Западен Балкан и иселувањето: ЕУ ќе прими „празни држави
- Земјите од Западен Балкан имаат свои сличности и разлики, но иселувањето им е заедничка константа.
- Демографите се загрижени дека тој тренд нема да престане и покрај ветувањата од ЕУ дека до крајот на оваа деценија ќе има проширување со нови членки и тоа од нашиот регион.
- Додека ЕУ тактизира со проширувањето во Западен Балкан се случува егзодус и тој забрзано се празни од работоспособно население.
Рекордери
„Секогаш кога треба да пополнам документација и да комуницирам со јавните институции во Црна Гора, се чувствувам како Астерикс, кога бара формулар 38 во општината во цртаниот филм ‘12-те задачи на Астерикс’. Тоа е можеби најголемата причина зошто би останал во Прага’, вели на шега, но за жал, вистинито Предраг Пеѓа Булатовиќ од Подгорица, на прашањето дали ќе се врати во Црна Гора.
„Во Чешка системот функционира речиси совршено. Можете да дознаете за сè на интернет и да ги добиете вистинските информации. Секогаш можете да добиете точни и конкретни информации од луѓето кои работат во јавните институции“, вели Булатовиќ, со надеж дека и кај нас ќе се подобри состојбата.
Предраг заминал во Прага на покана на пријател кој долго време живее таму, добил понуда да работи во ресторан и останал таму да живее. Прво зел туристичка виза, а набрзо аплицирал и за работна дозвола. Не знаел чешки јазик пред неговото доаѓање, но почнал да го учи веднаш по неговото доаѓање.
„Во повеќето компании во Прага можете да работите на англиски јазик, но познавање на чешкиот јазик е дефинитивно предност, особено во секојдневниот живот“, вели тој.
Во Чешка, дополнува Булатовиќ, има многу луѓе од поранешна Југославија. Според неговата проценка, најмногу од Хрватска.
„Многу луѓе од нашата област водат ресторани, така што многу луѓе работат во угостителската индустрија, но голем број од нив се и во ИТ секторот и на други позиции во големи корпоративни фирми“, раскажува тој.
Балканот е полн, ако можеме така да ги наречеме, со модерни одисеји. Податоците на Републичкиот завод за статистика на Србија покажуваат дека во 2002 година бројот на жители бил 7.500.031, додека во 2022 година тој број бил 6.664.449. Тоа значи дека Србија во период од 20 години остана без 835.582 жители. И Македонија брои за околу 9 проценти помалку население отколку што имало на пописот во 2002, согласно податоците од последниот спроведен Попис од 2021 година. За 20 години бројката се намалила за 185 илјади жители.
Босна и Херцеговина рекордер во иселување
Црна Гора со години има проблем со иселување на жителите од северот на земјата, што го потврди и пописот од 2023 година. Споредено со пописот од 2011 година, од Андријевица, Беран, Бијело Поље, Колашин, Мојковац, Никшиќ, Пљевља, Плужин, Шавник и Жабљак според пописот од 2023 година се иселиле 28.238 жители.
Вкупниот број на жители на Црна Гора исто така се зголемил од 620.029 на 633.158. Но, според податоците на црногорското Министерство за внатрешни работи, во земјата живеат околу 100.000 странци, што значи дека бројот на локалното население всушност е намален.
Рекордот во иселувањето се чини го држи Босна и Херцеговина. Според последните официјални информации на Министерството за човекови права и бегалци, Босна и Херцеговина е меѓу 11-те водечки емигрантски земји во светот. Повеќе од 2,2 милиони луѓе со потекло од Босна и Херцеговина живеат во странство, а од оваа бројка, 1,8 милиони луѓе се родени во Босна и Херцеговина. Стапката на иселување од БиХ е околу 50% од вкупниот процент на населението. Последните податоци на Министерството за човекови права и бегалци на Босна и Херцеговина укажуваат дека вкупната вредност на „извезениот“ човечки капитал во периодот 2014-2018 година. се проценува на 4,5 милијарди KM (2,3 милијарди евра) или 56.872 KM или 29 илјади евра по лице.
Според податоците на Унијата за одржливо враќање и бегалци на Босна и Херцеговина, од 2013 до 2023 година БиХ ја напуштиле 600.000 жители.
„Граѓаните чувствуваат дека никој не се грижи за нив. Владата не направи апсолутно ништо. Се прават стратегии, се плаќаат студии кои ништо не нѝ значат. Нам нѝ значи да им биде понудено на луѓето нешто реално, нешто што е сигурно, вистинито. Тоа не се ниту стратегии, ниту какви било приказни, туку нешто што навистина ќе ги задржи“, нѝ изјави претседателката на Унијата за одржливо враќање и бегалци на Босна и Херцеговина, Мирхуниса Зукиќ.
Таа вели дека се обиделе да лобираат за закажување тематска седница во Парламентарното собрание на БиХ под наслов „Градови кои исчезнуваат“. Сепак, како што додава таа, ништо не се случило, односно никој не реагирал на оваа иницијатива.
„Многу политичари се тешат со фактот дека истото се случува и во регионот, во Хрватска, Србија и Црна Гора“, вели Зукиќ.
Лош образовен систем
Драматично и во Македонија
Состојбата со иселувањето е драматична и во Македонија. Според извештајот на ИОМ (Меѓународна организација за миграција) за 2020 година, Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата. Според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, Македонија е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти.
Државниот завод за ревизија од Македонија во извештајот посветен на (не) успешните политики на Македонија против иселувањето, меѓутоа, нотира дека не е воспоставен систем за следење и управување со интелектуалната емиграција и нема база на податоци на високообразовани лица кои живеат и работат во странство, како и дека не се адресирани причините за емиграција.
Прочитајте повеќеЛокалците заминаа, дојденци ги фатија нивните места |
Така, според најновите анализи „Младите и пописот на населението“ и „Финансирање на младинските политики“ кои лани во август беа промовирани во рамки на конференцијата „Младински состојби и финансирање на младинските политики во Северна Македонија“, над 77.000 млади лица кои се родени во Македонија, заминале во странство последните години. Тоа е речиси колку што има население во градот Битола (74.550) – вториот по големина град во земјата.
Во анализите се посочува дека во 2002 државата имала 480.848 млади, додека во 2021 има 326.733. Најголем тренд на иселување на младите има во општините Аеродром, Маврово и Ростуше, додека пораст од 2 проценти има само во Липково.
„Америка ме прими со отворени раце“
Борис Стојковски (27) млад иселеник од Македонија во САД си заминал во 2012 година, како средношколец, и ја почнал втората година средно образование во Америка. „Иако ми е тешко да го признам ова, сметам дека заминувањето за мене беше правилна одлука. Знаев дека Америка ќе ми понуди многу повеќе можности за успех, но со голема цена – живот далеку од семејството и друштвото со коишто сум израснал, без многу прилики да се вратам дома“, вели тој.
„Америка ми дозволи да имам успешна кариера и истовремено да си ги следам соништата. Тука служев 6 години во Армија како разузнавач (национална гарда, слично на резервист). Знам дека има луѓе кои би се налутиле на ова, но Америка ме прими со отворени раце како свој и ми дава можности за кои би можел само да сонувам во Македонија“, дополни Стојковски.
Стојковски нѝ изјави дека сака да има семејство според македонски а не според западни вредности. „Но, тоа не значи дека би се вратил да живеам во Македонија, колку и да би сакал, бидејќи за жал не знам дали државата би ми понудила доволно за добар живот, особено со политиките што ги водат“, вели тој.
„Би се вратил во Македонија под услов да е праведна држава, со искрена политика која што не си ja уништува својата нација за џепарлак. Под услов да биде фер држава, а не само тие што се поврзани со политика да прават десетпати поголема плата“, истакнува Стојковски.
Лошиот образовен систем го забрза иселувањето
Стефан Атанасовски-Трајковиќ, младински активист од Македонија вели дека причините поради кои се иселуваат младите и возрасните се совпаѓаат, но доколку треба да се направи разлика младите се иселуваат поради лошиот образовен систем којшто не ги подготвува со соодветни вештини за тие да бидат компетентни на пазарот на трудот.
„Младите учат во универзитети коишто работат со застарени податоци, коишто функционираат на застарен начин во делот на администрацијата со премногу бирократија, процесот не е дигитализиран или ако е, тогаш тоа е во делови, само на некои факултети. Самиот квалитет на наставата којашто се изведува, сите оние рангирања коишто ги гледаме каде што недозволиво е за најголемиот универзитет во земјава да си дозволи туку така да паѓа на светските рангирања“, смета тој.
Како виновник за состојбата ја посочува и политиката. „Единствената форма на комуникација со младите од страна на официјалните институции и политичарите, народните претставници, за жал најмногу е во предизборниот период. Но иако е присутна, сепак се сведува на декларативни заложби кои најчесто се надоврзуваат со познатата реченица или фраза којашто политичарите често ја користат – „младите се иднината“. А, тоа е многу погрешно“, посочува Атанасовски-Трајковиќ.
Во Германија полесно до работа отколку во Србија
Од 1 јуни стапи на сила третата фаза од законот донесен во 2023 година, со кој странците кои сакаат да работат во Германија полесно ќе добијат работна дозвола. Јелена Мемедовиќ, професорка по англиски јазик во училиштето за странски јазици „Космос“ во Нови Сад, вели дека предава на група возрасни, од кои многумина го учат јазикот за работа. Сепак, додава таа, за разлика од претходните години, повеќето од нив не го учат за да заминат, туку за да можат да работат во странски компании во Србија.
„Многу луѓе се јавија да се распрашаат, има зголемен интерес. Знам и многу од нив кои одат на часови по германски и англиски бидејќи планираат да си заминат. Условите во странство се подобри и не им треба членска книшка за да се вработат. Неколку од нив ми кажаа дека тоа им е услов овде“, прецизира Мемедовиќ.
Жељко Пјевиќ и Јасмина Бабиќ Пјевиќ, брачна двојка од Бачки Јарак-Србија на 40 – годишна возраст ќе ја бараат иднината во Германија, во Штутгарт. Жељко, кој е машински инженер, веќе десет месеци е во Германија, а Јасмина во тој период двапати престојуваше по еден месец во местото каде што нивното семејство ќе го продолжи животот.
Јасмина објаснува дека и двајцата завршиле државни факултети, но дека својата иднина не ја гледаат во Србија, каде што „општеството во целина потона“ и каде не се цени ниту знаењето, ниту трудот, ниту посветеноста, туку влезот за сѐ е партискиот билет.
„За да имам добра работа во овој тоталитарен систем, морам да се фатам во партиско оро и да играм како што вели партијата. Ако си на позиција, дел од приходите ги даваш на партијата, тоа можам отворено да го кажам бидејќи на мојот сопруг со тој услов му нуделе работа во разни институции“, вели нашата соговорничка. Во Германија, додава таа, нема да и треба партиска книшка, ниту врска или „братска линија“.
„На мојот сопруг како машински инженер буквално му е дозволено да си ја избере работата, а платите се движат од 4.000 евра до 10.000, во зависност од тоа каде ќе работи. Додека пак овде, треба да работи во Лир или Делфи, каде што ќе ‘трие лакти’ со оние со членска книшка, и каде што наместо инженер, работи член на СНС, кој по професија е механички бравар кој се преквалификувал на приватен факултет “, вели Јасмина Бабиќ Пјевиќ.
Младите се чувствуваат исклучени
Гордана Адамов, претседателката на Управниот одбор на КОМС (организацијата на млади на Србија која е чадор на 109 организации за локални и национални младински политики) вели дека секој втор млад човек во Србија планира да се исели од државата, додека речиси 40 отсто од младите не ја исклучуваат таа можност.
Споредено со резултатите од 2020 година, посочува, може да се види дека подобрите јавни услуги и поголема слобода стануваат посилни мотиви за иселување за младите, бидејќи пред четири години само 5 отсто ги навеле овие причини за напуштање на државата.
„Во 2023 година речиси 12 отсто од младите ја наведуваат поголемата слобода како причина за заминување, а над 15 отсто од младите ги наведуваат подобрите јавни услуги како мотивација да ги спакуваат куферите и да купат билет во еден правец“, вели Адамов.
Меѓу приоритетите за подобрување на положбата на младите, посочува таа, на прво место е поголемото и еднакво учество на младите во одлучувањето, додека на второ место е подобрувањето на вработувањето и на основниот систем.
„Младите сметаат дека имаме лош образовен систем кој не ги подготвува за пазарот на труд, така што само 22 отсто работат на позицијата за која се образувале. Освен тоа,сметаат дека за пристоен живот во Србија е потребна плата од над 110.000 динари, а само 12 отсто велат дека заработуваат толку. Во врска со тоа, трет највисок приоритет е подобрувањето на станбената независност на младите, бидејќи само 18 отсто од нив живеат во сопствен стан, додека мнозинството или скоро 60 отсто живеат со семејството“, прецизира Адамов.
Податоците на Републичкиот завод за статистика на Србија покажуваат дека стапката на невработеност кај младите од возрасната група од 15 до 24 години во првиот квартал од 2024 година изнесува 24,5 отсто.
Населението старее
Црна Гора старее
Земјите од Западен Балкан имаат свои сличности и разлики но иселувањето им е заедничка константа. Демографите се загрижени дека тој тренд нема да престане и покрај ветувањата од ЕУ дека до крајот на оваа деценија ќе има проширување со нови членки и тоа од нашиот регион. Но додека ЕУ тактизира со проширувањето во Западен Балкан се случува егзодус и тој забрзано се празни од работоспособно население.
Демографот Мирослав Додеровиќ посочува дека во последните 10 години во Црна Гора се зголемува бројот на умрени и родени, стареењето на населението е сè поприсутно, а населението се повеќе се концентрира во градовите. Вели дека расте негативното миграциско салдо, кое е присутно на овие простори во изминатите 50 години, при што Црна Гора ја напушта репродуктивниот и работоспособниот дел од населението.
Демографот вели дека, според некои проценки, околу 10.000 луѓе ја напуштиле Црна Гора во последните две години.
„Причините за миграцискиот одлив од Црна Гора во денешно време се првенствено економски, но донекаде и културни“, нѝ изјави Додеровиќ.
Според податоците на веб-страницата на германската амбасада, во 2023 година биле издадени 1.793 визи на црногорски државјани, од кои две третини биле за работа во Германија – 1.205. Исто било и во 2022 година. Во 2020 година имало вкупно 1.697, од кои две третини биле исто така за работа во Германија – 1.148.
Како показател за структурата и обемот на миграцијата кон земјите на ЕУ, може да се користат податоците на ЕУРОСТАТ за дозволите за престој на црногорски државјани на територијата на ЕУ во времетраење до 12 месеци. Според овие податоци, бројот на лица со државјанство на Црна Гора кои за прв пат добиле дозвола за престој во ЕУ е речиси четирикратно зголемен во периодот од десет години (2010 – 2019 година).
Последното истражување од 2022 година покажа и дека една третина од младите сакаат да ја напуштат Црна Гора, а како најчести причини за незадоволство ги наведуваат квалитетот на животот, неможноста за вработување, како и квалитетот на образованието и различните содржини во нивните заедници.
„Бегајте одовде што побргу“
„Вирусот“ на иселувањето ја пустоши и Србија. Во првата деценија на 21 век од Србија емигрирале околу 150.000 луѓе или просечно 16.000 годишно, просечната возраст на иселениците е 28,7 години, а една петтина има завршено виша школа или факултет.
Студентката по новинарство Мила Пајиќ вели дека сè уште не планира да ја напушти Србија, наведувајќи дека засега не ја изгубила мотивацијата тука да се бори за подобар живот. Но, додава дека меѓу колегите мнозинството се за напуштање на Србија.
„Им се нудат многу повеќе шанси, постабилен живот, им се нуди да бидат студенти, да бидат млади луѓе кои го живеат сопствениот живот. Клучниот дел од нивниот живот таму не е борбата за егзистенција и опстанок“, вели Пајиќ.
Во слична насока говори и студентката по комуникациски студии, Јелена Михајловиќ. Таа би живеела, вели, „секаде, и би сакала да види „сѐ и сешто“, но на крајот би сакала да живее во Србија.
„Повеќето мои пријатели и познаници сакаат да побегнат од овде што е можно поскоро и тоа ми го велат сите, не само младите, туку и старите. Сите велат: што побргу бегајте одовде оти ќе сфатите дека ништо не се менува“, нѝ рече Михајловиќ.
Треба да се има предвид дека најголемиот број иселеници не го пријавуваат своето живеалиште во Србија, па затоа не се вклучени во податоците за бројот на иселени лица. Тоа значи дека бројката е значително повисока поради промените во методологијата на пописот, како и поради недостатокот на податоци за статистиката за миграција и регистрите на населението.
Просечниот годишен број на иселеници од Србија само во земјите-членки на ЕУ во периодот од 2005 до 2014 година, изнесува 31.000. Во 2014 година емигрирале 57.000 луѓе, а во 2015 година тој број достигнал рекордни 60.000. Различни студии укажуваат дека износот на годишно иселување од Република Србија е 30.000-60.000 луѓе, а во најновиот извештај на Светска банка се наведува дека 14% од населението ја напуштиле Србија во последните две децении.
За студентот по културолошки студии Лазар Диниќ клучен аргумент е состојбата во општеството во Србија, стабилноста која ја нема и која го оневозможува планирањето на иднината.
„Пред сѐ, клучна е општествено-политичката состојба. За да не морам да носам солзавец со мене секој ден каде и да одам“, посочува Диниќ, кој е активен во студентските организации.
Нема дилема дека егзодусот од балканските земји кон модерна Европа, кој во поново време се нарекува и одлив на мозоци – ќе продолжи. Без членство во ЕУ земјите се соочуваат со низок економски стандард и зголемено ниво на корупција. Но статистиките од државите кои последни и се придружија на Унијата, говорат и за друг процес: посиромашните членки на Унијата исто така се празнат затоа што се олеснети процедурите за вработувања во побогатите земји членки. Но Западен Балкан го очекува долг пат за да стигне до вакви состојби.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Снимател: Зоран Догов
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ
Фотографии: Дарко Андоновски, Наке Батев
Поврзани објави:
- Објавено:
- Прегледи: 2.067
Тагови: