. Најголем дел од нив имаат забрана за влез во САД. Последното ажурирање на листата од Стејт Департментот е со Артан Груби и неговото потесно семејство и судијата Енвер Беџети. Тие добија забрана за влез во САД, а Вашингтон најави и можни дополнителни санкции. Поранешниот вицепремиер и високо позициониран политичар во партијата ДУИ, беше посочен заедно со актуелниот судија во Апелацискиот суд, Енвер Беџети за корупција преку примање мито за поткуп во судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс моќникот од ерата на Груевски, Сашо Мијалков кој исто така е на американската црна листа.

Крајната цел на санкциите не е казнување, туку поттикнување на позитивни промени во однесувањето, стои во соопштението на Министерството за финансии на САД од април 2022 година, кога поранешниот претседател на заедничката држава Србија и Црна Гора и поранешен потпретседател на Демократската партија на социјалистите (ДПС), сега бегалец, Светозар Маровиќ, беше додаден на списокот на американските санкции. Оваа изјава можеби најдобро покажува дека ставањето на црната листа најчесто има само политичко, а не суштинско влијание врз поединците и компаниите.
Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) стави неколку црногорски државјани на листата на санкции во текот на изминатите десет години, поради сериозни обвинувања за корупција, организиран криминал и злонамерно руско влијание, меѓутоа, ниту еден од нив не претрпе значајни последици.
И во Босна и Херцеговина, само во последните 10 години повеќе од 60 лица се ставени на списокот за санкции на американското Министерство за финансии поради непочитување на Дејтонскиот договор, поткопување на државните институции, криминал и корупција и загрозување на мирот и стабилноста во регионот. Повеќето од нив се функционери и се во Република Српска. Претседателот на Република Српска Милорад Додик, двапати се најде на списокот со санкции на САД. Првпат беше санкциониран во јануари 2017 година поради попречување на спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор. Во тогашната одлука на OFAC беше наведено дека им се дозволува на американските власти да го блокираат пристапот на Додик до кој било имот или негов имот под јурисдикција на САД. Исто така, на американските физички лица со оваа одлука им е забрането да вршат трансакции со него.
И во Албанија повеќето од личностите на американската црна листа се од „висок профил“ а често и политичари. Тоа се Аќиф Ракипи, екс-пратеник, Или Ндроќи, сопственик на ТВ Ора, како и лидерот на демократската опозиција Сали Бериша, кој во 2021 беше јавно означен поради вмешаност во корупција.

Но, што по ставањето на црната листа? Што се случува со тие луѓе и дали трпат некакви реперкусии? Од Централната банка на Црна Гора (ЦБЦГ), која е одговорна за надзор над спроведувањето на Законот за рестриктивни мерки, велат дека нема црногорски граѓани под рестриктивни мерки што финансиските институции во Црна Гора се должни да ги почитуваат.
„Списоците за санкции на Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД им служат на финансиските институции надвор од САД за дополнителни проверки во форма на следење на ризикот на лицата со кои влегуваат во односи или имаат воспоставено деловни односи, па согласно оценката, тие преземаат мерки и дејствија против нив, во согласност со нивните интерни политики“, вели еден од директорите на сектори во банката, Никола Башановиќ.
Листите со т.н. означени личности од Балканот се прилично долги а на нив може да се „сретнат“ и починати лица. Во Црна Гора на американската „црна листа“ моментално се покојниот Бранислав Миќуновиќ, бегалецот Светозар Маровиќ, Миодраг Дака Давидовиќ, Сергеј Кокорев и неговата компанија Интернешнл Бизнис Корпорејшн Бар и фирмите на Насер Кељменди и неговото семејство во Црна Гора - компанијата Доната и хотелот Каса Гранде во Улцињ. Санкциите вклучуваат блокирање на нивниот комплетен имот во Америка или имот и фирми кои се контролирани од луѓе блиски до нив во таа земја. Маровиќ беше додаден во 2022 година, а Миќуновиќ и Давидовиќ во 2023 година, додека другите од претходно се на оваа листа.Колку црната листа влијае на нивните животи најдобро илустрира фактот што адвокатот на Маровиќ, Здравко Беговиќ, не ни знае дека неговиот клиент е на списокот. Во разговор со нашата новинарка изјави дека тој и Маровиќ не ни разговараат за тоа.
Маровиќ пред речиси една деценија се спогоди со обвинителството и ги призна обвиненијата за корупција како градоначалник на Будва. Тој беше осуден на три години и девет месеци затвор и плати околу еден милион евра, но побегна во Србија пред да започне со издржување на казната. Потоа доби српско државјанство, а властите во Србија со години ги игнорираат барањата на Црна Гора да го екстрадираат за издржување на казната.
Со децении перат пари, а никој „не видел“
Министерството за финансии на САД во ноември 2023 година објави дека Миодраг „Дака“ Давидовиќ е на списокот затоа што „со децении перел пари за криминални синдикати, создавајќи криминална империја заснована на шверц на цигари, нафта и оружје во Црна Гора“. Тој, се додава, бил вмешан и во скандалот што доведе до апсење на генералниот секретар на Владата на Северна Македонија, Драги Рашковски.
Од Специјалното државно обвинителство на Црна Гора не одговорија на прашањето дали покренале постапка против Миодраг Дака Давидовиќ или Сергеј Кокорев и доколку е така, во која фаза се тие и за какви кривични дела се товарат.
Давидовиќ, исто така, не одговори на прашањата дали тоа што се најде на црната листа на САД влијаело на неговиот живот и деловни активности. Дека Давидовиќ не претрпел никакви последици поради санкциите, говори и неговото непречено учество на тендерот за купување на железарницата Никшиќ.
Бранислав „Брано“ Миќуновиќ е ставен на црната листа во 2023 година, под обвинение дека „со децении е една од водечките фигури на организираниот криминал во Црна Гора“. Тој беше косопственик и сопственик на неколку компании од коцкарскиот и градежниот бизнис во Црна Гора. Почина во април минатата година, но сѐ уште е на американската листа. Црногорски „Вијести“ пишуваше дека имотот на неговата компанија „Зета филм“ е двојно зголемен од 2022 година.
Насер Кељменди, неговото семејство и нивните компании беа ставени на црната листа уште во 2015 година. Американското Министерство за финансии тогаш објави дека Кељменди е препознаен како наркобос и дека повеќе од 35 години бил вклучен во криминални активности на Балканот, со мрежа на соработници низ Европа.
Во соопштението од 2015 година се додава дека неговата организација води мрежа за дистрибуција на дрога која се протега од Авганистан до Турција и Европа, првенствено за продажба на хероин, но и за шверц на кокаин и екстази. Со одлуката на САД беа опфатени и четирите деца на Кељменди – Бесник, Елвис, Доната и Лиридон „за поддршка на неговите активности за трговија со дрога или дејствување во негово име“.
Неколку Црногорци, пак, се на списокот на санкции воведени кон Србија. Меѓу нив и братот на Радован Караџиќ, Лука Караџиќ.

Во Македонија, освен поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети, на црната листа се најдоа и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на скопски Карпош, Стевче Јакимовски. Јанева зад решетки ја дочека веста дека е на црната листа на Стејт Департментот и дека има забрана за влез во САД. За поранешната специјална обвинителка, беше посочено дека постојат веродостојни информации дека побарала и добила поткуп за влијание на обвинителството. На црната листа на САД, покрај Јанева е и нејзиното потесно семејство. За градоначалникот, пак, беше образложено дека бил вмешан во корупција. Но тоа не ја загрози неговата политичка кариера и тој во моментов го троши четвртиот мандат како градоначалник на една од клучните општини на Скопје, Карпош.
На црна листа во Македонија е уште еден поранешен вицепремиер и бизнис моќник - Кочо Анѓушев, а таму „друштво“ му прават и сопругата и двете деца. Причината, како што соопштија САД е поради вмешаност во корупција додека бил на функција во владата. Во 2021 Анѓушев беше именуван за почесен конзул на Малта, но откако САД го стави на црната листа, оваа титула му е одземена од страна на тамошното Министерство за надворешни работи. Тоа е и единствената реперкусија која ја почувствува на свој грб.
На прашањето дали црните листи на САД се ефективни или се само своевидна порака до локалните власти, според директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски тоа е комбинација „по малку и од двете“ Сепак, тој оценува дека црните листи во Северна Македонија немаат некаков посебен ефект.
„Како што кажува и самата амбасада, ова е индикација од нивни истражувања и проверки на работите и е насока или препорака за локалните правосудни органи да постапуваат и да проверат за тие што можат да направат“, вели тој. Проблемот, додава Кржаловски, е што обично тоа доаѓа по завршување на политичките функции, а не додека се прават тие работи.
„Тогаш е предоцна, поминуваат и години додека се проверат некои од тие работи и нема ефекти од сето тоа“, смета тој.
Офанзива против Додик
Во БиХ, пак, обрачот се стегаше околу соработниците на Милорад Додик. Санкции беа воведени за Никола Шпириќ, висок функционер во партијата на Додик поради вмешаност во корупција. Покрај него, со истото решение се санкционирани и неговата сопруга, синот и ќерката. Во 2020 година беа воведени санкции и за Амир Зукиќ, тогашен функционер на партијата СДА (Странка за демократска акција), исто така поради вмешаност во корупција.
Половина година подоцна, во јануари 2022 година, започна „офанзива“ на американски санкции против Додик, неговото семејство и „мрежата за поддршка на Додик“. На 5 јануари 2022 година, санкциите беа продолжени кон Додик „поради коруптивни активности и закани за стабилноста на БиХ“. Покрај Додик, санкции беа воведени и за Алтернативната телевизија од Бања Лука, чиј сопственички удел ја поврзува со Милорад Додик, поточно е под негова контрола. Во одлуката за санкции беше наведено дека им се блокирани целиот имот и правата на имотот лоцирани во САД.
Истиот ден, тогашниот советник на Додик и поранешен претседател на Високиот судски и обвинителски совет на Босна и Херцеговина, Милан Тегелтија, исто така беше санкциониран од Стејт Департментот, како и неговата сопруга Тијана и претседателот на партијата ПДА Движење за демократска акција), Мирсад Кукиќ (кој оттогаш почина). За Тегелтија беше наведено дека ја искористил својата функција за да добие бенефиции во замена за мешање во судскиот процес и манипулирање со именувања на судски позиции и вработувања на други јавни позиции.

Во април 2022 година, на црната листа на САД беа ставени и Асим Сарајлиќ, висок функционер на партијата СДА и тогашен парламентарец, и Гордана Тадиќ, поранешна главна обвинителка на Обвинителството на БиХ, како и членови на нивните семејства. Како причина беше наведено дека ја загрозуваат стабилноста на регионот преку корупција и криминал. Во јуни истата година, тогашниот претседател на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Маринко Чавара и тогашниот министер за здравство на Република Српска, Ален Шераниќ беа додадени на списокот со санкции поради „поткопување на Дејтонскиот мировен договор и демократските институции на БиХ“.
Во септември 2022 година, тогашната државна обвинителка на БиХ, Дијана Кајмаковиќ, беше додадена на списокот за санкции за „континуирано поткопување на демократијата и владеењето на правото во Босна и Херцеговина“. Во образложението стоеше и е дека таа „е флагрантен пример на корумпиран државен обвинител на БиХ, поврзан со криминални организации“.
Босна и Херцеговина се чини ја предводи балканската листа на санкционирани од САД, па на неа има уште неколку дузини премиери и министри како на пример премиерот Фадил Новалиќ, членови на претседателството на БиХ, премиери и министри од Република Српска наведени како соучесници на Додик, шефови на разузнавањето, трговци со дрога и сл.
Последните во низата санкции, практично во последните денови од мандатот на Бајден како претседател на САД, беа објавени во јануари годинава и тие се однесуваа на функционери на Република Српска како министерот за внатрешни работи Синиша Каран, Џерард Селман, претседател на Уставниот суд и други, сите поради „антидејтонско однесување, корупција или други дејствија што го дестабилизираат или го загрозуваат територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“.
Треба да се нагласи дека заострувањето на санкциите врз основа на извршната наредба на американскиот претседател во изминатата година во БиХ беше проследено со затворање на сметки од страна на банките на санкционираните физички и правни лица.
Сали Бериша лут на Сорос
Како што наведуваат нашите медиумски соработници од Албанија, таму вкупниот број на лица на црните листи е 22. Интересно е што сите вклучително и оние кои беа дел од активниот политички живот кога беа објавени санкциите, продолжија непречено да ги извршуваат своите функции. Дури и оние кои подоцна беа обвинети и осудени од судот, како што се јавниот обвинител Адриатик Лала и градоначалникот на Драч, Ванѓуш Дако, не се соочија со реперкусии поради тоа што беа ставени на црната листа од САД, туку за сосема други случаи, поврзани со нивните јавни функции или нивното богатство.
Примерот со Сали Бериша е еден од илустративните. Љуљзим Баша, тогашниот претседател на Демократската партија, реши да го исклучи Бериша од пратеничката група на партијата поради тоа што беше на црната листа на САД. Тоа предизвика внатрепартиски судир и цепење на партијата, но по три години пак се обедини, а оваа година Бериша се кандидира за пратеник како претседател на Демократската партија.
Тогаш Рама за одлуката на САД го обвини Сорос.
„Моето прогласување за ‘нон грата’ е дело на Сорос со цел да и се помогне на владата на Еди Рама, која е најкорумпираната во Европа, и да и наштети на албанската опозиција и да ја оцрни нејзината 30-годишна наследство“, изјави тој.
Но, јавноста надвор од орбитата на Бериша не ги прифаќа неговите аргументи.
„Верувам дека црната листа имаше ефекти. Можеби изгледаат немерливи, но се видливи. На пример, во случајот со г-дин Бериша - политичари од неговиот калибар, оние кои воделе земја како премиери или претседатели, поминуваат половина од своето време размислувајќи за нивното политичко наследство. Завршувањето на кариерата на црната листа е дамка што никој не ја сака во својата политичка биографија“, вели Африм Красниќи, извршен директор на Институтот за политички студии во Албанија – невладина организација која ја надгледува корупцијата во институциите.
Поради неговото ставање на црна листа, од политика паузираше и Том Доши, некогашен претседавач на Социјалдемократската партија на Албанија, но по четири години тој е повторно назад и влезе во трка за парламентарните избори во мај оваа година.
Но, истовремено во Албанија има и обвиненија по ставањето на личности на црни листи. Таков е случајот со генералниот обвинител Адриатик Љала кој беше осуден на затвор, по што избега но Интерпол го уапси во Рим и го испорача на албанските власти, и случајот со бившиот градоначалник на Драч Ванѓуш Дако кој доби затворска казна но се спаси поради грешки во процедурата и сега е во куќен притвор.

Еуген Бечи, поранешен обвинител за тешки кривични дела во Албанија, вели дека црната листа има влијание и не е само симболична, туку и практична, бидејќи ги насочува гласачите, а често служи и како многу ефикасна алатка за решавање на прашања со кои домашните институции за спроведување на законот не се во можност да се справат.
„Но, за да се започне кривична истрага, потребни се многу посуштински докази отколку само мислење или став на странска држава. Сепак, тоа секако може да послужи како значајна причина за фокусирање на правните механизми на овозможување отворање на кривично дело“, истакна Бечи.
Во Македонија американската црна листа стана дел од политичката и правната дебата во земјава околу тоа дали можат да бидат основа за воведување на мерки од државата. Се бараше ограничување на економските и политичките активности на санкционираните лица. На пример, забрана за кандидирање на јавна функција за физичките лица или забрана за аранжмани со државата како на пример учество на тендери, за правните лица. Но, новата власт што дојде смета дека постојат доволно квалитетни процедури во рамките на системот за гонење на таквите кривични дела.
На таа линија е и нашиот соговорник, адвокатот Звонко Давидовиќ.
„Нашата законска рамка е доволна. Проблем што не ги применуваме законите. Има предвидено затворски казни, конфискација на имот, но проблемот е во тоа што извршната власт ги диригира комплетните работи во правосудството и законодавната власт. Американските црни листи немаат никакво влијание, тие луѓе кои се на црните листи и понатаму работат, живеат, остваруваат и го зголемуваат имотот и голем дел од нив активно учествуваа во одлуките кои се однесуваат на државата“, смета Давидовиќ.
Таков е случајот токму со македонскиот бизнисмен Кочо Анѓушев. Тој минатиот октомври дури се појави и на јавен настан заедно со министерката за образование, каде говореше за тоа какви кадри и се потребни на државата.
Обвинителството тврди дека води постапки за сите што се на црните листи. Но изостанува судски епилог.
„За Кочо Анѓушев се водеше постапка, но со измените на Кривичниот законик пропаднаа многу од случаите што ги гоневме. Ќе преземеме што можеме, но тешко се обезбедуваат докази“, изјави неодамна главниот јавен обвинител на Македонија, Љупчо Коцевски.
Слично е и со друг моќник, Рамиз Мерко, градоначалникот на Струга кој заедно со семејството е на црната листа. Поттикнати од црната листа против него се водат девет постапки за разни кривични дела, но сепак тој е сѐ уште градоначалник, а неговиот син Генц Мерко, кој исто така е на црната листа на САД, за време на претходната влада каде неговата партија ДУИ беше коалициски партнер, доби лиценца за отворање на Медицински факултет, но сегашната влада му ја одзеде.
На листата се и премиерот од 2006-2016 Никола Груевски и неговиот братучед, тогашен шеф на тајната служба, Сашо Мијалков, заедно со нивните семејства. Но, освен што Груевски мораше да избега и се наоѓа во азил во Унгарија за да ја избегне домашната правда, ни за едниот ни за другиот нема позначајни реперкусии, а Мијалков не одговараше соодветно пред домашниот закон ниту за тешките кривични дела, бидејќи по делумно одлежаниот затвор тој стана слободен граѓанин „благодарение“ и на измените на Кривичниот законик кои ја урнаа правдата во Македонија.
Црната листа не ги „оцрни“ ни бизнисмените Јордан Камчев и неговото семејство како и неговиот партнер во бизнисот Сергеј Самсоненко, затоа што тие и денес се на бизнис сцената откако се „раздолжија“ со македонското правосудство со затворски казни и конфискација на имоти кои не им го нарушија значително богатството. Интересно е што Камчеви се најдоа на црната листа откако правосудството заврши со нив. Рускиот тајкун со македонско државјанство Самсоненко продолжи да си го гради хотелот во центарот на Скопје како ништо да не било.
Црната листа на САД не ги „оцрни“ ниту Мерко, ниту Анѓушев, ниту Мијалков ниту Камчев чии бизниси продолжија (Фото извор: Општина Струга, МИА, Влада, Аџибадем Систина)
И Обвинителството на Босна и Херцеговина покрена истрага против неколку лица на црната листа на САД. Како што рекоа, предметите што се процесираат се формирани веднаш откако одредени поединци и функционери беа ставени на црната листа на Владата на САД. Сепак, тие не открија кои се лицата. Но, слични изјави доаѓаа од оваа судска институција и претходно, поточно во текот на 2023 и 2022 година, меѓутоа немаше конкретен епилог.
Сепак претходно или истовремено беа покренати истраги против одредени лица кои беа на црната листа за корупција и злоупотреба на службената положба, што, како и во случајот со поранешниот премиер на БиХ, Фадил Новалиќ, резултираше со обвиненија и пресуди. Меѓу нив е и Милорад Додик.
Некои од личностите на црната листа се согласија да зборуваат за нивните искуства. Милован Бјелица, поранешен градоначалник на Соколац и еден од основачите на Српската демократска партија (СДП), за босански „Фокус“ изјави дека е на американската црна листа од 2003 година. Таа година, тој беше сменет од функцијата претседател на тогашниот град на српско Сараево, под обвинение дека му помагал на бегалецот обвинет од Хаг, Радован Караџиќ.
„Јас бев меѓу првите кои се најдоа на црната листа и од Америка и од ЕУ. Тогаш беше кажано дека мерките ќе останат во сила додека Караџиќ биде уапсен и предаден на Хашкиот трибунал. Во 2008 година Караџиќ беше уапсен, а со неговото апсење престанаа причините за санкции против мене“, наведува Бјелица.
Тој вели дека дури во 2011 година бил отстранет од црната листа на ЕУ и посочува дека сметал дека тоа важи и за американската црна листа.
„Сепак, останав на тој список. Наскоро ќе навршат 22 години откако сум на американската црна листа. Никогаш не сум патувал во САД, немам имот, ниту бизнис со американски државјани. Во БиХ немав други пречки да живеам и да работам безбедно. На почетокот на минатата година, кога беа заострени американските санкции кон групата околу Милорад Додик, беа заострени мерките поврзани со банкарскиот систем. Моравме да ги затвориме сметките. Доброволно отидов во банка за луѓето да не трпат последици поради мене и доброволно го раскинав договорот за да немам отворени банкарски сметки“, раскажа Бјелица.
Други санкционирани функционери како Милорад Додик, ги задржаа своите позиции. Меѓу нив се и поранешниот претседател на БиХ Маринко Чавара, премиерот Фадил Новалиќ, Жељка Цвијановиќ, премиерот, министерот за здравство и претседателот на Собранието на Република Српска Радован Вишковиќ, Ален Шераниќ и Ненад Стевандиќ и други. Некои подоцна беа разрешени по истекот на нивните мандати или кога новите партии дојдоа на власт и отидоа на други функции. Голем број санкционирани функционери тогаш изјавија дека не ги ни чувствуваат санкциите што им се наметнати и дека немаат намера да патуваат во САД.
Дури во 2024 година американските санкции за поединци и компании кои се на црната листа беа значително зголемени. Банките почнаа да затвораат сметки. Беа затворени сметките на фирмите на Горица Додик, ќерката на Милорад Додик, како и на фирмите на нејзиниот брат Игор. Затворени се и сметките на политичката партија СДП, како и повеќе други санкционирани лица меѓу кои и Маринко Чавара кој побара помош од институциите на БиХ бидејќи не можел да ја земе платата поради затворената сметка. Минатата есен беа затворени фирми поврзани со семејството Додик, а откако сопствениците почнаа да ги пререгистрираат или да основаат нови, беа воведени санкции и за новите фирми.
Претседателот на Транспаренси Интернешенл за БиХ Срѓан Благовчанин за Само прашај коментира дека овие санкции имаа многу значајни ефекти.
„Санкциите јасно го потврдуваа она на што предупредуваат медиумите и граѓанските организации. Дека всушност имаме криминален октопод во државата чиј центар е во самиот врв на власта. А всушност, со години ситуацијата беше таква што овој октопод не го гони судството“, вели тој.
Благовчанин додава дека на некои од лицата кои се најдоа на црната листа во БиХ им било оневозможено да работат.
„Овој тип на криминален октопод, ако можеме така да го наречеме, несомнено имаше големи импликации. Нивните банкарски сметки беа затворени а ако немале пристап до банкарски сметки и не би можеле легално да работат“, истакна тој.
Љубопитност и разочарување
Од Управата за финансиско разузнавање (ФИУ) на Црна Гора велат дека доколку некое лице се најде на црната листа, нема да може да отвори деловна сметка во црногорските комерцијални банки.
„Меѓутоа, ако тоа лице веќе работи во Црна Гора, тогаш неговото работење ќе вклучува засилени мерки за длабинска анализа“, велат од Управата.
Но, адвокатот и професор по меѓународно јавно право Милош Вукчевиќ оценува дека постои и можност за ограничување на деловните активности на овие лица.
„Постои доволна правна основа за преземање одредени дејствија во Црна Гора, особено сега кога го имаме на сила овој Закон за рестриктивни мерки, кој вклучува и национални рестриктивни мерки“, посочува Вукчевиќ.
На прашањето зошто луѓето што се на црната листа немале некои значајни последици во Црна Гора, Вукчевиќ вели дека на тоа треба да одговорат државните органи.
„Но кога се гледа формално-правно актите донесени од друга држава не подлежат на правна примена кај нас во Законот за рестриктивни мерки бидејќи тој се однесува на Резолуцијата на ОН и актите на ЕУ. Еве и Централната банка која е надлежна за следење на финансиските трансакции реагираше дека постојниот закон не дава доволна правна основа, но укажувам дека доколку постои размислување на државата во таа насока, Законот предвидува и можност за национални рестриктивни мерки“, нагласи Вукчевиќ.
Впечаток е дека Балканот со љубопитност ги чека црните листи, но потоа настапува разочарување од односот на властите кон нив. За темата со црните листи најмногу одговара изреката: „Секое чудо за три дена“. Или како што вели нашиот соговорник Нурко Побриќ, поранешен судија и професор по уставно право во Босна и Херцеговина, загрижувачки е што санкционираните, како што е Додик, продолжуваат да извршуваат важни јавни функции во Босна и Херцеговина.
„Катастрофално е тоа што овие санкции не беа охрабрувачки за судството во Босна и Херцеговина да се справи со корупцијата на високо ниво, односно темелно да ги разгледа наводите на Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) од САД“, вели тој.
Американските санкции може да имаат ограничувачко влијание врз одредени лица, особено во држави со ограничен капацитет или недостаток на волја за нивно спроведување, се нагласува во извештајот насловен како „Колку се ефективни санкциите во Западен Балкан?“ што беше изработен во декември минатата година од меѓународната организација Глобална иницијатива против транснационалниот организиран криминал.
„Надлежните кои немаат јасна волја да се справат со испреплетувањето на организираниот криминал и политиката потенцијално се соочуваат со недостаток на експертиза за тоа како санкциите можат да влијаат на односите меѓу криминалните актери и повисоките ешалони на општеството“, се нагласува во извештајот.
Се додава дека владите ретко го оспоруваат оправдувањето на санкциите и генерално признаваат дека се свесни за наводните дела на санкционирани лица. „Сепак, неподготвеноста да се преземе решителна акција останува заеднички предизвик“, се наведува во извештајот.
Исто така, се оценува дека многу санкционирани лица во Западен Балкан имаат значително влијание, а владејачките структури продолжуваат да соработуваат со санкционирани поединци или субјекти, тајно или отворено.
„Ваквите практики треба јавно да бидат осудени од субјектите кои воведуваат санкции, со јасни последици за оние кои го поткопуваат спроведувањето на санкциите“, се наведува во извештајот.
Во извештајот се напоменува и дека ЕУ треба да го следи примерот на САД и Обединетото Кралство во воведувањето санкции, бидејќи ЕУ игра клучна улога на Западен Балкан, а многу санкционирани лица поседуваат имот во земјите-членки на ЕУ и често патуваат во земјите на ЕУ. „Затоа, забраната за патување и другите санкции од страна на ЕУ би биле поефикасни од оние наметнати од Обединетото Кралство или САД. Ова, исто така, ќе ги охрабри политичарите да избегнуваат однесувања што ја поткопуваат демократијата и го дестабилизираат регионот“, се заклучува во извештајот.
Преведено на наш „балкански јазик“, црните листи може да се сумираат и како „кучињата лаат, караванот си врви“, што е уште еден вербален изум за напливот на корупција и криминал кој го отежнува напредокот на регионот.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинари: Соња Крамарскa, Маја Боричиќ (ЦИН Црна Гора ), Јона Плумби (Фактоје Албанија), Амил Дучиќ (Фокус БиХ)
Сниматели: Славен Томовиќ, Дамир Беговиќ
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ