Празнењето на Западен Балкан доведе до недостиг на работници во некои дејности. Чеданка Андриќ, претседателката на Обединетиот граѓански синдикат „Независност“од Србија, во разговор со нас рече дека синдикатот со години предупредува дека во Србија веќе не постои само одлив на мозоци, туку одлив на целата работна сила.
„Сите нѐ напуштаат, од возачи на автобуси, поштари, високообразовани, медицински сестри, тешко може да издвоите од кои гранки не заминуваат луѓето“, вели таа.
Додава дека состојбата е веќе таква што сѐ повеќе пензионери се враќаат на работа во одредени професии бидејќи не може да се покрие недостигот на работна сила.
Таа предупредува и дека на факултетите за наставен кадар се запишани само неколку студенти, со тоа што не е сигурно дали и тие ќе го завршат образованието, па реално се поставува прашањето кој ќе предава физика, математика, хемија или слични предмети. Сепак, додава Андриќ, платите се само едно ниво. Повеќето луѓе го напуштаат јавниот сектор поради притисок од политиката.
„Ако не си во владејачката партија, не можеш да напредуваш, не можеш да преминеш од привремена работа на неопределено време, има разни притисоци дали ќе гласаш, дали одиш на митинг или не. Младите едноставно имаат понизок праг на толеранција од постарите, што е сосема природно и не сакаат да трпат таков притисок“, посочува таа.
Иако нема прецизни сеопфатни бројки, недостатокот може да се процени врз основа на медиумските пишувања кои се однесуваат на различни истражувања. Последниот таков увид може да даде и веста дека 5.000 работници од Србија заминале само во Словенија во текот на претходната година. За Србија во различни извештаи најчесто се земаат проценки за околу 50.000 емигранти годишно, иако се тоа само проценки.
Според податоците на Министерството за надворешни работи, објавени во документот насловен „Миграциски профил на Република Србија“, во текот на 2022 година биле издадени 21.841 виза на странски државјани, а најголем број се издадени на државјани на Кина (29,78%), Индија (14,18%) и Узбекистан (4,52%).
На граѓаните на овие азиски земји им беше одобрена речиси секоја втора виза од вкупниот број визи, со тренд на повеќекратно зголемување во споредба со претходните години. Тоа укажува на значителен удел во работната миграција од овие азиски земји, се вели во документот на Комесаријатот за бегалци на Србија.
Во истиот документ, исто така, се наведува дека во однос на претходната деценија, во текот на 2022 година, во Србија престојувале рекорден број странци, а меѓу нив се најбројни странски државјани кои престојуваат по основ на работа, т.е. основа на ангажман во ИТ секторот, како и странци кои се ангажирани во реализација на инфраструктурни проекти.
Македонија увезува од Индија, Непал, Филипини...
Од Агенцијата за вработување на Македонија велат дека дневно во просек се огласени помеѓу 6.000. слободни работни места од страна на работодавачите од различни дејности. Најголем број на слободни работни места се објавени за хигиеничари, продавачи, општи работници, обезбедувачи, возачи на камион, келнери, касиерки, магационери, програмери, возачи на такси и на товарни возила, тесари, готвачи, градежни работници итн. На почетокот на летнава сезона беа „увезени“ стотина работници од Индија, Непал и Филипини, за да работат во хотелско -угостителскиот сектор на охридското крајбрежје. Очекувањата се да пристигнат вкупно околу 600 работници, кои ќе ја надополнат работната сила која недостасува поради одливот на локалното население кое најчесто оди на работа на хрватското крајбрежје.
Недостигот на работници, освен угостителството, го погоди и текстилниот сектор, преработувачката индустрија, но и градежништвото. Затоа Северна Македонија лани ја зголеми квотата за увоз од 5.000 на 7.000 странски работници. Но тие добија само десетици работници од Блискиот исток, главно поради бирократски препреки. Агенциите за посредување и компаниите кои ги примија работниците велат дека тој процес е многу сложен, има бирократски процедури и трае долго. Еклатантен пример е дефицитот на работна сила за изградбата на коридорите 8 и 10д, проект кој го реализира турско-американскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Во текот на минатата година, според податоците на Агенцијата за вработување, биле издадени 5.894 позитивни мислења за вработување на странски работници, а дел од нив допрва ќе треба да пристигнат на работа во Македонија.
Црна Гора ја напуштија 300 лекари
И во Црна Гора има недостиг на работна сила во туризмот и градежништвото. Секторите храна и угостителство, дрвна индустрија и транспорт се, вели, меѓу оние кои немаат доволно кадар. Некои проценки покажуваат и дека нешто помалку од 300 лекари ја напуштиле Црна Гора во последната деценија. Она што е алармантно е дека голем дел од оваа бројка го сочинуваат искусни специјалисти со долгогодишно искуство. Иста е ситуацијата и со медицинските сестри.
Според Извештајот за спроведување на Стратегијата за миграција и реинтеграција на повратниците во Црна Гора, објавен во април годинава, лани се издадени 38.943 дозволи за привремен престој и работа на странци, што е за 32,83 отсто повеќе дозволи во однос на 2022 година. Од вкупниот број издадени дозволи за странци, 90,41 отсто се издадени за вработување, а 9,59 отсто за сезонско вработување на странци. Најголемиот број одобренија се издаваат за вработување во градежништво, сместување и услуги со храна, трговија и други услужни дејности.
„Најголем број дозволи се издаваат на странски работници кои доаѓаат од територијата на поранешна СФРЈ (Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово), а потоа следат Албанија, Турција и Русија“, се вели во извештајот.
Проценките велат дека и во Босна и Херцеговина има недостиг од 30.000 работници, поради што работодавците се принудени да увезуваат работна сила. Според податоците на Агенцијата за труд и вработување на БиХ, во 2023 година на странци биле издадени 4.586 работни дозволи, додека во 2022 година биле издадени 3.780 дозволи.
Оваа содржинa ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинари: Соња Крамарска, Далибор Ступар (Autonomija), Маја Боричиќ (Cin-cg.me), Амил Дучиќ (Fokus.ba) Сниматели: Зоран Догов, Слаѓан Фатиќ Фотографии: Дарко Андоновски, Наке Батев
Поврзани стории