Од историјата треба се извлекуваат поуки, а не таа да се користи за ситни дневно-политички поени со разгорување на најпримитивните чувства на омраза кон другиот, вели за „Само прашај“ професорот д-р Марјан Иваноски, кој е научен советник и редовен професор во Одделението за нова и најнова историја (1941-1991) при Иниститутот на национална историја во Скопје.
Што велат историските извори, зошто личностите Иван (Ванчо) Михајлов и бугарскиот Цар Борис Трети македонскиот народ ги поима како негативни ликови?
Историските извори за Иван Михајлов ни говорат дека неговото делување било во насока на обединување и независност на Македонија, но како втора бугарска држава. Таквиот статус на Македонија тој го гледал од бугароцентрични позиции, а не од македонски национални потреби. Според него, македонски национален елемент не постоел, туку Македонците се дел од бугарскиот народ и тој Македонија ја гледал како конгломерат на народи со доминантно „бугарско“ население. Во текот на целиот свој живот, Михајлов не отстапил од своите ставови за наводните „бугарски“ корени на македонскиот народ. Начинот на кој ја раководел ВМРО отстапувал од изворните принципи на организацијата и од слободарските идеали на македонскиот народ. Терористичките акции, атентатите и ликвидациите на политичките опоненти станале препознатлива карактеристика на неговото ВМРО. Поради блиската соработка со официјалните бугарски власти, му било дозволено да ја узурпира власта во Пиринска Македонија, воспоставувајќи еден вид држава во држава, каде со најсурови методи на заплашување и терор изнудувал финансиски средства за организацијата. Во текот на Втората светска војна, Михајлов остварувал соработка со Третиот Рајх, но без некои повидливи резултати на терен. Тој не наишол на поддршка кај македонскиот народ за остварување на своите идеали. По Втората светска војна, тој се наоѓал во Рим од каде одржувал контакти со Македонската патриотска организација (МПО) и се обидувал да ги наметне своите ставови меѓу македонската емиграција. Меѓутоа, неговото влијание меѓу повоената македонска емиграција било минорно поради свесноста на македонските емигранти за нивниот идентитет и поради делувањето на македонските емигрантски политички организации како Движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) и нејзиниот најекспониран активист Драган Богдановски.
Со манифестот кој го објавил во 1935 година, царот Борис Трети ја презел целокупната надворешна и воена политика, со цел поништување на версајските граници и создавање на Голема Бугарија. Во Втората светска војна, тој ја приклонил Бугарија кон силите на Оската, па Бугарија, со дозвола на Хитлер, окупирала и анектирала поголем дел од Македонија.
Во Охрид беше отворен културен центар именуван „Цар Борис Трети“. Зошто реагираше Еврејската заедница во Македонија? Каква била улогата на овој лик во Втората светска војна во однос на Евреите во Македонија?
Во однос на Евреите во Македонија неговата улога е кристално јасна. Цар Борис Трети во јануари 1941 година го потпишува озлогласениот Закон за заштита на нацијата, кој бил донесен од страна на бугарското Собрание. Овој закон е делумен препис на Нирнбершките закони од 1935 година, со кој официјална Софија сакала да ја заштити „чистотата на бугарската нација“. Еврејската заедница била најпогодена од овој закон, според кој им биле укинати и најосновните човекови права. Сето тоа било увертира во она што следело две години подоцна, односно на 11 март 1943 година, кога од Македонија биле депортирани 7.144 Евреи во логорот на смртта Треблинка.
Темата на односите помеѓу Македонија и Бугарија денес е исклучително сензитивна. Можете ли да посочите историски ликови од 20 век, според кои може да се именуваат здруженија, клубови, културни центри..., а кои нема да провоцираат ниту една од двете страни?
Пријателство меѓу два народа се гради врз основа на взаемна почит. Ако народите и државите се почитуваат и признаваат, тогаш се стекнува доверба која води кон пријателство. Ако сакаме да градиме пријателство, да го земеме скандинавскиот пример на меѓусебна почит и уважување. Пример каде од историјата се извлекуваат поуки, а не се користи за ситни дневно-политички поени со разгорување на најпримитивните чувства на омраза кон другиот, не можејќи да се излезе од шаблонот на 19 век за присвојување, приграбување и создавање на големи држави.
Такви личности кои можат да нѐ зближат наместо провоцираат имало, а верувам и ќе има во иднина. Димитар Благоев бил учител, писател, публицист и политичар. Неговата активност е значајна, како за Бугарија, така и за Македонија. Тој како Македонец, во 1917 година пред бугарскиот парламент се залагал за формирање на посебна македонска држава.
Георги Димитров, по потекло од македонско емигрантско семејство, бил меѓународен комунистички деец. Бил против освојувачките политики на Бугарија, а за тесна соработка меѓу балканските социјалдемократски партии, односно за создавање Балканска федерација. По Втората светска војна бил иницијатор за културната автономија на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија.
Тодор Павлов бил врвен бугарски и светски познат филозоф со македонско потекло. Долги години бил претседател на Бугарската академија на науките. По повод испраќањето на посмртните останки на Гоце Делчев за НР Македонија, на 7 октомври 1946 година, одржал свечен говор во Народниот театар во Софија.
Тука можат да се споменат уште и Жељу Жељев, првиот некомунистички претседател на Бугарија, избран во 1990 година, како предводник на меѓународното признавање на Македонија под уставното име, како и Јанко Саказов, Павел Делирадев, Никола Габровски и други, чии имиња нема да предизвикаат негативни чувства кај едниот или другиот народ.
Прочитај го целото истражување „Македонија – Бугарија: Соседска сопка на патот кон ЕУ“
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии