fbpx

Балканот и високата корупција: Крупни риби и апсени пак пливаат

  • Обвиненијата против поранешни функционери од регионот како да се препишани од сицилијански филм, а пример за тоа е Илир Мета.
  • Со апсењето и судењето на премиерот Иво Санадер, Хрватите започнаа битка со корумпираните политички елити, која и денес ја водат, но иако формално европјани, сѐ уште „произведуваат“ корупција во балкански манири.
  • Во Македонија голем број звучни имиња се спасија благодарение на законските измени на Кривичниот законик, со кој се намалија казните за кривичните дела за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување.
  • Впечаток е дека како што напредува кон ЕУ, Црна Гора сака да му докаже на европското семејство дека повеќе не прави компромиси со криминалот.

Многумина се сеќаваат на настанот од 21 октомври во Албанија кога поранешниот шеф на државата Илир Мета беше уапсен на спектакуларен начин. Филмското апсење се случи така што маскирани полицајци го пресретнаа неговиот автомобил, при што насилно го извадија од него и го уапсија по три точки од обвинението за корупција, секоја поврзана со неговиот мандат на високи владини функции. Денес, лидерот на „Партијата на слободата“ (поранешно „Социјалистичко движење за интеграција“) го чека судењето, за обвинението покренато од Специјалното обвинителство (СПАК), кое би можело да го држи екс-претседателот зад решетки со децении.

Албанија деновиве е во центарот на вниманието и кај источниот сосед Северна Македонија чиј поранешен висок владин функционер Артан Груби, бегајќи пред истражните органи се упати кон Косово, а од таму според јавните изјави на други  високи владини функционери, се засолнил во Албанија. Бегството на Груби предизвика силен потрес во државата бидејќи тој во претходната влада на социјалдемократите беше познат како моќникот број 2, а такви му беше и функцијата – прв вицепремиер.

Во Хрватска пак, кон средината на минатиот месец ненадејно беше уапсен Вили Берош, министерот за здравство, кој за време на пандемијата на корона вирусот беше еден од највидливите политичари во земјава. Берош бил „на мета“ на Европското јавно обвинителство (ЕППО), а апсењето го изврши Хрватската канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК). Европското обвинителство го гонеше за примање поткуп, а домашното за кривичното дело тргување со влијание. Заедно со министерот, беа уапсени и поранешен началник на болница во Загреб и српски претприемач кој според сомневањата бил фаворизиран при набавката на одредена медицинска опрема, а зад него наводно стоело лице познато од страниците на црната хроника со децении. Берош заврши во притвор десет дена, премиерот го разреши од министерската функција, а кога излезе од притвор најави дека ќе ја искористи законската опција, т.н. „6 + 6“ што му овозможува да зема уште шест полни и шест половина плати, а неговата плата, со оглед на тоа што владата летово им ги покачи платите на министрите и што Берош беше и вицепремиер, е ни помалку ни повеќе туку 4.700 евра.

И во Црна Гора од 2022 година, кога започна „ловот на големи риби“, десетици високи државни функционери се уапсени под сомнение дека извршиле бројни криминални дела во областа на корупцијата и организираниот криминал. Зад решетките на затворот во Спуж се најдоа и оние кои со децении беа на водечки позиции, кои формално делеа правда и го штитеа системот од криминал, а неформално беа дел од мрежата што ги зароби црногорските институции кои долго време нема да бидат ослободени од канџите на криминалот. Тезите за Црна Гора како „заробена држава“ во која полицијата, обвинителството и судството се споија со мафијата, за неполни две години се потврдија и во пракса. Некои од уапсените се сметаа за блиски пријатели на поранешниот претседател, Мило Ѓукановиќ.

Долги судски процеси

Стана редовна појава во регионот да се апсат и крупни риби, иако за нив судењата посебно долго траат бидејќи ангажираат скапи адвокати кои се вешти во манипулацијата на судските процеси. А некои, како на пример во Македонија, решаваат да побегнат во странство, срамејќи ја државата и изложувајќи ја полицијата на подбив. Оваа година тоа беше Артан Груби, а пред шест години, сензационално побегна и поранешниот премиер Никола Груевски, кој преферираше лисици да им стават на неговите најблиски соработници министрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, додека за себе си одбра бегалска дестинација – Будимпешта каде и денес ужива во своите азилантски денови.

Jавноста во Македонија сепак одгледа спектакл со апсење на главната специјална обвинителка Катица Јанева. Извор: МИА

Наместо Груевски, јавноста во Македонија сепак одгледа спектакл со апсење на главната специјална обвинителка Катица Јанева, жена која беше миленичка на Шарената револуција, со која се среќаваа сите странски амбасадори и странски функционери кои доаѓаа на гости во Македонија, и жена која на крајот беше фатена како врши изнуда и прима поткуп за ослободување од гонење на бизнисмен со дебело конто. Таа е сѐ уште на издржување на затворската казна.

Благоја Пандовски, претседател на Транспаренси Интернешнл Македонија вели дека кај високо профилните случаи, односно високите случаи на корупција, влијанието кои тие лица го имаат поради нивните позиции и богатство, често го оневозможува процесот на добивање на правда или правна завршница.

Наместо климата во нашата држава да се отвори, односно да придонесе во борбата против корупцијата, конкретно мислам на законодавната власт, кај нас се повлекуваат некои потези кои се во спротивност на агендата за борба против корупцијата“, вели тој.

Оваа оцена може да се каже и за Црна Гора која го има примерот со претседателката на Врховниот суд. Во Црна Гора, во април 2022 година беше уапсена Весна Меденица - „прва жена на црногорското правосудство“, која три мандати беше на чело на Врховниот суд и од таа позиција вршеше незаконско влијание во некои судски предмети. Нејзиниот син Милош според податоците на Европол од апликацијата Скај – што ја користат за допишување криминалците, бил вклучен во шверц на цигари и трговија со дрога.

Црна Гора која го има примерот со претседателката на Врховниот суд Весна Меденица. Извор: Vijesti.me

Меденица помина во затвор шест и пол месеци, а против неа во моментов се водат повеќе судски процеси и истраги во кои обвинителството ја товари за учество во криминална организација додека ја извршувала функцијата претседателка на Врховниот суд. На чело на таа криминална организација, според обвинението на Специјалното обвинителство од октомври 2022 година, бил нејзиниот син Милош Меденица, кој сѐ уште е во притвор.

Но, далеку од тоа дека таквите примери ја менуваат свеста во општеството да не се прават злоупотреби. Тоа го потенцираат и познавачите на состојбите.

И покрај тоа што бевме сведоци во претходните години на апсењето на долгогодишната претседателка на Врховниот суд која е и поранешнa главна државна обвинителка, како и апсењето на двајца поранешни директори на Управата на полицијата, и покрај фактот што политичарите од претходната власт беа обвинети за корупција и разни кривични дела, а во моментот имаме и десетици полицајци во притвор, логично би било да се прашаме дали на обичниот граѓанин му е паметно да оди да пријави некое кривично дело“, вели долгогодишната црногорска новинарка од црната хроника на весникот Вијести, Јелена Јовановиќ.

Обвиненијата против поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета, како да се препишани од сицилијански филм. Извор: принтскрин

Се чини дека балканскиот регион предничи во Европа по премиери и претседатели  на кои им ставаат лисици или завршуваат на меѓународни потерници за криминал. Обвиненијата против поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета, како да се препишани од сицилијански филм. Првото обвинение се однесува на еден од поголемите финансиски скандали на Албанија во кој се вклучени државна компанија за дистрибуција на струја, приватна компанија и дупка од повеќе милиони долари во државниот буџет. Според СПАК, Илир Мета, тогашен министер за економија, трговија и енергетика, бил (пот)платен за да го олесни договорот меѓу државните и приватните компании, овозможувајќи им на вторите да профитираат над 6,5 милиони евра на сметка на државниот буџет.

Второто обвинение тврди дека Мета добил пари во замена за користење на своето влијание во корист на телекомуникациска компанија. Третото обвинение се однесува на коруптивен договор со албански бизнисмен. Мета наводно се обврзал да измени закон во албанскиот парламент за да одговара на барањата на бизнисменот, а за возврат добил приватна вила.

Илир Мета е обвинет и за добивање договори за консултантски услуги и лобирање во Соединетите држави и за перење приходи стекнати преку криминални активности за купување куќа во Тирана. Слични обвиненија беа покренати и против пратеничката Моника Криемади, политички сојузник и сопруга на Илир Мета, која моментално се разведува од Мета. И Илир Мета и Моника Криемади ги негираат наводите, тврдејќи дека истрагата на Специјалното обвинителство е политички мотивирана да ја таргетира опозицијата во Албанија.

Телекомуникацискиот сектор е слаба точка во државите од регионов, бидејќи и во Македонија веќе со децении се влече афера со поткуп на премиер и министри, која и покрај тоа што е поткрепена со докази од САД, дома не резултираше со судски епилог.

Случајот, познат како „Маѓар Телеком“ кој „експлодираше“ во 2017 година се влечеше низ судските лавиринти 12 години, но за жал без да бидат осудени протагонистите на поткупот, екс-премиерот Владо Бучковски, тогашниот министер Муса Џафери и лидерот на ДУИ Али Ахмети. За разлика од овдешните учесници, директорите на компанијата Елег Штрауб и Андраш Балог се спогодија да платат парични казни од над стотина илјади долари и добија пет годишна забрана да вршат дејност во сите акционерски друштва. Третиот обвинет во случајот, Тамаш Морваи плати казна од 60 илјади долари за фалсификување на книгите на компанијата поврзани со поткупот. Тоа е еклатантен пример за докажан поткуп кој помина неказнет во Македонија, а се однесуваше на дизајнирање на закон за телекомуникации кој ќе спречи конкуренција на странската фирма.

Мислам дека во изминатата деценија се зајакнаа автократските тенденции и ароганцијата во владеењето “, вели Зеф Пречи, директор на Центарот за економски истражувања од Албанија кој ја мониторира корупцијата во владините тела. Коментирајќи ја ситуацијата во неговата земја тој истакна дека корупцијата не е намалена. „Перцепцијата е дека има успех во борбата против корупцијата. Сепак, индиректните мерења и проценки од други организации, како што е OpenData, откриваат дека на корупцијата не е намалена. Сепак, почна крајот на неказнивоста, за што сведочат околу 700 случаи кои моментално се активни во Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција во кои се вклучени високи функционери“, потенцира Пречи.

Разрешување наместо истраги

Вообичаено земјите од таканаречениот Западен Балкан сметаат дека влегувањето во ЕУ е од пресудно значење за намалувањето на корупцијата кај високите функционери. Меѓутоа искуството на Хрватска не ги потврдува таквите прогнози. Со апсењето и судењето на премиерот Иво Санадер, Хрватите започнаа битка со корумпираните политички елити, која и денес ја водат но иако формално европјани сѐ уште „произведуваат“ корупција во балкански манири.

Во јануари, пред неполна година, хрватските медиуми беа шокирани од годишниот извештај на Транспаренси Интернешнл за 2023 година, во кој Хрватска се најде на 57. место меѓу 180 светски земји, со 50 од максималните 100 поени. На прв поглед овој податок изгледа „not great, not terrible“, но ако ги погледнеме членките на ЕУ, Хрватска е меѓу најлошите.  Она што е можеби најзагрижувачко во сето ова, е нормализирање на корупцијата во јавноста и што корупцијата е длабоко вкоренета во политичкиот систем, а политичките функционери се клучна алка во нејзиното ширење.

Во осумте години на владата на ХДЗ, предводена од Андреј Пленковиќ, беа разрешени повеќе од 30 министри. Значителен дел токму поради сомнежот за разни корупциски марифетлуци. Не така одамна во долгогодишна судска постапка и самата партија беше осудена за корупција.

Со апсењето и судењето на премиерот Иво Санадер, Хрватите започнаа битка со корумпираните политички. Фото: принтскрин

Ако порано можеше да се добие впечаток дека УСКОК иницира истраги, поднесува обвиненија и апсења токму во политички „поволни“ моменти за владејачката партија, тој впечаток е уште посилен откако контроверзниот судија Иван Турудиќ беше назначен за нов државен обвинител во февруари. Владата инсистираше на неговото именување и покрај критиките дека овој судија е познат по ноќните средби со најпознатиот хрватски бегалец од правдата, поранешниот прв човек на Динамо Загреб, Здравко Мамиќ, и скандалот што избувна кога во јавноста протекоа пораките кои Турудиќ ги размени преку WhatsApp со Јосипа Римац, поранешната државна секретарка уапсена под сомнение за примање поткуп.

Корупцијата на највисоко ниво во балканските земји се одвива како „ријалити шоу“, односно јавноста гледа пренос во живо при што едни актери излегуваат од кадарот, но веднаш влегуваат други. Кадарот се секако високите функции кои нудат безброј можности за злоупотреба и лично богатење.

Така, во Црна Гора, во затвор завршија и двајца поранешни директори на Полициската управа - Веселин Вељовиќ и Славко Стојановиќ. Вељовиќ, „најмоќниот безбедњак“ во независна Црна Гора, два мандата беше директор на Полициската управа, а во меѓувреме извршуваше високи позиции во полицијата, а потоа и советник на поранешниот претседател на државата, Мило Ѓукановиќ. По една година затвор, Вељовиќ доби домашен притвор, а се сомнева дека бил член на криминалната група на бегалецот Александар Мркиќ, која била обвинета за шверц на цигари.

Директорот на Полициската управа Славко Стојановиќ поради вмешаност во шверц на цигари за време на неговиот мандат заврши зад решетки, при што се разгоре војната на криминалните кланови, но се појавија и сериозни обвинувања за злоупотреба и корупција во полициските редови.

Поранешниот висок полициски функционер Зоран Лазовиќ и поранешниот главен специјален обвинител Миливое Катниќ беа уапсени во средината на април годинава по налог на Специјалното државно обвинителство. Лазовиќ е обвинет за формирање криминална организација, чии членови, освен Катниќ, се и специјалниот обвинител Саша Чаѓеновиќ и синот на Лазовиќ, агент на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Петар Лазовиќ.

Беше мачно за гледање, особено за мене што читав преписки од апликацијата sky или пораки од телефонот на Весна Меденица или разни фајлови, како тие лица се однесувале кон институциите што ги раководеле, вклучувајќи ги Меденица, Веселин Вељовиќ, Зоран Лазовиќ, Миливој Катниќ. Тоа биле мали канцелари на организиран криминал во кој работеле сторители и соработници на организирани криминални групи кои не ги штителе интересите на државата или граѓаните, туку работеле за одредени интересни групи или организирани криминални групи“, вели новинарката од Црна Гора Јелена Јовановиќ.

Впечаток е дека како што напредува кон ЕУ, Црна Гора сака да му докаже на европското семејство дека повеќе не прави компромиси со криминалот. Специјалното државно обвинителство на крајот на ноември поднесе обвинителен акт против Јелена Перовиќ, поранешна директорка на Агенцијата за спречување на корупцијата. Перовиќ, како што се сомневаат од обвинителството, плаќала фиктивни прекувремени часови, злоупотребила службени автомобили и патувања, фалсификувала документи за визи, плаќала телефонски сметки на семејството. Таа беше во домашен притвор.

Според наредбата на Специјалното обвинителство на Црна Гора, кое во изминатите две години го води Владимир Нововиќ, во 2023 година беа уапсени 65 лица, меѓу кои и 12 службеници на Полициската управа и еден член на Агенција за национална безбедност. Во текот на 2023 година, поради високо ниво на корупција, се гонети 14 лица поради сомнение дека сториле 13 кривични дела.

Многу врева за ништо

Меѓутоа она што го издвојува Балканот од Европа кога е во прашање гонењето на високиот криминал и корупција е што многу случаи завршуваат во стилот „многу врева за ништо“.

Во Македонија голем број звучни имиња се спасија благодарение на законските измени на Кривичниот законик (Фото: МИА)

Таков е примерот со Македонија каде голем број звучни имиња се спасија благодарение на законските измени на Кривичниот законик, со кој се намалија казните за кривичните дела за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување. Со тоа, дојде до застарување и ослободување на повеќе поранешни функционери за кои се водеа судски постапки. Меѓу нив и познатиот бегалец, екс премиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната полиција и негов братучед Сашо Мијалков, како најмоќните фигури од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Тие беа гонети за незаконска набавка на луксузен „Мерцедес“ за која патем затвор одлежа и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за незаконско и одмаздничко уривање на градежен објект на политички ривал, за перење пари при изградбата на споменици во Скопје, незаконско стекнување на имот, како и за мега случај на прислушување на над 20 илјади граѓани, опозиционери, новинари и бизнисмени. Груевски избега во Унгарија каде што доби азил и ден денес живее таму, како што веќе рековме погоре, оставајќи ги своите најблиски соработници министерката за внатрешни работи и министерот за транспорт Миле Јанакиески зад решетки, а денес е познат по долгите објави на Фејсбук во кои се претставува како невин и како жртва на претходната влада на ривалската СДСМ.

Многу мал број од случаите каде е вмешана високата корупција имаа судска завршница. Тоа беше резултат на многу околности како што се бавноста на судовите и обвинителствата, долгото времетраење кое предизвикува застарување на делото, а некогаш може да се јават некои слабости во самата постапка кои предизвикуваат предолго траење на случаите, користење на правни лекови и враќање назад на повторно судење кое не може да се забрани бидејќи тие права се предвидени и во Кривичниот законик и во Уставот“, оценува Благоја Пандовски од Транспаренси Интернешенл Македонија.

Како потврда на изјавата на Пандовски, е и еден случај со поранешен македонски министер за одбрана а подоцна и премиер, Владо Бучковски кој беше обвинет и суден за набавка на тенковски делови, доби неколку пресуди за затвор од кои и една правосилна, меѓутоа пресудата никогаш не беше извршена поради (зло)употреба на вонредни правни лекови и други играрии кои овозможија на правната држава да и  иде покажан отворено речено, среден прст.

Мајсториите да се избега од законот преку добивање на нова функција се специјалност и во Албанија. Пред повеќе од 10 години таму „експлодираше“ видео на кое се прикажува Илир Мета и неговиот соработник како разговараат за големи суми пари, корупција и влијание врз правосудниот систем. Тоа го искористија социјалистите, предводени од Еди Рама, за да повикаат на протестот. Демонстрациите станаа насилни, завршувајќи со смрт на четворица граѓани во Тирана.

Сепак, две години по оваа трагедија, Социјалистичката партија влезе и победи на парламентарните избори во коалиција со Социјалистичкото движење за интеграција на Мета, назначувајќи го Мета за претседател на парламентот.

Во 2017 година, откако Социјалистичката партија сама победи на изборите, премиерот Еди Рама му понуди на Мета да биде претседател на Република Албанија. Мета го предаде раководството на својата партија на сопругата Моника Кримади и стана претседател.

Денес кога Илир Мета сепак се најде на мета на истражните органи, нашиот соговорник Зеф Пречи чиј Центар за економски истражувања ја мониторира и корупцијата во Албанија вели дека истрагите кои се водат треба да поттикнат поголема јавна одговорност.

Фактот што неколку високи политички лидери, министри, поранешни министри, поранешен претседател и многу високи функционери на локалната власт - во голема мера контролирани од сегашното мнозинство - се под истрага, некои се казнети, а други се при крај на истрагата, треба служи како начин граѓаните подобро да ги разберат проблемите на лошото владеење, трошоците за корупцијата и политичката корупција поврзана со изборите. Истовремено, треба да поттикне поголема јавна одговорност“, нѝ изјави тој.

Инаку во Албанија е обвинет за корупција и поранешниот премиер и претседател Сали Бериша кој според обвинението имал ортаци за тоа во неговото најтесно семејство.

Случајот се однесува на приватизацијата на земјиште и објекти во Тирана, од страна на пет семејства сопственици. Земјиштето подоцна беше развиено во станбени комплекси. Според Специјалното обвинителство, Бериша, како премиер, ги фаворизирал неговиот зет Џамарбер Малтези и инвеститорот Фатмир Бекташи со донесување закони и прописи прилагодени на потребите на петте семејства сопственици на земјиштето. Обвинителството ја заврши истрагата во октомври 2024 година, а случајот чека судење во Судот за борба против корупција и организиран криминал.

Од поситните „риби“ во Албанија, ако може воопшто да се наречат така, на удар на законот се протагонистите во скандалот за трите инсинератори во Тирана, Фиер и Елбасан, познат и како „скандал на деценијата“. Како дел од оваа истрага, беше издаден налог за апсење на вицепремиерот и министер за економија Арбен Ахметај под обвинение за корупција, перење пари и прикривање имот. Сепак, Ахметај избега само неколку дена пред барањето на обвинителството и останува на слобода во Швајцарија, каде што доби азил. Во врска со овој скандал, поранешниот министер за животна средина Лефтер Кока е осуден на 10 години затвор за корупција, перење пари и злоупотреба на службената положба од страна на Судот за борба против корупција и организиран криминал. Под истрага е и градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, поради неговата улога во потпишувањето на договорот за инсинераторот во Тирана.

Има или нема притисоци?

Дежурна тема во земјите од Западен Балкан, но и пошироко во регионот е спрегата меѓу политиката и судството, што доведува до недоверба кон обвинителите и судиите. Но иако доказите на сите им се пред очи, правното докажување е тешко и затоа со разочарување се следат криминалните афери кои не добиваат завршница.

Во Македонија, земјата во која со политички амин за измени на Кривичниот законик останаа на слобода бројни сторители на криминал кои извршуваа високи функции, сега е формирано посебно одделение во Републичкото јавно обвинителство каде обвинителите можат да пријават притисоци. Но за чудо нема такви пријави.

„До овој момент до одделението не се доставени формални пријави, но има одредени информации за обиди за посредно влијание кои, нагласуваме, дека не доаѓаат од политички структури. Сите овие информации се земаат со огромна сериозност и ќе се проверуваат со цел да бидат навремено и соодветно адресирани. Јавните обвинители постапуваат против сите сторители на кривични дела и секогаш кога постојат доволно докази за основаност на сомненијата ги изведуваат пред лицето на правдата без разлика на нивната позиција во општествените и политичките структури“, нѝ одговорија од Обвинителството.

Дали некој верува во тоа? Е тоа е сосема друго прашање.

Овој преглед на случаи кои ги издвоивме е само капка во морето на високата корупција и криминал во регионов. Фактот што на списокот се функционери од самиот врв на пирамидата говори дека тие или не се плашат од законот или истражните органи се сервилни кон политиката и моќта што произлегува од неа.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Соња Крамарска, Александра Мудреша (Црна Гора), Јона Плумби (Албанија, Ивор Фука (Хрватска)

Сниматели: Наке Батев, Слаѓан Фатиќ

Поврзани стории

Балканско судство: Исклучете го судијата кој не ви се допаѓа

Македонскиот „Вотергејт“ 10 години подоцна: Суден, непресуден, заборавен