Балканска формула за политичка долговечност: Сеат пропаганда, жнеат гласови
- Три држави, три приказни, по многу нешта различни, но со еден заеднички именител – пропагандата: Како Македонија, Србија и Црна Гора се справуваат со пропагандата која им е дел од секојдневието.
- Политичкиот активизам сега главно се реализира преку пропагандни активности и мобилизација на граѓанството.
- Само на официјалната Фејсбук-страница на македонскиот премиер Димитар Ковачевски во периодот од јануари 2022 година, до почетокот на јуни 2023 година се пласирани околу 760 рекламирани постови од кои повеќето во пропагандна цел.
- Политиката во денешно време доби нови префинети форми на пропаганда, а балканските лидери се чини дека станаа шампиони во нејзиното практикување. Пропагандата стана нивно тајно оружје за привлекување гласачи или за задушување на незадоволства.
Мајстори на спинот
Нема ден македонските граѓани да не слушнат дека актуелната влада е предводник на европски фронт во државата, а опозицијата е антиевропски настроена. Ова веќе толку е одомаќено во домашниот простор, што никој веќе не се ни впушта во анализа дали е точно. Од друга страна, пак нема ден, македонските граѓани да не добијат доза на пораки од опозицијата дека „оваа власт е предавничка“ и дека го распродава македонскиот јазик, историја и идентитет. Веројатно и двете страни сметаат на тоа дека сто пати повторената лага станува вистина. Не треба да се биде голем експерт за да се сфати дека и во двата случаи станува збор за интензивна пропаганда, токму како што вели и дефиницијата за пропаганда – дека таа претставува ширење на информации, факти, аргументи, гласини, полувистини, па дури и лаги, со една цел – да се влијае на јавното мислење.
Со социјалните мрежи – тој моќен и неограничен комуникациски систем, оваа операција е многу лесна. Официјалната фејсбук-страница, на пример, на македонскиот премиер Димитар Ковачевски е платформа каде што се пласирани бројни спонзорирани постови, вкупно 760 во периодот од јануари 2022 година до почетокот на јуни 2023 година, од кои повеќето се со пропагандна цел. Од нив 22 се за изградбата на коридорите 8 и 10Д, при што тој ја убедува јавноста дека „стануваме крстосница на Балканот и се поврзуваме со Европа“. Со 61 реклама е застапена и енергетската и економската криз. Зборот „струја“ е поврзан со 18 пропагандни постови објавени на оваа официјална ФБ-страница, а дел од пораките се: „…обезбедивме струја и парно за сите граѓани…“. Во 38 платени реклами на премиерот содржан е зборот „плата“, а таму доминираат зборовите „остварено ветување“, „зголемена минимална плата“. 76 од платените реклами се наменети за промоција поврзана со некакви инвестиции.
„Северна Македонија, земја – фактор на стабилност“ и слични слогани се содржани во 69 платени реклами на Фејсбук, со кои се нагласуваат придобивките од членството во Алијансата.
Со оваа палета на пропагандни пораки го почнуваме нашето виртуелно патување низ пропагандните коридори на Балканот, а како примери ги земавме Македонија, Србија и Црна Гора. Воведот со хиперпродукцијата на фејсбук пораки на македонскиот премиер може да послужи како одлична потврда на дефиницијата дека пропагандата е политичка алатка за поттикнување на добра волја кај поширокото население и наклонетост кон одредена политика.
Но, пропагандата е истовремено стара и колку човештвото. Најрани примери за пропаганда се забележани во Персија и во древна Индија, која претежно се користела при војување. Како што се развивал светот така и пропагандата добивала нови и пософистицирани димензии. Во поблиската историја најголем пример за пропаганда е во нацистичка Германија кога на 13 март 1933 година било отворено и посебно „министерство на Рајхот за народно просветлување и пропаганда“. Министерот Јозеф Гебелс дванаесет дена подоцна пред директорите на германските радиостаници ќе рече дека министерството има задача да спроведе духовна мобилизација во Германија. И ден-денес во жарот на политичката борба и овде во Македонија и пошироко на Балканот, партиските непријатели се обвинуваат едни други за водење на „гебелсова пропаганда“ етикетирајќи го политичкиот конкурент по озлогласениот нацистички злосторник.
Создавањето страв како основа за пропагандата
Се разбира политиката од тогашно време досега доби нови попрефинети форми на пропаганда, а балканските лидери се чини дека станаа шампиони во нејзиното практикување. Пропагандата стана нивно тајно оружје за привлекување гласачи или за задушување на незадоволства.
Или како што вели Марко Трошановски од Институтот за демократија, пропагандата на Балканот работи на создавањето на страв преку постојана ескалација на ситуацијата во Косово и Србија, создавањето на страв од интеретнички судири во Македонија, страв од расцеп во Босна и Херцеговина.
„Во таква ситуација, главниот комуникатор или политичкиот лидер односно водач се става себеси во функција на спасител на нацијата“, вели тој.
Ако треба да се издвојат три балкански имиња кои ја користат или ја користеа пропагандата како моќно политичко оружје тоа несомнено се српскиот лидер Александар Вучиќ, поранешниот македонски премиер Никола Груевски и поранешниот црногорски лидер Мило Ѓукановиќ. Нивното немилосрдно користење на пропаганда во политичкото дејствување не остана без резултати. Вучиќ е веќе девет години на тронот во Србија, Груевски „царуваше“ во Македонија нешто повеќе од една деценија, а Ѓукановиќ со тридеценискиот стаж на највисоките функции во Црна Гора премиерската и претседателската е апсолутниот рекордер не само на Балканот туку и во Европа и светот.
Пропагандата беше еден од клучните механизми што му овозможија на Мило Ѓукановиќ да владее три децении. Беше неприкосновен лидер на Демократската партија на социјалистите (ДПС) 25 години, до август 2020 година водечка партија на власт, седум пати премиер и двапати претседател на државата.
Новинарите и аналитичарите посочуваат дека Ѓукановиќ беше мајстор за кампањи и спин, како резултат на кои повеќето граѓани веруваа дека без него и неговата ДПС Црна Гора нема да постои.
„Ѓукановиќ беше мајстор за пропаганда. Често се среќавав со дипломати од Запад кои беа целосно импресионирани од него бидејќи ја раскажуваше токму приказната што сакаа да ја слушнат. Запознав пензионери кои го гледаа како спасител и син. Тој владееше со сите овие техники, би рекла манипулации и измами. Често комбинираше податоци, ги вртеше и тоа го правеше подобро од кој било мајстор за пропаганда“, вели Милка Тадиќ Мијовиќ, извршна директорка на Центарот за истражувачко новинарство од Црна Гора.
Ѓорѓе Трикош, експерт во областа на комуникациите од Србија, забележува разлики во политичкиот стил на Груевски, Ѓукановиќ и Вучиќ: првиот го нарекува политичар од концепт, вториот политичар од концепт и харизма, додека претседателот на Србија го гледа како политичар со харизма.
„Тоа илустрира дека политичката моќ може да се заснова и на содржина и на влијание. Второ, го илустрира фактот дека отсуството на впечатлива харизма мора да се компензира со силен концепт, а отсуството на силен концепт со впечатлива харизма, и по правило тоа значи дека поголемиот недостаток на една страна мора да се компензира со поголема предност на друга“, наведува Трикош.
Во својата анализа што ја направи за нашата тема за пропагандата како алатка во Македонија, Србија и Црна Гора, Трикош оценува дека поранешниот македонски премиер Груевски имајќи слаба лична харизма, мораше да ја заснова својата политика на пренагласен политички концепт. Некои го нарекуваат тој концепт и антиквизација, вели тој.
„За да биде доволно силен да ја надомести празнината, неговиот македонски национализам мораше да се хиперболизира. Пренагласен и егзотичен по содржина“, додава Трикош.
Вучиќ омилен во Македонија
За Мило Ѓукановиќ Трикош смета дека беше политичар со избалансирана, елегантна харизма кој го градеше својот политички концепт на слични премиси.
„Граѓанската, мултиетничка Црна Гора по својот тон го одразуваше изразот на самиот Ѓукановиќ, а потребата за нагласување на политичкиот концепт се појави дури по губењето на привлечноста на харизмата. Црногорскиот национализам стана остар и крајно антагонизирачки кога Ѓукановиќ ја загуби својата привлечност“, оценува тој.
Но, на Александар Вучиќ гледа како на политичар со пренагласена харизма, која како што вели е типична за отсуство на јасен концепт.
„За да ја прикрие популистичката, неконзистентна и водена од прагматизам политика, Вучиќ мораше да развие харизма заснована на драма, авторитет на сезнајко и жртва. На секоја од трите заедно или поединечно, во зависност од потребата. Некогаш играјќи на неизвесноста, а некогаш на познавањето на нештата и појавите, Вучиќ до неодамна успеваше да ја гради својата популарност. Но соочен со опаѓање на харизмата – му треба концепт“, анализира Трикош.
Ако требаше да одлучи меѓу тројцата кој е најголемиот манипулатор со народните маси, Трикош вели дека и покрај невидената предност што ја има Вучиќ, сепак на прво место го става поранешниот претседател на Црна Гора Ѓукановиќ.
„На прв поглед би рекол дека најголемиот пропагандист е Вучиќ“, вели овој комуникациски експерт. Вучиќ како што додава, зад себе има пресилна пропагандна машинерија, која ги надополнува недостатоците кои доаѓаат до израз во судир со други политичари, што нему не може да му се случи во медиумското небо кој го преплавил и во кој нема конкуренција.
„Тој е силен манипулатор, се служи со трикови, мудрување со народски зборови, (не)намерни грешки со кои се покажува како несовршен (што им се допаѓа на луѓето), употреба на англицизми за да покаже знаење и слично, но прашање е дали би бил успешен во услови на конкуренција. Веројатно неговата способност да се претстави како елегантен и трезвен, во комбинација со концепти (мултиетничка, граѓанска Црна Гора – иако тоа е илузија), е она што придонесе толку долго да трае“, додава тој.
Поради економските и политичките врски, а секако и географската непосредна близина, многу често пропагандата во една држава ги поминува границите и струи и во соседната држава. Во времето на пандемијата кога државите беа во трка за обезбедување вакцини, македонската јавност наеднаш се сврте кон Србија а на Вучиќ гледаше како спасител и помагач на Македонија. Со неколку прецизно осмислени пораки („Среќен сум што можевме да им помогнеме на нашите браќа и пријатели“) и за време на пандемијата а и лани кога зедоа замав стравувањата дека Македонија нема да има доволно жито за прехранбената индустрија, Вучиќ повторно стана херојот на овдешните граѓани. Нема смисла ние да имаме пченка и пченица а да немаат луѓето во Скопје, Подгорица или Бјелина, галантно порачуваше тој суптилно припишувајќи си улога на балкански спасител што несомнено требаше да му ги дигне акциите и во Србија.
Руската пропаганда се обидува да се инфилтрира во различни контексти и различни општества, но во цела Европа, ако ја игнорираме Белорусија, најлесно поминува во Србија.
Пропагандната машинерија на српскиот претседател се смета за една од најсилните во регионот. Тоа ни го потврди и Стефан Јањиќ, уредник на порталот FakeNews трагач и асистент на Катедрата за медиумски студии во Нови Сад, чие мислење води кон заклучокот дека Србија уште живее во „милошевиќевото“ време каде лидерството се поистоветуваше со жртвување.
„Мислам дека многу често ја има идејата за жртвување, идејата за искупување низ која поминуваме со ништо неиспровоцирани, идејата дека ни се прават историски неправди и дека кругот никогаш не се затвора. И целосно одбивање да се видат некои наши грешки во тој процес, било да е актуелниот или историскиот. Како аналитичар на дезинформации, би рекол дека сите овие пропагандни техники се многу површни“, вели тој.
Машинерија за лаги или за вистини?
Пропагандата, меѓутоа како што се користи за внатрешно-политички цели многу често станува моќно оружје и во односите меѓу државите особено ако тие се обременети со нетрпеливост и спорови. Еден од илустративните примери деновиве е меѓу Србија и Косово кога двете страни меѓусебно се обвинуваат за неисполнување на договорот постигнат во март во Охрид. Додека косовската страна врши масовна пропаганда дека Србија сака да го окупира северот на Косово, Белград возвраќа со пропаганда дека српското население на Косово трпи малтретирања.
И меѓу Македонија и Бугарија има елементи на пропагандна војна со тоа што пораките доаѓаат претежно од Софија која се обидува да го придобие домашното и европското јавно мислење дека во нашата земја се’ уште шета духот на Југославија и дека Македонците негуваат омраза кон Бугарија.
Интересно е што Црна Гора не се најде на линијата на оган од Србија со која последни се раздвоија од некогашната југословенска федерација, што може да се должи на блискоста на Ѓукановиќ со Белград. Овој мајстор на пропагандата, како што вели нашата соговорничка Милка Тадиќ Мијовиќ од Црна Гора, успеа да се стави себеси во центарот на сите историски наративи од осамостојувањето на државата до денес.
„Во претходните три децении се менуваше пропагандната машинерија на Ѓукановиќ, а тој беше единствената константа. Се менуваа идеологиите, се менуваа сојузниците, се менуваа теориите на заговор и тој беше константа бидејќи секогаш беше на власт. Почна како следбеник на Слободан Милошевиќ, заврши како голем противник на големосрпските проекти, почна како некој што немаше доверба во Западот и заврши како човек од Западот, а Западот овде сметаше на него. Се претстави како да е единствениот гарант за стабилноста на Црна Гора“, вели таа.
Објаснува и дека важна компонента на неговата пропаганда беше дека сè ќе пропадне ако тој не успее.
„Не само државата, не само проектот, туку и економската одржливост на Црна Гора, дека пензионерите ќе останат без плати, администрацијата исто така, често се претставуваше како магионичар кој може да ги реши сите проблеми, глобални прашања, стабилноста на регионот и конечно прашањето за обичните луѓе и нивниот опстанок“, додава Мијовиќ.
Црногорскиот аналитичар Сергеј Секуловиќ со кого разговаравме на оваа тема вели дека тоа била суптилна пропаганда и прашање е колку црногорските граѓани беа подготвени да ја препознаат.
„Во нашиот менталитет ние сакаме лидер, бидејќи ние сме авторитарно општество и сакаме силен лидер и водач и секако дека тоа придонесува за успех. Постојат не мал број актери кои имаат проблем со црногорската државност и западниот курс, а потоа претставувате одредена елита или поединец како заштитник на тоа, без кого сето тоа би пропаднало. Еден дел од луѓето се фаќа на ‘мамецот’ и тоа функционира“, појаснува тој.
Овдешната јавност веројатно во овие оцени ќе најде многу сличности со Македонија и политичката пропаганда на која е изложена јавноста. Издвојуваме само неколку од морето примери: „Владата не дозволи енергетска криза“, „Владата успеа да ги заузда цените“, „само СДСМ ја води напред државата а ВМРО-ДПМНЕ ја враќа назад“, „СДСМ ја ослободи заробената држава Македонија“ , (иако голем дел од знаците на заробена држава се пренесоа и во мандатот на СДСМ-овската власт), „Груевски управува со ВМРО-ДПМНЕ од Будимпешта“, „ДУИ раководи со државата а СДСМ само извршува“. И секако да не ја заборавиме пропагандата порака на премиерот Ковачевски – „никој нема да биде оставен сам во оваа економска криза“, која е најблаго речено нон-сенс.
Во таа насока и политичкиот аналитичар Марко Трошановски од Институтот за демократија коментира дека главниот фокус на пропагандата кај нас е ставен на политичките ‘непријатели’, нарекувајќи ги така политичките неистомисленици и ривали.
„Потребата за голо преживување на граѓаните ги тера да размислуваат само во доменот на емотивното, а не и во доменот на рационалното, заради што се подложни на сите ефекти од политичката пропаганда бидејќи во градењето на своите ставови ги има замолкнато рационалните филтри на процесирање на информациите“, вели тој.
Партиските кујни готват пропаганда
Но, како и за се друго клучната улога ја имаат медиумите кои освен што не треба да потпаѓаат под пропаганда, имаат одговорност и да ја препознаваат и разобличуваат. Меѓутоа, дали успеваат во тоа со оглед дека и самите се наоѓаат во криза како и целото општество.
Катарина Синадиновска од Советот за етика во медиумите е на став дека не можеме да очекуваме од партиските кујни или од оние готвачи во тие пропагандни кујни да престанат тоа да го прават туку напротив – токму новинарите треба да бидат подготвени секогаш критички да ја пресретнат таа пропаганда.
„Тоа што според мене недостасува кај нас во моментов е што има сѐ помалку новинари во редакциите и многу често се случува партиски и владини соопштенија да бидат лиферувани без никаква новинарска обработка. Дури и наслови ставаат во пропагандните кујни и новинарите потоа ги објавуваат како тоа да е став на редакцијата или како да се работи за вистинска, проверена, новинарска информација. Со ова, се доведуваат во заблуда граѓаните и публиката затоа што треба да стане јасно – кога се работи за партиски став, а кога се работи за нешто што е информација којашто поминала низ некаков редакциски, новинарски и уреднички филтер“, вели таа.
За жал кај нас, посочува Синадиновска најголема медиумска редакција се владините, односно министерските кабинети и служби каде што има по десетици вработени луѓе, па дури и фотографи и сниматели коишто на некој начин ја попречуваат работата и известувањето на нашите колеги коишто навистина треба да известат од даден настан онака како што самите тие процениле.
„Ги пуштаат и ги презентираат само оние информации коишто го даваат министерот или министерката во најдобро светло“, додава таа.
Како пример за пропаганда наведува дека социјалните мрежи се најчеста алатка на политичарите за таа цел, при што пораките се маскирани како транспарентност. „Но тоа нема врска со транспарентност туку е баш пропаганда“, коментира Синадиновска.
Пропагандата многу често може да биде и контрапродуктивна, и не мора секогаш да е во режија на политиката. Понекогаш и самите медиуми несвесно креираат пропаганда. Таков беше случајот со зачестените вести дека ќе снема храна поради војната во Украина и блокираниот извоз на житарици од оваа земја, што доведе до масовно празнење на полиците во супермаркетите како масло, брашно, тестенини и слично. Тоа беше школски пример за спонтана пропаганда кој го изнесе на виделина егзистенцијалниот страв на граѓаните и покажа дека тој има бесконечна употребна вредност за пропагандни цели.
Но, доминантната цел на пропагандата е долговечноста на политичарите или како што вели комуникологот Сеад Џигал и професор на Меѓународниот Балканскиот Универзитет, сите политички структури повеќе или помалку користат одреден степен на маркетинг техники.
„Со доаѓањето на Груевски на власт позасилено се користеа маркетинг техники за политичка комуникација, за презентирање на кандидатите, за промовирање на активности, на проекти и така натаму. И се утврди еден модел на еден да кажам дури и агресивен политички маркетинг во нашите медиуми и во нашата политичка комуникација“, нагласува тој.
Џигал посочува дека имаме зголемено присуство на пропаганда и дека политичкиот активизам сега главно се реализира преку пропагандни активности и мобилизација на граѓанството, на потенцијалните поддржувачи и на членството.
„Имаме еден нов феномен. Полесно е да се креира, да се дистрибуира и да се дисеминира пропаганда и сето тоа влијае на генерален пораст на пропагандата во политичката комуникација“, оценува овој комуниколог.
Тогаш, како да се спротивставиме на пропагандата или барем да го намалиме нејзиното влијание?
Џигал вели дека има два начини. Едниот е да и веруваме и да ја прифатиме, а другиот е да се исклучиме.
„Можеби оние луѓе коишто ја поддржуваат политичката пропаганда, некаде длабоко во себе се свесни дека не е сѐ така розово но ја прифаќаат поради низа причини– социјални, лични, причини поврзани со интерес“, вели тој.
А оние што одбиваат да ја консумираат? И тоа не е добро, нагласува овој експерт, бидејќи тоа може да влијае одредени сектори од општеството да се исклучуваат од политичко учество, од политичка партиципација и активност, а тоа резултира и со пад на бројот на гласачи кои се од клучно значење за функционирање на политичките системи.
Балканските земји очигледно дека уште долго ќе бидат управувани со пропагандни алатки, особено ако процесот на проширување на ЕУ не добие нова динамика. Соочени со растечката корупција, ограничени слободи на медиумите и бавниот економски развој, лидерите ќе прибегнуваат кон политички трикови за нивен опстанок во политиката, а јавноста колку и да е свесна за пропагандата нема да може да и се спротивстави бидејќи модерните технологии и овозможуваат пристап на сите нивоа.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
- Објавено:
- Прегледи: 4.139
Тагови: