fbpx

Бугарски клубови: провокација наместо обид за зближување

  • Полицијата повеќе не ги обезбедува двата бугарски клуб во Битола и во Охрид.
  • Никој од иницијаторите не сакаше да даде изјава за „Само прашај“ ниту да ни ги отвори вратите на клубовите.
  • Во Охрид, нема табла и спуштени се ролетните на просториите на „Цар Борис Трети“.
  • Во Битола, има знамиња, табла со име и безбедносни камери, но нема интерес за посета на „Иван Михаилов“.
  • Локалните жители сметаат дека со отворањето на вакви клубови не се придонесува за зближување на двата народа.
 

Иако по отворањето на двата бугарски културни клуба во Битола и во Охрид се случија голем број инциденти, сега таму нема полициско обезбедување. Залудни беа обидите на „Само прашај“ да разговара со некои од иницијаторите, кои не сакаа ниту да ни ги отворат вратите. Додека пред клубот „Цар Борис Трети“ нема ниту табла, а ролетните се спуштени, во „Иван Михаилов“ во Битола има и знамиња и табла со име и безбедносни камери, но нема интерес за посета.

Охриѓани гледаат нечесна намера во името на бугарскиот центар

Седиштето на неодамна отворениот бугарски културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид се наоѓа во строгиот центар на градот, во трговскиот центар „Амам“. За разлика од пред два месеца, полицијата повеќе не го обезбедува клубот. Клубот нема табла со назив, ролетните беа спуштени, а две дупки на излогот укажуваат на оштетување.

Пред нашето доаѓање во Охрид неколку недели се обидувавме да го исконтактираме основачот на ова здружение, Томе Блажески, но попусто. Не се откажавме ниту во дождливиот викенд додека стоевме пред клубот. Блажески крена на телефон, но одбиваше да се сретнеме, да ни го отвори клубот и да ни даде изјава. Прво инсистираше дека недела одмара, но кога му понудивме да се договориме кој било ден што му одговара, побара прво да извадиме полициски извештај, па после да разговараме.

А однадвор е невозможно да се види внатрешноста на клубот, но според официјалната страна на Фејсбук, во објектот има литература, фотографии и мебел. Оваа страница на социјалните мрежи е отворена и достапна за сите, а таму, иако малку на број, има и куси видеа поврзани со овој клуб.

И по два месеца, охриѓани не се рамнодушни кон овој објект. Граѓаните кои ги сретнавме на улица велат дека не им пречи клубот, но нечесна намера гледаат во името.

„Пречи самото име на тој центар затоа што тој човек бил соработник на фашистите, а нашава држава има антифашистичко продолжение на нејзиното битисување. Немам против да се формираат клубови - бугарски, српски, грчки..., сѐ додека нивното име или дејноста не содржи провокација“, вели Наум Јаманџиев, жител на Охрид.

„Не, немам потреба ниту да влезам! Нека се отвори (македонски н.з.) клуб и во Софија. Инаку, сета работа е од политичарите! Овде во Охрид од секогаш доаѓале Бугари и немало никаков проблем!“, вели Кире Гештакоски, жител на Охрид.

Слично како сограѓаните, и охридскиот градоначалник Кирил Пецаков гледа провокација во бугарскиот културен центар „Цар Борис Трети“, иако вели дека не бил изненаден што токму Охрид бил избран за седиште на ваков клуб.

„Не можам да кажам дека сум изненаден гледајќи каква е агресивноста со начинот и принципот со кои Бугарија како држава ги повлекла во минатиот период, навлегува и создава здруженија, културни центри и за изборот зошто тука. Гледајќи ја бројноста на посетители и на отворањето и после отворањето не ми е логично. Меѓутоа, можеби најмал проблем е тоа дека отвориле, бидејќи ние како земја генерално сме отворени за секој кој сака да си пропагира. Имаме во Охрид, на пример, за холандска култура. Ова е работа на државата! Колку државата потфрлила и дозволила да може да се именува клуб по фашисти и по некој против кој сме се бореле не само како држава туку и како свет!“, вели Пецаков.

Нема посетители во бугарскиот клуб во Битола

Бугарскиот клуб во Охрид беше продолжение на еден ист таков во Битола. На помошна уличка која излегува директно на Широк Сокак, веднаш спроти познатата зграда на некогашниот Пионерски дом, се наоѓа клубот „Иван (Ванчо) Михаилов“. За разлика од оној во Охрид, лицето на овој објект е далеку попретставително. Знамиња, табла со име, безбедносни камери и ликот на херојот по кој е именуван клубот. На вратата не пишува кога е работното време, но со сигурност се уверивме оти в недела не работи.

Немавме среќа да го добиеме основачот Љупчо Ѓоргиевски иако претходно по неколкунеделни обиди исконтактиравме со него.

Но, недалеку од клубот наидовме на Пеце Цветковски, професор по физичко образование и туристички работник. Тој вели дека бугарскиот народ секогаш му бил пријатен, а земјата една од омилените за скијање, но сигурен е оти со отворањето на вакви клубови не се придонесува за зближување на двата народа.

„Нашата историја покажува дека тоа име има некој фашистички од. Непријатно е! Јас сум професор по физичко и работам туризам. Кога би направиле размена меѓу ученици, меѓу студенти, таква размена... Никогаш не ми пречело на 800 канали дали ќе имам бугарски. Напротив. Се создаде да немаме симпатии кон Бугарија! Да беше клуб со друго име прв ќе одев да го видам што има, што може да направиме заедно, размена, да патуваме. Да одиме во Бугарија да видиме нешто што не сме виделе. Лоша политика и само најдоа вистински луѓе што тоа ќе го спроведат! Сега на Пелистер ќе се отвора „Црвени стени“ затоа што во Прва Светска Војна имало многу бугарски војници загинати, затоа се вика ‘Червени стени’. Ајде да направиме и да ја промовираме зашто тоа е фактот. Деца на размена, ќе имаме спортски екипи, на таков начин!“, вели Цветковски.

Чувствата на професорот ги делат и повеќето наши соговорници со кои го поделивме неделното попладне на Широк Сокак.

„Чиста провокација! Нормално, ние сме Македонци и не можеме ние да бидеме Бугари!“, вели Цане Демиров, жител на Битола.

„Како место и како бугарски клуб нема никаков проблем, но фактот дека ние не сме прифатени и што нема наш македонски клуб во Бугарија, тоа е факт што ме иритира мене и многу други граѓани“, вели Горазд Димовски, жител на Битола.

Клубот „Иван (Ванчо) Михаилов“ беше отворен помпезно, со посета на тогашната бугарска политичка елита, но кусо по отворањето беше опожарен. Сега таму нема полициско обезбедување, но нема ниту интерес од битолчани да го посетат. Остануваат лошите чувства кои сметаат дека не ги приближуваат со соседниот народ.

Прочитај го целото истражување „Македонија – Бугарија: Соседска сопка на патот кон ЕУ

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Катерина Топалова
Снимател: Слаѓан Милошевски
Монтажер: Борче Крстевски