fbpx

Државни пари за изборни информациски војни

Партиите си скусија од годишното финансирање од буџетот од околу 4 на 1 милион евра. За ова кратење се договорија во предизборието. Во медиумите се создаде врева откако почнаа обвинувањата дека некои партии не биле солидарни и не сакале да се откажат од парите среде пандемија. Сепак, на крајот, со уредба на Владата, парите се намалија, но партиите не се откажаа од сите средства. Партиите добиват пари од државната каса по три основи: за годишното финансирање на редовните партиски активности, за нивните аналитичко-истражувачки центри и за изборните кампањи. Со исклучок на малите независни редакции, како Призма, речиси никој не известуваше за трошоците за време на КОВИД-изборите. Најголем дел, или повеќе од 80 проценти од парите за изборите, односно околу 3 милиони евра, се платија за партиското рекламирање.

За да разберете како и зошто граѓаните ги финансираат партиско медиумските непринципиелни коалиции погледнето го видеото:

Пари за пријатели и непрофесионалци, фактура за народот

Порталот Бриф и годинава, исто како и минатата, влезе во регистарот на ДИК за платена изборна политичка пропаганда. Според доставените фактури од претседателските избори, кај нив се рекламирала единствено кампањата на СДСМ и коалицијата со кандидатот Стево Пендаровски. Издавач на овој портал е фирмата „Бабински ДООЕЛ“, во сопственост на синот на поранешната советничка на екс премиерот Зоран Заев, Ленче Николовска. Таа беше и висок партиски функционер којшто ја водеше Комисијата за земјоделство во СДСМ. Пред формално да влезе во политиката, таа работеше како новинар. Во 2008 година ја водеше политичката кампања на сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски, а од колегите беше критикувана и дека ја користи телевизијата за промоција на гледиштата на одредени политички центри на моќ. Во 2011 година формално влезе во политиката, но Бриф продолжи да функционира со нејзиниот син. За 20 дена лани зеле 137 илјади денари од кампањата на СДСМ.

Веб-сајтот Јавно.мк е познат во круговите на новинарите иритирани од нелојалната конкуренција и злоупотребата на медиумскиот простор за приватни и партиски војни наместо за јавниот интерес. Компанијата издавач е „Њу Медиа Адвертајзинг“, а сопственик е Даниел Јакимовски, истакнат партиски член на ВМРО ДПМНЕ од Крива Паланка и брат на Емил Јакимовски, висок партиски функционер, кој неодамна беше приведен и се гони кривично за онлајн вознемирување и закани кон новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска. Во високите политички кругови, Емил Јакимовси се сметаше за еден од важните луѓе кои ги спроведуваа партиските дигитални стратегии на ВМРО ДПМНЕ. Минатата година тие зелe 182.134 илјади денари за реклами на Гордана Силјаноска. Ако се спореди нивната годишна финансиска сметка доставена во УЈП, излегува дека нивен единствен приход била фактурата испратена во ДИК за договор за рекламирање со ВМРО ДПМНЕ. И годинава фирмата „Њу медиа Авертајзинг“ се пријавила и влегла во регистарот на ДИК. 

Мицкоски чести, граѓаните плаќаат: 20.000 евра за ’кликбејт медиуми‘ без професионални редакции

Ненад Фидановски, пак, е анонимен дури и за најревносните истражувачи на онлајн медиумите. Тој е сопственик на фирмата „Глобалнет“. Годинава зел 20.000 евра за кампања од ВМРО ДПМНЕ. Минатата година од истата партија добил 11.800 евра. Во фактурите како свои медиуми ги има наброено следниве: Индиго.мк, Среќа.мк, Виситскопје.мк, Екран.мк, Лејди.мк, Градина.мк и Бизнисвести.мк. Овие медиуми спаѓаат во таканаречените ’кликбејт медиуми‘ и не произведуваат оригинална содржина, односно немаат вистински редакции и новинари.

Нови 12 илјади евра за Вечер на Драган Павловиќ – Латас

На Драган Павловиќ – Латас многумина му предвидоа лош крај по падот на Никола Груевски. Контроверзниот новинар и долгогодишен уредник на телевизијата Сител беше дел од сите валкани кампањи на минатата власт, управувајќи со најгледаната телевизија, која собираше и најмногу пари од владини реклами. Неговата компанија „Макс Медиа“ оваа година фактурирала речиси 12.000 евра за реклами на ВМРО ДПМНЕ за порталот Вечер.

Пари за непостоечки информативни портали

Трипле“ и „Лаб ДОО“ не се познати медиумски издавачи во земјава. И тие годинава се пријавиле во регистарот на ДИК. Фактура уште не доставиле, но минатата година зеле 1.200 евра. Со името на оваа компанија се сретнавме разгледувајќи ги извештаите од кампањите на ВМРО ДПМНЕ, кои се издавачи на сајтот www.iii.mk. Во 2019 година на претседателските избори биле финансирани од кампањата на Силјановска и ВМРО ДПМНЕ, а оваа година се пријавени во ДИК за користење државни средства од маркетинг услуги. „Трипле“ и „Лаб ДОО“, односно ИИИ.мк, воопошто не е комерцијален веб-сајт, туку страница на фирма којашто нуди одредени дизајнерски или софтверски услуги, а не е баш ни јасно кои се тие услуги.

Реклами на СДСМ во телевизијата на Боки 13

За медиумската кампања за Стево Пендаровски, СДСМ потрошила 37.000 евра во 1 ТВ. Во тој период сѐ уште не се наѕираше дека телевизијата чиј неформален сопственик беше шоуменот Бојан Јовановски ќе биде згасната. По неколку месеци, Јовановски заврши во притвор заедно со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, кои сега се осудени на затворски казни во случајот „Рекет“.

56.000 евра од СДСМ и ДУИ за весници

ДУИ и Блерим Река се рекламирале само во еден весник, и тоа на албански јазик, и таму само за три недели кампања се исплатени 30.000 евра. 24.000 евра во весникот и 6.000 евра за реклами на онлајн изданието на весникот. Сопственик на Коха е новинарот Лирим Дулови.

СДСМ се огласувале во четири весници, за што потрошиле вкупно 22.200 евра. Најмногу добил Фокус, и тоа по две основи. 7.500 евра за печатеното издание и 4.000 евра за онлајн верзијата на Фокус. И за Пендаровски имало реклами во весникот на албански јазик Коха, во вредност од 5.200 евра. А, пари добил и Вечер – 5.200 евра, како и сега згаснатиот Независен весник, којшто од кампањата инкасирал 4.200 евра.

Онлајн медиумите на Унгарците „најмрсно“ фактурирани

Врз основа на доставените извештаи за медиумско рекламирање, ИРЛ направи топ-листа на медиуми каде што трите политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои имаа свои кандидати за претседател, потрошиле најмногу пари за реклама. Од исплатените околу 3.7 милиони евра, над 80 отсто, или над 3 милиони, се потрошени на рекламирање во петте национални телевизии, четирите кабелски национални, како и во најголемите регионални и локални телевизии. Помалку од еден милион поделиле радијата, печатените медиуми и порталите.

Drzavni pari za izborni informaciski vojni 1

Петте национални телевизии вкупно добиле околу 2 милиони евра. Од таа сума најмногу добила ТВ Сител, околу 564 илјади евра, Канал 5 и Алсат-М добиле по околу 400 илјади евра, Телма околу 250 илјади, а најмалку има Алфа, околу 150 илјади евра.

ВМРО-ДПМНЕ за телевизиско претставување на Силјаноска најмногу пари дала во Сител телевизија 312.000 евра, потоа во Канал 5 184.000 евра, следува АЛФА ТВ со 130.000 евра, па ТВ 24 со 99 илјади евра, а најмалку пари од кампањата на Силјаноска добила Телма, или 96 илјади евра.

Drzavni pari za izborni informaciski vojni 1

ВМРО-ДППМНЕ ја рекламирало Силјаноска и на повеќе радија. Најмногу на Сити радио, кое добило 28.000 евра, потоа Фортуна со 13.000 евра, Клуб ФМ од буџетот зело 9.700 евра, Метрополис 9.400 евра и Скај радио 8.300 евра.

Од порталите најмногу пари зела фирмата „ЕМ-МЕДИА“ издавач на Курир, Денешен, Лидер, Вистина, односно 31.000 евра. Потоа следува „Макс медиа“ на Драган Павловиќ Латас, кој е сопственик на три интернет портали Вечер.мк, Весник.ком и Вести.мк и добил 17.500 евра. Толку пари добила и „Прва република“, издавач на порталот Република.мк. Потоа „Некст левел солушн“, фирма која стои зад сајтот Макпрес.мк, добила 15.000 евра и „ЦИА ДООЕЛ“, или сајтот Инфомакс, којшто од државниот буџет зел 14.500 евра. 

Сител телевизија е на врвот на листата и на СДСМ. Таму лани за кампањата на Пендаровски се слеале 243.000 евра, потоа во Канал 5 188.000 евра, скоро исто и во Алсат 187.000 евра. Во Телма влегле 132.000 евра и во ТВ 24 78.000 евра.

Drzavni pari za izborni informaciski vojni 1

СДСМ потрошил помалку пари од ВМРО-ДПМНЕ за кампања на радијата. Најмногу во Канал 77, или 6.200 евра. Пари зеле и Метрополис, Антена Радио Ват и Супер радио од Охрид.

Во онлајн медиумите, за реклами за Пендаровски најмногу добила „Клип медиа“ – 5.100 евра (издавач на Макфакс, Репортер, Грид). На второ место е фирмата „Актуеле“ , со 4.500 евра. Потоа „Спорт инфо медија“ – 4.150, „Флака инфо“ – 4.100 евра и „Медиа плус“ – 4.000 евра.

Кандидатот на ДУИ Блерим Река најмногу се рекламирал на Алсат ТВ, каде што од буџетот се исплатени 178.000 евра, потоа на ТВ 21, каде што влегле 153.000 евра, во Клан ТВ 116.000 евра, ТВ Коха 50.000 евра и во Канал 5 37.000 евра. Од онлајн медиумите најмногу добила „фирмата Некст левел солушн“ (Макпрес.мк) – 14.500 евра и „МЕДИА РС“ од Куманово – 8.300 евра.

Drzavni pari za izborni informaciski vojni 1

Непринципиелни коалиции

Здружението на новинарите на Македонија и Советот за етика во медиумите минатата година формираа регистар на професионални онлајн медиуми со цел медиумскиот интернет простор преку саморегулација да ѝ помогне на јавноста да ги разликува професионалните медиуми од оние кои шират пропаганда и лажни вести.

„За бизнисмените ќе значи заштита од уценувачите и непрофесионалните медиуми. За граѓаните, за публиката, многу полесно да ги препознаат оние што шират стандарди наспроти пропаганда и лажни вести, да знаат кому можат да му веруваат, а чии информации ќе ги примат со резерва. Најпосле за политичарите – еве шанса да покажете дека си ја сакате земјата со новинарски стандарди кои новинарот го прават седма сила во општеството – а не приврзоци на некоја политичка партија“, рече претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски, кога беше формирана Промедиа.

Постојат критериуми кои онлајн медиумите мора да ги исполнат со цел да влезат во регистарот на СЕММ. Порталите мора да имаат веродостоен импресум, да гo почитуваат Кодексот на новинарите, Повелбата за етичко известување за избори и Статутот на СЕММ, редовно да објавуваат информативни содржини од јавен интерес. Потоа овие медиуми мора да имаат регистрирано правно лице во земјава и да имаат транспарентна сопственост. За влез во Промедиа одлучува Управниот одбор на Советот за етика. Овие критериуми досега ги исполниле 134 интернет-портали. Регистарот доби поддршка од бизнис-заедницата и само куртоазно поздравување од политичарите. Досегашната влада не стори ништо професионалниот регистар на онлајн медиуми да биде вметнат во одредени законски решенија кои директно задираат во новинарската професија.

Напротив, сивата зона на медиумскиот интернет простор најдобро се отсликува во Изборниот законик, каде што не постојат критериуми кој е професионален медиум. Не постои филтер низ којшто треба да поминат интернет-порталите кои сакаат да бидат дел од регистарот на Државната изборна комисија. Единствен критериум е медиумот којшто аплицира за државни пари за избори да има импресум и во ДИК да поднесе тековна состојба за фирмата од Централниот регистар. Нема никаков друг филтер низ којшто минуваат на проверка пријавените медиуми. Па така, во регистарот на ДИК на овие избори беа пријавени вкупно 350 медиуми.

„Дури и оној критериум дека медиумот треба да е постар од шест месеци го тргнаа. Значи пред избори може да ти никнат портали како печурки по дожд, со сомнителна заднина, без да ги задржат критериумите за професионални медиуми и тие ем да бидат на исто рамниште со сериозни онлајн редакции. ем да имаат пристап до овие средства. Ова остава простор за сериозни сомнежи за корупција и злоупотреби. Регистарот на професионални онлајн медиуми можеше да биде појдовна точка на пример за ДИК при одлуките кому да се доделат пари кога веќе остана државата глува за апелите дека целиот концепт е погрешен“, вели претседателката на УО на СЕММ Катерина Синадиновска.

До 2018 година, политичките партии од свои пари ја плаќаа медиумската кампања за избори. Кога политичарите решија да го сменат ваквиот начин на финансирање, договорија медиумското рекламирање да го плаќа државата. За првпат ова правило се примени минатата година за претседателските избори, на кои имаше само тројца кандидати и за медиумско промовирање беа потрошени 3,7 милиони евра. Оваа година, за парламентарните избори од државниот буџет во медиумите ќе се искешираат околу 3,6 милиони евра. Само трите големи партии од власта и опозицијата, СДСМ, ВМРО и ДУИ, за медиумско рекламирање од буџетот добија околу 2,4 милиони евра. Сите други 12 коалиции и партии, учесници на изборите, заедно можеа да потрошат околу 360 илјади евра. За истата намена коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива добила само 36 илјади евра. Буџетот за оваа година ќе се намали за сумата од околу 800.000 евра предвидени за БЕСА, бидејќи оваа партија на изборите настапи во коалиција со СДСМ. За распределба на парите во ДИК се пријавија 44 телевизии, 52 радиостаници, 12 печатени медиуми и рекордни 235 портали.

„Голем дел од нив воопшто не ни известуваат за прашања кои се од јавен интерес. Сметам дека сите портали треба да имаат импресум, да ги почитуваат етичките стандарди и да известуваат релевантно, затоа што сепак се финансирани од јавни пари. Без тоа, онлајн медиумите ќе продолжат да ги злоупотребуваат финансиите, а за возврат нема да имаме вистинито и навремено информирање“, изјави за ИРЛ директорот на ЗНМ Драган Секуловски.

Сепак, дали лидерот на СДСМ Зоран Заев се рекламирал на сајтот Торти.мк или генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на Кнежино.мк – ќе покажат извештаите кои медиумите веќе почнаа да ги доставуваат до Државниот завод за ревизија. Медиумите се должни во рок од 60 дена по завршување на кампањата да дадат отчет која партија или коалиција го искористила рекламниот простор и колку пари им се исплатени од државниот буџет.

Пресметките на ланските претседателски избори веќе најавуваат каков ќе биде распоредот на парите во медиумите и на овие избори. Во регистарот на ДИК лани беа пријавени 85 интернет портали. 

„За нас како организација, имајќи го предвид нашиот принципиелен став за истурање на јавни пари во медиумите, спорен е самиот концепт кога пари од Буџетот завршуваат во приватни медиуми, и тоа, ни повеќе ни помалку, туку преку политичките партии. Се разбира дека ова може да има влијание и врз уредувачката политика и независност на самите приватни медиуми, но и воопшто, со оглед на тоа за колкава сума се работи, ова прави сериозна дисторзија на и онака слабиот слободен медиумски пазар. На овие опасности ние реагиравме уште кога концептот беше во фаза на идеја, но нашите забелешки не наидоа на разбирање“, вели Синадиновска.

Според правилата, една партија или коалиција може да потроши најмногу 15 илјади евра за изборни реклами во еден портал. Ограничувањето се однесува на портал, а не на издавач. Па така, сопствениците на повеќе онлајн медиуми за овие избори понудија по пет и повеќе свои портали, со што неколкукратно ја зголемија шансата за брза заработка.

Овој пропуст беше регистриран и во извештајот на ОБСЕ објавен на крајот на април.

„ДИК го извести ОДИХР дека ѝ недостигаат професионален капацитет и соодветни законски насоки за верификација на апликациите за регистарот. Така, процесот на регистрација за овие избори беше заснован врз нотификација, а не врз целосна верификација. Ова резултираше во регистрација на неколку радиодифузери без лиценца за работа во Северна Македонија, кои требаше да се отстранат откако регулаторот на медиуми ја извести ДИК. Понатаму, поради отсуство на јасна дефиниција за интернет-медиумите, некои веб-страници регистрираа различни јазични едиции или различни домени на истата веб-страница како одделни медиумски куќи, заобиколувајќи го лимитот на Изборниот законик за износот за трошоци за рекламирање на една партија во еден печатен или интернет медиум (15.000 евра)“, пишува во извештајот на ОБСЕ објавен на 30 април годинава.

Правилата не важат онлајн, ама важат за телевизии

Законот е ригорозен за телевизиите и радијата, каде што се следи секоја секунда, изјава или збор на учесниците во изборната трка. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е задолжена да го следи изборното претставување на партиите и кандидатите и програмскиот сервис на радиодифузерите, од денот на распишувањето на изборите до завршувањето на гласањето на денот на одржувањето на изборите. Во случај на повреда на начелото на рамноправен пристап, Агенцијата е должна да отпочне прекршочна постапка против одговорниот медиум. Тоа и се случи кога Агенцијата за медиуми поведе постапка за прекршување на изборниот молк за две телевизии Телма и Алсат, кои емитуваа изјава од министерот за здравство Венко Филипче.

„Ние што работиме во телевизија најдобро да затвориме. Затоа што во вести е пуштена изјава на Филипче во врска со Ковид, неспорно информација од јавен интерес, Алсат-М и Телма добија прекршочни пријави. Денеска, поради автоцензура, не објавивме информации од ИЈЗ во врска со Ковид. Затоа што административци ни мерат со шублер, не објавуваме информации од јавен интерес. Порталите, пак, отворено може да го прекршуваат изборниот молк со отворено навивање и никому ништо. Ако пуштиме филм со несоодветна категоризација – веднаш опомени и казни. Ако телекомите брутално пиратираат наша содржина за која сме платиле – никому ништо. Обвинителство, АВМУ, судови – сите мижат. Затоа не може да биде од нас држава, затоа што за едни се гледа влакно во јајцето, а за други не важат никакви закони“, напиша главниот уредник Атанас Кировски на својот фејсбук-профил на 14 јули.

Иако медиумскиот интернет-простор не е регулиран со посебен закон, сепак во Изборниот законик точно е наведено каква треба да биде законската обврска и на овие медиуми.

„Радиодифузерите, односно Јавниот радиодифузен сервис, трговските радиодифузни друштва и електронските медиуми (интернет-порталите) што одлучиле да гo покриваат изборниот процес се должни тоа да го прават на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма. Јавниот радиодифузен сервис и националните радиодифузери се должни тоа да го прават на пристапен и достапен формат и јазик како и на знаковен јазик“, пишува во Изборниот законик во член 75.

Антикорупциската бара укинување на рекламирањето од буџет

Летото 2018 година, четворицата лидери на тогаш најголемите парламентарни партии – Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами – во Клубот на пратениците договорија измени на Изборниот законик. Тие решија во името на потранспарентно и отчетно трошење на парите за избори, наместо како дотогаш партиите, државата да плаќа за медиумско рекламирање. Договорот беше верификуван во Собранието со 101 глас ЗА.

Според измените во законот, за секоја партија може да се одвојат најмногу две евра по запишан гласач, односно од вкупниот буџет предвиден за медиумска кампања 45 отсто добиваат двете најголеми владејачки партии и 45 отсто двете опозициски партии во парламентот. Другите парламентарни и непарламентарни партии и независните кандидати не можат да добијат заедно повеќе од 10 отсто од парите предвидени за медиумско рекламирање. 

Антикорупциската комисија на почетокот на годинава побара да се укине политичко рекламирање на партиите во изборите бидејќи според антикорупционерите „буџетското финансирање на платената политичка програма за изборна кампања е потенцијален ризик за корупција и создавање клиентелистички однос“.

„Поради природата на својата дејност и големото влијание врз креирањето на јавното мислење, медиумите се појавуваат како значаен корисник на јавни финансии. Во пракса, трошењето на јавните, а пред сè буџетските финансиски средства од страна на државните институции често се врши на нетранспарентен начин, со селективност, привилегии и отсуство на отчетност и надзор над доделувањето и користењето на финансиската поддршка“, предупредија од ДКСК.

Како особено ризични, антикорупционерите ги посочија порталите, бидејќи нема критериуми според кои порталите можат да влезат во списокот на ДИК. Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска предложи во регистарот на ДИК за буџетско медиумско рекламирање да влезат само интернет-медиумите што се членови на регистарот на Советот на етика и Здружението на новинарите на Македонија. Но, ова предупредување не допре до партиите и не успеа да го смени тоа што беше договорено на ноќните средби во Клубот на пратеници. Праксата продолжи и на парламентарните избори одржани на 15 јули.

Државата повторно станува еден од најголемите огласувачи во медиумите, со што се отвора можност политичките партии да влијаат врз начинот на известување на новинарите. Од 2015 година, кога под притисок на новинарските здруженија и на меѓународниот фактор, владата на Груевски беше принудена да прогласи мораториум на владиното рекламирање, последните две години количеството на јавни пари во медиумите во разни форми рапидно се зголемува.

 

Пишуваат: Маја Јовановска и Сашка Цветковска
Илустрации: Лука Блажев
Дополнително известување: Лила Караташева и Дајана Лазаревска

Оваа содржина ја изработи Истражувачката репортерска лабораторија во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлјан платформата Само прашај, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.

Тагови: