Отворен Балкан: Албанија се збогува, Македонија купува време, Србија се надева

  • Иако денес двајца од тројцата основачи на Отворен Балкан сѐ уште се лидери на своите држави, пукнатините веќе не можат да се скријат – Албанија се збогува.
  • Оцените кои доаѓаат од процесот на набљудување често се во расчекор со тоа што навистина се случува на теренот.
  • Аналитичари: Вучиќ е поласкан од улогата на Србија во Отворен Балкан како стожер на регионалната соработка и вешто го користи за да се претстави како застапник за добрососедски односи
  • Отворен Балкан некои го сметаат и за американски концепт, а некои и за утешна награда наместо јасен план за интеграција на Западен Балкан во ЕУ.

„Премиерот Еди Рама изјави дека иницијативата Отворен Балкан ја исполни својата мисија и дека е потребен поголем фокус на Берлинскиот процес, но овие иницијативи никогаш не биле алтернативи една на друга, како што премиерот јасно стави до знаење со десетици и стотици пати. Денес, кога Берлинскиот процес минува низ непријатен момент во пресрет на Годишниот самит во Берлин, секој што сака да разбере знае дека Отворениот Балкан е роден од потребата да се унапреди филозофијата на Берлинскиот процес, а не теориите на заговор кои беа прикачени на иницијативата, за демагогија и фолклорен национализам“.

Албанскиот премиер Еди Рама, кој прв го вклучи стоп светлото за Отворен Балкан, несомнено ќе се согласи со оваа изјава што за Само Прашај ја даде Агенцијата за медиуми и информации при Владата на Република Албанија. Рама е еден од најгласните заговорници да се „затвори“ Отворен Балкан фрлајќи на тој начин ракавица кон српскиот претседател Александар Вучиќ кој оваа иницијатива ја смета за негова политичка алатка да држи лидерство во регионот.

Иако сѐ уште не може да се даде конечна оцена за ставот на македонската влада за тоа прашање, впечаток е дека чекорите на Скопје во однос на Отворен Балкан се претпазливи. Тоа се гледа и во ставот изнесен за Само прашај дека „Владата секогаш ќе изразува поддршка за регионални иницијативи кои имаат за цел да ја подобрат состојбата“, но притоа се нагласува дека иако Владата ќе ја унапредува оваа регионална иницијатива“, таа нема да е единствената опција за развој на трговската, економска и социјалната размена.

„Владата силно ќе се залага за иницијативи како Берлински процес каде учествуваат сите земји од Западен Балкан како и полноправното членство во ЕУ кое останува наша стратешка цел“, ни рекоа од Владата.

Што успеа да се оствари од целите: Создавање заеднички регионален и единствен пазар без ограничувања, без бариери, без граници и долгорочен развој кој ќе донесе подобар живот за сите граѓани.

Претпазливоста на Скопје во оваа фаза не мора да значи ништо, а во анализите може да се оди и чекор понатаму и да се посочи дека на тонот на македонската влада околу ова прашање значително ќе влијае албанскиот фактор кој зазема страна во судирот Вучиќ – Курти, заговарајќи вртење грб на Отворен Балкан кој зазема централно место во регионалната политика на Србија.

Вреди да се потсети и дека првиот повик Македонија да го преиспита учеството во Отворен Балкан дојде од шефот на дипломатијата во претходната влада, Бујар Османи, што предизвика изненадување дома и во регионот со оглед дека премиерот Димитар Ковачевски и групата министри околу него се декларираше за цврст поддржувач на Отворен Балкан. Османи тогаш рече дека Отворен Балкан бил повеќе идеја на премиерот на Албанија Еди Рама, како обид за помирување, односно, како што рече, „една егзит стратегија за Србија да може да воспостави односи со Косово, па и меѓусебно признавање“.

Како продолжение на изјавите на Османи, и екс-амбасадорот Мухамед Халили коментирајќи ја посетата на косовскиот премиер Албин Курти на Скопје во август годинава, рече дека таа е меѓу другото и „збогување на Скопје со Отворен Балкан“.

Владата треба да биде насочена кон поблиска економска, политичка, културна соработка со владите на Косово и Бугарија, наспроти политиката на претходните влади на СДСМ и ДУИ, за тесна соработка со Србија на Вучиќ, вклучувајќи го и Отворен Балкан“, рече тогаш тој.

Поминаа само пет години откако во 2019 српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама го поканија тогашниот македонски премиер Зоран Заев заеднички да формираат „мини-шенген“ - иницијатива која набрзо стана Отворен Балкан. Идејата беше Балканот да биде поврзан како Европската Унија. Иако денес двајца од тројцата основачи на Отворен Балкан сѐ уште се на истите раководни места во своите држави, пукнатините веќе не можат да се скријат. Албанија се збогува, Македонија купува време со изговор дека Владата е сѐ уште нова, додека Србија чека разврска надевајќи се дека Скопје ќе остане на иста линија со Белград по тоа прашање занемарувајќи ги преиспитувањата што се одвиваат во албанскиот политички камп.

Може да се каже дека процесот Отворен Балкан моментално е во стагнација“, вели за Само прашај Викторија Трајков, заменик-министерка за европски прашања и блиска соработничка на новиот премиер Христијан Мицкоски.  Таа сепак напоменува и дека тоа се должи меѓу другото и на транзицијата помеѓу старата и новата власт.

Пазарот на труд „виси“

Доследна на цврстиот став да го зачува Отворен Балкан, Србија, пак годинава по третпат ќе го организира саемот „Вино визија“ кој стана заштитен знак на Отворен Балкан. Манифестацијата е закажана за 22 - 24 ноември во Белград. Меѓутоа, иако настанот е сѐ поблиску, повеќето белграѓани не ни знаат дека ќе се случи.

Од 22 до 24 ноември во ноември ќе се одржи третиот по ред Вински саем, засега единствената манифестација од Иницијативата која ја задржа традицијата на одржување

Сава Митровиќ од Центарот за европски политики во Србија потенцира дека Отворен Балкан беше и остана само со трите земји Македонија, Србија и Албанија, на што се гледа како своевиден хендикеп бидејќи на Балканот има и други држави.

„Од една страна, оваа регионална иницијатива остана ограничена само на три земји од Западен Балкан, додека од друга страна, длабочината на нивната економска интеграција не отиде длабоко колку што беше првично најавувано. Меѓутоа, онаму каде што Отворен Балкан навистина донесе многу конкретни резултати, тоа е во областа на слободата на движење на работната сила, односно отворениот пазар на труд“, вели Митровиќ.

Отворениот пазар на труд беше претставен како една од главните придобивки на Отворен Балкан. Од 5 март годинава Србија, Македонија и Албанија ја олеснија меѓусебната флуктуација на работна сила. Тоа значи дека работниците повеќе не мора да одат во институциите како МВР и Заводот за вработување за да добијат дозволи за работа и престој. Овој процес ќе се одвива електронски, преку посебна веб-страница.  Постапката е предвидено да трае до 30 дена, по што ќе се добие сертификат врз основа на кој е можно да се најде работа.

Податоците што ги добивме од Србија велат дека само во првите десет дена од отворањето на пазарот на труд се издадени вкупно 2.000 сертификати.

Сепак, колку тоа навистина ја зголеми мобилноста на работниците во регионот и какви се индиректните економски придобивки за државите е нешто што може да се види само во наредниот период“, вели Митровиќ.

Протоколите за спроведување на договорот за слободен пазар на труд беа потпишани во јануари, но тие се уште не се имплементирани во сите три земји

Од Албанија, пак, доаѓаат поинакви вести. Откако во 2021 година беа потпишани два договори меѓу трите земји-членки на Отворен Балкан од кои едниот за воспоставување електронска база на податоци за граѓаните, а другиот за онлајн апликација за размена на работна сила во Македонија, Србија и Албанија, беа потребни две години за трите држави да се договорат за насоките како ќе се спроведува овој договор. На 22 јануари 2024 година конечно беа потпишани протоколи за спроведување на договорот за слободен пазар на труд. Меѓутоа во Албанија протоколите допрва треба да ги поминат внатрешните правни процедури, кои се потребни пред да започне имплементацијата.

Како одговор на барањето за информации од редакцијата Фактоје од Албанија, во април 2024 година, тамошното Министерство за економија, култура и иновации, одговорно за спроведување на протоколот за слободен пазар на труд, потврди дека „се очекува Протоколот да биде предмет на конечно одобрување од Советот на министрите и да стапи во сила“. Но, ова одобрување сè уште не се случило.

Оттука, едноставно пребарување на онлајн порталот на албанската влада, Е-Албанија, потврдува дека таква услуга моментално не постои, со што се спречуваат апликациите за работа во Србија или Северна Македонија. Дополнително, сè уште не постои онлајн базата на податоци меѓу трите држави, која би овозможила добивање „Отворен балкански ID“ за аплицирање за работа. Затоа, „слободниот пазар на труд“ меѓу овие три држави сè уште не е на сила, тврдат нашите репортери од Албанија.

Порталот за отворен пазар на труд во Отворен Балкан во Македонија постои, но за да профункционира трите земји треба прво да го имплементираат вториот протокол за електронска идентификација на граѓаните

Нашето пребарување покажа дека во Македонија постои порталот за отворен пазар на труд во Отворен Балкан. Меѓутоа, за оваа онлајн апликација да биде функционална, трите земји треба прво да го имплементираат вториот протокол за електронска идентификација на граѓаните, потпишан на 22 јануари. Овој протокол ќе го олесни формирањето на база на податоци каде што граѓаните ќе можат да аплицираат за идентификациски број познат како „Отворен балкански ID“, што ќе им овозможи да аплицираат онлајн за работа во земјата домаќин.

Од Скопје засега поддршка

Ова разногласие доволно говори за политизираноста на прашањето за моменталниот статус на Отворен Балкан и целосно се совпаѓа со ставовите на трите влади, односно категоричното дистанцирање на Албанија, поддршката во Србија и засега поддршката во Македонија која ја декларира новата влада.

Викторија Трајков: Новата влада го поддржува Отворен Балкан

Засега Отворен Балкан останува поддржан од наша страна“, нѝ изјави Викторија Трајков, заменик-министерка за европски прашања во Владата на Северна Македонија. Таа додава дека Отворен Балкан е позитивен концепт бидејќи земјите од Западен Балкан имаат потенцијал за економска соработка, за разлика од билатералните прашања кои им ги оптоваруваат односите.

Сметам дека како концепт, иако имаше поделени мислења во јавноста затоа што некоја слична иницијатива има во рамките на Берлинскиот процес, можеби не ја постигна првичната улога поради којашто беше замислена. Меѓутоа ако има волја од државите и добра регионална соработка, иако засега сме само три коишто сме дел од Отворен Балкан, сметам дека може навистина многу да се сработи“, вели Трајков.

Новата влада во Скопје гледа позитивно и на потпишаните меморандуми во Отворен Балкан за туризам, за културни настани и за признавањето на дипломите и оценките. Како важен го смета и Договорот за заштита од катастрофи кој наоѓа примена при честите шумски пожари во летниот период. „Добро е да соработуваме, добро е да се разбираме, добро е да седнуваме на маса и да разговараме за сите предизвици коишто нѝ доаѓаат во иднина, меѓутоа и тоа што е како моментална состојба“, потенцира нашата соговорничка Викторија Трајков.

Нашиот соговорник од Србија, пак, Сава Митровиќ го смета за позитивно и тоа што во рамките на Отворен Балкан се преземени чекори за дополнителна либерализација на трговијата, односно паѓање на бариерите кои се од нецаринска природа.

Така, државите се договорија за преместување на фитосанитарните контроли надвор од граничните премини, и меѓусебно признавање на релевантните лабораториски извештаи, со што се обидоа да го намалат повеќечасовното чекање на камионите на границите. Заедно со другите мерки во насока на дополнителна соработка на царинските служби и поедноставување на царинските процедури, државите од Отворен Балкан навистина успеаја да го забрзаат протокот на стоки во регионот“, смета тој.

Меѓутоа, оцените кои доаѓаат од процесот на набљудување често се во расчекор со тоа што навистина се случува на теренот.

Проблемот со бавното движење на камионите низ нашиот балкански простор е организациски, велат од МАКАМ-ТРАНС

Страшо Јованов, претседател на „МАКАМ-ТРАНС“ - Независен синдикат на камионските транспортери на Македонија вели дека протокот на границите не е олеснет.

Се разочарав кога ги контактирав директните корисници на овие гранични услуги. Сите до еден едногласно кажаа дека во однос на брзината на поминување на границата апсолутно ништо не е сменето и покрај тоа што од технички аспект се создадени сите услови за да биде тоа забрзано. На пример: две ленти, две ваги. Условите се создадени, но целата работа е заглавена кај човечкиот фактор. Гужвата е пак присутна, попусто се камионите поделени во две колони кога еден цариник или еден полицаец ги прегледува камионите. Значи времето на поминување е исто“, нѝ изјави тој.

Јованов вели дека имале директни контакти и со повеќе директори од Царинската управа при што изнеле и предлози. „Но, знаете дека кај нас тој „функционерски егоизам“ е голем до тој степен, што ниту една мудар, умен и издржан предлог – не се прифаќа. Проблемот со бавното движење на камионите низ нашиот балкански простор е организациски“, наведува тој.

Разгледувањето на сите овие аспекти дава слика дека Отворен Балкан плови само колку да не потоне. Една од најголемите слабости беше и сѐ уште е тоа што на Македонија, Србија и Албанија не им се придружија останатите држави кои припаѓаат во тоа географско подрачје како што се Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина. Иако од Црна Гора и БиХ на саемите за вино во Белград претходните години доаѓаа високи политички претставници, влезот на преостанатите земји од регионот во Отворен Балкан, не се случи.

Вучиќ поласкан

Оттука нашиот соговорник од Србија Митровиќ тврди дека оваа иницијатива не е усогласена со процесот на пристапување во ЕУ, односно дека не е целосно заснована на правното законодавство на Унијата, но и дека не е доволно инклузивна.

Иако ЕУ и нејзините земји-членки не даваат политичка и финансиска поддршка на оваа иницијатива, со што се попречува нејзиниот развој, таа всушност беше лансирана според моделот и фундаментално заснована на вредностите на самата Унија. Земјите учеснички на Отворен Балкан во секоја прилика потенцираа дека иницијативата е отворена и за другите земји од регионот, а членството во ЕУ останува нивна примарна надворешнополитичка цел. Меѓутоа, она што можеби го отежни процесот е сè уште живата етничка нетрпеливост во регионот, односно, пред сè, сè уште нецелосно популарната српско-албанска соработка, како во Србија така и во Албанија“, вели Митровиќ.

Отворен Балкан некои го сметаат и за американски концепт, а некои и за утешна награда наместо јасен план за интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Ако се работи за второто, тогаш наградата одамна е потрошена, а слободно може да се рече и дека е заменета со Планот за раст на Западен Балкан кој е уште едно политичко интермецо  кое треба да ги држи будни сиромашните држави од регионов додека трае бесконечната бриселска претстава за нивен прием во европското семејство.

Затоа и почетниот оптимизам и ентузијазам полека се претвора во цинизам кон Отворен Балкан а најновиот развој на настаните со бегањето на Албанија и инсистирањето на Србија тој да опстои, лесно може да се претвори и во извор на нов раздор во регионот.

Српските аналитичари сметаат дека Вучиќ ги користи ваквите собири за да се претстави и пред домашната и пред регионалната јавност како застапник за добрососедски односи

Во српската јавност се создаде слика дека од сè што може да понуди Отворен Балкан,  најважен е Саемот на вино. Тој, покрај промоцијата на домашните вински брендови и винскиот туризам, секако служи и за промоција на Србија како стожер на регионалната соработка.

„Секако дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ е поласкан од таквата улога и вешто ги користи ваквите собири за да се претстави и пред домашната и пред регионалната јавност како застапник за добрососедски односи. Убеден сум дека ваквата порака е примена позитивно од неговиот електорат, но секако и од добар дел од македонската јавност“, заклучува Сава Митровиќ од Центарот за европска политика во Србија.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

 Новинарки: Соња Крамарска, Дуња Мариќ (Nova.rs), Јона Плумби (Faktoje.al)

Снимател: Зоран Догов

Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ

 Поврзани стории:

Отворен Балкан ги подотвори границите, но бариерите останаа

Отворен Балкан пропадна во јазот помеѓу Белград и Приштина

Адвокатската комора не им дозволува на нашите адвокати да се здружуваат во рамки на Отворен Балкан