fbpx

Македонија – Бугарија: Соседска сопка на патот кон ЕУ

  • Како и зошто двете „договорни страни“, за само пет години, дојдоа до односи како во „Студената војна“?
  • Културни клубови имаше и досега, но имињата на новите се сметаат за провокација и обид за ревизија на историјата.
  • Ниту надлежните во Бугарија ниту иницијаторите на клубовите не сакаат да разговараат на оваа тема.
  • Донесени се измените на Законот за здруженија и фондации, но Комисијата за оценка на имињата уште не е формирана.
  • Во историјата има најмалку десетина личности кои нѐ зближуваат наместо избраните кои нѐ разделуваат.
 

„Одете во минатото, но оставете ја вратата отворена за да не заглавите таму“, порача еден од најпознатите бугарски писатели на денешнината, Георги Господинов во Скопје на 3 декември, на промоцијата на изданието на македонски јазик на неговиот роман „Засолниште во времето“, настан од сферата на културата, организиран во период на нарушени односи меѓу двата балкански соседа.

Но, Македонија и Бугарија, по француско – бугарската блокада на македонскиот пат кон Европа, од нерамноправни позиции, со меѓудржавна комисија се обидуваат да ги „пеглаат“ разликите во поглед на историските настани. И, со поглед во иднината, за која обете страни се надеваат дека ќе биде драстично поинаква и порелаксирана, длабоко заглавија токму во минатото. Како и зошто од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, двете „договорни страни“, за само пет години, дојдоа до меѓусебни релации како во времето на „Студената војна“?

Отворањето на таканаречените културни клубови/центри за етничките Бугари во Македонија, именувани според контроверзни личности од „заедничката историја“, во македонската јавност беше сфатено како обид на актуелната политичка елита во Софија со провокации да се продлабочи со децении постоечката недоверба и да се засили непријателството за да се спречи македонската ЕУ-интеграција, со која, конечно, во втор план би биле ставени 19-вековните национал-романтичарски претензии кон Македонија во дел од бугарската јавност.

Но, не се ретки ни коментарите дека со обидите за амнестирање на спорни имиња од минатото, кои се поврзуваат со периодот на фашизмот, покрај прикривањето на улогата на Бугарија во Втората светска војна во Македонија и во елиминацијата на македонските Евреи, се прави и обид за амнестирање на фашизмот и за негово популаризирање на Балканот и пошироко.

Непобитен факт е дека Бугарија прва ја призна независноста на тогашна Република Македонија на 15 јануари 1992. Но, на 15 јануари 2022, за Дојче Веле, Стефан Тафров, тогашен бугарски заменик-министер за надворешни работи, меѓу другото, изјави дека властите во Софија, биле „загрижени поради дипломатската изолација на Македонија од страна на Грција. Сржта на нашето однесување, вклучително и на премиерот и на претседателот, беше сфаќањето дека независна Македонија е многу подобар резултат за Бугарија и за регионот, кој ќе ги реши долгогодишните конфликти на Балканот“.

Всушност, сепак останува отворено прашањето околу искреноста во поддршката за независноста на Македонија зашто во Софија постоело и стравување дека поради децениското живеење во Титова Југославија или под притисок од режимот на Слободан Милошевиќ, Македонија може да продолжи да биде дел од државата која и понатаму ќе ја контролира Белград. Зашто Тафров ја споменува и надежта „дека на овој начин (со признавањето н.з.) ќе ги разурнеме долгогодишните пропагандни клишеа кои создаваа непријателство кон Бугарија и за време на кралска Југославија и за време на Титова Југославија. Започнуваше нова ера во која Бугарија требаше да влезе со имиџ на земја која размислува за иднината, а не за минатото“.

Но, и 30 години подоцна, Бугарија, како членка на ЕУ и на НАТО, многу помалку ја интересира иднината на соседната држава, отколку „заедничкото минато“.

Битола и Охрид: клубови на пријателство или на раздор
 

Како се урна „мостот на соработка“?

А се почна толку гламурозно, со потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји, на 1 август 2017, со што „на ЕУ и на НАТО им беше испратена силна порака дека земјите на Балканот градат мост на соработка со цел перспективна иднина за своите граѓани“. Навистина, и тогаш, како компромис, Договорот беше потпишан на македонски и на бугарски јазик „во согласност со уставите на двете земји“, но двата премиера Зоран Заев и Бојко Борисов, сепак, насмеани и прегрнати, даваа изјави за „минатото како темел за идната соработка“, а Борисов дури и потенцираше дека „не залудно рекле, ако гледаш назад, ќе се сопнеш и ќе паднеш“, поради што обајцата решиле да гледаат напред. Веднаш, стигнаа и пораки за поддршка од високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини и од еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, и иако Договорот беше во голема мерка искористен и за публицитет на внатрешен план, и од Заев и од Борисов, сепак, се чинеше дека Европа ја подотвора вратата и за Македонија. Зашто Договорот со Бугарија го проби патот за потпишувањето и на Преспанскиот договор со Грција, на 17 јуни 2018, со кој требаше да се создаде „регионална заедница, семејство фокусирано на луѓето, на граѓаните...“ и да се „отворат границите за соработка со соседите, а не за ривалство и тензии“. И особено, откако со жртвување на дотогашното уставно име, Македонија доби гаранции за својата безбедност, со тоа што на 27 март 2020 година како Република Северна Македонија стана 30-та земја-членка на НАТО.

ЕУ сепак, (о)стана понедостапна за Македонија, токму поради бугарската „сопка“.

По првата блокада, оптоварена со внатрешната политичка нестабилност, Бугарија го прифати „францускиот предлог“ кој целосно ги опфаќаше нејзините барања и се откажа од ветото за Македонија, но не беше понудено компромисно решение со кое на Македонија ѝ се отвораат пристапни преговори, туку едноставно, само нови, уценувачки бугарски услови за менување на македонската историја и идентитетот, од позиција на моќ.

Како што напиша поранешниот специјален претставник на ЕУ во Македонија Ерван Фуере во Рес Публика, „барањето да се смени македонскиот Устав за да се признае постоењето на бугарска заедница во земјата беше особено еклатантно барање, бидејќи не постоеше реципроцитет според кој Бугарија за возврат ќе го признае постоењето на македонска заедница во Бугарија, како што постојано се укажува во пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур“.

Од друга страна, експертката за европска политика Малинка Ристевска Јорданова во својот блог во Рес Публика вели:

Во убедувањето за прифаќање на уставните измени обидот е да се сведе внесувањето на Бугарите во Уставот на безопасен потег. Па, ќе се внесат и Хрватите и Црногорците и други... Да, но нивните матични држави не го негираат македонскиот идентитет и ги признаваат Македонците во нивните држави. За разлика од нив, Бугарија и натаму отворено го негира македонскиот идентитет“.

Промената на Уставот со внесување на државјаните на Македонија кои се декларираат како етнички Бугари можеби и ќе беше полесно прифатлива во случај на реципроцитет со обезбедувањето основни права за етничките Македонци во Бугарија, но бугарските власти и понатаму не го признаваат македонското малцинство и не дозволуваат постоење на негови здруженија и покрај одлуките на Европскиот суд за човекови права.

На 13 ноември 2022, организацијата на македонската дијаспора Македонско меѓународно движење за човекови права (ММДЧП), основана во 1986, пред Европската комисија поднесе пријава против Република Бугарија за кршење на правото на ЕУ, поради одбивањето на Бугарија да го регистрира Македонскиот клуб за етничка толеранција.

„Ова следи по 14 успешни судски процеси кои македонски организации ги отпочнаа против Бугарија пред Европскиот суд за човекови права за разни кршења на човековите права и за сузбивање на основното право на граѓаните на здружување во културни, политички и други видови на организации само поради нивната македонска етничка припадност“, се вели во соопштението на ММДЧП.

Организацијата соопшти дека се бара правен лек со цел Република Бугарија да биде натерана да ја регистрира оваа забранета македонска организација (како и други организации) и да се наведе ЕУ да стави крај на бугарското систематско кршење на правата на Македонците.

Во меѓувреме, Комитетот на министри на Советот на Европа, кој на состанокот од 6 до 8 декември ги разгледуваше неспроведените одлуки на судот во Стразбур, ги повика властите во Бугарија да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и да дозволат регистрација на здруженија кои што имаат за цел признавање на македонското малцинство во Бугарија.

„Силно сме против фактот што и покрај усвојувањето на времената резолуција во 2020 година и последователните одлуки, повеќе од 16 години по првата финална пресуда од оваа група, на здруженијата кои имаат за цел да остварат признавање на македонското малцинство продолжува рутински да им се одбива регистрација главно поради поширок проблем на неодобрување на нивните цели и се соочуваат со постојана пракса од страна на властите кои наоѓаат нови основи за одбивање иако документите за регистрација се неколку пати разгледувани“, стои во точка 2 на одлуката.

Комитетот на министри ги повика конкретно бугарската Агенција за регистрација и надлежните судови да постапуваат согласно членот 11 од Европската конвенција за човекови права, кој што предвидува слобода на здружување без ограничувања. Доколку македонските здруженија имаат грешки во формуларите, надлежните бугарски институции треба да им помогнат, а не да ги отфрлат апликациите за формирање на здруженија. Во септември следната година Комитетот на министри ќе изврши контрола дали овие препораки се спроведени.

Од друга страна, обидите за бришење на фашизмот од бугарскиот дел на „заедничката историја“ со Македонија, преку воведување на изразите „окупација“, „администратори“ или „анексија“, затоа што Бугарија за време на Втората светска воја, наводно, не била класична фашистичка туку профашистичка земја, предизвикаа жестоки реакции во македонската јавност, за која беше неприфатливо дека бугарските окупатори од 1941 до 1944 година биле само администратори кои управувале со територијата доделена од нацистичката власт на тогашна Германија. Колку и да може да се дебатира за нивото на фашизмот, по капитулацијата на Кралството Југославија, Бугарија на Цар Борис Трети е окупатор на Македонија, а нејзината „управа“, војска, полиција и жандармерија биле сторители на бројни злосторства. Македонија крваво го освоила своето заслужено „место на позитивната страна на современата историја“ и секој обид за оживување и ревалоризација на фашизмот е осуден на неуспех.

Откако на дневен ред се најдоа културните клубови/центри, чии основачи се здруженија на етнички Бугари од Македонија, тие неретко беа оценувани и како провокација и обид за наметнување на своевидна ревизија на историјата, низ ревалоризација на фашизмот, нешто што е далеку од вредностите на ЕУ. Во духот на добрососедството, малку оптимизам внесуваат изјавите на граѓаните кои ги анкетиравме во Охрид и Битола, кои најчесто велат дека и поради сѐ што се случува, не ги мразат Бугарите, туку дека „за сѐ е виновна политиката“.

Бугарски клубови: провокација наместо обид за зближување

Никој од иницијаторите на двата бугарски клуба во Битола и Охрид не сакаше да зборува пред камерата на ,,Само прашај", ниту да ни ги отвори вратите на клубовите.

Погледни го видеото

Бугарски клубови: провокација наместо обид за зближување

Никој од иницијаторите на двата бугарски клуба во Битола и Охрид не сакаше да зборува пред камерата на ,,Само прашај", ниту да ни ги отвори вратите на клубовите.

Погледни го видеото

Клубови и судови

Навистина, Македонија и Бугарија, според Договорот од април 2003, основаа културно-информативни центри под надлежност на министерствата за култура, во Скопје (2005) и во Софија (2006) и тие центри и досега имаа активности за претставување на македонската и на бугарската култура. На 25 ноември годинава, на улицата „Никола Вапцаров“ во Скопје, со силно полициско обезбедување поради тензиите, беа отворени и новите простории на Културно-информативниот центар на Бугарија во Македонија, во присуство на министрите за култура на двете земји.

Значи, и центри/клубови и „поле за културен натпревар“ – имаше и досега.

Но, имињата на двата клуба/центра (Иван Ванчо Михаилов и Цар Борис Трети) во „градот на конзулите“ и во „македонскиот туристички бисер“, ја ражестија македонската јавност. Денес, најверојатно само хроничарите се сеќаваат дека Уставниот суд на Македонија во март 2001 година со едногласна одлука ги поништи Програмата и Статутот на здружението на граѓани „Радко" од Охрид (Радко - псевдоним на Михајлов) со образложение дека документите се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок и разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост, поради ставовите на Михајлов и неговото негирање на македонската нација. Иако по жалбата, Европскиот суд за човекови права во Стразбур во 2009 година пресудил дека името на здружението не е валидна причина за поништување на документите и „Радко“ подоцна беше регистриран, Михајлов остана трн во око за македонската јавност.

Така, по отворањето на Културниот центар „Иван Ванчо Михаилов“ во Битола на 16 април 2022, на кое присуствуваше дел од бугарскиот државен врв, поради „рехабилитација на фашистичката идеологија“ реагираше Сојузот на борци и граѓани продолжувачи од Битола, а по кривична пријава од политичка партија бил оформен и предмет во Основното јавно обвинителство Битола за регистрацијата и функционирањето на центарот. А, по поднесените иницијативи на политичката партија „Левица“ и на адвокатот Тони Менкиноски, Уставниот суд во ноември оформи предмети во кои се оспорени статутот и програмата на здруженијата „Културен центар Иван Михаилов“ и „Цар Борис Трети – Охрид“. Двата предмета се во фаза на претходна постапка и иницијаторите бараат поништување на оспорените статути и програми, затоа што, според нив, се спротивни на членот 20 став 2 од Уставот и се насочени кон уривање на уставниот поредок, попречување на слободното изразување на националната припадност на македонскиот народ, негирање на неговата самобитност и разгорување на национална омраза или нетрпеливост.

И за претседателот на Еврејската заедница на Република Северна Македонија, Пепо Леви загрижувачка е промоцијата на фашистичкото минато на царска Бугарија. Или како што вели, на докажаниот борец за имплементација на таканареченото конечно решение на еврејското прашање му нема место на позитивната страна на современата историја.

„Загрижува леснотијата со која се отвораат таквите клубови, со кои на голема врата во Македонија се враќа и промовира фашистичкото минато на некогашниот окупатор на Македонија, царска Бугарија...Во времето на царот Борис Трети, во 1940 година се промовира и Законот за заштита на нацијата со кој се ограничуваат правата на Евреите и се легализира антисемитизмот и омразата кон Евреите. Зар треба да ја заборавиме омилената фраза на цар Борис Трети, преземена од нацистичката Германија: `Еден цар, еден народ, една држава`?!“, вели Леви.

Пепо Леви: Загрижувачка е промоцијата на фашистичкото минато на царска Бугарија

Во времето на царот Борис Трети, во 1940 година во Бугарија е донесен Законот за заштита на нацијата со кој се ограничуваат правата на Евреите и се легализира антисемитизмот и омразата кон Евреите.

Прочитај повеќе

Пепо Леви: Загрижувачка е промоцијата на фашистичкото минато на царска Бугарија

Во времето на царот Борис Трети, во 1940 година во Бугарија е донесен Законот за заштита на нацијата со кој се ограничуваат правата на Евреите и се легализира антисемитизмот и омразата кон Евреите.

Прочитај повеќе

И охридскиот градоначалник Кирил Пецаков смета дека ниту името, ни времето на отворање на клубот во Охрид не се соодветни, а сомнителни се и намерите кои се кријат зад описот „културен“.

„Дегутантно е да разговараме за Цар Борис поврзано со некаква си култура и ширење и учење за бугарскиот народ. Периодот е повеќе од сензитивен и чувствителен за нас Македонците! И до ден денес имаме туристи и ќе имаме туристи од Бугарија и добредојдени се!“, вели Пецаков.

Сѐ уште не е формирана Комисијата за употреба на имињата

По силните реакции во јавноста, група пратеници на почетокот на октомври поднесоа Предлог закон за именување и дополнување на Законот за формирање здруженија и фондации, кој Собранието го изгласа на 2 ноември. Според него, отсега контролата врз имињата ќе биде под надлежност на Комисија за употреба на имињата на личности која ќе биде составена од пет члена – по еден член од министерствата за правда и за култура и од Институтот за национална историја и два члена од Македонската академија на науките и уметностите. Законот предвидува, здруженијата и фондациите во рок од три месеци да ги усогласат своето име, програмата, целите и дејностите во согласност со одредбите од новиот закон. Тие што нема да го сторат тоа ќе бидат избришани од Централниот регистар врз основа на донесена одлука за неусогласеност од страна на министерот за правда, по претходно добиено негативно мислење од Комисијата.

Иако според Законот институциите треба да предложат членови на комисијата, речиси еден месец од неговото стапување на сила, Комисијата сѐ уште не е формирана.

„Владата нема донесено одлука за формирање на Комисијата за употреба на имиња во согласност со членот 9-а од Законот за здруженија и фондации, со оглед на тоа што институциите сѐ уште ги немаат доставено номинациите“, ни соопштија од Владата.

Од Министерството за култура добивме информација дека стигнал допис за номинација на член - Антонио Павлоски, посебен советник во кабинетот на министерката за култура, кој беше ресорен претставник и на ад-хок Советодавното тело кое во септември го формираше Владата за да дава привремени мислења за употреба на имиња на здруженија и фондации додека не се донесат измените на Законот.

Според законскиот рок, остануваат помалку од два месеца за промена на спорните имиња на здруженија и фондации во Централниот регистар. До 5 декември 2022, ниту едно здружение не поднело барање за промена на податоците.

„Барања за усогласување од здруженија и фондации до Регистарот сè уште не се поднесени“, велат од Централниот регистар.

На прашањето, што ќе се преземе ако спорните регистрирани здруженија и фондации не го почитуваат законскиот рок од три месеци, од Регистарот објаснуваат дека тие ќе бидат избришани, со претходно мислење од Комисијата, која уште не е формирана.

„Доколку во пропишаниот законски рок не ги усогласат името и/или називот, скратеното име, програмата, целите и дејностите, во согласност со новите измени на Законот е пропишано дека тие ќе бидат избришани од Регистарот врз основа на донесена одлука за неусогласеност од страна на министерот за правда, по претходно добиено негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња“, велат од Централниот регистар.

Политичкиот наратив VS гласот на разумот

Но, покрај правната процедура, во македонско-бугарските односи сѐ мораше веднаш да добие и политички призвук. Така, уште во октомври, бугарскиот заменик министер за надворешни работи Костадин Коџабашев реагираше на наводната кампања против бугарските организации и според него, со предложените законски измени, Македонија ја прекршува Европската конвенција за човекови права и правото на здружување.

„Крајно неприфатливо е да се користи наратив, вклучително и законски иницијативи, со кои непринципиелно се искористуваат теми поврзани со фашизмот, антисемитизмот и тероризмот, а со цел да се ограничат основните права и да се влошат добрососедските односи“, изјави тогаш Коџабашев.

Сепак, имаше и поинакви ставови во Бугарија. Како гостин на утринската програма на БНТ1, на 26 ноември 2022, бугарскиот писател, драматург и поет Стефан Цанев говореше за бугарскиот дел од вината за нарушените релации меѓу двата соседа и за грешките на бугарската држава, пред и за време на Втората светска војна.

„Ние сме направиле големи грешки во историјата, сме направиле големи гревови кон Македонија. Уште со Преображденското востание. Сите тогаш се надевале дека Бугарија ќе им помогне да ги ослободи. Бугарија дури ни протестна нота не испрати до Турција за тоа што се случува. Никаква помош. И од тогаш започна оддалечувањето за кое зборуваме. И не треба да го премолчуваме и другото што се случило подоцна. Има и предавнички акт. Ние сме потпишале таен договор за поделба на Македонија меѓу Грција, Србија и Бугарија. Тоа не е никаква тајна и сега фактички борбата е за српскиот дел на Македонија. Бугарскиот си е во Бугарија. Грчкиот е во Грција. И најлошото кое треба да го гледаме со отворени очи, ако е можно, е она кое сме го правеле во 1943 година кога сме ја претставувале фашистичката власт на Германија. Тоа дека ние не сме учествувале во Втората светска војна со војска не е точно. Ние учествуваме во окупацијата на Балканскиот полуостров со армија од 200.000 луѓе. Тоа се 16 дивизии. Околу 50.000 војници имало во Македонија“, рече Цанев.

На иста линија е и професорот на софискиот универзитет и раководител на културниот центар, Александар Ќосев, кој говорејќи за македонскиот јазик вели:

„... Македонскиот јазик од една или друга причина се одвоил, има самостојна судбина, му служи на целото македонско општество, на него е напишана прекрасна поезија. Има традиции и тој што го негира тоа мора да е слеп, а тој што сè сведува на некакво потекло мора да запомни дека зборот „потекло“ има две значења – потеклото на родот и потеклото на поединецот. Никој не може да им го одземе чувството на Македонците дека го зборуваат својот мајчин јазик“.

Иницијаторите незаинтересирани за разговор

Настанатата ситуација како да ги поттурна основачите и иницијаторите да станат порезервирани кон јавните настапи. Се обидовме да обезбедиме изјави на релевантни соговорници од двете држави.

Се обративме до градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов, но од неговиот кабинет ни беа побарани линкови од досегашната работа на нашиот медиум, за потоа воопшто да не ни одговорат дали се согласува за разговор.

Ниту Атанас Кирјаков од ОМО Илинден и кандидат за кмет на Благоевград не одговори на нашите пораки за да договориме разговор.

Во Охрид, пак, се обидовме да контактираме со еден од основачите на клубот „Цар Борис Трети“, Томе Блажевски. Тој прво го исклучуваше телефонот и ја игнорираше СМС пораката, за во неделата, додека нашата екипа беше во Охрид, конечно одговори на телефонскиот повик, но ни рече дека му е ден за одмор. На објаснувањето дека сме новинарска екипа и дека сакаме да договориме изјава, ни рече дека тоа е можно, но само откако прво ќе издавиме полициски извештај за тоа колку пати и како бил нападнат клубот.

Со Љупчо Горгиевски, основач на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, комуникацијата започна коректно. Ни рече дека е во болница поради проблеми со срцето и дека ќе не побара кога ќе биде подобар и дека нема никој друг што би ни дал изјава или барем да ни отвори да влеземе во клубот. И тука заврши сѐ, бидејќи на секој нареден повик и СМС тој не одговараше.

Загубен интерес поради исполнета агенда, страв од притисоци и консеквенци или од реакции на опкружувањето во и со кое, сепак, мора да се живее или типична балканска приказна.

Иако почнаа и шпекулациите дека преку клубовите во двете држави се пресметуваат безбедносни служби, дека постои вмешаност и на големите геостратешки играчи кои се натпреваруваат за влијание на Балканот преку спроведување на политички агенди врз грбот на етничките заедници, нарушените односи пред сѐ мора да ги решаваат меѓусебно Македонија и Бугарија.

„Пријателство меѓу два народа се гради врз основа на взаемна почит. Ако народите и државите се почитуваат и признаваат, тогаш се стекнува доверба која води кон пријателство. Ако сакаме да градиме пријателство, да го земеме скандинавскиот пример каде од историјата се извлекуваат поуки, а не се користи за ситни дневно-политички поени со разгорување на најпримитивните чувства на омраза кон другиот, не можејќи да се излезе од шаблонот на 19 век за присвојување, приграбување и создавање на големи држави“, вели професорот д-р Марјан Иваноски, научен советник и редовен професор во Одделението за нова и најнова историја при Иниститутот на национална историја во Скопје.

Марјан Ивановски: Пријателство меѓу два народа се гради врз основа на взаемна почит

Од историјата треба се извлекуваат поуки, а не таа да се користи за ситни дневно-политички поени со разгорување на најпримитивните чувства на омраза кон другиот, вели за „Само прашај“ професорот д-р Марјан Иваноски.

Прочитај повеќе

Марјан Ивановски: Пријателство меѓу два народа се гради врз основа на взаемна почит

Од историјата треба се извлекуваат поуки, а не таа да се користи за ситни дневно-политички поени со разгорување на најпримитивните чувства на омраза кон другиот, вели за „Само прашај“ професорот д-р Марјан Иваноски.

Прочитај повеќе

Тој посочува неколку личности од минатото кои нѐ зближуваат, како: Димитар Благоев, Георги Димитров, Тодор Павлов, Јанко Саказов, Павел Делирадев, Никола Габровски и други, наместо овие кои провоцираат.

Избор секако треба да се направи. Од обете страни на границата, бидејќи за љубов, сепак, треба двајца што се разбираат, дури и ако секој зборува на својот јазик.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинари: Синиша Станковиќ, Катерина Топалова, Весна Ивановска-Илиевска
Снимател: Слаѓан Милошевски
Монтажер: Борче Крстевски