fbpx

Чувството на беспомошност најмногу боли

Скопјанката Сунчица Тодоровска веќе еден месец самата води вистинска борба со КОВИД-19, но и со здравствениот систем за да им го спаси животот на сопругот и нејзиниот татко. Таа најмногу се жали на односот на нивните матични лекари, бидејќи одбивале да ги прегледаат. Сѐ започнало кога на 9 ноември се јавиле првите симптоми кај сопругот, кој се заразил на работа. Таа вели дека не можеле да добијат термин за тест, па го направиле приватно. Позитивен тест добил на 11 ноември.

Cuvstvoto na bespomosnost najmnogu boli 1Поради отежнатиот пристап во државните лаборатории граѓаните беа принудени да се тестираат во приватните клиники

„Температура имаше од почеток. Матичната лекарка веднаш му препиша „Сумамед“, без никаков преглед. Испи две дози, и трета доза „Панцеф“, сето тоа на непрегледано, само поради висока температура. Потоа се јавија главоболки, па дијареја и повраќање, нонстоп. Една вечер изгуби свест, дехидриран, па се јавив во Брза помош, но рекоа матичната да организира транспорт до болница. Матичната лекарка упорно одбиваше да го прегледа и велеше ние да се јавуваме во брза помош. Потоа ми даде број од „8 Септември“ каде што наводно треба да се најавам за термин за преглед. Цел ден ѕвонев на бројот, никој не ми крена. Итна помош не сакаше да го пренесе до болница. Матичната потоа ни пиша упат до „8 Септември“, и сами го однесовме со помош на роднина кој се стави на ризик. Оттаму без преглед нѐ пратија во КОВИД-центарот на Инфективна клиника. Таму беше хаос, со едно столче во чекална и многу пациенти. Чекавме 4 часа непрегледани. Не можеше да издржи, крена многу висока температура и се вративме дома. Од групиве по Фејсбук дознав дека инфузија многу помагала, па викнав помош од приватна болница следниот ден. Му ставија инфузија, сатурацијата му беше многу ниска, никој не ни кажа дека треба да ја мериме. Му дојде подобро од инфузијата, а рендген не стигнавме да направиме, иако беше болен веќе две недели. Сега, за среќа е веќе постабилен, но уште не е оздравен – вели Тодоровска.

Пеколот продолжил кога висока температура добил и нејзиниот татко, кој има 68 години, а живее со нив. Тој е дијабетичар, оперириран од чир на желудник и алергичен на парацетамол, вели неговата ќерка.

„И за него немаше тест на државно, матичната не сакаше да го прегледа, му даде „Сумамед“ непрегледан. Истата приказна. Со него веќе знаев дека треба веднаш да повикам помош од приватна болница. Не се спушташе температурата воопшто. Една вечер имаше температура 40, почна целиот да се тресе, а кога се јавив кај матичниот, тој нѐ упати да се јавиме на Брза помош. Оттаму ни кажаа дека кревети за сместување нема, нема прием на нови пациенти. Буквално ни рекоа, направете што можете дома и дури чекате што ќе биде, фаќајте врски за кревет. Ова ме порази, буквално. Дури рекоа, ако го земеме, може пет часа да лежи во возило, зашто никаде нема прием, нема кој да го прегледа“, раскажува Тодоровска.

Кога видела дека нема излез, повторно викнала екипа од приватна болница, му дале терапија, инфузија и му направиле крвна слика.

„Проблемот е што никој не ти кажува што треба да правиш. Буквално си оставен сам на себе. По 14-тиот ден, кога му се влоши, едвај успеав да ги намолам со возило да го однесеме на преглед во „8 Септември“. Таму го прегледаа, имаше покачени д-димери, сите параметри лоши, имаше и наод на белите дробови, па му ја сменија терапијата. Чекањето во тријажниот центар тука е посебна приказна. Луѓе изнемоштени седат на тротоари, со часови. И така, голготата еве уште трае, не знам како ќе продолжиме понатаму со лекувањето“, вели Тодоровска.

Таа ни раскажа дека досега потрошиле повеќе од 1.000 евра за двајца болни дома. Тодоровска не е позитивна, а мајка ѝ со двете деца за среќа се со полесна клиничка слика.

„Најмногу боли што си беспомошен, не знаеш како да им помогнеш на најблиските, оставен си сам на себе. Тоа е страшно чувство, системот е целосно колабиран. Јас навистина ги разбирам сите и медицинските лица, но ова е неверојатно што се случува. Матичните лекари прво ќе ги сменам откако ќе заврши голготава, па ќе ги пријавам во Лекарска комора“, вели Тодоровска.

Да добиеш матичен и да повика Итна помош е како да си добил бинго

Лута на третманот од страна на матичните лекари е и скопјанката Наташа Доковска, која со сопругот и со нејзините родители (74 и 78 години) била заразена од вирусот и сѐ уште сите ги лечат последиците.

Cuvstvoto na bespomosnost najmnogu boli 2„Од самиот почеток, централна улога треба и мора да имаат матичните доктори, но освен што се глувонеми фигури кои ја пополнуваат сложувалката, јас немав никаква друга полза од нив“, вели таа.

Конкретно во нејзиниот случај, вели дека за среќа имала пријатели доктори да ја посоветуваат што да прави откако добила позитивен тест, бидејќи консултацијата со матичниот доктор ја имала три дена по констатиран вирус.

„Терапија, според матичниот, можев да земам наредниот, четвртиот ден. Четири дена без терапија, па можеби немаше да пишувам денеска, ако самата не презедов нешто. Откако го воспоставивме контактот и матичниот констатира дека сум позитивна, секој ден ми се јавуваше да ме прашува според нивниот протокол за симптомите што ги чувствувам. Во однос на третманот на моите родители, матичната докторка, кога и да ја побарав, беше на шопинг. Колку и да звучи смешно сега, од оваа дистанца, во моменти кога неопходно ви треба матичниот да повика Итна помош, а тој отишол нешто да си купи и истата приказна се повторува речиси секој ден, се поставува прашањето: Дали сите здравствени работници го чувствуваат притисокот и имаат иста задача? Моето искуство вели не“, објаснува Доковска.

Cuvstvoto na bespomosnost najmnogu boli 3Проблем имале и кога матичните лекари им биле потребни за да викнат брза помош заради хоспитализација.

„Да добиеш матичен и да повика Итна помош беше вистинско бинго. Но, по хоспитализацијата, повторно започнуваат маките. Матичен доктор не сакаше да дојде да ги посети моите родители, веројатно се плашеше да не се зарази. Целата комуникација инсистираа да оди онлајн. Дури по заканите дека ќе интервенирам и ќе ги пријавам, дојдоа да ги прегледаат? И, толку! Матичниот е само алка во кругот за да биде цел, но без содржина“, вели Доковска.

30 претставки за несовесно лекување

Дали матичните лекари треба да ги лекуваат пациентите по телефон, смеат ли да одбијат пациент што моли за преглед, особено ако има влошена здравствена состојба поради КОВИД-19? Од Министерството за здравство (МЗ) велат дека матичните лекари и специјалистите користат терапија за третман на КОВИД- пациенти во зависност од клиничката слика на заразениот. Велат дека не постои специфична терапија за лекување на КОВИД-19.

„Нема лек за овој вирус чија симптоматологија е слична на грип. Третманите за лекување на пациентите се движат од терапии со кои може да се ублажат симптомите, или пак терапија за да се спречи прогресијата на болеста, или да се спречи вирусот да создаде компликација во организмот на заразениот. Пациентите со блага и лесна клиничка слика се лекуваат со антипиретици и витаминска терапија, доколку болеста не прогресира. Матичните лекари уште на почетокот на пандемијата имаат патека по која треба да постапуваат доколку на пациент му се влоши состојбата или има потреба од хоспитализација“, одговорија од Министерството за здравство.

Во КОВИД-одделенијата, велат, постојат протоколи за лекување на хоспитализирани пациенти, пациенти со тешка клиничка слика и овде станува збор за стручни насоки, направени од експерти во областа, каква терапија и во која форма треба да му се даде на пациентот кој е на болничко лекување.

„Доколку некој пациент смета дека неговиот матичен лекар или специјалист ги нарушил здравствените протоколи или го загрозил животот на пациентот со неправилна терапија, случајот веднаш да го пријават во ДСЗИ“, велат од Министерството.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), д-р Иринка Сотирова Бухова, вели дека до крајот на ноември во ДСЗИ се пристигнати 30 претставки по основ несоодветно лекување.

Cuvstvoto na bespomosnost najmnogu boli 4„За дел од нив, конкретно 15, е инициран стручен надзор до Министерство за здравство, дел од претставките се неосновани, а за еден дел со решение се изречени мерки. За сите сомнежи во однос на лекување, третман или каква било забелешка граѓаните може да достават претставки во хартиена форма доставени во Архивата на ДСЗИ или во електронска форма на [email protected]“, вели Сотирова Бухова.

Од почетокот на пандемијата до денес, сите надзори кои ги врши ДСЗИ се вонредни. Вкупниот број на надзори досега е околу 5.000.

„Најголемиот дел од надзорите се иницирани од ДСЗИ, како редовни активности низ објектите кои се под наш надзор, односно ги опфаќаат законите по кои постапува ДСЗИ. Еден дел од надзорите се по добиена претставка или по допрен глас и неколку надзори иницирани од министерот за здравство“, вели Сотирова Бухова.

На мајка ми не ѝ беше дадена шанса за живот

Пациентите едвај доаѓаат и до третман кај брзата помош, а голем проблем има и за наоѓање слободен кревет за болните од КОВИД-19 во болниците бидејќи капацитетите се пополнуваат брзо. Иако сликата се менува на дневно ниво, граѓаните се жалат дека тешко се доаѓа до болничко сместување.

Случајот со 76-годишната мајка на Даниела Манаковска одекна во јавноста откако таа на Фејсбук напиша дека мајка ѝ починала од КОВИД-19 откако лекарите одбиле да ја хоспитализираат во болницата „8 Септември“, иако таа била нивен пациент, со образложение дека креветите се чуваат за помлади. Реакцијата на јавноста беше жестока, по што изјава даде и министерот за здравство Венко Филипче.

Cuvstvoto na bespomosnost najmnogu boli 5Тој рече дека од ДСЗИ побарал да извршат вонреден инспекциски надзор за утврдување на возраста на пациентите хоспитализирани во ГОБ „8 Септември“, и според нив, таму имало 107 пациенти, од кои 38 на возраст од 68 до 88 години. Министерот тврдеше дека пациент не може да биде вратен, единствено може да биде препратен во друг КОВИД-центар.

И директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Христијан Костов, за медиумите даде изјава дека ниту еден пациент не е оставен без соодветна грижа, и дека ако нема место, се препраќаат во другите КОВИД-центри. Така, според него, било и за овој пациент.

Манаковска, пак, за „Само прашај“, вели дека нејзината мајка не била примена во болницата поради нејзината возраст, за што може да посведочи и екипата на Итната помош. И тие заедно со неа очајно барале кревет за нејзината мајка, која била во критична состојба. Манаковска вели дека нејзината мајка со коронавирусот се заразила токму во болницата „8 Септември“, каде што одела на дијализа трипати неделно.

„Таму имаа случај на заболен пациент, таму таа и се зарази. Откако добивме позитивен резултат и пројави симптоми, направивме преглед во „Систина“, по што добивме препорака веднаш да биде хоспитализирана, бидејќи беше со наод на белите дробови, висока температура и пад на сатурација. Ја однесовме на дијализа, овој пат во КОВИД-одделот во „8 Септември“. Иако веќе имаше влошена состојба, со документи од специјалист за да се хоспитализира, не ја задржаа, ја пуштија дома. Всушност, никој таму не ја ни прегледал, само ја вклучиле на дијализа. Ја однесовме дома, но утрото веќе беше многу влошена состојбата, не можеше да дише, па викнавме Брза помош. Сатурацијата ѝ беше 46, па ѝ дадоа кислород и се поврати малку. Со Брзата помош, на која сум им благодарна, ја однесовме во „8 Септември“ бидејќи таа е и нивен пациент, со години оди таму на дијализа. Докторката од Брзата помош исто така инсистираше да се прими во болницата, но и нејзе ѝ беше кажано дека не примаат пациенти постари од 70 години“, раскажува Манаковска.

Потоа, додава таа, и лекарката од Брзата помош се јавувала на Клиника за да бара место таму.

„Оттаму ѝ кажаа дека нема место, да ја вратиме дома. Но докторката гледајќи ја лошата ситуација на мајка ми и нашиот очај и немоќ, сама на шоферот му рече да вози накај Клиника. Кога пристигнаа таму, пред Гастро чекаа 30 минути во комбето и потоа ја примија, каде што по 3 часа од приемот, нѐ известија дека починала. Жал ми е и гневна сум зашто на мајка ми не ѝ беше дадена шанса за живот. Тоа најмногу ме боли“, вели Манаковска.

Инаку, таа досега не била контактирана од ниту една институција за случајот.

„Мислам дека за институциите случајот е затворен, за жал“, вели таа.

Токму ова прашање го упативме до Министерството за здравство, но го добивме истиот одговор што го добија медиумите кога Манаковска го објави јавно случајот.

„Според директорот на „8 Септември“, Христијан Костов, пациент не може да биде вратен, туку единствено може да биде препратен во друг КОВИД-центар доколку таму немало слободно место, но тврди дека додека пациентот чека да биде пренесен во друга болница, му се прават потребните анализи и со амбулантно возило се носи во КОВИД-центар каде што има слободен кревет за да биде хоспитализиран. Хоспитализацијата во ниту еден случај не зависи од возраста, односно секој пациент, без разлика на колку години е, има еднакво право на болничка нега и третман“, ни одговорија од Министерството за здравство.

Спас се бара во приватните клинки

Голем дел од пациентите заболени од КОВИД-19, по негативното искуство од државниот здравствен систем, спас бараат во приватните клиники. Таков е и случајот со тетовското семејство Наумовски. Ангела Наумовска ни раскажа дека нејзиниот 54-годишен сопруг Крсте, кој има повеќе хронични заболувања, го спасило лекувањето во приватна болница.

„Првиот симптом беше покачена температура, и бидејќи со исти симптоми беа уште двајца од нашето семејство, сите тројца направија тест. Двајцата беа позитивни, тој негативен. Но, секој ден беше полош за него. Отидовме на инфективна во Тетово, му направија рендген, крвна слика. Покажа пневмонија и сите параметри на крвната слика беа лоши. Доби терапија, антибиотици. Испи две пакетчиња „Сумамед“, едно „Панцеф“, но состојбата не се подобруваше. Отидовме пак на контрола во клиниката во Тетово, рендгенот покажа уште полоша слика“ – раскажува Ангела.

Кога овие резултати ѝ ги покажале на матичната лекарка, таа веднаш ги упатила на хоспитализација бидејќи терапијата не му делувала.

„Но во болницата во Тетово не сакаа да го примат бидејќи имаше негативен тест и добра сатурација. Инсистирав да биде примен, но пак го добив тој одговор. Тие сакаа сопругот да го носам дома, со тешка пневмонија, температура и со сите испиени дози на антибиотици. Докторот нѐ советуваше да прима инфузија дома. Доаѓаше домашна посета, но состојбата не се подобри. Кога видов дека нема помош од државното здравство, морав да го носам во приватна болница“, вели Наумовска.

Во една приватна скопска клиника ги примиле веднаш. Истиот ден му направиле брз тест којшто покажал дека е позитивен на Ковид-19. Следното утро повторно му направиле тест кој бил негативен.

„Немаа објаснување зошто се случува ова, но го третираа како болен од КОВИД-19.Плативме 12.000 евра однапред. Јас знам како сум се снашла за тие пари.

Навистина не е во ред ова што им се прави на болните, затоа што ако човекот беше навреме хоспитализиран, немаше да дојде до ова. И зошто здравството нема решение за хоспитализација за пациенти со негативен тест? Зарем тие не треба да се лекуваат? Мојот сопруг требаше де добие болнички третман. Јас сум сигурна дека ако не го однесев во приватна клиника, ќе беше друга приказната. Тој практично беше хоспитализиран приватно по десет дена борба дома“, вели Наумовска.

Од Министерството за здравство, пак, велат дека со враќање во нормала на системот „Мој термин“, којшто претходно (од почетокот на кризата до септември) бил активен само за итни интервенции, се нормализирал и начинот на закажување на термини и креирање упати.

„Пациентите кои имаат потреба од третман и лекување по претходна препорака од страна на матичен лекар или специјалист, можат во секое време на претходно споменатите начини, значи само со основана причина да ги користат услугите. Со оглед на мобилизацијата на целокупниот здравствен кадар, воспоставен е тек на секојдневната работа и по регуларниот пат секој е, и ќе биде, навремено згрижен. Со ова, приоритизирање на пациентите нема, а за оние за кои тоа е најпотребно постои алгоритам по којшто се води секој здравствен работник “, одговорија од Министерството.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Милена Атанасоска-Манасиева
Фоторепортери: Томислав Георгиев, Маја Јаневска Илиева
Лектура: Татјана Б. Ефтимоска

Прочитајте ја целата сторија: „Потоп од вториот бран на КОВИД-19“

Тагови: