fbpx

Ставете огледало под нос за да видите дали е починат

Јас бев во кујна, подготвував вечера, Трајче си потпевнуваше „Дафино вино црвено, момчето ти е...“, кога престана, не можеше да ја доврши песната оти секрет му се слеа во грлото“, раскажува скопјанката Лиле Петровска, која сѐ уште не може да се соземе од шокот што го доживеала пред неколку недели.

Нејзиниот 76-годишен сопруг пред речиси три децении го загубил видот и се тешел со песна сите овие години, сѐ до кобниот понеделник кога го загубил гласот којшто дотогаш не го издал.

„Ми рече дека изгледа настинал, а јас потрчав со „Парацетамол“ и „Риностоп“ да му помогнам“, продолжува Петровска.

И следните два дена симптомите биле слични, но Трајче снемувал сила. Не пеел, поткашлувал и бил топол на челото. На прашањата на Лиле одговарал кусо и отсечно, немал желба за муабет, а и апетитот го напуштал.

„Се уплашив, си реков зарем може да го фати чумата“, вели Петровска.

Сомнежот дека може да е подмолниот вирус бил сѐ поголем, па Лиле ѝ се јавила на матичната лекарка.

Инструкции по телефон наместо физички преглед

Иако ординацијата е во близина на нивниот дом во скопска Автокоманда, за него немало физички преглед. Таа ѝ дала инструкции по телефон.

„Ми рече да ја пие истата терапија, дека нема друго. Ако му е лошо да го носиме во болница. Јас предложив да се тестира, но таа одговори дека Трајче е за во болница и дека за тестирање нема термини“, вели Петровска.

Состојбата се влошувала наредните денови. Трајче повеќе не комуницирал со неа, бладал и зборувал неповрзани работи. На повиците до матичната го добивала истиот одговор, дека треба да го однесат в болница. Се јавила и до Итната помош, но од таму ѝ одговориле дека домашна посета не можат да направат сѐ додека не се тестира пациентот.

Дошол викендот, а прстите на рацете и на нозете на Трајче почнале да помодруваат. Очајна, Лиле одлучила да се јави во приватна клиника.

„Оттаму љубезен женски глас ми рече да дојдеме и да донесеме 12.000 евра како сигурност и дека нивен тим ќе дојде и ќе го земе веднаш од дома. Без разлика што немал тест, ќе го лекувале како КОВИД-пациент“, раскажува Петровска.

Таа додава дека живееле од пензијата на Трајче што изнесува 15.000 денари плус 5.000 денари додатоци и дека со таква сума не располагале.

Понеделник наутро, Трајче веќе не бил контактибилен. Тој не станувал од кревет, тешко дишел и не одговарал на прашања. Помалата ќерка Маре повторно се јавувала по лекари и Итна помош, но немало промена во одговорите, освен дека мора итно да се хоспитализира.

Taa се јавила во приватна лабораторија и закажала тестирање дома. Ѝ побарале 3.700 денари, 3.100 денари за земање брис и 650 денари за лаборантите коишто ќе направат домашна посета. Објасниле дека за 40-ина минути ќе бидат на нивната адреса.

Никој не сакал да констатира смрт

Додека го чекала тимот лаборанти од приватната лабораторија пред зградата, мајка ѝ ѝ се јавила да ѝ каже дека Трајче најверојатно починал. Тимот од приватната лабораторија одбил да направи тест на мртов човек, ги посоветувале да се јават во Итна помош.

„Се јавив и побарав да дојде лекар за да констатира дека Трајче починал. Женски глас одби и ми кажа да му ставам огледало под носот за да видам дали дише“, вели Лиле Петровска.

Со голема вознемиреност, таа пренела дека на огледалото нема промени.

„Ми рекоа да одиме во Бутел и дека таму ќе констатираат смрт, дека имаат лекар кој тоа го прави“, додава Петровска.

Лиле и ќерка ѝ со автобус заминале во Бутел. Ја нашле лекарката која вообичаено правела домашна посета за да констатира смрт, но објаснила дека поради КОВИД-19 ѝ е страв и седи само во канцеларија.

Ги прашала какви му биле симптомите и по објаснувањето на двете жени, констатирала дека најверојатно се работи за удар, но имал симптоми и на КОВИД-19. Шифрата на посмртницата која им ја издале е 1469, 4072, а како основна причина на смртта е наведено „Сardiac arrest и Covid-19“.

Тие го погребале саканиот Трајче, а потоа на свој трошок повторно ја повикале приватната лабораторија за да им направи тест. Лиле позитивна, Маре не.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Катерина Топалова
Лектура: Татјана Б.Ефтимоска

Прочитајте ја целата сторија: „Потоп од вториот бран на КОВИД-19“

Тагови: