fbpx

МВР не дава согласност за катната гаража кај Собранието бидејќи е безбедносен ризик

  • На одговорот од МВР се чекаше со месеци, бидејќи Владата и Собранието уште во март побараа проценка дали ваквата комерцијална гаража е ризик за безбедноста на Собранието како објект од витално значење.
  • Тошковски, од позиција на министер, не учествувал во изготвувањето на безбедносната проценка за проектот на компанијата „АНГО“ ДООЕЛ што го бранеше како адвокат.
  • Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Љубомир Ѓурчевски вели дека по ниту еден основ не смее да се дозволи до институција од витално значење да се изгради стопански објект.
  • Од Општина Центар ќе чекаат официјално известување од МВР, а дотогаш информацијата што ја добивме официјално од МВР ја сметаат за претпоставка.
  • Никој не знае какви ќе бидат последиците од негативниот став на МВР, а нема коментар ниту од „АНГО“ ДООЕЛ, која од пред два месеци го загради просторот и постави табла со информации за објектот.

Проектот за изградба на катната гаража до Собранието, проект што го бранеше адвокатот Панче Тошковски, не доби позитивно мислење од министерството со кое тој сега раководи. МВР утврди дека изградба на комерцијален објект до Собранието е безбедносен ризик и може да предизвика импликации во работењето на институциите.

Тошковски, од позиција на министер, не учествувал во изготвувањето на безбедносната проценка за објектот, потврдија од МВР за „Само прашај“, но не одговорија дали во меѓувреме тој го променил ставот или и натаму смета дека е соодветно да има приватна катна гаража во дворот на Собранието. Мислењето на МВР е спротивно на заложбите на адвокатот Тошковски, кој со години во име на компанијата „АНГО“ ДООЕЛ водеше правна битка за таа да си го врати одземеното одобрение за градење. „Имајќи ја предвид сегашната позиција на министерот Тошковски, тој не е во можност да споделува став околу предметниот случај, поради конфликт на интереси“, рекоа од МВР за „Само прашај“.

На одговорот од МВР се чекаше со месеци – уште во март Владата и Собранието побараа од Министерството да направи проценка дали ваквата комерцијална гаража е ризик за безбедноста на Собранието како објект од витално значење – но институциите како да се затекнати од барањето.

Веќе два месеци стои табла со информации за објектот што ќе се гради

Институционалниот молк, што е присутен за оваа локација со години, повторно завладеа и никој не знае какви ќе бидат последиците од негативниот став на МВР. Молк и од компанијата „АНГО“ ДООЕЛ, која од пред два месеци, непосредно по конституирањето на новиот собраниски состав, веќе го загради просторот за градење и постави табла со информации за почеток на градежните активности.

Која е компанијата „АНГО“ ДООЕЛ?

Примарна дејност на ДТПУ „АНГО“ ДООЕЛ е транспортот. Фирмата е регистрирана во 1999 година, за превоз на патници, стока, шпедиција, промет и туризам во земјава и во странство. Компанијата не учествува на тендери, а од податоците достапни на Бизнис-мрежа, може да се види дека минатата година остварила вкупни приходи од над 39 милиони денари и добивка од 2,7 милиони денари. Компанијата се јавува и како сопственик во Друштво за производство, трговија и услуги „Крушево ВЕЕД ИНТ“ ДОО – Скопје, во Друштвото за превоз на патници и стоки „ИНТЕР ТОУРС“ ДООЕЛ – Скопје и во Трговското друштво „ЈУГОКОМЕРЦ“ Скопје.

„АНГО“ ДООЕЛ поседува земјиште во Штип и според јавно достапните податоци ја разгледуваат можноста за инвестиција во градежниот бизнис – за оваа цел иницирале да се изработи и Детален урбанистички план за неколку урбани делови на Штип каде што тие се јавуваат како сопственици  на дел од земјиштето. Компанијата редовно донира училиштен прибор за децата во Крушево, а пред две години донирала и сообраќаен проект на Општина Гази баба. Името на компанијата се појавува и на листата со фирми кои добија дозвола за одгледување канабис, но лиценцата им беше одземена.

Воздржаноста околу исходот е  разбирлива. Во текот на целиот процес, уште пред 15 години, кога локацијата за првпат беше ставена на лицитација, доминираат политичко-партиски влијанија. Тие ги поттикнуваат стравувањата дека и за овој проект – однапред осуден на пропаст, нема да се утврди одговорност, а цената ќе ја платат граѓаните.

Изградбата на катната гаража е ризик

Од одговорите што ги добивме од МВР не може да се заклучи кога бил одржан состанок на работната група и не е јасно зошто на институцијата ѝ беа потребни повеќе месеци да ја донесе безбедносната проценка, но нема дилеми во утврдените ризици од изградба на катната гаража.

„Организациските единици на МВР и други институции кои се засегнати со ова прашање одржаа работен состанок и утврдија дека евентуалната изградба на катна гаража во непосредна близина на Собранието на РСМ и Домот на АРМ би претставувала безбедносен ризик и не е исклучена можноста од постоење на импликации во однос на секојдневното функционирање на виталните објекти. Согласно тоа, Министерството за внатрешни работи, имајќи ја предвид безбедноста на објектот Собрание на РСМ кој е од витално значење, не е во можност да заземе позитивен став по однос на изградбата на катната гаража во непосредна близина на Собранието на РСМ“, одговорија од МВР на прашањата на „Само прашај“.

Собранието се прогласи за ненадлежно за случувањата во својот двор

Катната гаража е табу-тема и за пратениците. Иако буквално им се случува во сопствениот двор, ниту еден пратеник не се одважи да одржи прес-конференција за катната гаража која ќе се гради под нивните прозорци. И од Кабинетот на претседателот на Собранието не одговорија кој е ставот на спикерот за изградбата на катната гаража. „Собранието нема надлежност да влијае директно на изградбата на оваа гаража, ниту да прави проценка на евентуален безбедносен ризик од истата. За овој предмет Собранието формираше работна група којашто ја следи оваа ситуација која трае долги години наназад и за која Собранието се има обратено до сите надлежни институции“, одговорија од Кабинетот на претседателот на Собранието, Гаши.

Официјалната проценка на МВР се совпаѓа со мислењето на безбедносните експерти дека во близина на витални објекти, секогаш треба да се избегнува да се градат комерцијални објекти – дотолку повеќе што во конкретниот случај, има три важни згради на мал простор: зградата на Собранието, Домот на АРМ и зградата на Управниот суд.

Никој од пратениците не се огласи иако ќе им се гради буквално под нивните прозорци

По ниту еден основ не смее да се дозволи до институција од витално значење да се изгради стопански објект, ни изјави поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Љубомир Ѓурчевски, само неколку дена пред да стаса оценката од МВР.

„Во парламентарна демократија, на највисоко место по важност е Собранието, претседателот на Собранието, пратениците, потоа зградата на Владата, премиерот, Претседателот на државата, Уставниот суд, Врховниот суд и Јавното обвинителство, секако и министерствата, па националните медиуми. За сите згради од витално значење и за Собранието има посебни полициски планови и обрасци за обезбедување и заштита од секакви безбедносни предизвици. Како полицијата би ги распоредила своите возила и други средства за заштита на Собранието при изградба на приватен објект?“, објаснува Ѓурчевски, кој набројува и различни ризици и диверзии што се реална закана за објект како катна гаража.

Надлежните ќе чекаат и официјално да добијат известување од МВР за да одлучат како да постапат – дотогаш одбија да соопштат дали мислењето на МВР може да биде основа за да се преземат некои активности за запирање на градбата на објектот.

„За какво било негативно мислење дадено од страна на МВР, а во врска со можни и евентуални безбедносни ризици при планирање и евентуална изградба на катната гаража на локацијата до Собранието на РСМ, Општина Центар – Скопје не е запознаена и до овој момент нема таква информација добиена од МВР. Од причини што такви информации од МВР не сме добиле, не можеме ниту да коментираме евентуална ситуација на запирање на изградбата, којашто е во рамки на претпоставка, а не на факти“, одговорија од Општина Центар.

Партиски влијанија во битката за атрактивната локација

Битката за сопственост започна уште во 2009 година, кога Министерството за транспорт за првпат ја понуди атрактивната локација на лицитација. Прв газда е „Макоил“, кој не започна со изградба на подземна гаража во законскиот рок, по што во 2013 година, Министерството за транспорт и врски организира нова аукција за истата локација. Земјиштето го купува фирмата „АНГО“ ДООЕЛ, која следната година добива и дозвола за градење, но не на подземна, туку на катна гаража, поради усвоените измени на ДУП-от за „Мал ринг“, со кои на ова место беше вцртана маркичка за катна гаража.

Пред и потоа: Со измените на ДУП за „Мал ринг“ вцртана е маркичка за катна гаража

Две години подоцна, во 2016, тогашниот градоначалник на Центар Саша Богдановиќ го поништува одобрението за градење, зашто фирмата не започнала со градба во законски предвидениот рок. Компанијата, преку својот правен застапник, адвокатот Панче Тошковски, на двапати поднесува тужба против решението на општина Центар и посакуваната пресуда ја добиваат во 2021 година, кога Управниот суд во „ИМЕ НА ГРАЃАНИТЕ“ носи одлука во нивна корист.

Управниот суд ги прифаќа сите аргументи на адвокатот Тошковски и на „АНГО“ ДООЕЛ и заклучува дека Општина Центар и комисијата во Министерството за транспорт, кои тврдеа дека до истекот на законскиот рок не биле започнати никакви градежни работи, ја оштетиле компанијата.

„Во конкретниот  случај, фактичката  состојба  утврдена  од  страна  на  првостепениот орган, е  неправилно  и  нецелосно  утврдена,  во  поглед  на  фактот кои градежни  активности  можат  да  се  подведат  под  активности  кои  значат отпочнување  на  градење“, пишува во пресудата од Управниот суд, потпишана од претседателката на Советот Весна Јовановска и од членовите Габријела Михајловска и Елеонора Хамулиќ  Ајро.

Со пресудата на која страните повеќе немаа право на жалба, компанијата си го врати поништеното одобрение за градба, а обидите за враќање на земјиштето во државна сопственост беа стопирани.

Судијката Јовановска е веќе десет години во Управниот суд. Таа од 2011 г. работи во Судот на спорови поврзани со денационализација, урбанизам, градежништво и други права. Но, впечатлив е нејзиниот партиски ангажман пред да ја наметне судиската тога. Таа беше пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, претходно и советничка од истата партија во Општина Битола. Интересен е податокот дека пред две години, на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, беше кандидатка за уставен судија.

„Само прашај“ се обиде да стапи во контакт со судијката за нејзин коментар во однос и на донесената пресуда, но и на партиската блискост со тужителот – сопартиецот Тошковски, но од Управниот суд ни одговорија дека „судијата своите ставови ги изразува во судските одлуки“.

Ваквите врски се сепак симптоматични и отвораат сомнеж дека се штитат инвеститори блиски до партијата, велат советниците од „Шанса за Центар“.

Боде очи што повеќе актери во судскиот процес биле на некаков начин поврзани, или сѐ уште се, со иста партија. Треба да се испита поврзаноста меѓу судијката, инвеститорот, адвокатот/министерот. Јавниот интерес и јавниот простор не смеат да трпат од инвеститорски апетити со партиски врски, вели Јане Димески, советник од „Шанса за Центар“.

Пресудата две години е држена во тајност

Покрај партиската блискост на судијката и тужителот, се отвора и друго важно прашање – зошто пресудата не беше јавно објавена две години по донесувањето?

Пресудата е донесена во 2021 година, а е објавена дури лани

Пресудата се донесе во декември 2021, а на судската веб-страница беше обелоденета дури во 2023 година. Експерти по управно право со кои контактиравме велат дека со оглед на огромниот број пресуди кои се изрекуваат дневно, разбирливо е  пресудите да се објавуваат задоцнето. Но, период од две години, сепак, е предолго време да се држи една пресуда во фиока. Од Управниот суд не гледаат ништо спорно и тврдат дека сè е законски.

Законска обврска на судовите е донесените правосилни одлуки во определен рок да ги објавуваат на веб-страницата на судот, па од тие причини и Пресудата У-3.бр.20/2021 од 23.12.2023 година на Управниот суд е јавно објавена во електронска форма на веб-порталот во табот ‘Судски одлуки’.

Но не беше само Управниот суд тој што молчеше. Во овој двегодишен период, не се слушнаа ниту надлежните од другите институции – од Општина Центар, од Министерството за транспорт, од Собранието, кои иако беа информирани за пресудата на Управниот суд, одлучија да ѝ премолчат на јавноста дека зеленилото во срцето на градот ќе биде заменето со катна гаража.

Интересно е што по две години по пресудата која институциите најверојатно ја имале и ја знаеле, потоа сите глумеа страшна загриженост, па дури се состанаа претставници на сите засегнати институции, како Собранието, општината, Владата... И ништо. Како сите да сакаа ова да не се дознае порано и сето тоа се изгуби во предизборната врева, вели советникот Димески.

Рокот за изградба на катната гаража истекува за десет дена

Со пресудата на Управниот суд, компанијата успеа да си го врати одобрението за градење и повторно да се врати во игра за изградба на катната гаража, но кратките рокови за завршување на објектот наскоро стапуваат на сила.

Катната гаража ќе се простира на површина од 2.455 м, катноста на објектот според Детален урбанистички план е П+2, а влезот е предвиден од пристапната улица помеѓу Собранието и Домот на АРМ. Ќе има место да се паркираат 150 возила. Планирано е да има и деловен простор, односно околу 15 % од вкупната површина да се издава за продавници и угостителски објекти. Земјиштето беше продадено на јавно наддавање во 2013 година на фирмата „АНГО“ ДООЕЛ, за 8.355 денари по метар квадратен.

Од Општина Центар објаснуваат дека фирмата „АНГО“ ДООЕЛ има законски рок до 10 септември да ја заврши изградбата на катната гаража, зашто тогаш се навршуваат десет години откако станало правосилно Одобрението за градење. Бидејќи гаражата нема да „никне“ преку ноќ, поради пробивање на роковите, компанијата ќе плаќа казни сè до завршување на објектот. Во спротивно, може да ѝ биде одземена дозволата за градење.

„Согласно издаденото Одобрение за градење, кое е правосилно, законскиот рок за изградба на овој објект изнесува 10 години од правосилноста на издадениот акт. Правосилноста настапила на 10.09.2014 година, па со тоа и рокот за изградба истекува на 10.09.2024 година. Бидејќи самото земјиште, кое било во државна сопственост, е отуѓено по пат на јавно наддавање и за тоа е склучен и солемнизиран договор, доколку не се испочитуваат зададените рокови согласно Закон и Договор, по истите купувачот е должен да плаќа договорна казна сѐ до конечна изградба на објектот“, соопштија од Општина Центар.

Процесот на отпочнување на постапката за враќање на земјиштето во државна сопственост започнува доколку правното лице не плаќа договорна казна три месеци последователно.

Без да се гради, се печалат големи пари

Крајните рокови притискаат да се пресече и да се донесе конечен план за локацијата до Собранието, но засега е сè уште е неизвесно дали ќе превладее приватниот или јавниот интерес. Пред МВР да го оформи ставот, меѓу пратениците биле разгледувани неколку опции за амортизирање на штетата од евентуалната изградба на катната гаража: таа да се користи само  од пратениците или со закон да се забрани изградба на објекти околу Собранието. Кое било од овие решенија да се прифати, сметката на крај ќе стигне до граѓаните.

На ова место не смеело да се вцрта парцела за катна гаража и од аспект на заштита на објектот на Собранието како културно архитектонско богатство, смета архитектката Дивна Пенчиќ

Архитектката Дивна Пенчиќ вели дека се работи за разработени шеми кои воопшто не се наивни и бара да има одговорност.

Треба да се бара начин за да се врати парцелата во државна сопственост, но голем број ивеститори, корумпирани службеници и планери играат на карта да се вцрта нешто, дури и невозможно, па потоа не мора ниту да се гради за да се спечалат големи пари. А ние, граѓаните, сето тоа го плаќаме од џеб. Ова не е воопшто наивно е и разработена шема“, вели Пенчиќ.

Таа бара да се утврди одговорност за погрешните урбани политики, а пратениците ги потсетува дека не се членови на кралско семејство, туку народни избраници, и не мора да доаѓаат до Собранието со автомобил.

„Погрешните урбани политики нè чинат и ќе нè чинат многу, а одговорноста ја сносат и планерите и одговорните служби од општината, и одговорните од Собранието, кои не размислиле што може да се случи. На ова место не смеело да се вцрта парцела за катна гаража од аспект на заштита на објектот на Собранието како културно архитектонско богатство, од аспект на несоодветно сообраќајно решение и, секако, од аспект на губење драгоцена зелена површина и создавање уште еден топлотен остров во центарот на градот“, заклучува Пенчиќ.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка Соња Петрушевска Поповска

Фотографии: Дарко Андоновски