Планот за раст од ЕУ и стап и морков за Западен Балкан
- Зеленото светло за Планот за раст на Западен Балкан спакуван од Брисел, го вклучи црвеното светло во регионот, а една од причините е што реформите кои се главен критериуми за доделување на парите е невидлив во политиките на владите.
- Балканските лидери го поздравија Планот и се обврзаа на реформи, но шесте земји – Македонија, Албанија, Босна, Косово, Црна Гора и Србија се во различни фази во евроинтеграциите и се фрустрирани од бавното темпо на процесот.
- Општата слика за Западен Балкан е дека земјите и натаму тонат, а нивните жители се соочуваат со класична сиромаштија.
- Експертите сметаат дека планот на ЕУ со финансиската инјекција земјите од Западен Балкан да го достигнат европското ниво на БДП е нереален.
Предизвик
Додека Европа одбројува до изборите за европскиот парламент и нова „влада“, Западен Балкан пребројува колку пари ќе добие од Планот за раст лансиран кон крајот на минатата година и верифициран на почетокот на годинава од европските институции. Но се чини дека зеленото светло од Брисел го вклучи црвеното светло во регионот. Една од причините е што магичниот збор „реформи“ кој се наоѓа во критериумите за доделување на средствата, е невидлив во политиките на владите во земјите од Западен Балкан. Или е тешко остварлив.
Планот на Брисел предвидува шест милијарди евра да бидат испратени до балканските држави во следните три години, во обид да се удвои економијата на регионот во следната деценија и да се забрзаат нивните напори за приклучување кон блокот. Таа помош е зависна од реформи кои би ги усогласиле нивните економии со правилата на ЕУ.
Балканските лидери го поздравија Планот, но реформската агенда е предизвик за спроведување. Шесте земји од регионот – Македонија, Албанија, Босна, Косово, Црна Гора и Србија – се во различни фази во нивните апликации за членство, а жителите се фрустрирани од бавното темпо на процесот.
Од овој пакет за регионот, неофицијалната најава е дека околу 850 милиони евра ќе бидат алоцирани за Северна Македонија, за период од 2024-2027 година, или за четири години, со што ќе се обезбедат дополнителни финансии за македонската економија од околу 212 милиони евра годишно. Доколку на ова се додадат средствата кои се на располагање преку ИПА програмата во износ од 80-100 милиони евра годишно, заедно со Планот за раст, износот со кој ќе располага државата преку ЕУ фондови ќе биде тројно поголем.
„Планот за раст е одлична можност за нас под услов да се реализираат реформите предвидени во Реформската агенда 2024-2027, а тоа се владеењето на правото, јавната администрација и правосудството, јавните услуги кон граѓаните и бизнисите, создавање нови работни места, како и напредок во дигитализацијата и зелената транзиција. Спроведувањето на мерките ќе придонесе за зајакнување на капацитетите на земјата да одговори на шокови, да ја одржи макроекономската стабилност и да постигне одржлив и инклузивен раст“, вели Драган Тилев, државен советник за европски политики и координација во Секретаријатот за европски прашања на Македонија.
Парите се малку, но сигнализираат поддршка
Еден од поголемите досегашните корисници на европски пари, Албанија, кој во периодот 2021-2023 искористи близу 250 милиони евра, од кои 80 милиони за енергетска поддршка, се надева на околу 1 милијарда евра за Албанија. Половина од нив ќе се користат за „општи инвестиции во инфраструктурата“, вклучително и во земјоделието.
Локалниот албански експерт и истражувач за меѓународни прашања, д-р Ледион Крисафи, меѓутоа, не е сигурен за ефектите од Планот за раст.
„Новиот план во овој момент служи како морална поддршка бидејќи сумата што ја дава за целиот регион е мала во споредба со она што му треба на регионот. Тоа е околу 6 милијарди евра. Главниот проблем е што просечниот БДП по глава на жител на регионот е многу далеку од просекот на Европската Унија. На пример, во случајот со Албанија тоа е 32% од просечниот БДП по глава на жител на Европската унија. Само за споредба, кога Чешка, Полска, Унгарија станаа дел од ЕУ во 2004 година, тие беа околу 60-65% од БДП на ЕУ. Значи, ова покажува колку сме далеку од просекот на Европската унија“, вели тој.
За Црна Гора, пак, со Планот за раст се издвоени околу 413 милиони евра. Во текот на изминатите 10 години, на Црна Гора и се доделени просечно 83,15 милиони евра годишно од фондовите на ЕУ. Притоа во периодот 2014-2023 Црна Гора доби 407,27 милиони евра преку националните ИПА фондови, преку Инвестициската рамка за Западен Балкан 67 проекти со вкупна вредност од 344,3 милиони евра, преку европските програми за територијална и прекугранична соработка вкупно 320 проекти со учество на црногорски организации и институции во чии рамки за црногорските партнери беа определени 79,9 милиони евра.
Регионот финансиски зависен од ЕУ
За Албанија покрај директната поддршка за владите, ЕУ додели и околу 33 милиони за поддршка на граѓанското општество во периодот од 2014 до 2023 година. Друг значителен начин за инвестирање беше преку заеми. Од 1999 година, ЕУ обезбеди 569 милиони заеми преку Европската инвестициска банка. Европскиот инвестициски план (ЕИП) кој започна во 2022 година има за цел да ја продолжи тековната развојна поддршка до 2027 година. ЕИП досега има мобилизирано вкупно 1,4 милијарди, од кои 470 милиони се грантови насочени кон одржлив транспорт, обновлива енергија и дигитална инфраструктура.
Друга важна област каде што ЕУ ја фокусираше финансиската поддршка во Албанија е инфраструктурата. Ова беше особено актуелно во време на кризи, како земјотресот што ја погоди Албанија во 2019 година. Вкупно 115 милиони од ЕУ беа насочени кон рехабилитација и реконструкција во текот на таа година.
Македонија, преку ИПА програмата во моментов добива по околу 70-90 милиони евра годишно, а со новиот инструмент има можност за дополнителни 202 милиони годишно или вкупно преку ИПА и новиот инструмент речиси 300 милиони евра годишно. За економијата тоа е многу сериозен инпут и значајна финансиска инфузија во анемичната економија. На почетокот на минатиот месец (мај) Европската комисија обезбеди позајмици за државата во износ од 50 милиони евра, како прва транша од тековната операција за макрофинансиска помош. Вкупната сума изнесува до 100 милиони евра во форма на заеми. По исплатата на оваа прва транша од 50 милиони евра, останува на располагање втора транша во истиот износ, a нејзиното исплаќање ќе зависи од напредокот од искористувањето на првичните средства. Од 2020 година, па со се последните 50 милиони евра, ЕУ на Македонија досега и исплати околу 210 милиони евра поддршка во рамки на макрофинансиската помош.
Овие податоци покажуваат дека регионот ниту досега не беше заборавен од ЕУ, барем во финансиска смисла. Но друго прашање е колку овие финансиски инјекции го променија животот на населението на подобро. Општата слика за Западен Балкан е дека земјите и натаму тонат а нивните жители се соочуваат со класична сиромаштија.
Секоја земја со свои очекувања
Д-р Бранимир Јовановиќ, економски истражувач во Виенскиот институт за меѓународни студии, и поранешен советник во Министерството за финансии на Северна Македонија, вели дека значењето на Планот за раст е повеќе симболичко отколку суштинско. Планот, смета тој, е порака од ЕУ дека не го заборавила Балканот, во светло на новите геополитички тензии и сета поддршка која Унијата ја дава на Украина. Но додава дека Планот е мал за да направи покрупна промена.
„Финансиската компонента, на пример, се состои од само 2 милијарди евра во форма на грантови, за целиот регион, за период од 4 години. Тоа е еднакво на 500 милиони евра годишно, што е помалку од 0.4% од годишниот БДП на регионот. Тоа е просто премалку и не може да се очекува да донесе суштинска промена. За споредба само, Хрватска, која има четири пати помалку население од шесте земји на Западен Балкан, треба да добие само од новиот пакет „NextGenerationEU“ околу 6.5 милијарди евра грантови, односно, три пати повеќе од целиот Западен Балкан“, ни изјави Јовановиќ.
Перспективата од која се гледа Планот за раст е различна во сите земји опфатени со овој проект. Црна Гора, која се смета за најблизу до членство во ЕУ, го гледа како шанса во секојдневниот живот да почувствуваат дека Унијата ги доживува како идна земја-членка.
„Целта е преку клучни реформи како што е реформата на управувањето со државните претпријатија, преку подобрување на работата на инспекциските служби, дигитализација на јавните услуги, усогласување со енергетскиот пазар на ЕУ и подобрување на образовниот систем, изградба на нови училишта и градинки и реформи во делот на владеењето на правото, да создадеме подобри и поправедни услови за економската активност на секој од нас“, вели Бојан Божовиќ, државен секретар во Министерството за европски прашања на Црна Гора и национален координатор за ИПА.
Според најавите на извршната власт, Црна Гора би можела да влезе во ЕУ до 2028 година, но граѓанскиот сектор ова го смета за преоптимистички. Тие го гледаат Планот за раст како максимумот што во овој момент може ЕУ да им понуди на земјите од регионот, како што беше берлинскиот процес во 2014 година.
„Мене ова ми личи на берлинскиот процес кој беше започнат во 2014 година, кога тогашниот претседател на ЕК најави дека нема да има проширување меѓу земјите од Западен Балкан за време на неговиот мандат, така што беше понудено она што можеше да го понуди ЕУ во тој момент“, вели Јована Маровиќ, поранешна министерка за европски прашања. Таа сепак додава дека Планот за раст не може да биде негативен бидејќи средствата се значителни и се работи на интензивирање на реформите.
Црна Гора ќе го менува Уставот
Црна Гора ја поднесе реформската агенда во април, сега чека да се одобри и да започне со реализација. Самата реформска агенда се состои од неколку делови: деловното опкружување, приватниот сектор, дигитализацијата, а дел се однесува и на владеењето на правото. Слично како и Македонија, и Црна Гора има барање за измена на Уставот во делот на европското право и стандардите за независност, одговорност, интегритет, непристрасност и професионалност на судството и обвинителството, вклучително и решавање на веќе постојните препораки на Европската комисија. Владата си постави рок тоа да го стори до крајот на 2024, но во експертската јавност дуваат други ветришта.
„Тоа е крајно проблематично, бидејќи измените на Уставот треба да ги оставиме за самиот крај на преговарачкиот процес. Мислам дека не е паметно повлекувањето пари да се условува со измени на Уставот“, порачува ексминистерката Маровиќ.
Таа вели дека Планот за раст и имплементацијата сѐ уште е прилично маглив и дека првата исплата ќе оди без никакви услови, а подоцна ќе функционира според системот на казнување и наградување. Маровиќ додава дека не е добро што Црна Гора добила најмалку средства од сите земји од Западен Балкан.
Албанија, од друга страна, многу надеж има во огранокот на Колеџот на Европа што се отвори во Тирана. За нив тоа е знак дека во Брисел има расположение кон нив. Или како што велат нашите колеги новинари кои се дел од оваа сторија, Колеџот е светилник што ја сигнализира претстојната интеграција на Албанија во ЕУ. Но за да се исполни целта, потребни се инвестиции во железничкиот сообраќај.
„Железничкиот систем е еден од најдобрите начини за транспорт на стоки и опрема низ цела Европа, тоа е нешто што на регионот му недостасува“, вели нашиот соговорник од Албанија Ледион Крисафи.
Тој забележува дека има одредено движење во оваа насока од Албанија, со изградба на нова пруга меѓу Драч и Тирана, од Драч до Воре, па дури и до Хани Хоти на границата со Црна Гора и уште еден проект кој се протега до Македонија. Меѓутоа укажува и на внимателност во очекувањата од Планот за раст, за кој оценува дека не нуди доволно средства за да се придвижи регионот во посакуваната насока.
„Обично кога владеењето на правото и функционалноста на институциите не се толку добри, кога има многу критериуми за добивање на пари, земјата завршува без средства. Ова беше голем проблем со Берлинскиот процес, на пример. Албанија беше еден од првите корисници на проекти од Берлинскиот процес, но никогаш не ги доби средствата бидејќи имаше толку многу правила, толку многу процедури за да се добијат средства, што земјата не доби ништо“, посочи Крисафи. Тој додава дека целите на новиот План се едноставно премногу амбициозни и дека ЕУ не може да се надева дека ќе го премости економскиот јаз толку брзо како што тие тврдат.
„Ако земјите од Западен Балкан можат, по шест години, да стигнат до 50% од БДП во ЕУ, Планот за раст би бил успешен“, дополнува Крисафи.
Но, исто така, наивно е да се гледа на Планот за раст како исклучиво економски проект. Западен Балкан е невралгична точка за Унијата која вербално искажува спремност да го прими во своето семејство, но во пракса работите стојат поинаку.
Македонија изневерена од ЕУ
Примерот со Македонија која направи тежок компромис за името на државата преименувајќи се во Северна Македонија, остави горчливо чувство во земјата и во регионот, бидејќи и покрај ветувањата дека тоа беше последна пречка на патот на ЕУ, Брисел не стоеше на зборот.
На прашањето дали Планот за раст на некој начин е „награда“ за трпеливоста на Западен Балкан за неоствареното членство во ЕУ или можеби „фрлање коска“ од Брисел како алиби за долгото чекање на земјите во предворјето на ЕУ, македонскиот економски истражувач Јовановиќ, кој кратко време беше и во политиката, истакна дека износот на парите е премал за да може да се нарече награда.
„ЕУ стварно мисли дека еден ваков пакет е доволен за да испрати порака дека сѐ уште смета на регионот и дека би сакала регионот да стане дел од Унијата, некогаш во иднина. Но тоа само покажува колку ЕУ всушност не го разбира регионот, па ни новата геополитичка реалност. Пораката која луѓето од регионот ќе ја прочитаат е дека на ЕУ не ѝ е гајле, затоа што и покрај сите случувања не сака да го прими регионот, што дополнително ќе го зголеми незадоволството и разочараноста. Така што, намерите на ЕУ можеби се добри, ама ефектите нема да бидат“, вели тој.
Следните три години колку што ќе трае оваа најнова европска програма за Западен Балкан (2024-2027) ќе бидат семафорот во кој ќе биде вперени сите очи на балканската раскрсница. Дали земјите ќе продолжат со голема брзина напред или ќе останат со вклучени трепкачи покрај патот со надеж дека ЕУ ќе испрати нова помош, зависи од тоа дали соработката ќе биде двонасочна или еднонасочна. Но, едно е сигурно: Западен Балкан предолго остана во чекалницата на ЕУ.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Снимател: Слаѓан Фатиќ
Поврзани стории:
- Објавено:
- Прегледи: 2.404
Тагови: