- Миграцискиот ураган во последните години ги остави балканските држави без работници во ударните струки.
- Украинци, Руси, Непалци, Индијци како и работници од Бангладеш ги пружаат своите знаења и вештини како надомест за локалната работна сила која мигрира на Запад.
- Дел од дојденците запаѓаат во проблеми поради лоши газди, несоодветни работни места или мала заработка, па скришно бегаат од една во друга земја во регионот.
Срцето на Скопје, старата Турска чаршија е неизбежна станица за странските туристи кои доаѓаат во главниот град. Во тесните калдрми функционираат голем број на угостителски објекти. А во нив, работат и странци кои се дојдени тука на печалба. Еден од нив, кој работи како келнер во кафуле е 25- годишниот Озун од Турција.
„Не можам да се пожалам на условите. Со платата и бакшишот што го оставаат, претежно туристите, можам да си дозволам пристоен живот, за разлика од Турција каде инфлацијата е голема, а лирата постојано паѓа. Имам роднини во Скопје и тие ми помагаат. Многу разговарав со нив пред да донесам одлука и решив да дојдам и да си ја пробам среќата овде. Дали ќе останам овде, сѐ уште не сум одлучил“, вели тој.
Келнерите се едни од најдефицитарните струки за кои македонските газди имаат потреба.
„На пазарот на трудот секогаш се барани работници од занимањата келнер, готвач, пекар, бравар, монтер, заварувач, аргон заварувач, ѕидар, лимар, тесар, тесарски работник, армирач, армирачки работник, градежен работник“, велат од Агенцијата за вработување за „Само прашај“.
Така е и во повеќето балкански земји. Миграцискиот ураган што ги зафати последните години, ги остави без работници во ударните струки. Но, бизнисот не смее да запре и на помош или од нужда на нивно место дојде странска работна сила, претежно од азиските земји, но и подалеку, каде стандардот е низок и балканскиот пазар на трудот им е исплатлив.
Ниту Србија не е исклучок од тој тренд. Синдикатите предупредуваат дека има недостиг од медицински лица и од работници во услужните дејности кои претходните години масовно заминуваа во ЕУ, а во последните години сѐ повеќе се гледаат странци кои возат градски автобуси, бидејќи загрижувачки е и одливот на возачи од Србија.
Чеданка Андриќ, претседателка на Обединетиот грански синдикат „Независност“, вели дека во 2023 година Министерството за труд, вработување, социјални работи и бранители издало околу 50.000 работни дозволи на странци. Најмногу, околу 20.000 се на граѓани на Русија, кои главно се поврзани со ИТ индустријата. Следни се работниците од Кина, околу 10.000, потоа Турција и Индија со по околу 5.000, и нешто над 1.000 работници од Непал.
Комесаријатот за бегалци на Република Србија секоја година објавува публикација наречена „Миграциски профил на Република Србија“ и во извештајот за 2023 година прецизира дека надлежните органи издаваат три вида визи: аеродромска транзитна виза (виза А), виза за краток престој (виза Ц) и виза за долг престој (виза Д).
„Во 2023 година се издадени 20.276 визи Д и 9.166 визи Ц. Најголем број визи Ц се издадени на државјани на Република Кина (15%), Индија (9,81%) и Египет (8,2%). Кога станува збор за бројот на издадени визи Д, најголем број од нив се издадени на државјани на Република Кина (44,11%) и Индија (15,04%)“, се наведува во извештајот.
Според податоците на Националната служба за вработување, во јули 2023 година во Србија најбараното занимање било програмер и биле објавени 3.441 работно место. По програмерите, се бараа столари (720), чистачи (канцеларии, хотели, тоалети - 457) и работници за арматура (424). Од синдикатот велат дека дефицитот го има речиси во сите сектори, а веќе е највидлив во медицината.
Туризмот се крпи со странски работници
Владата на Црна Гора, пак, одлучи дека годинава може да издаде речиси 29.000 дозволи за привремен престој и работа на странци, што претставува зголемување за 7.500 дозволи во однос на лани. Црна Гора има многу изразен недостиг од работници, особено во хотелиерството, угостителството, градежништвото, трговијата и земјоделството. Странците најмногу работат во летната туристичка сезона и доаѓаат од целиот свет.
Најмногу дозволи за привремен престој и работа на странци во Црна Гора во текот на оваа година се издадени на државјани на Русија (36% од вкупниот број), потоа на Турција, околу 20%, потоа на државјани на Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Украина и Северна Македонија. Најмногу работат во Подгорица и на крајбрежјето.
Со исклучок на туристите, врз основа на престој и привремена заштита на раселените лица, денеска во Црна Гора живеат околу 10.000 Украинци. Тие се вработени во кафулиња, ресторани, козметички и фризерски салони, но од Украина во Црна Гора сè почесто доаѓаат лекари, медицински сестри, физиотерапевти и наставници. Голем број украински граѓани донесени во Црна Гора од војната сè почесто започнуваат бизнис.
Оксана Кјашко е вработена како менаџерка во еден од баровите во сопственост на Украинци. „Ова место го отвори едно украинско семејство, тие веќе имаат локал во Бар. Нѝ доаѓаат многу луѓе од Украина кои бараат работа. Подготвуваме нови работни места за нив, среќни сме што можеме да соработуваме и со Црногорци. Малку е тешко кога треба да ги научиме сите закони и правила, но тоа функционира добро. Малку им е тешко на Украинците поради јазикот,“ ни изјави таа.
На нашето прашање дали многумина Украинци дошле со идеја за бизнис во Црна Гора таа рече дека има такви. „Познавам најмалку 10 луѓе кои овде имаат сопствен бизнис. Тоа се кафулиња, ресторани, сервиси за автомобили, салони за убавина“, вели Оксана.
Бегството на домашните работници не ја одмина ни Албанија. Косово онлајн во јули објави податоци, цитирајќи го Клевис Хиса, директор на Државната агенција за вработување и вештини, дека во 2024 година во Албанија работат 12.000 странски работници. Работните места кои ги држат се во менаџментот но и во текстилната индустрија, производството на облека, градежништво, хотелиерство и туризмот. Албанија издава дозволи за престој на шест месеци до една година, но сепак странските работници остануваат подолго, открива соговорникот на Косово онлајн.
Доселувањето во Албанија е со променлива динамика во последните десетина години. Во 2013 година статистиката забележала околу 50.000 имигранти, а потоа бројката опаѓа. До 2015 бројката се движи околу 40.000, за во годините што следат, во 2016 паѓа на 30.000 па во 2017 повторно се качува на 39.000 и потоа продолжува трендот на опаѓање. 2020-2021 доселувањето се движи меѓу 7.000 и 9.000 за во 2022 повторно да се зголеми на 14.000.
Карактеристично е што речиси во сите земји од регионов недостасуваат работници од исти струки. Во Македонија според податоците од Агенцијата за вработување има потреба од програмери, информатичари, комерцијалисти, администратори, административни службеници, но и продавачи и хигиеничари на станбен и деловен простор. Од Агенцијата велат дека домашните компании имаат од вработување и на шивачи, келнери, готвачи, шанкери, градежни работници, обезбедувачи на имот и лица, општи работници, возачи (на товарни возила, на камиони, на такси, на автобуси), заварувачи, електричари за одржување, магационери.
Но, овие струки се потешко се наоѓаат, па македонските фирми прибегнуваат кон ангажирање на работници од евроазиските земји. Во последните три години, работниците од Турција се наоѓаат во топ пет држави кои ја пополнуваат домашната државна квота за увоз на работна сила од странство.
До крајот на јуни 2024 година, најголем број на работни дозволи издадени од Агенцијата за вработување на Македонија имаат турските работници - 1.379, или заклучно со август се издадени 5.051 работна дозвола на работници од Турција, Бангладеш, Непал, Индија и Косово. Оваа работна сила најчесто е ангажирана како армирачи, тесари, заварувачи и во други дејности. Во минатата 2023 година, Агенцијата издала 5.893 работни дозволи, во 2022 година - 4.489.
Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи (ОРМ) посочува дека Македонија дури и доцни во тој процес за разлика од земјите од опкружувањето.
„Ние минатата година ја зголемивме квотата за вработување на странци од 5.000 на 7.000 луѓе и сè уште имаме закони од поранешна Југославија каде процедурите се малку посложени и тоа придонесува да имаме толку малку странци. Најголем број се вработени во градежништвото, дури ако се сеќавате сменивме и еден закон за работни односи кога им дозволивме за специјални национални интереси да работат и повеќе од 40 часа неделно. После градежништвото се хотелиерството и угостителството, во Охрид дојдоа доста луѓе од надвор да работат, како и преработувачката индустрија. Тоа се три гранки каде има и најголема потреба од работници“, вели Димитров.
Согласно законите во Македонија странските работници имаат еднакви права со домашните, со тоа што работодавецот има обврска да обезбеди живеење, односно сместување на тие луѓе и еден оброк дневно.
Странските државјани кои работат кај црногорските работодавци велат дека се задоволни од условите во кои работат, но и дека поради егзистенција најчесто се принудени да работат сите полнолетни лица во семејството. Борис Калинов, готвач, работи во Тиват.
„Сега се преселив во Тиват, работам со работодавец, отвораат нова продавница во Тиват и дојдов овде со моето семејство. Незнам друго да работам, долги години сум готвач“, вели тој.
Во истиот ресторан со него работат и ќерката и сопругата како келнерки. На нашето прашање какви се условите во кои работат, споредено со Украина или некоја друга далечна земја од каде што доаѓа работна сила, тој одговара: „ Кога ќе споредам со Украина - се разбира пред војната, за истата дневница во Црна Гора работиш по 8 часа, а таму од 7 до 23 часот секој ден, ако сакаш поголема плата“. „Повеќето сме Украинци, има Руси, но има овде со нас и многу државјани на Турција“, нѝ рече Калинов.
Според последните податоци и во Црна Гора живеат и околу 11.000 турски државјани. Регистрирани се 6.000 фирми во сопственост на Турци, од кои повеќето во туризмот, градежништвото и енергетскиот сектор.
Случајот Линглонг како поука
Но, не се позитивни сите приказни со странската работна сила. Србија, на пример, се најде во центарот на вниманието со кинеската компанија за производство на гуми „Linglong International Europe“ која изгради своја фабрика во Зрењанин, кога се дозна дека на изградбата работат стотици работници од Виетнам и од Индија, кои живеат таму во нехумани услови. Меѓу најактивните кои им помагаа на виетнамските работници беше Тара Рукеци Миливојевиќ од Социјалниот форум Зрењанин. Таа во изјава нѝ рече дека виетнамските работници биле физички одвоени од градот, дека живееле во лоши услови и работеле 12 или повеќе часа дневно.
„Имавме прилика да видиме каде живеат, како живеат, што јадат, и какви договори за работа имаат. Кога ги депортираа групно добивме списоци од нив каде што значителен дел од платата им беше одбиен, па од 900-те долари што требало да ги добијат добиле 400, а како ставка за намалување имаат на пример 100 долари за користење интернет“, прецизира Рукеци Миливојевиќ.
Организацијата АСТРА од Србија која се залага за искоренување на експлоатација на луѓе го следеше целиот случај. Јасмина Круниќ од таа организација посочува дека на крајот виетнамските работници биле депортирани и покрај десетиците писма и пријави кои оваа организација ги испратила до надлежните органи, на што некои, како што е трудовиот инспекторат, одговориле со поднесување прекршочни пријави.
„Линглонг остана без никакви последици. Очигледно е дека има договор да не се допираат големите инвеститори и да се минимизира тоа низ што поминале овие луѓе, тоа е нашиот впечаток“, нѝ изјави Круниќ.
Заплеткани приказни има и во Македонија. Стотици работници од Непал пропатуваа над 5.000 километри да пристигнат на работа во некој од македонските градови, но голем дел од нив, групно бегаа од работните места, а и од државата. Според Зоран Кочовски, директор на приватната агенција за вработување од странство „Коузон“, тоа се должи на проблемот што увозот на работна сила не го вршат лиценцирани агенции, туку буквално кој стигне преку посредништво.
„Има разни ситуации. Има групи на луѓе во државата кои носат луѓе од надвор и си наплаќаат за посредништвото. А веројатно и луѓето кои доаѓаат даваат пари за добивањето работа. Работниците се носат со интенција да ги префрли некој на друго место“, вели тој и порачува дека државата треба да има национална стратегија за интеграција на работна сила и соодветно законско решение кое во моментов го нема, како и да се работи на искоренување на одбивноста за интеграција на странска работна сила.
Полициските билтени неретко известуваат за случаи поврзани со Непалци кои биле вработени во македонски компании. Најчесто, пријавите ги поднесуваат газдите на фирмите, а полицијата не ги наоѓа во домовите каде се пријавени со престој. Логиката вели дека во таквите случаи Македонија е само попатна станица за работниците од Непал за влез во земјите од Европската унија. Откако биле ангажирани во македонски компании, од почетокот на 2024 година досега во МВР се пријавени дека исчезнале вкупно 132 лица. Од нив, најбројни се Непалци - 85 работници, кои работеле во Скопје, Ново Село, Охрид, Прилеп, Тетово, Радовиш, Пехчево и Василево, 16 работници од Бангладеш, и неколку ретки случаи на работници од Турција и Албанија.
Нашиот соговорник од Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров објаснува: „Очигледно дека тие луѓе бараат и многу повеќе од тоа што можат да заработат во Македонија па ни се случува некои случаи како на пример работниците од Непал или од Бангладеш наеднаш ги снемуваше од нашите компании и фактички на црно избегнуваа и еднострано ги раскинаа договорите за работа“.
Димитров смета дека работниците кои бегаат од Македонија „на диво“ заминуваат за Германија. „Тука има работници кои сакале да дојдат да работат во Македонија и мислеле дека тука ќе го најдат својот интерес. Но, сигурен сум дека има и такви кои свесно склучиле договор во Македонија за да го искористат за да им биде преоден транзит за западноевропските држави“, вели тој.
Математиките во расчекор со желбите
Во Србија, се чини дека работите се покомплицирани од аспект на третманот на странските работници па дури се вклучија и домашни синдикати за да им помогнат. Освен случајот со Линглонг, претседателката на Обединетите гранкови синдикати Независност од Србија, Чеданка Андриќ, наведува пример со работници од Узбекистан кои работеле во фабрика во Војводина, на кои исто така им биле одземени документите и кои работеле во лоши услови.
„За тоа дознавме преку нашиот меѓународен синдикален штаб, интервениравме преку трудовата инспекција и го решивме проблемот. Многу е тешко да се добијат тие податоци затоа што кога некој ќе те стави во некаков ограден простор каде што ќе живееш и ќе јадеш, комуникацијата со околината е навистина минимална, а тука е и јазична бариера“, појаснува Андриќ.
Во Република Србија постапката за ангажирање странци е регулирана со Законот за вработување на странци, а од синдикатот наведуваат дека за нив и за домашните работници важат домашните прописи како што е Законот за работа. Проблемот со овие работници е интеграцијата во општеството, бидејќи немаат намера да останат подолго од договорот или проектот со кој се ангажирани.
„Кога нашиот човек оди во Швајцарија, таму ја планира својата иднина, таму го носи семејството, децата таму одат на училиште, тој е многу поинтегриран од работник што работи на проект за изградба на автопат овде. Тој доаѓа сам, живее во колективно сместување, проектот завршува, си оди дома, доаѓа следниот и тешко се интегрираат тие луѓе. Тоа не е долгорочна работна сила во која ќе инвестирате во доквалификација или преквалификација“, истакнува Андриќ.
Работниците кои доаѓаат во регионов бездруго тоа го прават за заработка која не можат да ја добијат во матичните држави. Но математиките не се секогаш во нивна полза. Според најновото истражување на американската консултантска фирма Мерсер, најскап град во регионот за странски работници е Тирана, која од 153-то место лани се помести на 100-то место годинава. Белград годинава се најде на 159-то место на листата на најскапи градови за странски работници. Минатата година беше на 175-то место, што укажува на значително зголемување на трошоците за живот во главниот град на Србија. За оваа листа Мерсерс ги анализираше цените на кириите, јајцата, маслиново масло, услуги во фризерските салони, цените на горивото и трошоците за кафе во рестораните. Еден од најевтините градови во регионот за странски работници е Скопје, кој годинава се искачи за две позиции од 200 – то место.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинари: Соња Крамарска, Александра Мудреша (Vijesti, ЦГ), Далибор Ступар (Autonomija, Србија), Јона Плумби (Faktoje, Албанија),
Сниматели: Наке Батев, Слаѓан Фатиќ
Фотографии: Дарко АндоновскиМонтажа: Фани Гошевска Живковиќ
Поврзани стории: